Говори и обраќања
orden_dramski
Обраќање на претседателот Иванов по повод одликувањето на Драмски театар – Скопје со „Орден за заслуги за Македонија“
Среда, 26 Октомври 2016

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги гости,

„Театарот е најголемата од сите уметнички форми во која најбрзо човек со човека може да сподели што значи да си човек", рече драматургот Тортон Вилдер. Се чини, иако во зенитот на својата технолошка и воопшто материјална моќ, човекот има огромна потреба од хуманост.

Живееме во свет во кој сè повеќе луѓе се присутни на интернет-мрежата, а помалку во домот, семејството, заедницата. Интеракцијата со светот за која се потребни сите сетила се заменува со притискање на екранот од смартфонот. Иако постојано поврзани онлајн, сè повеќе луѓе се чувствуваат осамени и отуѓени.

Платон вели дека уметноста е сенка на сенките. Но, денес изгледа дека уметноста е сè помалку сенка, а повеќе вистина и ја има димензијата да нè очовечи, да нè врати во светот на убавото, етичното, да нè насмее и да нè расположи, да ни вдахне живот. Од тие причини кога сè повеќе животите ни наликуваат на виртуелна реалност и холограм, засолниште наоѓаме во театарот. Театарот е простор каде што можеме да ги вклучиме нашите сетила. Место каде живи луѓе, во живо, непосредно пред нас оживуваат ликови, настани, собитија. Нè оживуваат нас самите. Како ниту еден друг уметнички медиум, театарот нуди топлина, блискост и очовечување.

Пред неколку дена и нашиот Венко Андоновски рече дека театарот е врв на реалистичната уметност. За тоа се потребни театри со голем уметнички, професионален и човечки потенцијал.

Ценети пријатели,

Денес имам особена чест да ви се обратам по повод доделувањето Орден за заслуги за Македонија на една од нашите најреномирани театарски, но и, воопшто, културни институции ‒ Драмски театар Скопје.

Во годината кога славиме 25-годишен јубилеј од независноста на Република Македонија, прославуваме и 70-годишен уметнички јубилеј од основањето на Драмскиот театар Скопје. Во изминатите седум децении, на сцената на Драмскиот театар Скопје израснаа генерации и генерации кои учеа за етичкото и за естетското, кои се спознаваа себеси и светот, го осознаваа и го почитуваа животот. Тој процес не смее да запре.

Ова е извонредна можност да им се заблагодариме на сите генерации членови на Драмскиот театар Скопје, кои во изминатите седум децении на сцената и зад сцената создаваа театарска магија која ги облагородуваше и ги исполнуваше посетителите на нивните претстави. Актерите, драматурзите, режисерите, техничкиот персонал, административните работници... се дел од екипата која ревносно и верно ѝ служи на публиката.

Екипата наречена Драмски театар Скопје навистина има причина да биде горда на својата богата историја и на уметничките достигнувања. За ова најдобар свидетел е токму публиката не само на матичната сцена во Скопје, туку низ цела Македонија и пошироко во регионот и во Европа.

Оттука, верувам дека Орденот што денес го доделувам ќе биде уште еден поттик за нови сценски подвизи, нови естетики, освојување нова публика.

Ви посакувам уште многу години театарско волшепство.

Ви благодарам.

orden_dramski1

prm_sv.kliment_konferencija
Беседа на меѓународната конференција „Свети Климент Охридски – Милоста и милосрдието во Библијата и во Црквата“
Четврток, 20 Октомври 2016

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Чест ми е да се обратам на оваа меѓународна конференција посветена на нашиот голем народен светител и просветител, св. Климент Охридски. Годинава кога одбележуваме 11 века од неговото физичко упокојување, ние се потсетуваме на неговите пораки, кои треба да ни помогнат да им останеме верни на трајните и вечни морални и етички принципи и вредности. Но, за да го направиме тоа, мора да се вратиме на изворот од кој се напојувал и св. Климент бидејќи на изворот водата е секогаш најчиста, а учењето најјасно.

На самиот почеток на својата мисија, Исус Христос ги споделил своите први пораки во прочуената Беседа на гората. А од сите пораки во беседата, први се осумте блаженства. И меѓу тие осум блаженства, четвртото е посветено на правдата: „Блажени се гладните и жедните за правда, оти тие ќе се наситат!"

Како луѓе, сите ние имаме длабока потреба за задоволување на правдата. Чувствуваме болка кога гледаме како се извршува неправда.

Концептот на правдата е предполитички, што значи дека правдата постои пред државата. Потребата за правда е длабоко врежана во човекот и во човештвото.

Јустинијан во Corpus Iuris Civilis правдата ја дефинира како „трајна и постојана желба да му се даде секому она што заслужува". Не случајно, Јустиција со својот превез на очите стана универзален симбол за едно нешто. А тоа е дека сите луѓе, независно од нивната родова, етничка, религиска, јазична, политичка, социјална припадност, заслужуваат еднаквост пред словото на законот. Таа еднаквост пред законот, пак, стана камен-темелник на владеењето на правото во современите демократски држави и општества.

Денес, борбата за правда е во срцевината и на она што некои го нарекуваат „глобално движење на движењата". Укинувањето на ропството и апертхејдот, постколонијализмот, еманципацијата, движењата за граѓански права и за социјална правда, заложбите за родова еднаквост и политичка рамноправност се дел од ова движење на движењата.

Борбата за правда е основна нитка и во македонската приказна. Не случајно во нашата химна е опеано дека „Македонците се борат за своите правдини". Не случајно, сите македонски манифести и прогласи повикуваат на правда за Македонија. Не случајно, сите наши востанија биле подигнувани за остварување на човечките правдини. И таа правда се постигна, кога пред 25 години, Република Македонија стана независна и суверена држава. Со тоа се исправи една голема историска неправда кон народот на Македонија. Но, цели 25 години, нè огорчува кога како држава се соочуваме со неправда. Кога ни се оспорува името, идентитетот, правото на самоидентификација, правото на човечко достоинство. Нè огорчува кога сме неправедно блокирани во нашите европски и евроатлантски интеграции. Нè огорчува кога гледаме како ни се оспорува минатото, ни се блокира сегашноста и ни се одзема иднината.

Како народ и граѓани, ние сме гладни и жедни за правда. Но, тоа не значи дека самите ние како луѓе сме целосно праведни.

Во посланието до Римјаните, апостолот Павле нè потсетува дека „Нема праведен ниту еден...нема кој да прави добро, нема ниту еден".

Со други зборови, од човековиот пад во еденската градина, целото човештво било заглавено во состојба на неправда, пренесувана од колено на колено, од генерација на генерација, со векови и милениуми.

И ние во Република Македонија сме жртви на таа неправда. Но, неправдата што ни е направена преку блокадите создаде амбиент на фрустрација во кој станавме неправедни едни кон други. Како општество влеговме во циклусот што од самоправедноста, преку самосожалувањето води до отуѓувањето и до осудувањето на противникот. Почнавме меѓусебе да се осудуваме и да се напаѓаме како безмилосни противници. Тоа особено дојде до израз за време на политичката криза што кулминираше оваа 2016-та година.

Каде е излезот од оваа состојба?

Веднаш по четвртото блаженство за правдата, Христос како да ни го открива големиот план за избавување на човештвото од синџирите на неправдата. А тој план е навестен во петтото блаженство за милоста. Затоа, тој вели дека „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани".

Ценети присутни,

Ништо не е случајно, а и она што е случајно е со некаква цел. Верувам дека е така и со редоследот на овие две блаженства за правдата и милоста, кои се спомнати едноподруго.

Совршената правда е нешто по кое длабоко копнееме, но сами, со сопствени сили не можеме да ја достигнеме и да ја постигнеме. Бидејќи, како што вели нашиот народ, нема човек без мана. Принципите на правдата подразбираат дека секој што згрешил треба да плати. Но, цената за грешките на човештвото кон луѓето, но и кон природата, кои постојано се акумулираат е толку голема што ниту еден од нас не може да ја плати. И затоа, како луѓе, свесни за нашата несовршеност, ние покајнички бараме милост. А милоста по дефиниција не се заслужува. Милоста се подарува.

Онаму каде што завршува нашата човечка способност за справедливост и за оправдување, таму започнува Божјата милост кон нас, која нè оправдува.

Милоста има централно место во Библијата, во зборовите и делата на Христос, кој покажал милост секому кој побарал.

Читајќи ги четирите евангелија ќе видиме дека тој постојано покажува милост. И кон слепите кои бараат да прогледаат. И кон болните кои бараат да оздрават. И кон лепрозните кои бараат да се очистат. И кон туѓинците, кои биле избегнувани. И кон грешниците кои биле исклучувани.

Истовремено, тој постојано зборува за милоста преку своите параболи. Една од нив е параболата за слугата, кој му должел многу пари на својот господар. Кога господарот требало да си го наплати долгот, слугата молел за милост, и големиот долг му бил простен. И првото нешто што го направил слугата ја илустрира паднатата човечка состојба. Слугата одбил да му го прости малиот долг на својот пријател. Одбил да покаже малку милост, иако нему му била укажана голема милост.

Нам, како на луѓе ни е укажана голема Божја милост за нашите погрешни мисли, зборови и дела. Сè што треба да направиме е да покажеме малку милост кон оние кои ја бараат од нас.

Св. Климент, милоста ја нарекува крило на молитвата. Милоста ја спомнува во речиси секоја своја поука и во секое свое слово.

Во неговата Поука за Педесетница, св. Климент Охридски вели: „...да не се именуваме христијани само по име, туку да се потрудиме со добри дела да стекнеме смирение и љубов кон сите... И милостина давајте непрестајно, зашто таа ги мие сите прегрешенија од нас, и ги отвора небесните врати, и јароста Божја ја претвора во кроткост и милост, а милоста возведува на небото и со смелост нè става крај престолот Божји, бидејќи апостолот рече дека милоста се пофалува на судот. И блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани, и судот ќе биде безмилосен кон оној, кој не покажал милост".

Дами и господа,

Ако се обидеме со еден збор да го опишеме св. Климент Охридски, тогаш тоа е зборот милост. И нема да згрешиме, бидејќи дури и во името му е скриена милоста. Климент, односно Clementia е латинското име на милоста.

Св. Климент Охридски своето духовно име го добил во 868-та година од римскиот папа Адријан II, во чест на св. Климент Римски, чии мошти ги донеле неговите учители, св. Константин ‒ Кирил и Методиј во Рим.

Верен на своето име, св. Климент Охридски манастирот што го изградил на Плаошник го посвети на еден друг светец, во чие старогрчко име, исто така е скриена милоста – Пантелејмон што значи Семилостив.

Зошто ви го кажувам сево ова? Бидејќи верувам дека преку св. Климент Охридски, нашиот голем народен учител и светител, ние имаме едно потсетување. Потсетување за тоа како да излеземе од маѓепсаниот круг на самоправедноста која води кон самосожалување, отуѓување и осудување. А клучот за да излеземе од тој круг е милоста.

Да се стремиме кон правда, свесни за нашата несовршеност. И да бидеме милостиви, за и самите да најдеме милост.

Но, сево ова не е значајно само за Македонија, туку и за целиот регион на Балканот и Европа, каде милоста стана скапа и ретка вредност.

Глобализацијата создаде генерации кои израснаа со консумеризам, морален релативизам и екстремен индивидуализам. Во свет кој е полн со луѓе кои се полни со самите себе, каде личниот успех е сè, карактерот е сведен на прашање на личен избор. Постмодернизмот ги подри темелите на концептот на правдата, моралноста и милоста, кои се вулгаризирани.

Истовремено, бегалската и мигрантска криза го покажа вистинското лице на Европа. Стравот од различноста ѝ оневозможи на Европа да го види човечкото во бегалците и во мигрантите. Стравот ја зароби милоста.

Затоа, да се потсетиме на пораките на св. Климент. Да се потсетиме на сето она што тој ги учел нашите предци. На едно место тој вели: „со љубов еден кон друг да се натпреваруваме, со милостина и чистота умот свој просветлувајќи го, да го впериме угоре." На тоа, денес ќе додадам, да се воздигнуваме, наместо да тонеме. Да ги градиме нашите општества и држави во височина, со највисоките етички, морални стандарди и вредности.

Но, за тоа е потребна и Црквата. Семето што е посеано ќе дава добар плод, но само ако падне на плодна почва, наводнувана од чистиот извор на животворна вода.

Во Охрид го гледаме милосрдието на Бог, кој ни дал таква природа и убавина. Затоа и поетот Константин Миладинов, опевајќи го езерото вели „сегде Божева је хубавина". Затоа, низ вековите, луѓето граделе цркви и манастири кои во еден момент изнесувале 365. Еден од нив е и манастирот на св. Климент Охридски, кој го изградил на најубавото место во Охрид.

Исто како Охрид, и св. Климент Охридски е дел од Божјата милост кон словенството и особено кон Македонија. Мораме да сме благодарни за таа милост. А вистинската благодарност не се искажува само преку спомнување на неговото име, туку и преку почитување и применување на неговите слова и поуки.

На самиот крај, уверен сум дека секој од учесниците на оваа меѓународна конференција ќе додаде барем едно камче во мозаикот што ќе ни го приближи ликот и делото на Св. Климент Охридски и милоста на која тој укажува.

Ви благодарам.

NBRM_web
Обраќање на свеченоста по повод доделувањето Орден за заслуги за Македонија на Народната банка на Република Македонија
Среда, 19 Октомври 2016

Почитуван претседател на Собранието на Република Македонија,
Почитуван гувернер на Народната банка на Република Македонија,
Почитуван Архиепископ на МПЦ-ОА,
Ценети присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Без луѓе ништо не се случува, но без институции ништо не трае. Но, и покрај оваа суштинска разлика, постои нешто што е заедничко за луѓето и за институциите. А, тоа е прашањето за довербата.

Оваа 2016 година се соочивме и сè уште се соочуваме со длабока политичка криза, која е израз на отсуство на меѓусебна доверба во нашето општество. Но, и во такви сложени услови, се покажа дека институциите на државата функционираат и дека ја оправдаа довербата на граѓаните. Една од тие институции е Народната Банка на Република Македонија, која годинава прославува голем јубилеј – 70 години од централното банкарство на Македонија.

Дами и господа,

Пред 25 години прогласивме сувереност и независност. Сите ние знаеме дека клучен дел од независноста на една држава е нејзината монетарна самостојност. Иако монетарна самостојност прогласивме со независноста, сепак, темелите на централното банкарство беа поставени во мугрите на македонската државност, во далечната 1946 година. Иако, долго време функционирала како филијала на централната банка на поранешната заедничка држава, сепак, Народната банка на Македонија во тој период успеа да изгради капацитети неопходни за квалитетно банкарско работење.

Со прогласувањето на независноста во 1991-та, нашата централна банка стекна искуство од два, сосема различни, економски и политички системи.

Тоа искуство ни помогна во мугрите на нашата независност, кога се соочивме со бројни предизвици. Државната каса беше речиси празна. Постоеше опасност од прелевање на дестабилизацијата и хиперинфлацијата од соседството. Но, во вакви исклучително сложени времиња, Народната банка успешно ги надмина предизвиците.

Кој од нас не се сеќава на историскиот момент кога во април 1992-та, премиерот Кљусев од собраниската говорница ги претстави банкнотите на новата македонска валута ‒ денарот? Како граѓани се радувавме на тие први, скромно дизајнирани банкноти не само поради нивната куповна, туку и поради нивната симболична вредност. Тие симболизираа дека Реублика Македонија има монетарна самостојност. Воспоставувајќи стабилен курс на денарот, Народната банка ја стабилизираше инфлацијата на ниско ниво и ги зголеми државните резерви.

Почитувани присутни,

На почетокот на моето обраќање ја спомнав довербата. Довербата во банкарскиот систем се гради со години, а може да се изгуби за миг.

Глобалната финансиска и кредитна криза од 2008-та ги разниша темелите на довербата во банкарскиот систем низ светот. Но, во услови кога многу помоќни држави се соочуваа со забавување на економскиот раст, Република Македонија успеа не само да го одржи темпото, туку и да прерасне во една од најбрзорастечките економии во Европа. Како привлечна дестинација за странски инвестиции во услови на криза, ние станавме позитивен исклучок од негативното правило. А овој исклучок се должи на повеќе фактори. Меѓу нив се бројните и темелни економски реформи и неуморната промоција на македонските инвестициски можности. И јас, лично, како претседател не пропуштав можност да ја отворам македонската економија за стопанствениците, развиените и растечки економии од светот. Но, сето тоа беше возможно и благодарение на мудрата и одмерена макроекономска политика на Народната банка на Република Македонија.

За многу држави овие кризни години се, како што велат, години изедени од скакулци. Многу економии претрпеа огромни загуби. Но, Народната банка на Република Македонија беше чувар на довербата во економијата. И тоа двојна доверба. Доверба на странските инвеститори, но уште поважно, довербата на македонските граѓани во сопствените институции.

Народната банка на Република Македонија е еден од столбовите на функционалната и компетитивна македонска пазарна економија. Поради сето тоа, како претседател на Република Македонија, чест ми е да ѝ се заблагодарам на Народната банка со Орден за заслуги за Македонија. Овој орден е признание за сите поединци кои се вклучиле во градењето и во развојот на Народната банка во изминатите 70 години, а со тоа и на македонската економија.

Но, истовремено, овој орден претставува и обврска. Народната банка треба да продолжи, како и досега, да спроведува мудра, домаќинска и независна монетарна политика што ќе ги следи државните интереси. Да продолжи да биде столб на макроекономската стабилност на независна и суверена Република Македонија. Со транспарентна политика, да биде гарант на основната улога на финансискиот сектор. А тоа е да ја поддржува реалната економија, да создава услови за нови работни места, стоки и услуги што ќе ги задоволуваат реалните потреби на граѓаните. И со тоа, да придонесе за просперитет, благосостојба и напредок за македонските граѓани, македонската економија и македонската држава.

Конечно, овој орден е и израз на желба. Македонскиот денар денес е една од 164-те валути што циркулираат во светот. Како суверена држава, ние се гордееме со денарот. Сепак, не би ни пречело ако еден ден македонскиот денар се претопи во европската валута ‒ еврото. И со тоа целосно да се оствари сонот за рамноправно членство на Република Македонија во Европската Унија. Да бидеме дел од единствениот европски пазар. Посакувам тоа да се постигне до наредниот голем јубилеј, кога ќе славиме 80 години од македонското централно банкарство.

Ви благодарам.

Viena
Говор на панелот во рамките на конгресот на Паневропската унија
Сабота, 08 Октомври 2016

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Како претседател на Република Македонија, чест ми е да се обратам на овој јубилеен Паневропски конгрес. Меѓу вас се чувствувам како меѓу пријатели на Македонија. Затоа, сум слободен да зборувам отворено.

Оваа 2016-та година, Република Македонија прославува четврт век од независноста. Од самиот почетокот, постигнавме согласност за нашите врвни стратегиски цели ‒ членство во НАТО и во Европската Унија. Затоа, се залагавме за либерализација на економијата, плурализација на политиката и европеизација на општеството.

Од каде таа привлечност на Европа? Уште од времето на хуманизмот и ренесансата, па сè до индустриската револуција, Европа била учителка на светот. Европа е културниот и цивилизациски простор што на светот му даде многу гении, творци, градители кои ги откриваа тајните на природата, но и длабочината на човечката креативност.

Тука, во Европа, се водеа најзначајните дебати за човековите права и слободи и за правото на човечко достоинство кои водат потекло од јудео-христијанската идеја за неотуѓивата вредност на секој човек. Тука, во Европа, во последните 60 години се реализираа трите нешта по кои тежнее секој човек: слободата, правдата и мирот.

Првата вредност е слободата. Тука, во нашата Европа речиси осум века одекнува мислата на Алигиери дека „човештвото е во најдобра состојба тогаш кога има најголем степен на слобода", А таа слобода не е само физичка, туку и интелектуална и духовна. Не случајно, тука, во нашата Европа, Европскиот суд за човекови права уште во 1993-та истакна дека слободата на мислата, совеста и верата се основите на секое демократско општество.

Втората вредност е правдата. Јустинијан во Corpus Iuris Civilis истакна дека правдата е непроменливата и трајна желба да се живее чесно, да не се нанесува повреда и секому да му се дава она што заслужува. Сите ние природно тежнееме кон праведно општество, во кое сите имаат еднакви права и споделени обврски. Водени од желбата за правда, нашите општества на Балканот почнаа да се трансформираат и да ги спроведуваат европските стандарди, критериуми и вредности. Како регион бевме насочени кон Европската Унија.

Тука доаѓаме до третата универзална вредност – мирот. Еден од татковците на Европа, Жан Моне, рече: „Да се гради Европа значи да се гради мир". На тоа ќе додадам дека европскиот мир не е ништо друго освен грижа за добросостојбата и достоинството на граѓаните. Балканот е одличен пример за оваа трансформирачка моќ. Европската Унија послужи како магнет што ги привлече и меѓусебно ги поврза раскараните, па дури и завојувани балкански држави. Во периодот на високи очекувања од дадените ветувања, балканските држави почнаа да соработуваат и да ја градат меѓусебната доверба.

Овие три вредности создадоа услови за економска благосостојба на Европа. Како една од најголемите светски економии, Европската Унија стана мотор на глобалното богатство. Тоа придонесе Европа да стане супер-сила на животниот стил, привлечна за многу луѓе кои се во потрага по среќа. Делумно, дури и мигрантската криза се јави поради привлечноста на Европа. Цел на мигрантите беше да дојдат до земјите на супериорноста на европскиот стил на живот и со тоа да бидат во свет во кој ќе имаат многу побезбеден и подостоинствен живот.

Денес, многу од овие европски придобивки се доведуваат во прашање.

Почитувани присутни,

Следната 2017-та година ќе се навршат шест децении од Римските договори и една деценија од Договорот од Лисабон. Во тој меѓупериод од 50 години, Европската Унија добро функционираше. Но, светската финансиска и кредитна криза од 2008-та промени сè. Првиот момент во кој Унијата се соочи со сериозна криза, започнаа проблемите. Состојбата денес не е добра.

Поради заморот од проширувањето, привлечната сила на Унијата опадна. Иако културните и цивилизациски корени на идејата за Европа се на Балканот, сепак, Европската Унија долго време ги запостави своите корени. Го остави Балканот неинтегриран, надвор од европските текови. Тоа се одрази и на Балканот, но и на самата Европска Унија.

Неодлучноста на Европската унија и НАТО да ја деблокираат интеграцијата на Република Македонија беше една од главните причини за политичката криза во Македонија што кулминираше оваа година. Но, Република Македонија не е исклучок. Речиси сите држави во регионот се соочуваат со некаков вид внатрешна нестабилност: политички и економски кризи, предвремени избори, па дури и безбедносни закани и зачестени терористички напади. На Балканот повторно имаме ретроградни процеси. Реториката меѓу балканските држави од ден во ден се заострува.

Европската Унија скршна од патот зацртан од татковците на Европа, а тоа е градење мир преку соработка, интеграција и проширување. Моторот на интеграцијата како да останува без гориво. Унијата е оптоварена со сè повеќе бирократија. Заедничките европски политики, институции и механизми ги губат силите за влечење на 28-те, наскоро 27 земји членки на Унијата. Теренот низ кој сега минува Унијата е многу непредвидлив. Светот е сè повеќе поделен, опасен и дезориентиран.

Европа се соочува со неразрешената финансиска и кредитна криза, актуелната мигрантска криза и сè посериозната безбедносна криза. Јазот меѓу заедничките цели на Европската Унија и посебните интереси на државите членки е сè поголем. Со Брегзит, наместо да се обединува и да се проширува, Унијата полека почна да се фрагментира и да се намалува.

Во вакви сложени услови стана модерно да се даваат апокалиптични прогнози за иднината на Европската Унија. Евроскептиците насекаде се во подем. За Унијата се зборува како за неуспешен проект што е осуден на пропаст. Проблемот со ваквите прогнози е што честопати се самоостварувачки. Ако само ламентираме за пропаста на Унијата, без притоа да понудиме одржливи решенија за проблемите, на крајот прогнозите ќе се остварат.

„Европа не е само континент, таа, исто така, е идеја. Оваа идеја се нарекува слобода." Овие зборови на Куденхоф Калерги се пишувани во 1933-та година. Тоа е годината кога на власт дојде нацизмот, кој заедно со фашизмот се едни од најголемите непријатели на слободата, на Европа и на човештвото, воопшто. Во време кога многумина се откажале од Европа, грофот Калерги верувал во Европа.

Затоа, да се угледаме на грофот Калерги, на фон Хабзбург, Шуман, Моне, Аденауер и на другите основоположници на Европа. Да не му робуваме на моменталното расположение, на песимизмот и стравот. Стравот е филтер низ кој ги перципираме само заканите, но не и можностите што се пред нас. Кризата е последица на неискористени и пропуштени можности. Верувам дека и актуелните кризи се истовремено можности за Европа.

Ова е вистински момент за промена, за пресоздавање на Европската Унија. Ова е вистинското време за Унијата да најде сила за да одговори на потребите на европските граѓани.

Европските лидери треба да помогнат во градењето механизми за брзо носење одлуки во услови на криза. На Унијата ѝ беа потребни 6 месеци за да постигне согласност за мигрантската криза. Додека ја донесе одлуката, веќе имаше нова реалност на теренот, што бараше нова одлука. Се покажа дека бирократските европски механизми не се во состојба да го расчистат патот од натрупаните кризи. Тогаш државите ги зедоа нештата во своите раце. Првпат по падот на Берлинскиот ѕид и Железната завеса се подигнаа огради и жици за заштита од заканата од неконтролирана илегална миграција.

Но, исто така, Унијата треба да покаже одговорност кон своите корени, кон Балканот. Да најде сила да ја продолжи интеграцијата на земјите од нашиот регион. Зачленувањето во Унијата е процес што нè менува. Неодлучноста на Унијата да ги надмине блокадите и заморот од проширувањето доведе до ретроградни процеси во Југоисточна Европа. Наместо да го европеизира Балканот, Европската Унија се балканизираше. Сега е време Европската Унија повторно да се европеизира себеси, а со тоа и Балканот.

Иако, сè уште не сме дел од Европската Унија, ние во Македонија веруваме во Европската Унија. Водени од европската идеја, пред 25 години започнавме да ја градиме европска Република Македонија. Во тој потфат се соочувавме со бројни предизвици. Но, бевме непоколебливи во остварувањето на нашите стратегиски цели. Унијата ни помогна да ги трансформираме нашите институции. Но, поради неодлучноста на Европската Унија, нашата куќа како да остана недовршена. На сопствена кожа ги почувствувавме предизвиците на нашиот динамичен свет.

Потребно ни е повторно да ја почувствуваме трансформирачката моќ на Унијата, да го завршиме покривот на европска Република Македонија во европскиот Балкан. А во тој потфат може да ни помогнат оние кои најдобро не разбираат. Тоа сте вие, луѓето кои преку Пан-Европа ги посветувате животите на остварување на визијата за отворен и обединет европски континент.

Ви благодарам.

OBSE-PRM1
Обраќање на свечениот прием за учесниците на 15. Есенска сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ
Сабота, 01 Октомври 2016

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Чест ми е како претседател на Република Македонија да ви посакам добредојде во мојата татковина. Вечерва сме собрани во Музејот на македонската борба не затоа што за нас минатото е место каде престојуваме, туку затоа што минатото е нешто на кое се потсетуваме. А, се потсетуваме за да извлечеме поуки и лекции за иднината.

Кога пред 5 години го отворив овој музеј, во него лично ги положив клучните документи на нашата државност. Еден од тие документи е и Декларацијата за суверена и самостојна Република Македонија. Таа декларација беше усвоена од Собранието на Република Македонија на 17 септември 1991-та, само десетина дена по референдумот на кој македонските граѓани ја изразија својата волја за независност и сувереност. Таа декларација сведочи за едно нешто. А тоа е дека од мугрите на независноста, Република Македонија ги прифати сите права, но и одговорности кои произлегуваат од принципите на меѓународните односи, содржани во документите на Обединетите нации, во завршниот документ на КЕБС во Хелсинки и во Париската повелба.

Од тогаш минаа 25 години. На ОБСЕ му беа потребни речиси четири долги години за да ја прифати реалноста на македонската државност и позитивно да одговори на нашето барање за членство.

Но, иако бевме неправедно блокирани, ние не се откажавме од ОБСЕ бидејќи длабоко верувавме во исправноста на принципите на демократијата, човековите права и слободи, правото на човечко достоинство, почитувањето на меѓународното право, владеењето на правото како услов за добро владеење. Не се откажавме, бидејќи верувавме во ОБСЕ. Таа наша доверба и истрајност се исплатеше. Влогот и ангажманот на ОБСЕ во Македонија беше значаен. Ни помогна да достигнеме многу европски стандарди, критериуми и вредности. Благодарение на сето тоа, од корисник на услугите, денес, мојата држава е активен придонесувач во целите на Организацијата. И преку македонскиот модел на соживот и почитување на различноста, и преку добрососедските односи.

Ценети присутни,

Денес имаме нова реалност во светот. Европа, меѓу другото е затечена од двоен предизвик. Од една страна, милиони мигранти се во потрага по достоинствен живот во најразвиените држави на Европа. Од друга страна, странски терористички борци го злоупотребуваат европскиот дух на отвореност за да го сеат семето на омраза и уништување.

Овој двоен предизвик ја обелодени немоќта на администрацијата и на дипломатијата како примарни механизми на демократските држави. Многу глобални и регионални меѓународни организации не изградија функционални механизми за носење одлуки во услови на криза. За жал, ниту ОБСЕ не е исклучок. И неговите механизми за рано предупредување затаија.

Истовремено, во нашиот регион на Југоисточна Европа одново се јавуваат ретроградни процеси кои ја доведуваат во прашање соработката што макотрпно беше градена во изминатите децении.

Секоја од земјите од регионот се соочува со предизвици, вклучително и Република Македонија. Блокадата на европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија стана една од главните причини за постојаната политичка криза што кулминираше оваа година. Со тоа, последиците од блокадите станаа причини за нови блокади. Верувам дека предвремените парламентарни избори ќе бидат излез од кризата, но само доколку по изборите се деблокираат интеграциите. Само со отворање на европските перспективи за македонските граѓани ќе се излезе од маѓепсаниот круг на политички кризи и недоверба.

Токму затоа, ние не се откажуваме од ОБСЕ, бидејќи веруваме дека може да даде дел од одговорот на овој предизвик.

Но, за да го направи тоа, ние, државите членки мора да придонесеме кон трансформацијата на нашата организација. Мора да му помогнеме на ОБСЕ да да го пронајде своето вистинско место во суровиот 21 век. Неопходно е ОБСЕ да се приспособи на промените за да може да се соочи со предизвиците. Тоа ќе го постигне со помалку декларативност, а со повеќе конкретни иницијативи и решенија втемелени врз реалните потреби на граѓаните на нашите држави. А тоа се потреби за слобода, демократија и економски развој. Но, за да го обезбедиме тоа, неопходни ни се безбедност и соработка.

Со таа мисла, на самиот крај, посакувам резултатите од 15. Есенска сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ да биде дел од процесот на неопходната трансформација што ќе ни помогне да постигнеме едно нешто. А тоа е заедно да ги поставиме основите за вистинско мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично европско општество, кое истовремено е и слободно и праведно, и стабилно и безбедно.

Ви благодарам.

OBSE-PRM2

konf01
Oбраќање на конференцијата „Управување со безбедноста на патниот сообраќај во Југоисточна Европа - предизвици и насоки за дејствување“
Петок, 30 Септември 2016

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Живееме во време на брза храна, брзи автомобили и брз живот, кој понекогаш, за жал, бргу завршува. Над 1.200.000 луѓе гинат на патиштата во светот годишно. Меѓу 20 и 50 милиони имаат полесна или потешка повреда како последица на сообраќајна несреќа. Но, од целиот свет, најмалку жртви има во Европа. А во Европа, најмалку жртви има во најразвиените држави на Европската Унија.

Верувам дека секој од вас ќе се согласи дека е неблагодарно жртвите да ги сведуваме на статистика. Сепак, понекогаш, статистиката ни помага да согледаме една правилност. Таа правилност укажува на следното: колку едно општество е поразвиено и колку повеќе се грижи за благосостојбата на своите членови, толку поретки се жртвите од сообраќајни несреќи. Во просек, годишно во Република Македонија меѓу 160 и 170 лица ги губат животите во сообраќајни незгоди. Бројот на повредените е многупати поголем. Тоа се многу предвреме прекинати животи, неискористени можности и неостварени соништа. Тоа е голема загуба за семејствата, за општеството и за државата. Но, со овој предизвик се соочуваат речиси сите држави од регионот на Југоисточна Европа.

Целта што секоја од нашите држави си ја има зададено е бројот на жртви во сообраќајни незгоди да се намали и да се приближи до просекот на Европската Унија. Секако дека состојбата во целиот регион денес би била далеку подобра доколку навреме бевме дел од Унијата. За жал, во изминативе години Европската Унија, која се соочува со големи предизвици, е свртена сама кон себе и нас нè остави сами на себе.

Но, има прашања кои едноставно не можат да чекаат поволно време за почеток на преговорите за членство во Унијата. Едно од нив е прашањето за безбедноста во сообраќајот.

Како претседател на Република Македонија ја прифатив поканата да бидам покровител на оваа прва регионална конференција бидејќи верувам дека вие не чекате на администрацијата во Брисел да го отвори поглавјето и да го постави прашањето за безбедноста во сообраќајот. Верувам дека имате за цел да ја заштитите најголемата вредност од сите, а тоа е човечкиот живот.

Ценети присутни,

Сите знаеме дека секој учесник во сообраќајот има право да биде безбеден и да се движи безбедно. Но, честопати забораваме дека тоа право за безбедност во сообраќајот подразбира и лична одговорност на секој учесник во сообраќајот. А, таа одговорност се изразува преку почитување на законите и на правата на другите учесници во сообраќајот. Со други зборови, безбедноста во сообраќајот зависи од триаголникот на правото, одговорноста и почитувањето. Право кое подразбира одговорност и одговорност која се практикува со почитување.

Ниту една институција, сама по себе, не може да го постигне сево ова. Ниту нови патишта, ниту нови закони, ниту повисоки казни и построги санкции, сами по себе, нема да ја намалат смртноста на патиштата ако истовремено не работиме на развивање на сообраќајната култура. Култура и етика што ќе се градат и пренесуваат преку семејствата, училиштата, автошколите, сè додека не прерасне во општоприфатена општествена навика.

За да го постигнеме сево ова неопходен ни е холистички пристап и затворање на кругот на одговорност за тоа кој, кога и за што е одговорен. Неопходен е еднаков третман на сите пред законите. Потребна е соработка во рамките на системот, ангажирање на јавниот и на приватниот сектор, осигурителните компании, академската заедница, цивилното општество и медиумите, и на регионално, и на државно и на локално ниво. Секоја релевантна институција во секоја од нашите држави може да придонесе за решавање на овој проблем преку споделување на своите искуства и преку отвореност за прифаќање на добрите практики од сродните институции.

Верувам дека оваа конференција за безбедност во сообраќајот ќе го израмни патот за да стигнеме до целта. А целта не е само да го постигнеме европскиот просек. Целта е да не се плашиме кога нашите деца одат во училиште, кога нашите млади се враќаат од забави, кога нашите блиски патуваат. Целта е нашите возачи да не бидат закана за сопствениот и за животите на другите луѓе. Целта е да престане да се лее човечка крв по нашите балкански патишта.

А за да го постигнеме тоа, не треба да чекаме некој друг да нè менува. Мора сами да работиме и да се менуваме на подобро. За еден ден, не толку далечен, нашите држави и нашиот регион да бидат пример за тоа како се гради и одржува безбедноста во сообраќајот. Со таа мисла, на самиот крај, ја прогласувам конференцијата за отворена.

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 4 од 54