Опис на проектот

Школа за млади лидери

044Lideri2011

Школата за млади лидери е проект на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, за прв пат инициран уште во неговата изборна програма, следејќи ја неговата идеја и визија да им се овозможи на младите, талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

Школата прв пат беше организирана кон крајот на август 2010 година во Охрид, а втората генерација млади лидери ја посетуваа оваа обука од 22 до 31 август 2011 година.  Третата Школа за млади лидери се одржа од 20 до 31 август 2012 година, додека четвртата од 19 до 31 август 2013 година. Петтата по ред Школа за млади лидери се одржа од 19 до 28 август 2014 година во Охрид. Шестата Школа за млади лидери се одржа од 16 до 28 август 2015 година во Охрид, седмата Школа за млади лидери се одржа од 14 до 26 август 2016 година во Охрид, додека осмата Школа за млади лидери се одржа од 21 до 31 август 2017 година исто така во Охрид.

Вкупно, во досегашните осум обуки, учествуваа околу 320 млади луѓе од целата земја но и од странство, со различен академски и професионален фокус, а со желба да ги развиваат своите лидерски вештини и капацитети, и да придонесат за идниот позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат. Пред осумте генерации учесници на Школата за млади лидери свои предавања одржаа над 180 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот.

Мисијата на школата, е да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со предизвиците на глобалната технологија, меѓународната конкуренција, и културната и религиска диверзификација.

Програмата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, политичари и парламентарци од европски земји, амбасадори, министри, претседатели на успешни компании и бизнис групации. Учесниците во школата добиваат можност не само да ги чујат нивните излагања и предавања, туку и да разговараат со нив, да дискутираат на многу теми, да ја предизвикуваат сопствената мисла насочувајќи ја напред.

Преку предавања, симулации, реални примери, илустрации, практични вежби и обуки, учесниците ќе имаат можност да се запознаат со практиките на бизнис-лидерството, политичкото и воено лидерство.  Визијата на Школата за лидери, како тренинг-центар со високи стандарди и со обврска за интегрирање на модерното политичко, научно и технолошко знаење и вештини, е базирана на почитување на основните човечки вредности. Поставување нов модел во едуцирањето на лидери, развивање на нивната личност и лидерските вештини, кој ќе креира чувство на одговорност и реакција кон сето она што ги опкружува во средините во коишто живеат и работат.

Реализацијата на школата е во целост поддржана од приватниот сектор преку донации.

Велат „..општеството е како брод и во секое време треба да постојат луѓе кои ќе бидат спремни да го преземат кормилото...“. За идните кормилари да бидат подготвени да го преземат кормилото мора постојано да се инвестира во нивниот развој и наобразба.

Како што подигнуваме верски храмови за да ја облагородиме нашата духовност, како што вложуваме во образование за нашите деца да ги облагородиме нивните умови, како што вложуваме во младите менаџери и претприемачи за да се носат со современите проблеми на управувањето и раководењето, како што вложуваме во спортисти за заеднички да се радуваме на нивните победи и ги доживуваме како наши победи, како што вложуваме во историчарите за да не го заборавиме минатото и како што вложуваме во науката за да ни биде посветла иднината, така треба да вложуваме и во младите лидери за успешно да ја водат Република Македонија на политички, економски и културен план.

 

Фото галерија

galerija-lideri