Поранешни претседатели

1. КИРО ГЛИГОРОВ (1991 – 1999)

Првиот Претседател на независна Македонија Киро Глигоров беше политичар кој остана влијателен и почитуван на македонската политичка сцена пред и по независноста. Роден во Штип во 1917 година, Глигоров дипломирал право на белградскиот Правен Факултет. Во текот на Втората светска војна, претседателот Глигоров учествувал во борбата против фашистичките сили и бил секретар на иницијативниот комитет за формирање на АСНОМ. Бил на повеќе важни политички и економски функции во СФР Југославија и во Сојузот на комунистите на Југославија. По независноста на Македонија, Глигоров во јануари 1991 година беше избран за прв Претседател на државата. Оваа функција ја извршуваше во два мандати, до ноември 1999 година. По пензионирањето од активниот политички живот, Претседателот Глигоров беше активен преку Фондацијата која го носи неговото име. Беше автор и на повеќе книги, меѓу кои се издвојува „Македонија е сè што имаме“. Киро Глигоров почина во Скопје на 1 јануари 2012 година, на 94 годишна возраст.

2. БОРИС ТРАЈКОВСКИ (1999 – 2004)

Вториот Претседател на независна Република Македонија Борис Трајковски е роден во селото Моноспитово, Струмица, на 25 јуни 1956 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје 1980 година, специјализирал деловно право и право на работни односи. Трајковски е водечки активист во програмата за надворешна соработка на партијата ВМРО-ДПМНЕ и Претседател на Паневропското Движење на Република Македонија. Во 1998 година е именуван за заменик министер за надворешни работи. Во декември 1999 година е избран за втор Претседател на независна Македонија. Претседателот Борис Трајковски трагично загина заедно со осуммина негови соработници во авионска несреќа која се случи на 26 февруари 2004 година во Босна и Херцеговина. Борис Трајковски беше оженет со Вилма Трајковска, со која има две деца.

Меѓународна фондација Борис Трајковски:
www.boristrajkovski.org

3. БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ (2004 – 2009)

Претседателот Бранко Црвенковски е роден на 12 октомври 1962 во Сараево. Во својата политичка кариера бил на најважните функции во државата, како Претседател на државата, Претседател на Владата на Република Македонија и претседател на Социјал Демократскиот Сојуз на Македонија, партија на чие челно место е по напуштањето на функцијата Претседател. Црвенковски беше избран за Претседател на првата партиска Влада на Македонија во септември 1992 година. Втор мандат на функцијата Премиер доби на изборите во 1994 година. По изборниот пораз во 1998 година, ја предводеше македонската опозиција, за повторно да биде избран за Премиер по изборниот успех во 2002 година. По трагичното загинување на Претседателот Трајковски, Бранко Црвенковски се кандидираше за Претседател на државата на изборите во 2004 година. Претседателот Црвенковски е дипломиран електротехнички инженер. Оженет е со Јасна Црвенковска, со која има две деца.

4. ЃОРГЕ ИВАНОВ (2009 – 2019)

Претседателот Ѓорге Иванов е роден во Валандово на 2 мај 1960 година. Основно и средно образование завршил во родниот град Валандово. Дипломирал право на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирал политички науки во 1994 година, а во 1998 година докторирал на Правниот факултет во Скопје. Во 1995 година ја започнува академската кариера на Правниот факултет, каде во 2002 бил избран за вонреден професор, а во 2008 за редовен професор. Во 2009 година е избран на Претседател на Република Македонија. Во 2014 по втор пат е избран за Претседател на Република Македонија.

Претседател
Република Северна Македонија

Улица „Ацо Караманов“ 33А,
Скопје, Република Северна Македонија