Говори и обраќања
marmara1
Обраќање на претседателот Иванов на 19. Евроазиски економски самит
Четврток, 07 Април 2016

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Темата на оваа сесија е „Стремеж кон студена војна". Морам да ви признам дека насловот ме изненади. Дали можеме да зборуваме за Студена војна во време кога насекаде околу нас има отворени, жешки конфликти?

Ќе ве потсетам дека во текот на Студената војна имаше поредок и стабилност што се одржуваше со баланс на стравот меѓу двете идеолошки спротивставени страни.

Во 1989 година, заедно со Берлинскиот ѕид паднаа и старите режими во Централна и Источна Европа. Со крајот на Студената војна се роди надежта за помирен, побезбеден и подобар живот. Со победата на либералната демократија се јави теоријата на Фукујама за крајот на историјата на идеите.

Но, по еуфоријата следеше соочување со реалноста. Триумфализмот траеше кратко и спласна по само една деценија. Историјата се врати со сета своја жестокост.

Точно е дека денес имаме заладување во односите меѓу некои од клучните глобални актери. И точно е дека дел од реториката нè потсетува на Студената војна. Но, не станува збор за ист феномен бидејќи постојат суштински разлики.

Почитувани присутни,

За време на блоковската поделба имаше два клучни глобални државни актери. Денес, во нашиот мултиполарен свет има многу повеќе глобални актери, како државни, така и недржавни.

Ако за време на Студената војна, балансот на стравот придонесувал кон каква-таква стабилност, денес, застрашувањето од страна на недржавните актери како што се транснационалниот тероризам, насилниот екстремизам, организираниот криминал, внесува сè поголема нестабилност.

Наместо меѓународен поредок денес имаме глобален непоредок. Наместо мир, безбедност, развој, просперитет и правда за сите што се очекуваше по крајот на Студената војна, се врати стравот од другиот, ксенофобијата, се разгореа кризните жаришта на Блискиот Исток, Северна Африка, но и во Европа.

Сведоци сме дека хаосот не може да се контролира и канализира. Пример за тоа е конфликтот во Сирија што започна како идеолошка граѓанска војна, прерасна во внатрешен етно-религиозен судир, а на крајот стана поширок регионален судир каде и глобалните актери вмешаа прсти. На прв поглед, состојбата наликува на она што Хобс го нарече војна на секој против секого.

Наместо смирување, можно е дури и проширување на зоните на конфликти и создавање глобален појас на нестабилност, што може да предизвика континуирани миграциски бранови. Токму тие сиви зони на конфликт се плодно поле за злото на транснационалниот тероризам кој сее страв и мрежите на организиран криминал кои заработуваат милијарди долари од трговијата со човечки судбини.

Затоа, ако зборуваме за нова Студена војна, ние само робуваме на претстави создавани за некои други, одамна поминати времиња. На повидок е нешто многу поголемо. Сведоци сме на процесот на темелна трансформација на меѓународниот во светски поредок, во кој сè поактивни ќе се недржавните актери. Покрај судирот меѓу државите или сојузите на држави, има и друг судир.

marmara2Ценети присутни,

Ако пред четврт век можевме да зборуваме за Студената војна како судир меѓу идеологиите, денес можеме да зборуваме за судир на две парадигми или два света.

Моќта во 20 век беше концентрирана во проактивните центри на глобалниот север. Во 21 век глобалниот југ се разбуди. Развиениот свет ја плаќа цената на исклучивоста. Некои заедници и народи од третиот, неразвиен свет, кои во минатото биле исклучувани и маргинализирани, денес се на врвот на агендите на развиените држави.

Се раѓа нова сила – глобално граѓанство – глобален демос. Оваа нова сила бара да ѝ се посвети внимание и да ѝ се почитуваат можностите кои ги поседува во свет кој сè уште ги чувствува раните од сите можни доминации од минатите векови, од империјалните, преку колонијалните, па сè до нео-колонијалните.

Наспроти концептот за Lebensraum како свет на поредокот, стои она што Хабермас го нарекува Lebenswelt како свет на животот.

Ќе ви дадам една илустрација.

Пред само три недели, на 14 март се случи сериозен инцидент на нашата јужна граница, близу Идомени, кога околу 2445 мигранти илегално влегоа на македонска територија. Меѓу нив имаше и 74 новинари, активисти, членови на невладини организации и волонтери од 5 континенти. Тие не само што им помагале на мигрантите да ја преминат границата, туку и целиот настан како реалити шоу директно го пренесувале на светските медиуми и социјалните мрежи.

Кај Идомени се судрија светот на државите и светот на недржавните актери. Државите ги создаваат и ги бранат границите, а светот бара да се отворат границите. Затоа, како што рече Хобсбаум, ова е време на екстреми.

Тоа е илустрација за масовен глобален активизам. Недржавните актери со помош на социјалните мрежи и на медиумите се обидуваат да вршат притисок и да влијаат на политиката на државите. Некогаш, со нивните активности, создаваат поголема видливост за потребите на луѓето и им даваат глас на безгласните.

Која е идејата што ги обединува? Ги обединува идејата за свет во кој границите во реалниот свет ќе исчезнат како што исчезнаа границите во виртуелниот свет.

Зошто го зборувам сево ова? Секоја епоха има свои потреби. Во средниот век тоа беше феудалниот систем со закрепостените селани. Кога развојот на општеството ги надмина границите на феудалните заедници, во Вестфалија се создаде концептот на нацијата држава која требаше да одговори на новите потреби.

Ние живееме во време кога и формата на нацијата држава е претесна за да ги реализира глобализираните потреби на општеството, како позитивните, така и негативните. Нефункционалноста на сегашните меѓународни организации создава потреба од функционални глобални институции и механизми кои ќе создаваат применливи глобални норми. Неуспехот да се изградат такви функционални институции може да нè врати во нов феудализам.

Во таа смисла, ова е можност да ги осознаеме контурите на светот што се раѓа. Како што во антиката полисот се трансформирал во космополис, така, денес, поредокот на државата се трансформира во поредок на светот.

Ви благодарам.

marmara3

prm_istambul_samit_01
Обраќање на свеченото отворање на 19. Евроазиски економски самит - Истанбул
Среда, 06 Април 2016

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Како претседател на Република Македонија веќе шест години доаѓам на овој значаен настан организиран од Фондацијата „Мармара" и никогаш не сум разочаран од релевантните теми кои се дискутираат. Така е и на овој, 19-ти Евроазиски економски самит. Им честитам на господинот Сувер и на неговиот тим што се секогаш во тек со глобалните теми.

Живееме во епоха на економска, техничка и културна меѓузависност што не е слична со ниту една претходна епоха. Секојдневно се достигнуваат нови достигнувања во научниот и во техничко-технолошкиот развој. Но, во услови на криза, современиот свет изгледа како улица на која многу брзи автомобили се заглавени во сообраќаен метеж.

Сведоци сме на перманентни кризи и перманентни стресови, кога речиси сите се во исчекување да се случат огромни промени.

Противниците на глобализацијата, сфатена како вестернизација, ги користат нејзините придобивки за да се борат против неа.

Имаме нова преселба на народите. Милиони мигранти и бегалци се лишени од правото за припадност, место на кое ќе се чувствуваат безбедни. Европа стана најпосакувана дестинација за милиони од глобалниот југ.

prm_istambul_samit_02Како што бројот на бегалци ќе се зголемува, така волјата и подготвеноста на Европската Унија да ги прифаќа и интегрира ќе се намалува. Истовремено, мигрантската криза придонесе кон дополнително затегнување на односите меѓу државите. Колку е послаба соработката меѓу државите, толку е посилна соработката меѓу криминалците. Некои забележаа дека трговијата со луѓе станува попрофитабилна од трговијата со наркотици.

Она што дополнително загрижува е што истите канали ги користат и поединците со затворени умови кои со насилни терористички акти сеат насилство. Неодамна, покрај Париз, Брисел, Анкара и Истанбул се најде на ударот на тероризмот и насилниот екстремизам, кои создадоа нова реалност во Европа.

Обидувајќи се да се справи со предизвиците што произлегуваат од економската, мигрантската и безбедносната криза, Европската Унија се соочува со центрифугални сили.

Во вакви турбулентни времиња, кога сè повеќе владеат стравот и неизвесноста, неопходен е глас на мудрост што ќе понуди решенија за овие горливи предизвици. Бегалците и мигрантите не се статистика, туку човечки битија, со неотуѓиви човечки права и со вродено човечко достоинство. Секој од нив е човек во потрага по среќа. За post festum да не ја согледаме моќта на немоќните, мора да бидеме хумани кон нив, и да им излеземе во пресрет.

Убеден сум, оваа сесија на Евроазискиот економски самит ќе придонесе кон наоѓањето на одржливи одговори и решенија.

Ви благодарам.
prm_istambul_samit_03

arhiv1
Обраќање на свеченоста по повод 65-годишниот јубилеј од основањето на Државниот архив на Република Македонија
Петок, 01 Април 2016

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Чест ми е да добијам признание од Државниот архив на Република Македонија, за кое сум навистина благодарен. А има и зошто. Државниот архив нè поврзува со нашето минато. А, нашето минато еднаш било и наша иднина.

Кога ќе ги отвориме старите записи ќе видиме дека низ сите нив провејуваат два големи наративи кои во голема мера ја дефинирале нашата сегашност.

Во срцевината на првиот наратив е стремежот на нашите предци да живеат слободен живот во слободна Македонија. Меѓу нив ќе најдеме просветители и преродбеници, даскали и борци, левичари и десничари, комунисти и конзервативци, либерали и традиционалисти, социјалисти и анархисти, но сите до еден – патриоти кои се бореле за слобода и правда.

Читајќи ги нивните сведоштва од временска дистанца, ние носиме суд за улогата што ја имале во клучните моменти на македонската борба за слобода, државност и независност.

Врз основа на архивските податоци, им се восхитуваме на храброста, ги славиме поради пожртвуваноста, се повикуваме на нивните мисли, се охрабруваме со нивните зборови. Зошто? Бидејќи со многу напор и со многу жртви тие успеале да се изборат за независна и суверена држава – Република Македонија која ни ја оставија во наследство.

Истовремено, проучувајќи ги архивските записи неминовно ќе го забележиме и вториот, паралелен наратив. Автори на тој наратив се оние кои пишувале и одлучувале за нас, но без нас. За нив, Македонија не била татковина што треба да се ослободи, туку територија што треба да се завладее. Не била поле за културен натпревар меѓу народите, туку балканско јаболко на раздорот. Преку пропагандите, наместо слога, ширеле раздор, наместо меѓусебно почитување – омраза.

Тие нè бришеле и преименувале, нè блокирале и отуѓувале – се со една цел – да ја наметнат нивната претстава во кој нема место за нас. Но, се вели дека големата вистина може само да се заборави, но не и да се фалсификува. А, секогаш останувал по некој документ како сведоштво за нас. Вистината која е документирана и архивирана е несоборлива. И таа вистина се чува во Државниот aрхив.

Драги сограѓани,

Овој значаен 65-годишен јубилеј на Државниот aрхив се случува во годината кога би требало да славиме и четврт век од независноста на Република Македонија. Велам би требало, бидејќи, за жал, политичката криза ни ја одзеде радоста од сеќавањето на моментот на независноста.

Уште пред 15 години Петре М. Андреевски напиша дека, кога некој се обидува да ни го замаглува паметењето, да ни го брише минатото за да ни ја одземе и иднината, тогаш вината никогаш не треба да ја бараме подалеку од нас самите. Бидејќи и сами сме го дозволиле тоа.

Корените на актуелната длабока политичка криза ќе ги најдеме не само во блокадата на евроатлантските интеграции. Коренот е и во туѓите пропаганди од минатото чијшто горчлив плод биле кавгите, поделбите и раздорот, кои од еден народ, за жал, создадоа спротивставени табори.

И ден-денес како да им робуваме на претстави и догми за Македонија создавани во туѓи центри и за туѓи интереси. Како да не ја научивме лекцијата од минатото, дека сè што сме оствариле, и слободата, и државноста и независноста, сме го оствариле тогаш кога сме биле сплотени. Но, исто така, дека сè што сме изгубиле, секоја перспектива, можност и шанса, сме ја изгубиле тогаш кога сме биле разединети.

Наместо во овие 25 години да се ослободиме од тие погубни поделби, ние уште повеќе ги негуваме и го продлабочуваме јазот меѓу нас. Како? Со неодговорно однесување.

Неодговорното однесување на политичките противници ѝ нанесува штета на државата. Кризата како да стана наше секојдневие. Се дозволи странците да се грижат за нас, повеќе од самите нас. Се дозволи други да ни го моделираат политичкиот и правниот систем. Се дозволи личниот и партискиот да бидат над државниот интерес.

Истовремено, сведоци сме на замаглување на просторот меѓу информацијата и манипулацијата, бидејќи сега и со информацијата се манипулира. Тоа раѓа сомнеж кој е речиси сеприсутен. Некој луцидно рекол дека ниту минатото веќе не е она што беше. Сега речиси сè се доведува во прашање, вклучително и довербата во државата. А цената на губењето на таа доверба е превисока.

Дами и господа,

Во овој напнат амбиент како да забораваме дека го имаме она што многу народи сè уште го немаат – сопствена држава. Многу народи го посакуваат она што ние го имаме, но не го почитуваме и го земаме здраво за готово. Тешко е да се стекне, но уште потешко е да се сочува државата. Милионите мигранти упатени кон Европа се јасно потсетување за оваа вистина.

Затоа, неопходно е да изградиме доверба во нашата држава. Да градиме чувство за државен интерес. Македонија да ни биде пред сè.

Во изминативе 25 години, имавме сосема доволно време да расчистиме со старите догми и претстави за Македонија, кои се создавани за нечии други и туѓи интереси. Имавме доволно време да свртиме нова страница и да ги напуштиме погубните поделби.

Имаме многу кратко време, до крајот на оваа година, да го поправиме впечатокот што идните генерации ќе го имаат за нашата генерација, читајќи ги записите што ќе ги оставиме зад нас, во aрхивите.

Затоа, пред секој збор што ќе го изговориме, пред секоја одлука што ќе ја донесеме, треба добро да размислиме и да се прашаме: Како сè уште неродените ќе гледаат на нашата генерација? Што нашите потомци ќе мислат за нашиот четврт век независност? Со каква содржина ја испишуваме нашата страница од современата македонска историја? И дали се водиме од желба за лична слава и политички рејтинг или од чувство на одговорност кон оваа и идните генерации?

Како што нашите предци во најмрачните периоди на нашата историја успеале да најдат сила и да се сплотат во борбата за слобода, државност и независност, така и ние, независно од нашата политичка, етничка или која било друга припадност, мора да најдеме решение за оваа криза. Само ние самите можеме да ја спасиме државата, бидејќи нема други кои ја сакаат Македонија повеќе од нејзините граѓани.

Бидејќи, колку и да сакаме да го апстрахираме минатото, тоа ќе ни се повторува, ако не ги надминеме поделбите и не расчистиме со перцепциите создавани за нас, но без нас.

Во овој потфат, Државниот aрхив и историчарите имаат должност, трагајќи по вистината, да ги извадат на виделина старите сведоштва, и да ни помогнат конечно да ги научиме лекциите од минатото за да престанат да ни се повторуваат во сегашноста и во иднината.

Ви благодарам.

arhiv2

PRM_SB
Изјава на претседателот Иванов по седницата на Советот за безбедност
Вторник, 15 Март 2016

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Со оглед на актуелната состојба со мигрантската криза и последните случувања на нашата јужна граница, денеска свикав седница на Советот за безбедност на Република Македонија во проширен состав.

Субјектите на системот за управување со кризи задолжени за превенција и справување со кризната состојба, ме информираа мене, членовите на Советот за безбедност и лидерите и претставниците на најголемите политички партии за заканата од илегална миграција која доаѓа од територија на Европската унија и Шенген-зоната, како и со можностите за развој на заканата и зголемување на ризиците.

Синоќа се случи инцидент на нашата јужна граница.

Неконтролиран број мигранти и странски државјани од територијата на Европската унија и Шенген-зоната се обидоа илегално да ја преминат државната граница, надвор од официјалниот граничен премин и да влезат во подрачјето во кое е прогласена кризна состојба.

Нашите безбедносни сили успешно реагираа. Ја поздравувам нивната навремена и одговорна реакција, без употреба на сила.

Со затворање на балканскиот коридор, очекувано беше да се зголемат обидите за насилно и илегално влегување во Македонија.

Но, она што јас лично не го очекував е преземањето на крајно некоректни активности со кои потенцијално се загрозува целокупната регионална безбедност.

Повторувам, Република Македонија ниту е членка на Европската унија, ниту на НАТО, ниту на Шенген-зоната и не може да ги трпи последиците на неединствената политика на Унијата.

Не смее властите во која било држава на оваа мигрантска рута да останат пасивни набљудувачи на ваквите инциденти.

Најдобриот сигнал што може во овој момент да се упати е да се прекине со практиката на носење дополнителен број мигранти кои би поставувале кампови на самата гранична линија.

Отсуството на комуникација и соработка меѓу политичарите и безбедносните служби на Република Македонија и Република Грција и неможноста да се воспостават заеднички оперативни тимови за брза интервенција доведе до оваа ситуација.

Ако час поскоро не почнеме да соработуваме како што прилега на две соседни земји, извесно е дека ваквите инциденти ќе се повторуваат и усложнуваат.

Република Македонија досега покажа дека е подготвена на сите сценарија, и нема да дозволи зголемување на безбедносните ризици од мигрантската криза.

Уште еднаш, потенцирам, дека Република Македонија ќе ги преземе сите мерки и активности за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедност. Македонските безбедносни институции и во иднина, како и досега, ќе продолжат одговорно и професионално да се справуваат со бегалската криза.

Република Македонија, како што и досега покажа кога на нејзината територија поминаа еден милион бегалци, ќе продолжи да дава хуман третман, согласно сите европски и меѓународни стандарди, доследно почитувајќи ги човековите права.
За актуелната состојба, деновиве ќе остварам телефонски разговори со претседателите и премиерите на земјите долж коридорот, кои учествуваат во носењето одлуки во Советот на Европската Унија за менаџирање на мигрантската криза, со претседателот на Европскиот совет, како и со холандскиот претседавач со Советот на ЕУ.

Република Македонија и во иднина ќе постапува во согласност со одлуките на Европскиот совет, ќе ги следи постапките на другите земји долж балканскиот коридор и нема да дозволиме илегален влез на мигранти во Република Македонија.

Членовите на Советот за безбедност и лидерите и претставниците на четирите политички партии беа информирани и за сите други безбедносни ризици и закани со кои се соочува Република Македонија.

Како претседател на Република Македонија сакам да истакнам задоволство од одговорниот и конструктивен пристап на сите присутни на оваа седница, како и за покажаната висока свест за безбедноста на граѓаните и државните интереси на Република Македонија.

Ви благодарам.
PRM_SB2

biznis-forum-kairo1
Обраќање на Mакедонско-египетскиот бизнис-форум во Каиро
Понеделник, 14 Март 2016

Ценети присутни,
Почитувани стопанственици,
Драги пријатели,

Ова е моја прва посета на Египет и можам слободно да ви кажам дека се наоѓам на вистинското место во вистинското време. Еве зошто.

Првата причина е што денес е 3-ти 14-ти - Меѓународниот ден на бројот π што за првпат бил пресметан токму тука, во Египет.

Втората причина е што во Египет се наоѓала и најзначајната македонска инвестиција на сите времиња – Александриската библиотека. Нашите народи со векови биле дел од истиот отворен простор на почитување на различноста.

Третата причина е што сме собрани за да ја градиме иднината на односите меѓу нашите две држави и економии. Но, ни претстои многу работа.

Минаа цели 17 години откако Македонија и Египет потпишаа два важни договора, кои сè уште не се ратификувани од египетска страна: Договорот за одбегнување на двојно оданочување и за заштита на фискална евазија по однос на данокот од доход и данокот на капитал, и Договорот за поттикнување и заемна заштита на инвестициите. Овие важни договори, за жал, останаа само на хартија бидејќи сè уште не се ратификувани од египетскиот парламент. Се надевам дека правната рамка наскоро ќе биде утврдена.

Ценети присутни,

Знам дека во Египет има само 8 македонски компании кои имаат инвестиции во висина од 700 000 американски долари. Додека зборувам, во една од технолошко-индустриските развојни зони во Македонија веќе се гради фабриката на египетската компанија „Беверли Хилс Холдинг" од Шурук.

Но, тоа е далеку од можностите што постојат. Трговската размена меѓу двете земји е на исклучително ниско ниво. Денес сум тука со вас за да ве охрабрам да го следите примерот и да инвестирате во Македонија, и тоа поради три причини.

Прво. Спроведовме сеопфатни реформи за подобрување на бизнис- климата. Воведовме поволен пакет на рамни даноци, кои се меѓу најниските во Европа. Со низа поволности им излегуваме во пресрет на инвеститорите во технолошко-индустриските развојни зони. Ги отстранивме повеќето правни и административни бариери за компаниите.

Второ. Постојано инвестираме во инфраструктурата. Се градат автопати и започна изградбата на железничката пруга кон Бугарија. За развој на магистрални и дистрибутивни гасоводни мрежи ќе се инвестираат околу 300 милиони евра.

Трето. Благодарение на договорите за слободна трговија со ЕУ, ЕФТА и ЦЕФТА, како и билатералните договори со Турција и Украина, инвеститорите преку Македонија имаат непречен пристап до пазар од 660 милиони потрошувачи.

Поради овие мерки, во последните седум Doing Business извештаи на Светска банка, Македонија се најде меѓу топ 10-те најдобри реформатори во светот. Кредитната агенција „Фич" го потврди стабилниот кредитен рејтинг на Македонија. Ова е резултат на подобрените перспективи за економски раст, умерениот буџетски дефицит и државен долг, стабилната валута и стабилниот банкарски сектор.

Имаме неисцрпни можности и во индустријата, и во туризмот. Македонија и Египет најтесно ги поврзува заедничкото минато. Затоа, можностите за историски, археолошки и културен туризам се речиси неисцрпни. Но, затоа е неопходно отворање на директна авионска линија Скопје – Каиро.

Затоа ве повикувам да ја посетите Македонија, да ги разгледате постојните капацитети, да се запознаете со позитивното искуство на веќе присутните компании и сами да се уверите дека Македонија нуди големи можности за ширење на вашиот бизнис.

Ви благодарам и се надевам дека ќе можам да ве пречекам во Македонија.

biznis-forum-kairo2

obse1
Обраќање на претседателот Иванов на безбедносната конференција на ОБСЕ во Рим
Петок, 04 Март 2016

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Причината поради која сум денес со вас, на оваа важна конференција е јасна.

Мигрантската и бегалска криза постојано се продлабочува и достигнува критично ниво. Состојбите веќе не се менуваат од ден во ден, туку од час во час. Илјадници бегаат од насилствата во Сирија и во Ирак. Сирискиот пасош станува сè повреден. Додека Авганистан дневно издава и по 7000 пасоши, Еритреја ги охрабрува своите државјани да мигрираат во Европа. Ако во минатото на бегалците и на мигрантите им требаа меѓу 6 и 8 месеци за од земјите на потекло да стигнат до земјите на дестинации, во изминатите неколку месеци можеа да го направат за само неколку дена.

Истовремено, обединета Европа денес има повеќе ѕидови отколку што поделена Европа имаше за време на Студената војна. Додека Грција се соочува со опасност од хуманитарна криза, на границите на Балканот се распоредени армиите кои се во состојба на готовност.

Секојдневно се соочуваме со обиди за нелегално влегување во Македонија, оштетување на државниот и на приватниот имот, употреба на фалсификувани пасоши и документи на Фронтекс и насилни акти против безбедносните сили на граничната линија од страна на мигрантите. Нивната намера е да се избегнат процесот на регистрација и безбедносните проверки на лицата кои заслужуваат право на азил. Парадоксот е што сето тоа се случува од територија на држава која е дел од Шенген-зоната. На некој начин, доведени сме во ситуација Македонија да ја брани Европа од Европската Унија.

Верувам дека има повеќе причини за продлабочување на кризата, но две се суштествени.

Првата причина е што дел од носителите на одлуки во Брисел во последните децении ги пропуштиле часовите по историја и географија.

Поради кратковидоста на своите политики, Европската Унија во последните две децении ја испушти можноста на своите граници да создаде простор на мир, соработка, просперитет и демократија. Како последица на тоа, денес, на Блискиот Исток и во Северна Африка имаме конфликти, анархија, назадување и милиони бегалци и мигранти кои во Европа го бараат нормалниот, мирен и просперитетен живот од кои се лишени во своите татковини.

Постојат три главни мигрантски коридори кон Европа: Западно-медитеранската рута преку Мароко доаѓа до Пиринејскиот Полуостров, централно-медитеранската преку Либија и Египет до Италија, а источно-медитеранската и балканска рута преку Турција и југозападниот Балкан доаѓа до Централна Европа.
Балканот бил и останал клучен европски коридор што ја поврзува Европа со Блискиот Исток и со Северна Африка. Како воен и трговски, но и културен и духовен коридор низ Балканот со векови чекореле римските легионери и османлиските војници, сите зли европски идеологии, но и христијанските и исламските аџии и трговците со свила и со мирудии...

Но, балканскиот коридор е функционален само кога е дел од отворен простор. Европските лидери во последниве децении навреме не ја согледаа оваа реалност и дозволија клучниот европски коридор денес да биде надвор од Европската Унија. Требаше да минат еден милион мигранти и бегалци за да ја потсетат Унијата дека од сите европски мигрантски коридори најбрз, најбезбеден и најевтин е токму балканскиот коридор.

obse2Втората причина за продлабочувањето на кризата е генерализацијата. Како што на почетокот на мигрантската криза се заплеткавме во хуманитарна генерализација, така, по терористичките напади во Париз постои сериозна опасност да се сопнеме на генерализација, но од безбедносен аспект. За да понудиме холистичко, односно се-европско решение, неопходно е да ги согледаме различните аспекти на мигрантската криза. Како што глобалната економска криза беше стрес-тест за економиите, берзите и банкарскиот сектор, така, мигрантската и бегалска криза е стрес-тест за сите вредности, принципи, институции, политики и процедури на Европската Унија и на европските држави.

Постојат многу аспекти на мигрантската и бегалска криза, но пет се најважни.

Прв е правниот и хуманитарен аспект на кризата. Една од целите на меѓународното хуманитарно право е да утврди кој сè има право на азил, на заштита и на хуман третман. Оваа правна дилема нè доведува до моралните прашања за тоа како треба да се однесуваме кон луѓето во неволја, кон бездомните, кон жените, децата, старите лица. За да го најдеме изворот на овие прашања треба да се вратиме на основниот принцип според кој секој човек има неотуѓива вредност и вродено достоинство бидејќи е создаден по образ Божји, како што би рекле верниците.

Кога на Блискиот Исток започна систематското уништување на цели заедници, светот и Европа немаа линија на помал, туку на најмал отпор кон непријателите на различноста. Бегајќи од хаосот на пропаднатите држави, голем дел од бегалците се упатија кон Европа.

Сепак, не смееме да гледаме еднодимензионално. Доволен е еден разговор со бегалец за да разберете многу повеќе отколку од анализите направени од најкомпетентните аналитичари во изминатите неколку месеци. Така, на пример, ќе дознаете дека до 2010 година, просечниот животен век на Сиријците бил 79.5 години. Во 2014 година, животниот век е намален на 55.7 години. 30% од бегалците од Сирија се високообразовани, а 40% имаат средно образование. Најголем дел од нив би се вратиле во родната земја ако за тоа постојат услови. Но, вратата што ја отворија бегалците од воените жаришта на Блискиот Исток започнаа да ја користат и економските мигранти од Африка и од Азија кои најчесто не сакаат да се вратат во земјите на потекло.

Вториот аспект на кризата е политичкиот. Кризата нè принуди повторно да се бавиме со вечните прашања за територијалноста и за суверенитетот на државата и за функционалноста на институциите во услови на криза. Сложените организации не се снаоѓаат најдобро во време кога е неопходно дневно справување со предизвиците. Можеби токму поради тоа, со секој изминат ден сè повеќе се доведува во прашање довербата во европскиот систем.

Оваа криза ја обелодени немоќта на администрацијата и на дипломатијата како примарни механизми на демократските држави. Имаме инфлација на зборови и на декларации, но дефлација на конкретни дела.

Се покажа дека кризата не може да се реши само со политички декларации и бирократски процедури, туку мора да се менаџира со помош и поддршка и од страна на безбедносните служби и армиски структури. Сепак, со години наназад, членките и кандидатите за членство во Унијата беа охрабрувани да ги намалуваат буџетите за одбрана во корист на колективните системи. Денес е повеќе од јасно дека токму националните системи за одбрана и безбедност го носат најголемиот товар.

Глобалните и регионални меѓународни организации, вклучително и Европската Унија и ОБСЕ, не изградија функционални механизми за носење одлуки во услови на криза.

Денес треба да бидеме искрени и да го поставиме прашањето: Каде е ОБСЕ во услови на безбедносна криза? Механизмите за рано предупредување на ОБСЕ затаија. Би сакал да ми наведете еден пример во државите долж Балканскиот коридор каде ОБСЕ има своја мисија која навремено информирала за заканата од илегалната миграција? Дали тоа значи дека Организацијата за безбедност и соработка на Европа треба да го избрише зборот безбедност од своето име? Дали и зборот соработка се губи во мноштвото еднострани одлуки на државите членки?

Истото важи и за Европската Унија, која одлично функционира во време на мир и просперитет, но не и во услови на криза. Додека ние зборуваме за Шенген, за отворени граници и единство во различноста, националните армии се распоредуваат на државните граници. Секоја земја членка си ги презема надлежностите кои Европската Унија не успеа да ги исполни. Се покажа дека цената за процесот на десуверенизација е премногу висока.

obse3Третиот аспект на кризата е економскиот. Концептот за геополитиката веќе губи на значење. На сцена е геопрофитот. 90% од мигрантите кои дојдоа во Европа минатата година користеле нелегални услуги на посредници за да дојдат до посакуваната цел. Според последните извештаи на Европол во 2015 година организираните криминални мрежи од трговијата со мигранти заработиле меѓу 3 и 6 милијарди евра. Се очекува профитот од трговијата со човечки души да се дуплира или триплира доколку протокот на мигранти и бегалци не се намали. Неодамна се сретнав со авганистанскиот претседател Гани, кој ме информираше дека шверцот со мигранти и шверцот со наркотици се одвиваат по истите рути, вклучително и по балканскиот коридор.

Споредена со криумчарите, кои многу лесно се прилагодуваат на променливите фактори и се премногу иновативни и креативни, Унијата речиси тапка во место. Ќе ви дадам само една илустрација. Европскиот центар за криумчарење на мигранти – EMSC, формиран од Европската комисија, започна со работа на 22 февруари 2016 година пред само 12 дена. Ќе повторам: Пред само 12 дена! Тоа недвосмислено зборува дека Европската Унија е затекната и неподготвена за соочување со овој сериозен предизвик.

Четвртиот аспект е социјалниот. Мигрантската и бегалска криза го става на проверка европскиот модел на интеграција и европското мото за единство во различноста. Физичките ѕидови што сега никнуваат низ Европа произлегуваат од менталните ѕидови – предрасудите, ксенофобијата и стравот од различноста. Сè почести се изјавите дека мултикултурализмот во Европа е мртов. Со напливот на бегалци и на мигранти расте и бројот на антимигрантските реакции и кампањи низ Европа.

Само минатата година во Турција се родиле околу 150.000 деца на бегалци. Тоа се деца за кои е неопходна здравствена заштита, кои сега се во градинки, и кои за некоја година ќе треба да одат во училиште. Колку такви деца се родени на територијата на Европската Унија?

Но, која е алтернативата? Дали наместо обединета во различноста, Европа сега ќе се обединува против различноста? Дали наместо интеграција без асимилација, Европа сега претпочита интеграција со асимилација? Ќе ве потсетам на мислата на средновековниот арапски филозоф Авероес, кој рекол дека „незнаењето води до страв, стравот води до омраза, а омразата до насилство". Денес, низ Европа има насилни инциденти зад кои стојат поединци и групи кои се плашат од различноста бидејќи не ја запознале.

Петтиот аспект е безбедносниот. Според Европол на територијата на Европската Унија денес има меѓу 3 000 и 5 000 радикали, екстремисти и терористи. Само на Балканот има околу 1000. Тие ги искористија недовербата и отсуството на соработка меѓу безбедносните служби во Европа и го злоупотребија мигрантскиот коридор за да дојдат до своите дестинации.

Бројот на мигранти и бегалци кои имаат контакт со радикални и терористички групи е мал. Сепак, постои ризик од инфицирање кај оние поединци кои биле разочарани од европската негостопримливост. Парадоксално, еден од главните преносители на радикализмот насочен против Европа е самата европска ксенофобија.

Има два начина како Европа може да се справи со овој предизвик.

Прво, безбедносните служби да почнат да разменуваат податоци за да се пронајдат радикализираните лица кои нелегално влегле и да се превенираат насилни терористички акти какви што се случија во Париз.

Второ, спроведување програми за дерадикализација и контрарадикализација.

Додека првиот сегмент е во надлежност на безбедносните служби, вториот сегмент е предизвик и можност за ОБСЕ. Успешното спроведување на програмите за дерадикализација и контрарадикализација е можеби единствен аргумент зошто ОБСЕ не треба да го избрише зборот „безбедност" од своето име. Но, времето е многу кратко.

Од 2014 година разговараме со ОБСЕ за активирање на овие програми за потребите на Македонија и на Балканот. Сега предизвикот е уште поголем бидејќи ОБСЕ ќе мора да го прави тоа за цела Европа.

Помина времето кога безбедноста на Европа можеше да се чува на надворешните граници на Европа, на Блискиот Исток и во Северна Африка. Сега, безбедноста на Европа се чува во самата Европа.

obse4Ценети присутни,

Европската Унија ги избриша внатрешните, без да ги утврди и обезбеди надворешните граници. Кои се последиците?

Европа се затвора во себеси, а тоа затворање раѓа несигурност и страв. Кога владее страв се носат емотивни одлуки кои стануваат дел од проблемот, а не од решението. Едностраните одлуки за затворање на коридорот се штетни и можат да создадат домино-ефект.

Кои се решенијата?

Се вели дека еден синџир е онолку цврст колку што е цврста најслабата алка. Во Европската Унија и Шенген-зоната таа алка е Грција. На континентот Европа, од безбедносен аспект, таа алка е Република Македонија. Колку што е цврста Грција, толку е цврста Европската Унија. Колку што е цврста Македонија, толку е цврста безбедноста на континентот Европа. Инвестирајќи во безбедноста на Македонија, европските држави инвестираат во сопствената безбедност.

Точно е дека во минатото имавме лоши искуства со Грција. Поради грчката блокада полноправното членство на Македонија во ОБСЕ беше одложено речиси четири години, од јануари 1992 до октомври 1995. А, да не зборувам за актуелната блокада во Европската Унија и во НАТО, и во речиси сите регионални иницијативи. Тоа јасно зборува дека сме жртва на неправда. Но, тоа не значи дека сакаме иднината да ја жртвуваме на олтарот на минатото. Ниту една криза не трае вечно. И мигрантската криза еден ден ќе помине, но, соседот останува засекогаш. Ние не сакаме да ги доведеме во прашање односите со нашиот јужен сосед со кого можеби имаме различни мината, но една заедничка иднина.

Со цел да се спречи хуманитарна криза во Грција, но и регионална нестабилност на Балканот, неопходно е што поскоро територијата на Грција да се испразни од мигранти и од бегалци, но не преку Балканската рута, туку со воздушни коридори.

Бараме и очекуваме решение од Европскиот совет во кое Грција ќе има удел, и немаме никаков интерес целиот товар да падне само на Грција, но нема да дозволиме да се реализираат еднострани решенија што ќе бидат на наша штета.

Република Македонија се залага за заеднички критериуми за справување со мигрантската криза за намалување на безбедносните ризици и поддржува измена на закони за заштита на државните граници. Подготвени сме за сите можни сценарија и ќе постапуваме онака како што постапуваат и другите држави долж бегалската рута, но и државите – крајни дестинации.

Ќе повторам: Европската Унија е онолку цврста колку што е цврста Грција. Европа е онолку цврста колку што е цврста Македонија. Затоа, треба да ѝ се помогне и на Грција и на Македонија.

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 9 од 54