Говори и обраќања
stipendii_1
Обраќање по повод доделувањето на стипендиите „Борис Трајковски“
Понеделник, 06 Ноември 2017

Почитувана министерка за образование и наука д-р Тренеска – Дескоска,
Почитуван директор на Сити колеџот господине Верверидис,
Почитувани стипендисти,
Дами и господа,

Претседателот Борис Трајковски остави неизбришлива трага во современата македонска историја. Како голем лидер, визионер и благороден човек, тој го промовираше мирот и пријателството меѓу луѓето, народите, соседите. Затоа, денеска ми е чест да ги врачам стипендиите што го носат неговото име. И тоа е сосема природно, бидејќи оваа стипеднија е инвестиција во мирот и пријателството меѓу македонското и грчкото општество.

Во оваа пригода би сакал да им се заблагодарам на министерството за Образование и наука на Република Македонија и на Сити колеџот од Солун за доследноста и посветеноста во обезбедувањето на стипендиите. Верувам дека оваа успешна соработка ќе продолжи и во иднина.

Стипендиите им ги доделуваме на најдобрите меѓу најдобрите пријавени на конкурсот со извонредно високи критериуми. Нема поисплатлива инвестиција од инвестицијата во образованието.

Почитувани стипендисти,

Со стипендиите „Борис Трајковски" ви се дава одлична можност вашите таленти, знаења и вештини да ги надградите на една престижна образовна институција, Сити Колеџот од Солун при Универзитетот Шефилд од Велика Британија.

На вас останува она што ќе го добиете како знаење да го реализирате во животот и да го ставите во функција на остварување на своите визии храбро преземајќи иницијативи и работејќи на реализирање на сопствените идеи. Уверен сум дека образованието кое ќе го добиете ќе го користите доблесно и со него ќе придонесете за сопствен, но и за благодат на заедницата и општеството.

Повеќе од кога било порано, на Република Македонија и се потребни иновативни и креативни луѓе кои не се плашат да се вклучат во глобалниот натпревар на бизнис идеи и потфати. Уверен сум дека меѓу вас, носителите на стипендиите „Борис Трајковски" се идните врвни македонски претприемачи и менаџери. Пред вас е успешна кариера, но и одговорност да придонесете кон општеството кое инвестирало во вас. Вашиот успех е и успех на целото македонско општество.

Живееме во време на голема дигитална трансформација, со многу предизвици и многу можности. Во вакви услови, некои стравуваат, а некои храбро се соочуваат со промените. Една стара мудрост од Истокот вели: „кога дува ветер, едни градат ѕидови, а други ветерници". Бидете луѓе што градат ветерници.

Со тоа ви, посакувам врвни постигнувања и успешно завршување на мастер програмата.

Ви благодарам.

stipendii_2

kran_montana2_4
Проширувањето на ЕУ е политичко и стратегиско прашање - обраќање на претседателот Иванов на форумот „Кран Монтана“
Четврток, 26 Октомври 2017

Почитувани присутни,

Дами и господа,

Драги пријатели,

Им благодарам на организаторите на форумот „Кран Монтана" што ни даваат можност отворено да разговараме за прашањата кои се важни за Европа.

Оваа 2017 година се навршуваат шест децении од Римските договори. Во текот на првите 50 години, Европската Унија беше најуспешен мировен проект што ги мобилизираше државите и општествата од Истокот. Со проширувањето на Унијата се ширеше и зоната на стабилност, мир и просперитет на континентот.

Но, во својата шеста деценија, Унијата се наоѓа на историска крстосница. Нерешената финансиска, актуелната мигрантска и растечката безбедносна криза делумо ги парализираа европските институции. Бавејќи се сама со себе, Унијата го забави проширувањето и го запостави истокот и југоистокот на континентот.

Во такви услови, јазот меѓу заедничките цели на Европската Унија и посебните интереси на државите членки е сè поголем. Сево ова придонесува наместо подлабока интеграција да имаме сè поизразена регионализација. Државите сè повеќе се групираат со цел поуспешно да се справуваат со предизвиците, но и подобро да ги користат можностите.

Можеби најдобриот пример за заедничко справување со предизвиците е Вишеградската група. На почетокот на мигрантската криза, Република Македонија носеше голем дел од товарот за чувањето на Европа од илегалната миграција. Тоа беше исклучително тешко, бидејќи границата на Европската Унија кон Македонија беше порозна. На пример, во октомври 2015 година, само во текот на неколку часа имавме над 14 000 мигранти и бегалци на грчко-македонската граница кај градот Гевгелија.

Во тие драматични моменти баравме помош од нашите европски партнери. Додека бриселската бирократија одолговлекуваше, Вишеградската четворка дејствуваше. Четирите држави препознаа дека инвестирајќи во безбедноста на Македонија, инвестираат во сопствената безбедност.

Благодарение на примерот на Вишеград, денес дури седум од државите што се дел од иницијативата за Трите мориња имаат свои полициски сили на македонската граница. Овие држави најнепосредно ѝ помагаат на Република Македонија во борбата против илегалната миграција.

kran_montana2_7Дами и господа,

Покрај предизвиците, процесот на регионализација го поттикнуваат и можностите.

Добар пример за тоа е Иницијативата „16+1" на Народна Република Кина за соработка со државите од Централна и од Источна Европа. Преку финансирање на големите инфраструктурни проекти, оваа иницијатива ќе им овозможи на државите да бидат меѓусебно цврсто поврзани.

Инфраструктурното поврзување е особено значајно за земјите кои сè уште не се дел од Европската Унија. Затоа, Република Македонија ги поддржува проектите за изградба на Јадранско-јонската магистрала, железницата Минхен – Истанбул, брзата пруга Будимпешта-Белград што преку Македонија треба да продолжи кон Пиреја, Коридорот 8 и каналот Вардар–Морава–Дунав. Со тоа ќе се комплетира европскиот проект за слободен проток на луѓе, стока, услуги и капитал. Бидејќи, слободниот проток подразбира и слобода на изборот на превозниците и патниците по кој коридор да патуваат. Сево ова ќе значи отворање на ново, просперитетно поглавје за нашиот макрорегион.

Третиот пример за регионализација е поврзан со проширувањето. За разлика од некои постари земји членки на Унијата од Балканот, кои како да го заборавија регионот во кој се наоѓаат, Словенија и Хрватска покажаа одговорност кон Југоисточна Европа. Тие го иницираа процесот „Брдо Бриони" со што до некаде го вратија нашиот регион на агендата во Брисел.

Веќе неколку години, Брдо Бриони праќа јасна порака дека одлагањето на проширувањето во комбинација со економската криза и безбедносните предизвици го направија нашиот регион уште поранлив на надворешните фактори на дестабилизација. Унијата треба да разбере дека процесот на проширување не е чисто техничко, туку пред сè политичко и стратегиско прашање. Како Претседател на Република Македонија ќе бидам домаќин на следниот самит на Брдо Бриони во 2018 година. Очекувам дека овој самит ќе даде конкретни резултати.

И тука доаѓаме до „Иницијативата за трите мориња" која е дел од регионализацијата на Европската Унија. Оваа иницијатива има намера да овозможи синергија меѓу постоечките механизми и заеднички одговор кон можностите и предизвиците.

Просторот меѓу Јадранското, Балтичкото и Црното Море опфаќа 28% од територијата и 22% од популацијата на Европската Унија. Иако повеќето земји не се дел од еврозоната, сепак, тие го чинат економски најдинамичниот дел од Унијата со вкупен ГДП од 2.8 милијарди евра. Но, за да се мобилизира овој голем економски потенцијал, неопходна е поцврста инфраструктурна, економска и енергетска поврзаност во регионот.

Верувам дека оваа иницијатива ќе биде уште еден катализатор на просперитетот на регионот.

Ценети присутни,

Во моментов, Република Македонија не е дел од „Иницијативата за трите мориња", која е отворена само за земји членки на Унијата. Но, тоа не значи дека не сакаме да бидеме економски, енергетски и инфраструктурно поврзани.

Повеќето од земјите што сега се дел од Трите мориња ни помагаат во справувањето со мигрантската криза. Речиси сите од земјите се дел од Иницијативата „16+1" и процесот „Брдо Бриони". Затоа, сметаме дека оваа иницијатива е исклучително значајна, бидејќи им овозможува на земјите од истокот на Европа да изнаоѓаат решенија во согласност со своите специфични потреби.

Да резимирам. Овие форми на регионализација не се антиевропски, туку проевропски. Тие го пополнуваат вакуумот на соработка што се создаде поради бројните европски кризи. Регионализацијата е порака до Европската Унија да посвети поголемо внимание кон истокот и југоистокот на Европа. Да го продолжи проширувањето, да инвестира во инфраструктурното поврзување, да го отвори просторот.

Неопходно е да соработуваме на полето на регионалната безбедност за да одолееме на глобалните безбедносни закани и ризици.

Неопходно е да го поврзуваме регионалниот пазар за да бидеме конкурентни на глобалниот пазар.

Неопходно е да бидеме дел од истото европско и евроатлантско семејство.  Бидејќи само солидарни можеме да градиме регион и континент на безбедност, мир и благосостојба.

Ви благодарам.

kran_montana2_8

kran_montana2_8
Oбраќање на претседателот Иванов на свеченото отворање на форумот „Кран Монтана“
Четврток, 26 Октомври 2017

Почитувани присутни,

Дами и господа,

Ние, земјите кандидати за членство во Европската Унија ја користиме секоја можност за да праќаме пораки до Унијата. Често тоа го правиме од форумите што се организираат низ европскиот континент. Дел од тие пораки, за жал, никако да стигнат до Брисел. Па затоа, благодарeниe на форумот „Кран Монтана", денеска сме собрани тука, во Брисел, во политичкиот и во административниот центар на Европската Унија за да им помогнеме на креаторите на европските политики да ги чујат пораките.

Европската Унија беше најуспешен мировен проект што ги мобилизираше државите и општествата од Истокот. Но, во својата шеста деценија, Унијата се соочи со финансиска, мигрантска и безбедносна криза.

Одлагањето на проширувањето дополнително ги усложни состојбите. Status quo во интеграциите, во комбинација со економската криза и безбедносните предизвици ги направија Балканот и Република Македонија уште поранливи на надворешните фактори на дестабилизација.

Прво, мигрантската и безбедносната криза покажуваат колку е неопходно да соработуваме на полето на регионалната безбедност за да одолееме на глобалните безбедносни закани и ризици. Добар пример за ваква соработка е помошта што ја добивме од неколку европски држави во екот на мигрантската криза. Овие земји покажаа солидарност на дело во спречувањето на илегалната миграција. Тоа е пример што Унијата треба да го следи.kran_montana2_9

Второ, финансиската и кредитна криза покажува дека е неопходно да го поврзуваме регионалниот пазар за да бидеме конкурентни на глобалниот пазар. На тоа поле може да ни помогне Иницијативата „16+1" што им овозможува на државите од Централна, Источна и Југоисточна Европа инфраструктурно да се поврзат, со што се комплетира европскиот проект за слободен проток на луѓе, стоки, услуги и капитал.

Но, сето тоа ќе остане незавршено без третиот елемент, а тоа е проширувањето на Унијата. Очекувам Европската Унија да покаже одлучност и на Република Македонија да ѝ даде датум за почеток на преговорите за членство. Сите европски стандарди и принципи се усвојуваат додека течат преговорите за членство. Со секое затворено поглавје, земјата се европеизира и се приближува кон посакуваните европски стандарди. Унијата треба да разбере дека процесот на проширување не е чисто техничко, туку пред сè политичко и стратегиско прашање.

Пораката до Унијата е да посвети поголемо внимание кон истокот и југоистокот на Европа. Да го продолжи проширувањето, да инвестира во инфраструктурното и енергетско поврзување, да го отвори просторот. Бидејќи само солидарни можеме да градиме регион и континент на безбедност, мир и благосостојба.

Ви благодарам.

Inzenerski_komori_1
Обраќање на 14. генерално собрание на Европскиот совет на инженерски комори
Сабота, 21 Октомври 2017

Почитувани членови на европските инженерски комори,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Како Претседател на Република Македонија ми претставува особена чест и задоволство да ви се обратам на 14-тото генерално собрание на Европскиот совет на инженерски комори.

Вашето присуство во Скопје е израз на доверба во Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, но и воопшто за севкупната македонска инженерска и академска заедница. Иако Република Македонија се уште не е дел од Европската Унија, сепак нејзините инженери и архитекти се дел од моторот што ја движи Унијата.

Иако не сум инженер, ја почитувам и високо ја вреднувам инженерската струка, затоа што е струка на практични луѓе. Впрочем изворното значење на она што денес го нарекуваме инжинер, на латински ingeniare, значи да се измисли или изнајде, а ingenium, значи умешност.

Светот во кој денес живееме е дело на поединците кои се умешни во изнаоѓањето решенија за предизвиците на природата и човештвото. Тоа особено дојде до израз за време на трите индустриски револуции. Првата индустриска револуција со парната машина го механизираше производството. Втората индустриска револуција со електричната енергија и производната лента создаде масовно производство. Третата информатичка револуција го автоматизираше производството.

Инженерите беа хероите на овие важни трансформации. На некој начин, вие, инженерите го измисливте и создадовте модерниот свет.

Речиси нема аспект од човековиот живот во кој инженерството нема свој придонес. Градежништвото, енергетиката, транспортот, комуникациите, здравството, финансиите, технологиите... Сите овие сфери се резултат на вашите пронајдоци, вашите решенија. Апстрактното знаење го трансформирате во практични пронајдоци. Академските истражувања ги претворате во апликативни решенија кои имаат реална вредност за секојдневниот, реален живот на луѓето.

Сепак, тука има еден предизвик. Ако ја проучуваме историјата на технологијата, ќе увидиме дека секоја од трите индустриски револуции завршува со потреба од нов почеток, од нова револуција. Има и добра причина за тоа. Секоја од нив започнала со љубопитност, креативност, инвентивност и желба за знаење, а завршила со комерцијализација на иновациите и изумите.

Верувам дека нема подобар пример од војната на струите што се водела кон крајот на 19 век. Иако во оваа војна победи изумот на Тесла – наизменичната струја, сепак, на крајот домнираше претприемничкиот дух на Едисон.

Нештата не се променети. Многу од изумите на третата индустриска револуција веќе се комерцијализирани. Се има чувство дека плафонот е веќе достигнат, и дека актуелните производи и решенија се само варијации на иста тема од која најголема корист имаат корпорациите. Некои сметаат дека во Европа денес има премногу Едисони а премалку Тесли, што полека доведува до состојба на безидејност.

Но, тоа воопшто не треба да ве обесхрабрува, бидејќи на повидок е нов почеток. Во третиот милениум соочени сме со нови предизвици и можности. Ова е милениум на четвртата дигитална револуција што го поврзува физичкото, дигиталното и биолошкото.

Благодарение на креативноста и на иновативноста на инженерите и научниците, израснаа нови интердисциплинарни инженерски гранки.

Четвртата индустриска револуција е можност за оваа наша генерација инженери да го обликуваат новиот свет. Тоа е можност да се излезе од безидејноста во која се уште се наоѓа Европа на 20 век, или Европа 1.0.

И одново, херои на ова ново време сте вие, инженерите, кои треба да ја создаваат новата, одржлива, дигитализирана, енергетски ефикасна и еколошки пријателска Европа 2.0.

Индустриските револуции покажаа дека луѓето можат да измислат нови материјали и нови извори на енергија, но покажаа и дека знаењето е третиот ресурс, покрај сировите материјали и енергијата. За разлика од материјалите и енергијата кои со долготрајно користење се трошат, со знаењето е сосем спротивно. Колку повеќе го користите, толку повеќе го имате.

Решенијата што ќе ги понудите, врз основа на вашето стекнато и акумулирано знаење, во овие клучни години и децении ќе го трасираат патот за генерациите што доаѓаат. Вашите иновации ќе бидат основа за новиот свет што се раѓа.

Како што во секој плод е скриено семето за идни плодови, така во секоја иновација се крие основата за нови иновации.

Во сето ова, клучна е улогата на инженерските комори кои се гарант за квалитетот на инженерските услуги. Како нови еснафи и цехови, коморите се грижат за образовните и професионалните стандарди на инженерската професија и придонесувате кон постојан и континуиран професионален развој и напредок во професијата. Со сето тоа, коморите се главни двигатели на инженерството.

Како партнер на Европската Комисија, Европскиот совет на инженерски комори работи на зајакнување на заедничките принципи за обука на инженерите што ќе значи создавање на квалитетен инженерски кадар. Тоа ќе ја олесни мобилноста на инженерите во рамките на единствениот европски пазар. А тоа е неопходно за заедно и рамноправно да ја градиме иднината на нашите општества и иднината на нашата Европа.

Ви благодарам.

Inzenerski_komori_2

PRM_ZOK
Обраќање на Претседателот Иванов, по повод одбележувањето на Денот на ЗОК
Вторник, 17 Октомври 2017

Почитуван началник на Генералштабот на АРМ,

Господа генерали,

Припадници на Министерството за одбрана и на Генералштабот на АРМ,

Воени претставници акредитирани во Република Македонија,

Почитувани припадници на Здружената оперативна команда,

Претставници на медиумите,

Почитувани гости,

Дами и господа,

Денес е голем ден. Ден на кој во 1878 година нашите храбри предци востанаа како поборници на слободата и го подигнаа славното Македонско-Кресненско востание. И токму овој ден стана празник на Здружената оперативна команда на АРМ.

Во изминативе дваесет и пет години, Здружената оперативна команда има дадено значаен придонес во развојот на АРМ, продолжувајќи го континуитетот на поранешната Команда на копнената војска, која со започнувањето на темелните реформи во АРМ за приближување кон НАТО, се преструктурира во Здружена оперативна команда.

Како врховен командант можам да констатирам дека Здружената оперативна команда чекори смело кон исполнувањето на сите мисии и задачи, оставајќи силен белег во достигнувањето на високите стандарди на Армијата.

Со ефикасноста во командувањето и контролата со потчинетите единици, како и планирањето и реализацијата на модерна обука со персоналот, Здружената оперативна команда се наметна како еден од главните столбови на кои се потпира Генералштабот на АРМ.

Почитувани присутни,

На сите генерации припадници на АРМ, кои во изминатите дваесет и пет години биле дел од Здружената оперативна команда, им оддавам признание за нивната посветеност, професионализмот и упорноста во извршувањето на задачите, но и во изградбата на капацитетите со кои денес оваа команда располага.

Како и досега, очекувам припадниците на Здружената оперативна команда со нивните успеси да ја трасираат иднината на штабното работење во АРМ. Во оваа пригода, посебно сакам да го истакнам придонесот што како команда го давате во подготовката и во водењето на мисиите предводени од НАТО, Европската Унија и Обединетите Нации, но и во реализацијата на голем број вежбовни активности во земјата и во странство.

Сонот на Димитар Поп Георгиев Беровски, Дедо Илјо Малешевски и востаниците за слободна Македонија е исполнет, а ваша постојана обврска е да продолжите по патот на успехот.

На крајот, на сите вас, припадници на Здружената оперативна команда, ви го честитам денот на Здружената оперативна команда со искрени желби за постигнување нови успеси во задачите и во предизвиците кои стојат пред вас.

ДА ЖИВЕЕ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

ДА ЖИВЕЕ АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

PRM_ZOK_2

samit_100
ЕУ да ја стави Македонија на мапата на големите европски инфраструктурни проекти-обраќање на претседателот Иванов на Самит 100
Понеделник, 16 Октомври 2017

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Ми претставува особена чест и задоволство како Претседател на Република Македонија да ви посакам топло и искрено добредојде во Македонија во која можете да го почувствувате нашето традиционалното македонско гостопримство.

Со моите колеги од регионот се навикнавме пред секој политички самит на Процесот „Брдо Бриони" да учествуваме на Бизнис-самитот 100. Тоа е добро соочување со реалноста за најважното нешто за нашите држави и за нашиот регион – економскиот просперитет и успех за нашите граѓани. Во изминативе години трипати учествував на Самит 100. Ме радува што успеавме да го поврземе Самит 100 со Процесот „Брдо Бриони". Но, иако овојпат се временски одвоени, овие два важни форума се меѓусебно суштински поврзани.

Целта на овој самит е да биде силен глас што ќе го привлече и задржи вниманието на политичарите од регионот. Преку овој самит, бизнисмените зборуваат во еден глас за основните приоритети на нашиот регион. А приоритет над приоритетите е поврзаноста – connectivity.

Од поврзаноста зависи дали нашиот регион ќе се вброи меѓу развиените европски региони. Сè повеќе доаѓа до израз моќта на вмреженоста, моќта на поврзувањето. Нашите економии, сами по себе се мали, слаби и ранливи на глобалните текови. Затоа, да се насочиме на она што нè обединува, наместо на она што нè раздвојува.

Но, на овој пат, економиите и бизнисмените од регионот се соочуваат со три големи предизвици.

Прво, мали пазари за големи компании. Дел од големите компании беа димензионирани за потребите на поранешната заедничка држава. Како што границите на Балканот се разгрануваа, така граничните премини се мултиплицираа, а пазарите се ситнеа. Тоа го забави растот и развојот на бројни компании кои преку ноќ станаа заложници на новата балканска политичка реалност.

Вториот предизвик е големиот одлив на стручен кадар. Како држави ние успеавме да го затвориме Балканскиот мигрантски коридор за илегалните мигранти од третиот свет. Но, никако да успееме да ја спречиме миграцијата на нашите млади. По сè изгледа дека илегалните мигранти и нашите млади имаат едно нешто заедничко, а тоа е нивната дестинација. И едните и другите сакаат да стигнат во најразвиените европски центри за таму да ги реализираат своите бизнис-идеи и да ги остварат своите животни планови. Нашиот регион се празни. Си заминуваат оние кои со своите таленти, образование и вештини создаваат реална вредност. Цената за овој егзодус ја плаќаат и државите и компаниите.

Третиот голем предизвик е застарениот начин на функционирање на дел од компаниите. Иако веќе сме во првиот век на третиот милениум, некои од компaниите во регионот сè уште функционираат според правилата од вториот милениум. Со застарен начин на функционирање, тие тешко се ориентираат и снаоѓаат на глобалниот пазар. Ризикуваат да станат некомпетентни, а со тоа и неконкурентни.

samit_100_1

Дами и господа,

Како да се одговори на овие три големи предизивици пред кои се исправени економиите и бизнисмените од нашиот регион?

Прво, за да се надмине фрагментираноста на Балканот, неопходна е политичка и безбедносна поврзаност преку членството во Европската Унија и во НАТО.

Европската Унија беше најуспешен мировен проект што ги мобилизираше државите и општествата од Балканот. Ние доброволно се менуваме поради трансформирачката моќ на Унијата. Но, заморот од проширувањето кај нас создаде замор од чекање и наместо да се бавиме со реформи, ние почнавме да се бавиме со самите себе. Затоа, неопходно е Европската Унија час поскоро да ги започне преговорите за членство со Македонија. Со секое затворено поглавје, земјата се европеизира и се приближува кон посакуваните европски демократски стандарди. Целта е еден ден нашите држави да бидат дел од европскиот пазар во кој компаниите од нашиот регион ќе можат слободно да се натпреваруваат и да постигнуваат успеси.

Второ, за да се надмине одливот на кадарот, неопходна е економска и транспортна поврзаност. Кога нашите држави и економии ќе се поврзат, тогаш нашиот регион ќе стане една економска зона, со многу повеќе можности за нашите млади кадри. Истовремено, интернетот придонесе цената на производите и услугите да се стреми кон нула. Високите транспортни трошоци во нашиот регион ги прави нашите производи сè поскапи и помалку конкурентни.

Драго ми е што со нас денес е и еврокомесарот за транспорт, г-ѓа Виолета Булц. Република Македонија сака да биде дел од Европската Унија во која постои слободен проток на луѓе, стоки, услуги и капитал. Но, за рамноправно да се вклучиме во европскиот економски простор, неопходно е да сме рамноправен дел и од европските патни, железнички и енергетски коридори. Очекуваме Унијата да ја стави Македонија на мапата на големите европски инфраструктурни проекти.

Кога се гради нова инфраструктура, се менува и географијата, а со менување на географијата, се менува и иднината. Јадранско-јонската магистрала, железницата Минхен – Истанбул, брзата пруга Будимпешта-Белград што преку Македонија треба да продолжи кон Пиреја, Коридорот 8 и каналот Вардар–Морава–Дунав ќе им овозможат на државите од Југоисточна Европа да бидат меѓусебно цврсто поврзани, со што ќе се зголеми компетитивноста на економиите од регионот за странски инвестиции.
Тоа неповратно ќе ја промени географијата на регионот, ќе ги брише предрасудите и поделбите, ќе ја унапредува соработката и ќе ја гради европската иднина на сите држави во регионот.

Трето, лекот за застареното функционирање е дигитална трансформација. Повеќето од нас припаѓаат на генерацијата Х. Но, сега на сцена е генерацијата Y позната како милениумската генерација. Веднаш по нив доаѓа и најмладата генерација Z која знае да работи на iPad пред да научи да оди и зборува. На интернет се снаоѓа како риба во вода и не познава свет без дигитална технологија.

Во светот што многу бргу се менува, милениумците и постмилениумците имаат многу поразлични потреби и надежи од нашите. Сè повеќе млади ги задоволуваат потребите без посредство на државите. Преку facebook, twitter, instagram, linkedin, светот стана поврзан како невронска мрежа.

Нашата филозофија беше конзумеризам. Милениумците имаат сосема поинаква филозофија, а тоа е филозофија на споделување (sharing philosophy). Sharing philosophy подразбира и sharing economy, во која младите го споделуваат пристапот кон производите или услугите, наместо да бидат нивни индивидуални сопственици.

На пример, благодарение на online апликации, во развиените земји во просек дури девет лица да споделуваат еден ист автомобил. Преку Crowdfunding и crowdsourcing, младите претприемачи наоѓаат фондови за нивните услуги или проекти од голем број интернет-корисници. Преку Crowdworking, фриленсерите и вработените од различни организации и компании ги споделуваат трошоците за споделен работен простор. Sharing economy ги намалува трошоците, им овозможува на луѓето да користат услуги и производи кои не би можеле сами да си ги дозволат.

Сето ова е дел од новата парадигма на одржливиот развој и новиот економски живот чие срце чука со поинаков ритам. Нивниот најмал заеднички содржател е што сите функционираат како нехиерархиски социјални мрежи.

За да се приспособиме кон оваа нова реалност, потребна е дигитална трансформација на компаниите, универзитетите и политиката.

Дигиталната трансформација на компаниите ќе им овозможи да се приклучат кон глобалниот пазар и да се приспособат на новите генерации кои функционираат дигитално, односно се дигитални корисници кои живеат во дигитален свет во кој речиси се е online. Конзументот на дигиталната ера сака да стане независен. Исчезнуваат границите меѓу физичкото, дигиталното и биолошкото. Едноставно кажано, компаниите се соочуваат со четвртата индустриска револуција: роботика, вештачка интелигенција, автономни возила, уберизација, теслаизација, дронови, клауд сервиси, нано технологии, 3Д принтери, биотехнологии, квантна информатика, дигитални валути...

samit_100_2Дигиталната трансформација на универзитетите создава услови за персонализирани студиски програми, преку технолошките паркови овозможуваат да се создаваат кадри за четвртата индустриска револуција. Ова е револуција на паметни фабрики кои носејќи самостојни одлуки ги доведуваат производните процеси до совршенство.
Паралелно со технолошката еволуција од паметни телефони, преку паметни фабрики до паметни градови, ќе бидеме сведоци на темелна трансформација на цели системи на производство, менаџмент и управување.

И конечно, дигиталната трансформација на политиката ќе ѝ овозможи на државата да ја преземе стартап-филозофијата и да создаде услови и амбиент за стартап економија и стартап менталитет. Со други зборови, преку дигитализацијата, државата се повеќе ќе се трансформира во стартап-нација која ќе биде подготвена и способна за иновативност и претприемништво. Државите се повеќе ќе ги потикнува универзитетите да создаваат кадри за потребите на стартап економијата преку стартап инкубатори и акселератори. Во нив ќе се препознаваат и подржуваат новите идеи од студентите додека студираат и со државни гаранции ќе се потикнува приватниот капитал да ги подржува во нивната реализација. Тоа е концептот на стартап-држава која создава амбиент и услови за развој и благосостојба во дигиталната ера.

Но, сепак, некои работи не се дигитализираат. Не можете да ги дигитализирате водата и храната, бидејќи од нив сите ние живееме, но, и лековите, бидејќи сите ние со текот на времето старееме.

Да резимирам. Политичката, безбедносната, економската, транспортната и дигиталната поврзаност ќе ни помогнат нашите компании да бидат поконкурентни на глобалниот пазар, нашите држави поуспешни во создавањето услови за просперитет на младите, а нашиот регион поатрактивен за директни странски инвестиции.

Но, кога веќе сите пловиме на ист глобален брод, неопходно ни е сидро што ќе ги заштити нашите економии и држави од бродолом. А, тоа сидро се трите принципи на секоја успешна економија, што важат и за успешната политика: Ако која било земја или компанија ги имплементира меритократијата, прагматизмот и чесноста – ќе успее.

Со меритократијата ги избираме најдобрите да бидат лидери.
Со прагматизамот учиме и го користиме најдоброто од другите.
Со чесноста се трудиме да нема корупција.

Впрочем, поставувањето и придржувањето на овие три принципи му овозможија на Сингапур да стане една од најбогатите држави во светот, глобален трговски и финансиски центар, со најголеми девизни резарви по глава на жител, иако нема ниту еден природен ресурс..

Некој можеби ќе ми замери што зборувам за футуристички теми кои не соодветствуваат со балканската реалност оптоварена со минатото. Некој ќе рече дека во нашиот регион имаме недостаток на можности и вишок на предизивици.

Мојот одговор на ваквиот приговор е следен: Оптимистите ги гледаат само можностите, додека песимистите ги гледаат само ризиците. Кога доѓаат силни ветрови некои градат ѕидови, други ветерници (за струја). На Балканот ние сме оптимисти со искуство, односно, реалисти. А реалистичниот поглед на нештата ни овозможува да ги согледаме и предизвиците и можностите.
Нашите држави се мали играчи во големата игра.
Нашите популации се помали и од статистичката грешка во кинескиот попис.
Нашите економии се само капка во морето на глобалната економија.
Но, малите држави и компании имаат една голема предност. А, тоа е дека стојат врз рамената на економските џинови. И затоа, понекогаш, помалите држави и компании гледаат подалеку отколку поголемите. Имаме можност да бидеме пофлексибилни, поприлагодливи на постојаните промени.

Имаме можност слободно да носиме одлуки, да соработуваме, да се поврзуваме, заедно да настапуваме на трети пазари.

Никој од вас не учествува на овој самит под принуда. Сите вие сакате да освоите нови пазари каде ќе ги продадете вашите производи и услуги. Улогата на нашите држави е да создаваат услови за слободен пазар каде вие ќе можете да се натпреварувате, да соработувате и, конечно, да заработувате.

Но, притоа, треба да бидеме свесни за една работа. Слободата е единственото нешто што се троши ако не се користи. Ако слободата не се користи, тогаш голема е веројатноста да се случат две нешта. Или државата ќе навлезе да го регулира просторот, или конкурентските корпорации ќе навлезат за да го заземат просторот. Ако негативната слобода не се трансформира во позитивна слобода, ако не го покриеш просторот што си го освоил со свои производи и услуги, тогаш некој друг ќе го направи тоа наместо тебе.

За да бидете поуспешни, поврзувајте се, дигитализирајте се, транформирајте се, за да бидете во чекор со времето. Приспособувајте се на потребите на новите генерации на дигиталната ера. Бидејќи, од вашиот успех во овој потфат во голема мера ќе зависи и успехот на нашиот регион.

Како Претседател на Република Македонија, ви посакувам нови идеи за подобра соработка што ќе донесе многу успех.

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 6 од 62