Новогодишно обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Sunday, 31 December 2017 08:49   
There are no translations available.

NovogodishnoObrakjanje-webДраги сограѓани,

Дозволете да ви ја честитам Новата 2018 година и од се срце да ви упатам искрени желби за добро здравје, за повеќе радост, поголеми успеси и подобро утре.

Изминатава година бевме соочени со многу предизвици и премрежија. Политичката атмосфера, за жал, непријатно се одрази на целото општество и на секој од нас посебно.

Искрено се надевам дека во годината што доаѓа ќе се посветиме на убавите и позитивни нешта. Се надевам дека ќе смогнеме сила за да ги надминеме поделбите, да ги отфрлиме предрасудите, да се сплотиме околу државните интереси и да зачекориме на вистинскиот пат. Пат што води до поквалитетен живот, просперитет, благосостојба за сите наши граѓани. Да живееме во праведно општество втемелено врз вистината, слободата и мирот.

Затоа, ви посакувам новата година да ја започнеме со позитивни мисли, и силна верба и надеж дека можеме да ги исполниме нашите искрени желби.

Во новата година, посакувам повеќе да ја сакаме нашата заедничка татковина Република Македонија, и секој од нас да даде личен придонес за едно поубаво општество за нашите деца, родители, роднини, соседи и пријатели.

Посакувам повеќе да се почитуваме, да шириме љубов за да имаме мир со себе си и со другите.

СРЕЌНА НОВА 2018 ГОДИНА!

  Back<<Назад