Говори и обраќања
Обраќање при доделувањето на „Орден за заслуги за Македонија“ на Есма Реџепова Теодосиевска
Вторник, 06 Април 2010

Дами и господа,

Имам голема чест и задоволство да ви се обратам по повод доделувањето Орден за заслуги за Македонија на нашата музичка дива Есма Реџепова - Теодосиевска. Македонија е земја со богата историја, култура, уметност. Земја која раѓа уметнички виртуози, хуманисти и човекољупци. Токму во Есма се синтетизирани сите врвни човечки и уметнички квалитети. Задоволство е да се биде современик и сограѓанин на Есма. Ѕвездата од париска Олимпија, чии концерти ширум светот се однапред распродадени. Есма која живее во нашето соседство, скромна и достоинствена, постојано подготвена да им помогне на сите на кои им е потребна поткрепа и подршка. Со својата автентичност, оригиналност и перфектна вокална изведба, Есма ја афирмираше македонската и ромската музика во светот, израснувајќи во маркантно интернационално музичко име.

Денес имаме можност во името на сите граѓани на Република Македонија, врачувајќи и го Орденот за заслуги за Македонија, да и се заблагодариме од се срце за се што има постигнато во афирмирањето на нашата земја. Да и оддадеме уште едно заслужено признание на нејзината музичка големина и на нејзината хуманитарна дејност. Големина на која и се восхитува целиот свет и за која сведочат бројните признанија и успеси, но пред се задоволството и насмевките на оние што уживале во гласот на Есма, или ја почуствувале нејзината мајчинска прегратка.

Почитувани,

Денешната свеченост се одвива на само два дена пред 8-ми април - меѓународниот ден на Ромите. Тоа е ден што со особена гордост се прославува во Република Македонија. Впрочем, ромската заедница е нераскинлив дел од македонското општество и не случајно токму во нашата земја постои општина каде што ромскиот јазик е во службена употреба.

Покрај останатите свои активности, Есма е бездруго една од водечките личности во ангажманите за подобрување на социјалната и економска состојба на Ромите. Секако нејзината грижа за заедницата, нејзината филантропска и хуманитарна мисија нè разликува националност, религија, пол...  Љубовта е потребна подеднакво секому и секаде и треба безрезервно да се дарува, како што тоа своевремено го правеше најпознатата скопјанка - Мајка Тереза.

Есма е апсолутен пример дека не постојат бариери кога е во прашање талентот, волјата и истрајноста.  Повеќе од педесет години Есма ги освојува сцените и срцата на посетителите на нејзините концерти ширум светот, носејќи ги пораките од една мала земја по простор, но голема по дух.

Дозволете ми на крајот на Есма да и посакам уште многу лични и професионални успеси и, секако, да продолжи со енергијата на својата музика и топлината на својот глас да го облагородува светот, дарувајќи и ширејќи безусловна љубов.

Испраќање на контингент на АРМ во Авганистан
Петок, 26 Март 2010

Почитувани припадници на Армијата,

Дозволете ми најпрвин да ви пожелам добро здравје, среќа и успех во мисијата која ја преземате во Авганистан. Во името на сите граѓани на Македонија можам да ви пренесам дека чувствуваме гордост и длабока благодарност кон вас. Како Врховен командант сум свесен за личната жртва која секој од вас се решил да ја поднесе и за ризикот кој со себе го носи оваа мисија, за семејните одрекувања и тешкотиите кои ве очекуваат во следните месеци.

Почитувани,

Република Македонија донесе одлука за зголемување на контингентот во Авганистан во коалиција со Соединетите Американски држави, поточно со националната гарда на американската сојузна држава Вермонт. Очекувам дека оваа мисија ќе претставува продолжување на успехот од претходните заеднички мисии на нашите две земји во Ирак.

Македонија своето пријателство и својата припадност кон коалицијата на демократски и слободни држави ја потврдува не само на зборови, туку и на дела и има сили и решителност да ја спроведе својата цел. Тоа е мир и стабилност во светот, промоција на слободата и демократијата, и заштита на недолжните од насилство. Ние сме дел од сојуз на држави обединети меѓу себе од нашите заеднички вредности. Токму затоа, поради високите цели и идеали, оваа мисија оправдано ја има широката поддршка на македонските граѓани, на политичарите и на јавноста.

Нашите сили се во Авганистан со задача да придонесат кон стабилноста и мирот. Да им помогнат на граѓаните на Авганистан полесно да изградат своја просперитетна, мирна, демократска и слободна иднина. Земјите кои учествуваат во мисијата не бараат ништо за себе. Нашата награда е сознанието дека сме сториле се што е во наша моќ да помогнеме кога било најтешко.

Почитувани,

Знам дека Вие во оваа мисија патувате со должна и длабока почит кон авганистанскиот народ. Авганистан е земја со исклучително минато и богата културна и верска традиција. И Македонија има длабока и долготрајна традиција на почитување и вреднување на различните религии, нации и култури. Таа традиција особено може да се види во Армијата на Република Македонија. Затоа знам дека ќе бидете исклучително добри и достојни амбасадори на нашата земја.

Македонија, со учеството во мировните мисии во Ирак, Босна и Херцеговина, Либан и во Авганистан, покажа дека е рамноправна со другите земји од евро-атлантското семејство на народи. Нашата армија не заостанува, по подготвеноста, по храброста и по решителноста, зад армиите на нашите партнери и пријатели. Македонија е полноправен член во понесувањето на одговорностите. И во најтешките мигови, Македонија останува посветена на преземените обврски и задачи, како што доликува на вистински сојузник и пријател.

Ние со нашата посветеност инвестираме и во цврстината на ова глобално сојузништво, кое е замислено да трае, и кое е надеж на многу луѓе од целиот свет. Цврсто сум уверен дека пред нас е период во кој врвните стандарди и постигања на Македонската армија, Македонското општество и Македонската држава ќе бидат крунисани со полноправно членство на Република Македонија во НАТО и Европската Унија.

Почитувани родители, роднини, пријатели,

Сите ние сме горди на нашите војници. Тие се тука, построени пред знамето на Република Македонија, затоа што се најдобрите. Тие се најподготвените. Најуспешните.

Почитувани војници и старешини,

Вие сте најдобрите претставници на нашата држава, на нашите вредности и на нашата посветеност на мисијата.

Да живее Република Македонија!

Обраќање на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на годишнината од основањето на Меѓународната организација на Франкофонија
Петок, 19 Март 2010

Обраќање на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на годишнината од основањето на Меѓународната организација на Франкофонија


Почитувани претставници на дипломатскиот кор, франкофони,

Ви благодарам што во толку голем број се одзвавте на поканата да го одбележиме Денот и четири децениското опстојување на Меѓународната организција на Франкофонијата.

Братството на франкофонските земји денес е една од најголемите меѓународни организации во светот. Нејзината долговечност е најдобра потврда за истрајноста и оправданоста на франкофонската идеја. Тоа е идеја која ги пленува и придобива своите приврзаници, со нејзината сила, вредности и традиција. Големата разновидност на државите кои членуваат во Организацијата, само дополнително го истакнува заедничкиот културен елемент на припадноста.

Драги гости,

Франкофонската традиција во Македонија е многу постара од самата организација. Македонија отсекогаш била место низ кое се прелевале цивилизациите и културите, на крстопатот меѓу Европа и Азија. Франкофонската култура оставила трајна и длабока трага во овој регион, и ние со задоволство ја негуваме и чуваме. Во Македонија француската традиција се поврзува со една граѓанска култура, која низ вековите претставувала водилка за далеку-мислечките наши сограѓани. Сите наши предци во Македонија, се што било европско го идентификувале со - a la franka.

Не случајно се вели дека францускиот јазик е еден од првите јазици на кои се објаснуваат правата на човекот, на човечкото достоинство. За мала држава, која честопати била во позиција да мора да се бори за своите права и своето достоинство, природно е да се насочи кон јазикот, кон културата и традицијатата со кои се негуваат и чуваат човековите права. Оттаму, нескротливиот и бунтовен дух на македонските писатели, македонските уметници, научници, спортисти и политички реформатори секогаш имал свое прибежиште во културната и духовната татковина на францускиот јазик, кој од големиот Волтер бил наречен - јазик на светот. Да се присетиме на примерот на апостолот на македонската борба, Гоце Делчев, кој францускиот јазик го учел од реформаторот на нашата литература Глигор Прличев.

Подрачјето на Франкофонијата, да искористам малку од модерниот жаргон, е место во кое секогаш владеела целосна визна либерализација за напредните и слободарските идеи.

Франкофонијата црпи од сите свои одделни членки, но успева сите нив да ги облагороди и да ги направи подобри и поуспешни. Нејзиниот акцент на демократијата, на образованието, економскиот развој, значи исполнување на  врвната обврска на државите и народите, за меѓусебно помагање и заедничко чекорење во иднината. Франкофонските земји ги поврзува чувството на солидарност. Очекувам тие принципи на соработка и солидарност повторно да бидат потврдени и во октомври, на самитот во Монтре, во Швајцарија, каде Македонија ќе биде претставена на највисоко ниво за првпат по полноправното членство во организацијата на франкофонските држави.

Почитувани гости,

Република Македонија е земја во која традицијата на отвореност и прифаќање на различностите како благослов е реалност. Ние се гордееме со тоа што можеме да се повикаме на акумулираното богатство на култури кои го оставиле својот неизбришлив траг врз нашата земја. Со тоа богатство, со толеранцијата и почитувањето на различностите, со моделот на успешна мултиетничка демократија, ние ја облагодаруваме и ја зголемуваме вредноста и почитта кон Франкофонијата.

Со таа мисла би сакал да Ви се заблагодарам и да Ви посакам пријатна вечер, со уживање во уметноста. Но, прво да наздравиме за Република Македонија и за Организацијата на Франкофонските држави.
Вив ла Маседоан, Вив ла Франкофони.

Годишнина на Црвениот Крст на Република Македонија
Среда, 17 Март 2010

Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на Свечената академија по повод 65 годишнината од формирањето на Црвениот крст на Република Македонија


Почитувани хуманисти, драги пријатели,

Денес сме собрани по повод еден важен јубилеј, 65 години од формирањето на Црвениот крст на Република Македонија. Нашиот Црвен крст е формиран во време кога таква организација била и најпотребна. Веднаш по вителот на втората светска војна, во време кога човечкиот живот и човечкото достоинство излегоа од големи трауми.

Идејата за Црвениот крст како организација е родена во крвавите полиња на Солферино, но нејзините корени се многу подлабоки. Црвениот крст е израз на нашата верба во човечноста и во хуманоста, која е стар и универзален принцип на цивилизацијата.

Современата Македонска држава и Црвениот крст се современици. Како што се градеше и развиваше македонската држава, така се менуваа и задачите и приоритетите и на македонскиот Црвен крст. Како што повоената обнова на државата отстапуваше простор на економскиот развој, така и Црвениот крст својата задача ја наоѓаше во помош на граѓаните кои беа во неволја и имаа потреба од подадена рака. Во помагањето на заедниците зафатени од природни катастрофи, каде честопати првата помош доаѓа токму под амблемот на црвениот крст.
Основачот на меѓународната организација на Црвениот крст, Анри Динан, е носител на првата Нобелова награда за мир.

Црвениот крст освои уште три Нобелови награди за мир и се гордее на голем број други престижни признанија. Но, најважната награда што ја добива оваа организација е секојдневната благодарност на илјадници луѓе кои ја добиваат потребната помош преку Црвениот крст и Црвената полу-месечина.

Ниту една институција, ниту една државна комисија, не може да ја замени потребата од индивидуалното чувство за одговорност и поттик за акција. Не постои замена за доброволниот и слободен ангажман на граѓанинот, на поединецот. Притоа, се разбира дека еден човек сам по себе не може многу да помогне.

Но, кога еден систем како што е Црвениот крст ќе ги собере нашите индивидуални напори и ќе ги насочи таму каде што е најпотребно, тогаш нема граница на тоа што можеме да постигнеме. Мораме да се присетиме на традицијата самите да подадеме рака на помош и поддршка, кога е најпотребно.

Затоа, многу е важно духот на солидарноста да го негуваме секогаш. Не мора да чекаме да се случи некоја трагедија за да бидеме поттикнати на солидарност. Напротив, нашите секојдневни мали и постојани примери на хуманост и помош можат да се соберат во голем и силен бран. Не мора да зборуваме за големи теми за да бидеме поттикнати на акција.

Се гордееме со бројот на луѓето што помогнале во неговата благородна мисија. Тоа е обврска и за нас, денес да помагаме таму каде што е најпотребно. И затоа дозволете ми во име на сите граѓани на Република Македонија да го честитам јубилејот на Црвениот крст. Заедно да ја прославиме 65 годишнината, и уште долго заедно да го одбележуваме овој ден.

Ви благодарам.

Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на 46-ата Безбедносна Конференција во Минхен
Сабота, 06 Февруари 2010

Екселенции,
Дами и господа,

            Дозволете ми да упатам честитки до организаторот амбасадорот Волфганг Ишингер и сите негови претходинци, што создадоа ваков авторитетен форум на кој може да дебатираме за круцијалната тема и потреба на човештвото, безбедноста.

Доаѓам од регион кој до неодамна продуцираше нестабилност и загриженост. Затоа, денес ќе се обидам да направам една евалуација на состојбите. Особено ќе се задржам на улогата на мојата земја Република Македонија во регионален, но и поширок контекст поврзан со темата.

            Дами и господа,

            Безбедноста на нашиот континент е незамислива без стабилна Југоисточна Европа. Треба отворено да разговараме и да кажеме дека само една изјава, еден непромислен акт, во нашиот регион може да создаде турбуленција, а проблеми и отворени прашања има. Сложеноста на состојбите во Босна и Херцеговина, неединството во рамките на меѓународната заедница, во ЕУ и НАТО, состојбите во Косово, носат ризици, кои не смеат да се потценат. Рецептот е многу едноставен, брз прием на целиот регион во евроатлантските структури, политички одлуки со визија, со долготрајна корист.  Искуствата од минатото укажуваат дека нашиот регион опстанувал во мир само кога бил на отворен простор. Сега имаме нови околности. Во нашиот регион, за прв пат во историјата, на преминот од 20тиот во 21виот век, насекаде добивме демократски избрани власти. И повторно имаме потреба од отворен простор. На нашиот регион денес му е потребно она што јас би го нарекол Pax Europana. Затоа што самата европска идеја е мировен проект. Сега е повторно моментот, преку Балканот, европската идеја да продуцира мир. Нешто што генерации државници и визионери во Европа и во НАТО, веќе го имаат правено. Само ако сите земји се движат напред, можеме да сметаме на одржлива, трајна стабилност и безбедност. Подолга статус кво состојба во регионот, носи ризици, политички, но и безбедносни. Сите се свесни колку е тешко да се санираат последиците од безбедносните кризи.

Зоната на стабилност и безбедност е поголема со секое ново проширување на НАТО и ЕУ. Така се придонесува кон заедничката цел. Земјите од нашиот регион уште поодлучно пристапуваат кон исполнување на критериумите и стандардите, со секој чекор поблиску кон интеграцијата. 

Република Македонија во такви околности, со својот пример придонесуваше кон мирот, продуцираше стабилност и безбедност. Сепак, серијата на конфликти од крајот на 20от век, ја зафати мојата земја во 2001та. Исходот на тој конфликт, создаде модел кој може да послужи во решавањето на сличните проблеми во другите делови од светот. Инкорпорирањето на политичкиот договор познат како Охридски договор, во Уставот, со кој се спречи поголема криза, но уште повеќе неговото спроведување, е еден посебен пример на добро справување со безбедносен предизвик.

Животот во една мултиетничка, мултиконфесионална, мултијазична средина, со текот на времето создаде еден специфичен модел на соживот. При преминот кон демократија, сета оваа комплексност, се одрази на институционалната поставеност во Република Македонија. Впрочем, се посветува огромно внимание, време и енергија, и за градење на супстанцијалната демократија. Моделот на интеграција без асимилација, инклузивниот модел на мултиетничка демократија, кој денес претставува вистински предизвик за многу држави, во Република Македонија е реалност. Тоа не е завршен процес. Ние секојдневно го надградуваме и го усовршуваме овој свој модел. Со ова Република Македонија, во еден невралгичен регион, создава стабилност и безбедност.  Тоа е најголемата сила на Република Македонија. Ова е позитивен пример кој можат да го користат и други општества. Инклузивниот модел на нашата демократија е нашиот придонес кон европската и регионалната безбедност.

Сосема кратко ќе се задржам и на функционалноста на нашиот модел. Република Македонија, во сложени околности, успеа да ги исполни реформите и да ги достигне стандардите. Успеа да постигне компатибилност со НАТО стандардите, успеа да се подготви за почеток на пристапните преговори со ЕУ, и веќе втора деценија во континуитет оддржува макроекономска стабилност според стандардите на ЕУ. Впрочем, ова не е само субјективна оценка, ова е потврдено на Самитот на НАТО во Букурешт, ова е потврдено со минатогодишниот извештај на Европската Комисија, кога препорача преговори за членство.

Република Македонија таквата своја реалност ја отсликува и во составот на нашите мировни мисии. Иако се уште не сме членка Алијансата, ние активно учествуваме во речиси сите мировни мисии. Битно ни е нашата стабилност, нашиот модел, да не бидат загрозени од заканите кои доаѓаат и се продуцираат од кризни региони. Ние ги ставаме на располагање нашите мировници, за одбрана на вредностите на слободата и демократијата, но и безбедноста, на Европа, и пошироко. Денешните глобални закани бараат глобален одговор. Затоа онаму каде што се бранат овие вредности мојата земја, по повеќе критериуми е меѓу првите нации по придонесот со мировни сили во Авганистан. Со своите 19 години независност и 7 години придонес кон светскиот мир, Република Македонија низ досегашните ротации во меѓународните мисии придонесуваше со вкупно 1844 македонски мировници (што е една четвртина од нашата Армија). Со тоа водиме грижа за нашата безбедност, и даваме придонес кон глобалната безбедност.

Дами и господа,

Внатрешната стабилност и безбедност, како што веќе кажав, сепак се во силна корелација со безбедноста на Јигоисточна Европа. Она што Република Македонија го прави на внатрешен план, создава позитивен амбиент и во регионот. Токму затоа, негувањето и градењето на добрите односи со соседите претставува најзначајна одредница на македонската надворешна политика.

Република Македонија од осамостојувањето до денес, историскиот контекст на непомирливоста, на разликите помеѓу балканските народи, го замени со политики на градење добрососедски односи, кои почиваат на заеднички интереси и регионален развој. Во таа насока, Република Македонија презема низа активности и иницијативи. Воспоставувањето на дипломатски односи со Косово претставува уште еден чекор во градењето на блиски, коректни и функционални односи меѓу соседи. Република Македонија во овој случај кој се уште создава непријатност во регионалните односи, постапи следејќи ги своите интереси и интересите на доминантното мнозинство во ЕУ и НАТО, организации каде ја гледаме нашата иднина. Со демаркацијата на северната границата со Косово, решивме едно крупно, безбедносно прашање. И преку овој пример покажавме дека успешно решаваме вакви предизвици. Колку е суштествено тоа покажува и фактот што ваквите прашања се уште ги оптоваруваат односите меѓу државите, не само во нашиот регион.

Почитувани,

Градењето на добрососедски односи бара заемно залагање и ангажирање на засегнатите страни.

Да се задржам на наметнатиот спор за нашето уставно име од страна на нашиот јужен сосед. Уште од првите денови на независноста, со наметнувањето на овој спор и последователните дејствија, како некому да му сметаше новата реалност, независна Република Македонија. Тој спор и однесувањето на нашиот сосед имаа свои импликации во процесот на меѓународното признавање и етаблирањето на нашата држава. Истиот беше проследен со негации, омаловажување, блокади и ембарга и резултираше со преседан при приемот во ОН. Спорот со името целосно неоправдано, дури и апсурдно, нашиот сосед го претставуваше  како безбедносен проблем. Тие, и тогаш, и денес, ја доведуваа во заблуда меѓународната јавност. А наводните аргументи на нашиот сосед во тој контекст беа дека имаме територијални претензии. Иако беа неосновани тие тврдења, Република Македонија, го промени Уставот за и формално да докаже дека нема територијални претензии, дури и го смени своето државно знаме.  Со ова Република Македонија направи конкретни чекори, кои не сум сигурен дека некој друг во меѓународната заедница би ги направил.

Република Македонија, тогаш, свесна за сериозноста на вкупните домашни и регионални околности, но свесна и за своите меѓународни обврски, прифати да разговара за надминување на „разликата околу името“. Двете земји потпишаа времена спогодба во 1995та година, по што следеше нормализација на односите.

За жал, и покрај покажаната конструктивност и иницијативност на Република Македонија за наоѓање на решение за овој проблем, на Самитот во Букурешт 2008та, целосно спротивно на обврските од Времената спогодба, Република Грција го спречи приемот во НАТО на нашата земја.

Ако аргументот на Грција беше дека Македонија претставува безбедносно прашање, со тоа што се вика Република Македонија, тогаш зашто Грција го спречи нашиот влез во НАТО? Зошто Грција се осмели да прекрши меѓународен договор, Времената спогодба од 1995та и не дозволи Република Македонија да влезе во НАТО со привремената референца која се користи во ОН? Тоа ќе беше најголемата гаранција на Грција дека Македонија не е безбедносна закана кон ниту еден сосед.

Почитувани,

Оваа година одбележуваме десет годишнина од Спогодбата за стабилизација и асоцијација наменета за државите од Југоисточна Европа, со цел да го трасира патот за интеграција во ЕУ. Мојата земја беше првата која ја потпиша оваа Спогодба. Десет години потоа, време е да се запрашаме до каде стигнавме со исполнувањето на обврските по основ на оваа Спогодба, од двете страни: од државите за кои беше наменета, но и од ЕУ коja ja даде таквата перспектива. Фактот дека Република Македонија беше првата земја која ја потпиша Спогодбата, која доби кандидатски статус во 2005та година, и конечно минатата година доби препорака од ЕК за почеток на пристапните преговори, доволно зборува за нашата страна од равенката. Сите одложувања на интегративниот процес, во најголем дел и директно, беа за жал поврзани со политиката на блокада од нашиот јужен сосед, кој наместо тоа, по сите основи на логиката, можеше да биде главниот афирматор за македонското членство во Унијата.

Минатиов декември, и покрај позитивната препорака од ЕК со што се потврди подготвеноста и се призна прогресот на мојата земја, Грција го спречи одредувањето на датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Значи, втора блокада во краток временски период. Тоа ли е придонес кон европската безбедност и просперитет? Сепак очекуваме конкретни чекори од грчата страна, кои ќе ја потврдат нивната посветеноста на агендата 2014.

Дами и господа,

Мораме да констатираме дека за жал, условот кој ни е наметнат за да продолжиме по патот на нашата евроатлантска интеграција, не вклучува само одрекување од името на нашата држава, туку и одрекување од индивидуалните човекови права на моите сограѓани, правото на човеково достоинство и правото на самоидентификација. Според Универзалната декларација за човековите права, „сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права.“ Ниедна земја не смее да дозволи да се кршат правата на нејзините граѓани, од ниедна страна, ниту од внатре, ниту од надвор.  Станува збор за прашања на кои почива не само меѓународното јавно право, туку и меѓународното право за правата на човекот. Тоа е наjвисоката цел на човештвото, тоа е најсилната гаранција за да продолжиме по патот на прогресот и безбедноста.

Република Македонија согледувајќи го сето ова, прави се, активна е и дава иницијативи да се дојде до решение. Но, не прифаќаме да се рушат индивидуалните човекови права со присила и уцена. Не прифаќаме да се рушат востановените принципи на меѓународното право, не само заради нас, туку и за опасниот домино ефект кој може да го предизвика еден непринципиелен преседан.

Во една прилика мојот колега грчкиот претседател Папуљас, истакна дека решението треба да се бара во рамките на меѓународното право. Апсолутно се согласувам со него. Ние сакаме решение кое ќе се заснова врз меѓународното право и принципи, решение во рамките на Резолуциите на Светската организација, решение во кое нема да има победници и поразени.

Дами и господа,

Обединета Европа е најголемиот проект на стариот континент, би додал, проект со цивилизациски размери. Тоа е проект кој продуцира мир, стабилност и просперитет. Проект кој се темели врз вредностите и придобивките на демократијата и слободата. ЕУ со Лисабонскиот договор постигна консензус за стратешките приоритети, за новата внатрешна поставеност, за нејзината уште посилна улога на меѓународната сцена. Но, уште позначајно за нас, создаде основа за дозаокружување на процесот на проширувањето.

Нам денес ни треба визија за Балканот, нам ни треба визија за нашата европска и глобална безбедност, за нејзината иднина. Ќе завршам, не можеме да зборуваме за иднината на европската и глобалната безбедност, не можеме да правиме стратегии и политики, без стабилен и безбеден дел од европскиот југоисток.

Нашиот простор со векови бил извор на конфликти и несогласувања на регионалните и глобалните сили. Така се создаде и митот за т.н. Македонско прашање. Во 1991та година конечно стигна одговорот на тоа прашање - Република Македонија, независна европска држава, мирољубива и отворена кон сите соседи, без исклучок!

Обраќање на Претседателот Иванов на прием за дипломатскиот кор
Понеделник, 18 Јануари 2010

Почитувани. На почетокот, на вам присутните, на вашите семејства, сакам да ви посакам многу здравје, среќа и натамошни лични и професионални успеси, во новата 2010 година.

Оставивме многу тешка година, година со предизвици од глобален карактер и сложени импликации. Но пред нас е година на надежи и очекувања, година во која одново, одговорите на глобалните проблеми ќе мораме да ги бараме со зајакнување на мултилатерализмот и дијалогот, а одговорите на внатрешните предизвци да ги пронаоѓаме, со сплотеност и единство.
2009 година остави белези кои сите ние ќе сакаме што побрзо да ги заборавиме. Сакаме да ги заборавиме, но од нив мораме да извлечеме и поуки. Стравот и неизвесноста од размерите на глобалната финансиска и економска криза, се покажаа како оправдани. Последиците од оваа голема криза, ќе не оптеретуваат и во оваа година, но добро е што првите знаци на закрепнување веќе се евидентираат, и тоа глобално. Иако последиците од овој проблем се далекусежни, истите, никако не смеат да не дефокусираат во перцепцијата и да не пасивизираат во акцијата насочена кон идентификуваните приоритети. Ќе споменам само дел од нив: зачувувањето на планетата, природата и соочувањето со климатските промени, ширењето на демократијата и одржувањето на мирот и безбедноста, борбата со тероризмот и организираниот криминал, имплементацијата на Милениумските развојни цели, почитувањето на човековите слободи и права, на меѓународното право и принципи, заканите од новите форми на болести и вируси. Сите овие работи се меѓузависни, нераскинлво поврзани, не погодуваат сите нас, повеќе или помалку. Но, едноставо за нашата генерации, тие се императив.

Екселенции,

За мене, и за моите сограѓани, 2009 година ќе остане запаметена и по повеќе големи и важни успеси. Дозволете ми да се навратам кон светлите моменти во 2009 година, кои се вредни за паметење, за почитување, а дел од нив, ќе влезат и во нашата историја.
Изминатата година Македонија ќе ја паметиме по спроведените избори, кои на дело ја покажаа зрелоста на македонската демократија, го демонстрираа нивото, капацитетите и способноста на институциите, на сите учесници во изборниот процес.
Додека Европа ја славеше годишнината од уривањето на Берлинскиот ѕид, Македонија успеа да сруши еден друг ѕид, Шенгенскиот, кој предолго кај нашите граѓани го оневозможуваше реалното чувство на припадност кон големото европско семејство. Станува збор за мошне битен чекор поблиску до ЕУ, но и за важен настан во нашата понова историја.
Посветеноста и целокупниот општествен ангажман насочен кон ЕУ агендата, доби своја валоризација со препораката на Европската Комисија за отпочнување на преговорите со ЕУ. Република Македонија со исполнувањето на поставените задачи, многу јасно покажа дека чекори на вистинскиот пат, дека е на висината на обврските, дека има капацитети, волја и способности да ги споделува заедничките вредности и стандарди. Обединета Европа е најголемиот проект на стариот континент, би додал проект со цивилизациски размери. Тоа е проект кој продуцира мир, стабилност и просперитет, проект кој се темели на вредностите и придобивките на демократијата и слободата. ЕУ со Лисабонскиот договор постигна консензус за стратешките приоритети, за новата внатрешна поставеност, за нејзината уште посилна улога на меѓународната сцена, но уште позначајно за нас, создаде основа за дозаокружување на процесот на проширување.
Во тој контекст, главната цел на мојата земја во 2009та, не е исполнета, работата не ни е завршена. Причините ви се добро познати. Реалноста е таква каква што е. Жално е што поради ирационална причина, поради наметнат спор, на генерации и генерации македонски граѓани им е отежнат патот до прогресот и благосостојбата. Но, наша обврска е таквата реалност да ја промениме. Македонија, и во 2010 ќе го продолжи започнатиот пат. Македонија знае каде оди и каде припаѓа, и нема да се откаже од својата цел. Македонија ќе направи се што е во нејзина моќ, да ја покаже пред светот својата големина и вредност, да покаже дека заслужува да биде респектирана. Македонија и нејзините граѓани се тие кои ги чувствуваат последиците од опстојувањето надвор од евро-атлантските структури, и нема ништо понормално од тоа, ние да бидеме најзаинтересирани за надминување на ваквата пречка. Но, на сите мора да им биде јасно дека нема да дозволиме да ни биде погазено достоинството. Идентитетските одредници, се прашања за кои едноставно не сакаме, или уште по прецизно, немаме право да разговараме. Се надевам дека и нашиот сосед е свесен дека за идентитетски прашања никој на овој свет не разговара. Идентитетот е чувство со кое се раѓа човекот, и таквото индивидуално чувство на граѓаните, едноставно е невозможно да се одземе на маса, со акт, со парче хартија. Се надевам и верувам, дека доколку нашиот сосед реално а не декларативно покаже подготвеност за решение, доколку покаже добра волја, разбирање и почитување на она што е елементарно, на она на што почива денешниот поредок, на правото на самоидентификација, самоопределување, доколку ги почитува Резолуциите на Светската органзиација и меѓународното право и принципи, до компромис може да се дојде. Ние сме подготвени.

Екселенции,

Вие сте непосредни сведоци на прогресот и успесите на Република Македонија. Вие сте сведоци на континуираните суштински реформи во сите општествени сфери. Република Македонија постојано го унапредува своето општество кое почива врз владеењето на правото, врз почитувањето на човековите права, врз уникатниот модел на мултиетнички соживот.
Македонија во континуитет ја демонстрира својата компатибилност со НАТО стандардите и се однесува како де факто член на Алијансата. Ова на сите им е јасно, никој и на ниеден начин тоа не може да го оспори, за ова не треба да се трошат многу зборови. Македонија, свесна за своите меѓународни обврски и одговорност, ќе продожи да ја дава својата безрезервна подршка во мировните месии во Авганистан.
Мојата земја е активен и силен поддржувач на регионалната соработка и останува цврсто посветена на добрососедските односи, на дијалогот како клучна алатка за надминување на сите отворени прашања во регионот.
Македонија во 2010 година, уште еднаш ќе може да покаже што умее и да даде свој придонес на меѓународната сцена со превземањето на претседателството со Комитетот на министри на Советот на Европа.
Ќе продолжиме да работиме на продлабочување на меѓудржавни односи и на соработката со вашите земји. Изминатата година бев посветен токму на градењето на политика на отвореност и добрососедство. Тоа со уште поголем ентузијазам, ќе го правам и оваа година.
Во оваа прилика би сакал да ви се заблагодарам за севкупната поддршка што Вие и земјите кои ги претставувате, досега и ја дававте на Република Македонија. Очекувам и 2010 да биде година во која тесно ќе соработуваме. Со нашата посветеност и вашата поддршка, резултатите ќе дојдат.

Драги гости,

На самиот крај. Судбината на политичарите, на државните раководства, е да бидат оптимисти по дефиниција. Јас сум оптимист. Свесен сум дека реалноста понекогаш е сурова, може да не разочара, но истата, не смее да не обесхрабри. Прогресот и успесите нема да дојдат сами по себе. Нашата посветеност и нашите напори за реализација на стратешките цели, за подобрување на стандардот на нашите граѓани, за натамошно подобрување на вкупниот општествен амбиент, продолжуваат со зголемена динамика.
Ви благодарам на вниманието.

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 Следно > Крај
Страница 54 од 55