Говори и обраќања
minhen_rotator
Македонија не може да биде семафор за регулирање бегалци – претседателот Иванов се обрати на панел-дискусијата „Кон натамошна евроатлантска интеграција на Југоисточна Европа“ во рамки на 52. Минхенска безбедносна конференција
Сабота, 13 Февруари 2016


msc1Македонија не може да биде семафор и да ја преземе одговорноста да пушта или да не пушта мигранти и бегалци, порача Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов во обраќањето на панел-дискусијата „Кон натамошна евроатлантска интеграција на Југоисточна Европа" во рамки на 52. Минхенска безбедносна конференција.

- На Македонија и е ускратено правото на просперитет и затоа на секои две години имаме политички кризи, секои десет години безбедносни кризи. Но, добро беше да дојдат бегалците, да видат дека Македонија е функционална држава и најдобро се справуваше од сите земји од коридорот со предзвиците што ги имавме со бегалците. Прва земја што прогласи кризна состојба и ја однесе армијата да ја чува границата, прва земја што има 99% регулиран проток на мигранти, земја која ги има сите податоци за сите безбедносни ризици што доаѓаат со бегалците, рече претседателот Иванов.

Доаѓањето на бегалците, како што посочи, требаше да и покажат на ЕУ дека најбрзиот, најефтиниот и најбезбедниот коридор кон Европа од Блискиот Исток и Азија води низ Македонија и Балканот.

Според македонскиот претседател, во справувањето со бегалската криза, Македонија презема улога за да и помогне на Европа како континент затоа што, додаде тој, овие предизвици ќе траат долго време.

- Никој не зборува дека во Египет има пет милиони бегалци. Треба да им се помогне и на Турција и на Грција. Солидарноста е неопходна и затоа ни се неопходни европски решенија за европски предизвици, а Македонија е дел од тоа, нагласи претседателот Иванов.

Во тој контекст, претседателот Иванов истакна дека е неопходен европски одговор за сите предизвици.

- Македонија е дел од Европа, а не е во ЕУ. Ова е момент на отрезнување и момент на соочување со вистината, рече претседателот Иванов.

msc2

___1
Обраќање на панел дискусијата „Дијалог помеѓу цивилизациите: Патот пред нас“
Сабота, 06 Февруари 2016

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Чест ми е да се обратам на оваа прва панел-дискусија организирана од фондацијата „Алијанса на цивилизациите". Како најнова македонска иницијатива, фондацијата е доказ за посветеноста на Македонија кон Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации и е наш влог кон важните активности на оваа глобална организација.

Тука со нас е д-р Исмаил Серагелдин, директорот на современата Александриска библиотека, наследник на античката Александриска библиотека. Со мојот пријател сме имале многу интересни и инспиративни разговори.

Од самиот почеток, Александрија и Александриската библиотека биле производ на филозофијата на почитување и на прифаќање на знаењата што доаѓаат од различни култури и цивилизации. Александрија била силиконската долина на античкиот свет, поле на културен натпревар меѓу народите, во вистинска смисла на зборот. Натпревар меѓу различните мислења, теории и светогледи во кој единствен начин да се победи е со силата на аргументите.

За жал, често се случува оние кои не се способни да победат со силата на аргументите, да посегнат по аргументот на силата. Не е ни чудно што, како простор на слободата, библиотеките често биле напаѓани, а книгите забранувани, цензурирани и уништувани токму од непријателите на слободата и различноста, слободата да се има различно мислење и да се биде различен.

Овој феномен своето име го доби пред 70 години во еден текст на Албер Ками. Но, феноменот беше развиен на ниво на теорија во една книга што беше објавена пред точно 20 години – тоа е „Судирот на цивилизациите" на Семјуел Хантингтон.

Денес сме сведоци дека, за жал, дел од предвидувањата на Хантингтон за судирот меѓу цивилизациите, на прв поглед, се остваруваат.

На Блискиот Исток и во Северна Африка имаме разорени општества и пропаднати држави во кои нема услови за владеење на правото и за почитување на основните човекови права и правото на човечко достоинство. Цели заедници се откорнати и прогонети, а нивните домови и храмови се разрушени. Бегајќи од конфликтите и хаосот, дел од нив, мирот и безбедноста ги бараат во Европа.

0002Истовремено, обединета Европа има повеќе ѕидови отколку што поделена Европа имаше за време на Студената војна. Европа се затвора во себеси, а тоа затворање раѓа несигурност и ксенофобија. Во вакви услови, не е прашање дали предвидувањата на Хантингтон се остваруваат или не. Вистинското прашање е дали Хантингтон даде проекција или план?

Ценети присутни,

Верувам дека причината за судирот меѓу различни цивилизации не треба да ја бараме во самите религии и цивилизации, туку во отсуството на дијалог меѓу нив.

„Незнаењето води до страв, стравот води до омраза, а омразата до насилство", рекол средновековниот арапски филозоф Ибн Ружд, познат како Авероес. Во негово време, токму арапскиот свет бил синоним за отвореност и за дијалог. Јас, пак, честопати велам дека оној што комуницира, тој се интегрира, а оној што не комуницира, тој се гетоизира и измислува непријателства. Затоа, единствен одржлив модел на градење мир и интеграција е преку дијалог.

Сепак, има три сериозни предизвици за дијалогот меѓу цивилизациите.

Првиот предизвик се состои во тоа што имаме многу монолози маскирани како дијалог.

Ако во дијалогот, наместо да го сослушаме соговорникот, се обидуваме сопствениот став да го наметнеме со висок тон и со агресивен настап, тогаш ние не водиме дијалог, туку монолог.

Со вас ќе споделам анегдота за Мстислав Ростропович, еден од најголемите виолончелисти на 20 век. На почетокот на кариерата, на еден концерт тој свирел пред исклучително напорна публика. Колку погласно свирел, толку публиката погласно зборувала. Залудно се обидувал да ја надгласи бучната публика. Сфаќајќи дека ја губи битката Ростропович во текот на концертот ја променил тактиката. Наместо гласно, одеднаш почнал да свири многу тивко. Резултатот бил моментален. Салата за миг се исполнила со тишина. Лекцијата што ја научил е дека тивкото свирење може да има гласен ефект.

Истото правило важи и за дијалогот. Ако постојано викаш, ќе почнат да те игнорираат. Ако, пак, сакаш да те чујат, тогаш биди тивок. Затоа, во дијалогот кон кој искрено пристапуваме треба да се слушаме, а не да се надвикуваме.

Вториот предизвик е водење дијалог поради дијалог, што е всушност средство без цел.

Денес во светот има десетици замрзнати конфликти кои траат со децении. И покрај безбројните конференции, семинари и работилници, и покрај бескрајните разговори меѓу спротивставените страни, сегашните генерации сè уште не можат да постигнат решение за конфликтите што ги започнале нивните татковци и дедовци. Зошто? Бидејќи влегле во дијалошкото вртење во круг кое станало контрапродуктивно. Понекогаш, намерно се одржуваат во живот ваквите циклуси на безнадежни дијалози со цел да не се дојде до решение и да се одржи конфликтот.

Дијалогот не е цел сама за себе. Напротив. Дијалогот е средство за доаѓање до вистината која нè ослободува од предрасудите. Со тоа, дијалогот ни овозможува да дојдеме до мир, кој треба постојано да го одржуваме.

Затоа, наместо дијалог поради дијалог, потребен ни е дијалог заради решенија. Проблемот со овој пристап е што бара сериозна посветеност, големо познавање на проблематиката и отвореност. И тој пат ни малку не е лесен. Затоа, премногу лесно некои го избираат полесниот, но погрешен пат.

Тука доаѓаме до третиот предизвик, а тоа е дијалог за надминување на различноста.

Честертон рекол дека има два вида на миротворци во современиот немирен свет. Додека првиот миротворец тврди дека се согласува со сите, вториот тврди дека сите се согласуваат со него. Овие двајца миротворци заедно ќе отворат повеќе конфликти отколку што ќе разрешат. Зошто? Бидејќи, и едниот и другиот сакаат мир по цена на различноста. И, ниту едниот, ниту другиот не ги почитува различните ставови на страните во конфликтот.

Денес во светот популарна станува идејата дека ако добро ги измешате различните религии и цивилизации, тогаш таа мешавина можете да ја наречете единство и дека тоа единство можете да го наречете мир. Тоа е исто како да се обидувате да создадете трајно пријателство меѓу станарите во една зграда со тоа што ќе ги срушите внатрешните ѕидови што ги одвојуваат собите и становите во таа зграда.

Ваквиот модел на бришење на разликите не само што нема да ги даде посакуваните резултати, туку најверојатно ќе има и сосема спротивни резултати – ќе создаде поголем анимозитет.

Затоа, во традицијата на Балканот е, наместо да ги рушиме ѕидовите меѓу соседите, во тие ѕидови да правиме мали врати што ќе останат отворени во случај на потреба. Тоа се вратите за дијалог и за меѓусебно помагање во време на неволја. Тоа е традицијата на комши-капиџик.

0003Дами и господа,

Како Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации да ги избегне овие три стапици за дијалогот?

Прво, Алијансата мора да учи од позитивните искуства за дијалог што не е наметнат одозгора, туку извира од самото општество. Тоа е дијалог што е резултат на трпеливо создавана доверба преку почитување и прифаќање на различноста. Индивидуалните креатори на политики и носители на одлуки не можат да бидат помудри од колективниот мудрец наречен општество, кое наоѓа сопствени модели и начини да функционира.

Второ, Алијансата мора да работи на создавање неопходни услови во кои сите учесници во дијалогот ќе се чувствуваат еднакви и недискриминирани. Тоа може да се постигне во еден простор за слобода на изразувањето на различноста. Простор во кој правото на едниот мора да биде право и за другиот, за тоа да создава одговорност и за двајцата.

Трето, луѓето често измислуваат нови идеи и идеали бидејќи се плашат од старите идеали. Гледаат нанапред со ентузијазам затоа што се плашат да погледнат наназад. Наместо да го отфрламе минатото, треба да учиме од позитивните искуства од минатото, за да не ги повторуваме грешките.

Живееме во свет во кој конфликтот е правило, а мирот исклучок. Парадоксално, најголеми периоди на мир имало во регионот што асоцирал на антагонизми. Во последните 3100 години, за кои постои документирана историја, само околу 200 години биле исполнети со мир. Најголемиот парадокс е што најголемите периоди на мир биле токму на Балканот. Тие периоди се запишани во историјата како Pax Romana и Pax Ottomana.

Империите пропаднаа и исчезнаа. Но, вековната традиција на соживот и на почитување остана. Република Македонија го има вградено и го има унапредено ова искуство во својот демократски модел на интеграција без асимилација, во македонскиот инклузивен модел на соживот.

За разлика од Западот, каде се разви концептот на толеранција, во Македонија, на Балканот применуваме нешто што е повеќе и од толерирањето, а тоа е почитувањето на различноста.

За да биде успешен европскиот проект, наместо да наметнува нови и неиспробани модели, треба да ги користи успешните општествени модели втемелени врз традицијата и стремежот на луѓето кон достоинствен живот.

Драги пријатели,

Верувам дека овие три лекции ќе ѝ помогнат на Алијансата на цивилизациите, но и на сродните форуми и организации, како меѓународниот центар „Низами Ганџави" да ја остварат целта на своето постоење. Целта е да му помогнат на светот да се врати на патот од кој скршна. Исклучивоста да ја замениме со прифаќање, ксенофобијата со почитување на различноста. Монологот да го замениме со дијалог меѓу цивилизациите.

Алијансата на цивилизациите е наша надеж бидејќи е составена од луѓе кои искрено се посветени на градење мир преку дијалог меѓу различните. Луѓе кои се уверени дека 21 век не е доволно да биде век на констатации, туку и на решенија за сите наследени и сегашни предизвици.

Ви благодарам.
0004

london_rotator
Додека Сирија е во војна, Европа нема да има траен мир - oбраќање на Самитот за поддршка на Сирија и регионот во Лондон
Четврток, 04 Февруари 2016


london1Почитувани екселенции,

Дами и господа,

Долго време сме заложници на една перцепција за Блискиот Исток како буре барут што се заканува да го разнесе светскиот мир и поредок. Парадоксално, контурите на оваа карикатура се исцртани пред неполн век со неправдата извршена кон истиот тој регион што бил користен како монета за поткусурување на туѓите интереси.

Денеска се собравме во Лондон за да постигнеме мир преку правда и солидарност.

По Втората светска војна, Маршаловиот план, меѓу другото, беше израз на солидарност кон разрушената Европа. Денес е неопходен нов Маршалов план не само за разрушената Сирија, туку и за Блискиот Исток. Неопходно е инвестирање не само во патната и енергетска инфраструктура, туку и во човечката, образовна и социјална инфраструктура.

Зошто е ова важно? До 2010 година, просечниот животен век на Сиријците бил 79.5 години. Во 2014 година, животниот век е намален на 55.7 години. Ова е најдобра илустрација за трагедијата што ја снајде Сирија. Ако младите од Сирија и од поширокиот регион немаат надеж дека ќе имаат нормален живот во нивните татковини, тогаш ниту Европа нема да има траен мир.

Затоа, се вклучуваме кон напорите за обновување на надежта во Сирија и во целиот регион за нормален живот ослободен од стравот и од сиромаштијата.

Ценети екселенции,

Во изминатите 13 месеци, низ Македонија, држава со два милиона жители, минаа над милион мигранти и бегалци. Тоа ги чини македонските институции десетици милиони евра годишно. Македонија самата го носи тешкиот финансиски товар поради мигрантската и бегалска криза.

Но, и покрај овој товар, Република Македонија како одговорен и солидарен член на меѓународната заедница во рамките на своите можности ќе придонесе во обновата на Сирија.

Сепак, можеме да помогнеме и на посуштински начин.

Како што Македонија е Истокот на Западот, така Сирија е Западот на Истокот. Со векови сме живееле во рамките на исти мултиетнички, мултирелигиски и мултијазични империи. До пред сирискиот конфликт, нашите две општества го живееле светот на различноста.

Денес, кога и поредокот и различноста се во урнатини, мора да бидеме многу внимателни врз какви темели ќе ја градиме новата Сирија и новиот Блиски Исток. Искуството од Балканот покажа дека наметнатите постконфликтни решенија се тешко одржливи. За народот на Сирија, но и за поширокиот регион е неопходно тие самите да го создаваат политичкото решение кое ќе се темели врз нивната автохтона политичка култура и традиција.

Подготвени сме да го споделиме нацртот од Македонскиот инклузивен демократски модел што подразбира интеграција без асимилација. Веруваме дека македонскиот модел на соживот е здрав темел врз кој можат да се обновуваат довербата и почитувањето на најдлабоките религиски разлики во Сирија и во регионот.

Само така ќе го вратиме достоинството на луѓето од овој регион што со векови бил центар на знаењето, трговијата и цивилизацијата, далеку пред тој центар да се помести кон Западот.

Ви благодарам.

london2

bt
Прием за дипломатскиот кор во Република Македонија
Петок, 22 Јануари 2016


bt01Ценети екселенции,

Дами и господа,
Драги пријатели,

На почетокот на новата 2016 година, тука, од Битола, од градот на конзулите, вам и на вашите семејства ви посакувам многу здравје и радост, а на вашите држави многу успеси и напредок на секој план.

Живееме во интересно време на огромни предизвици. Предвидливоста стана првата жртва на новиот светски непоредок. Глобалната економска криза, продлабочувањето на конфликтите на Блискиот Исток и во Северна Африка и мигрантската и бегалска криза изненадија многу држави и меѓународни организации.

Сепак, не е тајна дека минатото е исполнето со непредвидливи моменти кои го промениле текот на историјата. Тоа е зачинот на историјата што ги поттикнува историчарите да го истражуваат минатото. Затоа, можеби најголемото изненадување денес, кога во светот се случуваат непредвидливи нешта, е што луѓето се сè уште изненадени.

Доволно е да се вратиме четврт век наназад. Крајот на Студената војна, падот на Берлинскиот ѕид, распадот на Југославија беа изненадување за многумина.

На денешен ден, на 22 јануари 1990 година, пред точно 26 години, делегатите од Словенија, Хрватска и Македонија го напуштија 14-от и последен конгрес на Сојузот на комунистите на Југославија. Тоа беше почеток на крајот на федерацијата.

До крајот на годината во Македонија се одржаа првите повеќепартиски демократски избори. По 50 години еднопартиски комунистички тоталитаризам, владејачката партија ги држеше сите конци на моќта во Македонија. Но, и при вакви целосно нееднакви услови, опозицијата однесе победа бидејќи ништо не може да ја спречи идејата чиешто време дошло. Таа идеја за суверена, независна, европска и евроатлантска Македонија процвета една година подоцна, на референдумот што се одржа на 8 септември 1991 година.

Со независноста создадовме нова реалност на Балканот и во Европа. Република Македонија беше изненадување за многумина. Долго време за нас немаше место на масата во глобалните и регионалните меѓународни организации. Честопати се соочувавме со предизвикот да се движиме по необележан пат, каде за нас не секогаш важеле правилата и принципите на меѓународното право. Двојните стандарди, за жал, сè уште се наш постојан придружник.

Не ни беше воопшто лесно. Но, секако дека ќе ни беше многу потешко без пријателите, партнерите и сојузниците кои ни помагаа и кои беа нашиот глас во глобалните и регионални центри на моќта. Ним сме им многу благодарни.

bt02Ценети екселенции,

Годинава одбележуваме и 55 години од донесувањето на Виенската конвенција за дипломатските односи. Конвенција со која е регулирана вашата основна должност како дипломати, а тоа е унапредување на пријателските односи и развивање на стопанските, културните и научните односи меѓу вашите држави и Република Македонија.

Годинава, некои од вас беа на масата каде што се одвиваше дијалогот меѓу лидерите на политичките партии во Република Македонија.

Како претседател жалам што политичкиот дијалог излезе од институционалните рамки. Неодговорното однесување на политичките лидери доведе до длабока политичка криза што ја разниша довербата на граѓаните во институциите на државата. Морам да истакнам дека сум непријатно изненаден и од несериозното однесување и немањето чувство за државност кај некои од лидерите на политичките партии.

Истовремено, благодарен сум за ангажманот на пријателските и партнерски држави. Благодарен сум за заложбите на еврокомесарот Јоханес Хан за спроведување на политичкиот договор, и ја поздравувам подготвеноста на Европската унија да обезбеди целосна поддршка и гарантирање на слободни и фер избори.

Но, имајќи го предвид словото и духот на Виенската конвенција, очекувам кон ова прашање да се однесувате со особено внимание, за вашите добронамерни чекори да не бидат погрешно протолкувани од граѓаните.

Дами и господа,

Зад нас оставаме година на важни крстосници и храбри одлуки. Година кога низ Република Македонија минаа стотици илјади бездомни мигранти и бегалци. Година во која мирот и соживотот беа мета на насилни екстремисти и терористи.

Во услови на досега незапамтен сплет на политички и безбедносни предизвици, одлучно се соочивме со речиси сè што ни донесе годината.

Ја обезбедивме државната граница. Ги зачувавме мирот, безбедноста и сигурноста. Го негувавме заветот на нашите предци и останавме доследни на македонскиот соживот и почитување на различноста.

Самоуверено и одлучно се справуваме со предизвиците. Како држава, изненадивме многумина кои не очекуваа територијално мала држава, како Македонија, да биде толку отпорна и цврста пред заканите. Ја стекнавме довербата и почитта на нашите сојузници кои во Македонија почнуваат да гледаат сè позначаен партнер. Партнер, на кој можат да сметаат.

Се разбира, тоа го постигнавме благодарение на нашите пријатели. Благодарни сме за сета поддршка во справувањето со хуманитарната, но и безбедносната димензија на мигрантската и бегалска криза.

Драги пријатели,

Сите предвидувања се дека тешката 2015 година ќе ја сметаме за лесна во однос на 2016-та. Како што во 2015 година се соочувавме со последиците, така, во 2016 година мора да се справиме со причините за мигрантската и бегалска криза. Крајот на конфликтот во Сирија е само првиот чекор. Неопходен е сеопфатен и координиран одговор на глобалните и регионалните сили што ќе доведе до градење мир, просперитет и благосостојба за регионот на Блискиот Исток и во Северна Африка. Потребно е враќање кон поредокот, преку почитување на меѓународното право и меѓународно преземените обврски. Потребни се лидерство, единство и визија. Потребна е одлучност и одговорност.

Не сме обесхрабрени. Успесите што ги постигнавме ни даваат за право да бидеме уверени дека ќе успееме да излеземе на крај со сè што ќе ни донесе годината. Затоа, на самиот крај, би сакал да го парафразирам неодамна починатиот Дејвид Боуви – не знаеме на каде ќе оди светот, но сигурно нема да ни биде здодевно.

Уште еднаш, посакувам благосостојба и напредок на вашите држави и народи, а вам лично, многу среќа, здравје и успеси.

Ви благодарам.

bt03

orden_MNT1
Обраќање по повод доделување на признанието „Орден за заслуги за Македонија“ на МНТ
Петок, 25 Декември 2015

Почитувани присутни,
Драги пријатели,

Денеска сме собрани поради Македонскиот народен театар, кој не е обичен театар.

Симболично, завесата на Македонскиот народен театар беше подигната во самите мугри на македонската државност, со одлуката на Президиумот на АСНОМ.

Од тогаш до денес, веќе 70 години, на сцената на овој театар се одигрува животот на цел еден народ. Доволно е да се сетиме на луѓето кои ги оживеаја македонскиот збор и македонската приказна на театарската сцена. Да се сетиме на Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски, Војдан Чернодрински, но, и на Блаже Конески, првиот лектор и драматург на Македонскиот народен театар.

Со нивните драми, тие ни ја вратија довербата во сопствениот македонски јазик и ги оспособија идните генерации да достигнуваат нови дострели во македонската драмска уметност.

Ценети присутни,

Низ децениите, Македонскиот народен театар се соочуваше со разни предизвици, и природни, и човечки.

Но, и покрај сè, опстана.

Ниту земјотресот, ниту цензурата на минатиот систем, ниту политичката коректност на денешницата не успеаја да ја спуштат завесата на Македонскиот народен театар.

Не успеаја заради една длабока човечка потреба, а тоа е потребата да се биде дел од големиот наратив во чие средиште е борбата за правда, мир и љубов.

Благодарение на оваа потреба на македонските граѓани, веќе 70 години, Македонскиот народен театар е подиум за вистината и за слободата. Вистината за општеството, за меѓучовечките односи, за нас самите. Вистината дека иако сме несовршени, сепак, се стремиме кон совршеност, која понекогаш ја бараме и на погрешни места.

orden_MNTВо сево ова театарот има улога на визуелна книга за животот. Улога на корективно огледало што искрено ги покажува нештата какви што се, но и какви можат да бидат. Низ драмските заплети и расплети, театарот храбро ни укажува на можните причини и последици од нашите одлуки.

Затоа, беше неопходно Македонскиот народен театар што поскоро да се вдоми. Па така, после неколку селби и преселби, од 2013-та, МНТ има нов дом издигнат врз стари темели. Со тоа конечно се создадени услови за севкупниот креативен потенцијал на македонските драмски уметници да дојде до полн израз.

Почитувани драматурзи, режисери, актери...

Нашите деца израснаа гледајќи ги вашите претстави. Кај нив го развивте чувството за етичкото и за естетското. Со своите драми, поставки и улоги ги подигнувате стандардите и критериумите во уметноста, но и во секојдневието. Со вашите сценски потфати, вие градите нови духовни вертикали во Македонија.

Меѓу вас има доајени на македонскиот театар. Некои од вас сега се во зенитот на кариерата. Трети допрва си градат име и препознатливост во Македонија и надвор од неа.

Но, уверен сум дека кариерата на секој еден од вас не започнала ниту со драмските студии, ниту со првото драмско дело, ниту со првата улога на сцената.

Кариерата на секој драматург, режисер и актер започнува во публиката. Започнува во оној момент кога сте го препознале повикот на театарот. Повик во својот живот да направите место за бројни ликови и да ги споделите со нас. И со тоа да го збогатите македонското и светското театарско творештво.

Заради сево ова, на овој свечен ден, ја имам честа, во името на благодарните македонски граѓани, вам, на членовите на Македонскиот народен театар да ви врачам Орден за заслуги за Македонија. Ова е наш израз на длабока благодарност за сè што вие и вашите претходници направивте во изминатите седум децении.

Но, овој орден е и еден вид завет меѓу вас и нас, меѓу театарот и публиката. А тој завет се состои во следното: Никогаш да не дозволите да замре мисијата на Македонскиот народен театар. Никогаш да не дозволите неговата завеса да остане спуштена. Секогаш да ја предизвикувате публиката со вистината која ослободува. А, за возврат ќе добиете верна публика и искрен аплауз.

Ви благодарам.
orden_MNT2

rotator22122015
Годишно обраќање во Собранието на Република Македонија
Вторник, 22 Декември 2015


GODINO_OBRAKANJE_1Почитувани граѓани на Република Македонија,

Почитуван претседател на Собранието на Република Македонија,
Почитуван претседател на Владата на Република Македонија,
Почитувани пратеници,
Почитувани министри,
Почитувани претставници на правосудните органи на Република Македонија,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор, претставници на верските заедници на Република Македонија,
Претставници на медиумите,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Зад нас оставаме година во која се соочивме со огромни предизвици, како на глобален, така и на домашен план.

На конфликтните подрачја на Блискиот Исток, во Северна Африка, во Украина се судираат глобални интереси и се надмудруваат воените стратези. Тие подрачја станаа извор за бројни закани и ризици. Но, не само за светот, туку и за Македонија.

Симболично, годината како да започна и да заврши со терористички напади во Париз. Не случајно беше избран Париз, градот на светлината. Денес, кога Европа е сè уште поделена со физички и ментални бариери, европската култура на гостопримливост за мигрантите се соочува со тест.

Глобалниот непоредок неминовно се одразува и врз нас. При вакви сложени геополитички и безбедносни состојби, годинава се соочивме со сериозни кризи и закани кои ја разнишаа довербата на нашите граѓани во институциите на државата и во меѓународниот поредок.

Првата е политичката криза, втората е безбедносната закана, а третата е мигрантската и бегалска криза.

Како претседател на Република Македонија, но и како врховен командант на вооружените сили, годинава, на надворешно-политички план имав активна година во исклучително тешки услови. И внатрешни, и регионални, и глобални. Се фокусирав на остварувањето на стратегиските приоритети – членство во НАТО и интеграција во Унијата. Бев посветен на продлабочување на соработката и затворање на отворените прашања со соседите. Продолжив со политиката на отвореност кон сите во надворешните односи, особено во функција на економската и културната дипломатија.

Ќе продолжам во иста насока.

Бев целосно посветен на прашањата од областа на безбедноста и одбраната. Во сè што правев ги чував интересите и достоинството на државата и на граѓаните. А тоа беше повеќе од неопходно бидејќи достоинството на државата беше доведено во прашање.

Почитувани сограѓани,

Во изминатите шест години имавме три политички кризи, секоја посериозна и подлабока од претходната. Толку долго и толку често опстојувавме во политички кризи, што, некои забележуваат дека кризата стана наше секојдневие.

На што се должи тоа?

Минатата година, од ова исто место, реков дека клучниот збор за 2015-та треба да ни биде дијалог. Но, дијалогот изостана. Политичкиот воздух стана толку загаден од сомнежи и меѓусебни обвинувања што почна да го гуши македонското општество.

Поради политичка неодговорност го добивме „Договорот од Пржино". Добивме договор меѓу политичките лидери на кои уставниот поредок не им беше доволен за да се сретнат, да седнат и да се договорат. Наместо во институциите на државата, отидоа да се среќаваат на други места и во други формати. Ќе се воздржам од натамошен коментар, но ќе го кажам само ова: нивна беше одлуката, нивна е и одговорноста за Пржино. Оние кои си презеле обврска треба и да си ја исполнат.

Почитувани присутни,

Како претседател бев прозиван во јавноста, во медиумите, меѓу граѓаните. Се пишуваше и зборуваше дека ме нема и дека не сум активен.

Граѓаните треба да знаат дека расплетот на секоја политичка криза во изминатите шест години беше на моја иницијатива. Како Претседател на Република Македонија и во 2011-та, и во 2012-та ги собирав лидерите на политичките партии во мојот кабинет сè додека не најдат решение.

И за последната криза постојано истакнував дека мојот кабинет е отворен за лидерските средби. Но, некои политички лидери не сакаа да доаѓаат кај Претседателот на Републиката. Тие за жал, и денеска ги оставија своите места во домот на демократијата празни и сносат дел од одговорноста за состојбата во која ни се наоѓа државата.

Граѓаните треба да знаат дека моите напори во решавањето на кризата не секогаш ги истакнував јавно во интерес на дијалогот меѓу лидерите. Сакав да им оставам доволно време и доволно простор тие самите да дојдат до решение. Мојата цел не беше мојот личен рејтинг, туку решение на оваа криза. Како и досега, јас никогаш не си припишувам заслуга ниту, пак, барам пофалба за нешто што е моја должност. А како Претседател и врховен командант, должност ми е да се грижам за државниот интерес. Бидејќи цврсто верувам дека наместо власта и моќта, државата треба да ни е пред сè. А државата сме сите ние, граѓаните на Република Македонија.

Неодговорното однесување на политичките партии неповолно се одрази и врз евроинтеграцискиот процес.

Европската комисија долго време го одлагаше извештајот за напредокот, бидејќи постоеше опасност сами да си ја одложиме иднината. А можеше да си ја одложиме со нашето неодговорно однесување. И сè уште можеме.

Наместо извештај за напредок, добивме извештај за стагнирање. По седум години наместо датум за членство добивме условна препорака. Се разбира, главна причина зошто Македонија е блокирана е грчкото вето. Тоа никој не може да го оспори. Но, кога знаеме дека е тоа така, тогаш зошто, покрај овој постоечки, да создаваме и нов, внатрешен проблем? Пречка за интеграциите веќе не е само наметнатиот проблем со името, туку и проблемот што го имаме со самите себе. За жал, и овој пат, оставивме тој проблем да ни го решаваат други.

Извештајот на Европската унија е објективен. Во една реченица дури е посочен и коренот на повеќето кризи со кои се соочуваме, а тоа е дека: „недостатокот од политички дијалог и тешкотиите при постигнувањето консензус околу прашањата повторно ја истакна политичката култура на поделеност во земјата." Исправете ме ако грешам, но политичка култура на поделеност е само елегантно име за политичка некултура.

Ова е лекција како не треба да се однесуваат политичките партии. Граѓаните ја дале довербата затоа што очекуваат напредок, а не назадување на веќе изградените вредности.

Можеме да се тешиме со тоа што ќе истакнеме дека стагнацијата е последица на блокадите. И тоа е точно. Постојано апелирав кај Европската унија да го промени својот однос кон Македонија. Ја користам секоја прилика на нашите соговорници од Унијата да укажам на спиралата на блокадите. Дека секоја блокада создава услови за нови блокади.

Не сакам да бидам погрешно разбран. Ја уважувам улогата на меѓународните посредници што се вклучени во надминувањето на оваа сериозна политичка криза. Но, истовремено, токму од меѓународната заедница бараме да ја отстрани главната причина за создавањето на последните политички кризи, а тоа е status quo состојбата во интеграциите на Република Македонија.

Затоа, потребен ни е нов пристап, и тоа двострано. Ние треба да го промениме нашиот пристап кон Унијата, кон нашите европски приоритети и реформски процеси. Седум години имаме слични забелешки во извештајот на Европската комисија. Треба безусловно да се фокусираме на реформите и да престанеме да чекаме некој друг да ги заврши работите наместо нас. Кога велам нас, мислам и на власта и на опозицијата, и на судството, и на образованието, на сите сфери. Но, исто така и Унијата и НАТО треба да го променат својот пристап кон нас. Да не одолговлекуваат и да не бараат изговори за нови блокади. Извесноста и достижноста на македонската европска интеграција решително ќе го придвижи нашето општество кон достигнување повисоки вредности. Кон посилен економски и посуштествен демократски развој.

Дами и господа,

И како што отсуството на политичкиот дијалог доведе до политичка криза, така политичката криза ја отвори вратата за безбедносните закани.

Се соочуваме со постојани глобални предизвици кои се директни закани по нашата национална безбедност. А заканите доаѓаат од повеќе места.
Од насилниот екстремизам и радикализам.
Од странските терористички борци.
Од регионалните екстремни групи кои се стремат кон промена на границите за остварување на големо националистички идеи.
Од таканаречениот „исламски калифат".
Од транснационалниот организиран криминал.

Истовремено, безбедносното опкружување е променето. Грција повеќе не е одбранбениот ѕид на Европа. Границите на Европската унија и НАТО се порозни. Се соочуваме со нов вид агресор. Тој е поединец, растен и едуциран во западните демократии. Носи цивилна облека. Произведен е во инкубаторите на регионалните конфликти и кризи. Инспириран е и мотивиран за насилни акти против човештвото. Жеден е за свирепост, крв и публицитет. Негова цел е да предизвикува застрашување. Тоа се случи во Париз, но и претходно во Бејрут, Бамако, Мумбај...

Жителите на овие градови се свесни за ваквите закани, кои веќе стануваат и наша реалност. Затоа, треба да бидеме свесни за заканите и да се прилагодиме на новата реалност.

Покрај овој нов агресор, во нашиот регион сè уште не е искоренет стариот етнички мотивиран насилен екстремизам.

Почитувани присутни,

На 9 мај, мирниот живот на Куманово беше загрозен од насилни екстремисти и терористи кои дојдоа да го разбијат мирот, соживотот, демократијата и поредокот во Македонија. Сакаа да го нарушат територијалниот интегритет и да ја дестабилизираат државата.

Долго време предупредував за оваа опасност. Уште на почетокот на годината побаравме помош од 17 партнерски служби на земјите од Европската унија, НАТО и земјите од регионот. За жал, размената на информации, со цел да се изврши превенција на намерите на групата, не даде резултат.

Бевме оставени сами на себе.
Но, и сами храбро и професионално успеавме да излеземе на крај со оваа сериозна закана.

Точно е дека во борбата против заканите, најуспешни се превентивните акции за кои граѓаните нема ни да начујат дека се случиле. Но, граѓаните треба да знаат дека со акцијата во Куманово спречивме извршување на координирани терористички напади низ повеќе градови во Македонија. Спречивме масакри и крвопролевања какви што неодамна видовме во Париз.

Затоа, сакам уште еднаш да изразам благодарност до припадниците на полицијата за нивната пожртвуваност. Но, и до нашите сограѓани во мултиетничко Куманово, кои решително му се спротивставија на увезениот екстремизам. Бидејќи, како што припадниците на полицијата ја одбранија безбедноста, така граѓаните на Куманово го одбранија македонскиот модел на соживотот и почитувањето на различностите. Зарем има поголем влог во градењето на нашата татковина Република Македонија.

Ценети присутни,

Траумите од Куманово ни се сè уште свежи. Државата загуби осум храбри припадници на полицијата. Семејствата загубија свои синови, браќа, сопрузи, татковци... Уште тогаш реков дека сторителите и сите вклучени во овој терористички чин скапо ќе платат за тоа што се обидоа да ѝ го сторат на Република Македонија и на нејзините граѓани. Денес, тие се изнесени пред лицето на правдата. Останува судството достојно и професионално да си ја заврши својата работа.

Случајот во Куманово е школски пример како не треба да се однесуваат државите и службите во постигнување на регионалната безбедност. Се покажа дека како регион соработуваме во сите сфери, но најмалку во областа на безбедноста. Поради недоволната размена на податоци, недостигот на соработка и комуникација, но и немањето доверба меѓу државите и службите затаи системот за превенција.

Куманово беше лекција за регионот, но и за нас.

Во екот на политичка криза и медиумско разногласие, на протести и контрапротести, Куманово беше момент на отрезнување за политичките партии. Само еден ден по Куманово го свикав Советот за безбедност и ја повикав опозицијата да учествува на седницата. Со тоа, во зенитот на безбедносната закана, започна да се расплетува и политичката криза.

И додека траеја партиските препукувања, низ Македонија почнаа да минуваат мигранти и бегалци.

Ќе ве потсетам дека пред избувнувањето на конфликтот во Сирија се вознемирувавме кога нелегално минуваа 1000 до 2000 мигранти годишно.
Во првите неколку години од конфликтот во Сирија бевме загрижени поради десетици илјади бегалци годишно. А сега, пред само два месеца, во октомври, само во текот на неколку часа имавме околу 14.000. Оваа година, низ Македонија минаа над 700.000 бегалци и мигранти. Тие потсетија дека Македонија и Балканот се главниот коридор и порта што ја поврзува Европа со Блискиот Исток и Африка.

Нашата способност како држава и општество да се справиме со овој предизвик е ставена на тест.

Од почетокот на кризата се потпираме врз сопствени ресурси и минимални билатерални донации.

Благодарни сме за странската финансиска помош која е целосно наменета за хуманитарниот аспект од бегалската криза. Од друга страна, сите трошоци за безбедносниот аспект на мигрантската и бегалска криза, надминуваат 12 милиони евра. И сите се на наш грб. Непланираните трошоци што произлегоа од мигрантската криза мора да се земат предвид при изработката на следните буџети. И покрај сето тоа, како држава правиме сè што е во наша можност да ги исполниме сите наши меѓународни обврски за хуман третман на мигрантите и бегалците.

Дами и господа,

Мигрантската и бегалска криза е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат државите и човештвото во последниот половина век.
Многу идеали, принципи и политики паднаа на нејзиниот тест, вклучително и европските политики и механизми. Сепак, над небото на Европа останаа неколку светли точки.

Европската унија беше затекната во случајот со мигрантите.

Првиот пропуст на Унијата е нефункционалниот механизам за распоредување на бегалците во земјите-членки со таканаречени квоти.
Вториот пропуст на Унијата е што дозволи нејзини земји-членки да не ги регистрираат бегалците и мигрантите.
Третиот пропуст на Унијата е што дозволи земји-членки да носат еднострани одлуки.

Република Македонија ги сноси последиците од овие пропусти на Унијата. Ги трпиме последиците од немоќноста на нејзиниот кризен менаџмент да се справи со заканите и со ризиците.

Како безбедносната закана, така и мигрантската и бегалска криза нè потсети дека сме оставени сами на себе. Дека ако прво сами себеси не си помогнеме, никој друг нема да ни помогне.

Затоа, наместо реактивни, решивме да бидеме проактивни. Наместо да се повлекуваме пред мигрантскиот бран, решивме да го контролираме и да го насочуваме.

Бевме првата држава во Европа која не е членка на Европската унија, а која прогласи кризна состојба за закана од илегална миграција, која доаѓа од територија на Унијата.

Го активиравме кризниот менаџмент.

Како претседател и врховен командант постојано ја следам безбедносната состојба на нашата татковина. Повеќепати бев во обиколка на нашата јужна граница. Се среќавав и со полицијата, и со армијата, и со хуманитарните организации, и со мигрантите.

Донесов одлука за ангажирање на Армијата на Република Македонија за поддршка на граничната полиција. Благодарение на тоа, спречивме голем број илегални преминувања.

Во рамките на моите меѓународни активности, остварив бројни средби со европските лидери. Во секоја прилика инсистирав Република Македонија да биде на масата кога Европската унија ќе носи одлуки за мигрантската и бегалската криза. Од нашите партнери во Унијата барав да ни овозможат да бидеме дел од решението, а не дел од проблемот.

Проактивниот одговор на Македонија во справувањето со мигрантската криза беше забележан и во Европската унија и во НАТО. Нашите заложби дадоа очигледен резултат.

На покана на претседателот на Европската комисија, господинот Јункер, учествував на вонредниот Европски самит за мигрантската криза. На Самитот успеавме да се избориме за нашите државни интереси.

GODISNO_OBRAKANJE_4Почитувани присутни,

Постојат кругови во Европа кои мислат дека ако бегалските кампови се подалеку од Европа, тогаш Европа нема да има проблем. Сега, бегалските кампови се во Турција, Јордан и Либан. Имаше предлози да отвориме бегалски кампови на нашата територија. Се спомнуваа бројки од 20 па и 30.000 луѓе. Категорично ги одбив таквите барања. Јасно ставив до знаење дека Македонија е само транзитна земја и дека како транзитна земја имаме капацитет од само 2000 лица во нашите привремени транзитни центри. Нашиот став го бранам на секоја средба, бидејќи секое зголемување на овие бројки ќе значи зголемување на безбедносните ризици за Македонија. А тоа никако нема да го дозволиме.

На вонредниот состанок во Брисел, на кој за првпат рамноправно седнавме на масата, инсистирав на распоредување на силите на ФРОНТЕКС. Инсистирав на поголема соработка од страна на нашиот јужен сосед. За овие барања во два наврата разговарав и со грчкиот премиер Ципрас. Моите заложби вродија со плод. Неодамна, Грција и формално упати барање до ФРОНТЕКС за распоредување сили на грчко-македонската граница. Нивната задача ќе биде да вршат проверка и регистрација на мигрантите кои сакаат да влезат во Република Македонија. Од господинот Ципрас добив ветување за поинтензивна соработка и комуникација меѓу грчките и македонските безбедносни служби.

До повеќе европски држави упативме барање за полициски службеници и опрема за заедничко справување со мигрантската криза, заштита на границите и контрола врз мигрантите.

Минатата недела повторно се сретнав со претседателот на Европскиот совет, господинот Туск. На средбата истакнав дека, помагајќи ѝ на Македонија, Унијата си помага самата на себе. А има и зошто. Македонија има јасна, доследна и координирана политика во однос на мигрантската и бегалска криза. Но, и Претседателот Туск има одговорен пристап кон мигрантската и бегалска криза, особено за безбедносниот аспект. Ме радува што имаме пријател кој пред лидерите во Европскиот совет ја пренесува нашата загриженост и нашите барања особено од безбедносна природа. Благодарение на сево ова, Европскиот совет ги разбира и ги почитува нашите државни интереси. За тоа зборуваат и заклучоците на Европскиот совет.

Ценети присутни,

Мигрантската криза ги стави на вистинска проверка сите надлежни институции во државава.

Наспроти забелешките за нефункционалност на институциите, по прогласувањето кризна состојба, Македонија е редок пример за успешно справување со мигрантската криза. Македонските институции, иако се оставени без речиси никаква директна билатерална помош од Европските институции, успешно се справуваат со секојдневниот прилив на бегалци.

Со сè што правевме, дури и во услови на политичка криза и безбедносна закана, не дозволивме да бидат нарушени безбедноста на граѓаните и интегритетот на државата. Не дозволивме и нема да дозволиме Македонија да биде колатерална штета и нашите граѓани да ги трпат последиците од неуспехот на европските политики.

Научивме лекција од политичката криза. Бидејќи, кога ние сами не одлучуваме, тогаш други одлучуваат и за нас. Не дозволивме да ја направиме истата грешка при ескалацијата на мигрантската криза. Не дозволивме да се носат одлуки за нас, без нас.

Самоуверено и одлучно се справуваме со предизвиците. Како држава, изненадивме многумина кои не очекуваа територијално мала држава, како Македонија, да биде толку отпорна и цврста пред заканите. Ја стекнавме довербата и почитта на нашите сојузници кои во Македонија почнуваат да гледаат сè позначаен партнер. Партнер, способен да излезе на крај со предизвиците што ги носи новиот светски непоредок. Партнер на кој можат да сметаат.

Замислете само колку ќе беше добро ако и политичката криза ја решававме со вакво чувство за одговорност и државност.

Почитувани сограѓани,

Сево ова беше неопходно, особено по Париз, кога се создаде нова реалност во Европа. Нашиот континент е нападнат од насилни екстремисти и радикали. Досегашните вербални закани против Европа сега веќе станаа конкретни и зедоа многу човечки животи.

Коридорот што го отворија бегалците, почнаа да го користат не само економските мигранти, туку и криминалните мрежи и терористите.

Македонија се соочува со закани и со ризици по националната безбедност, кои се последица на регионалните кризи и конфликти.

Станувајќи свесни за надворешните ризици и опасност, прогласивме кризна состојба. Свикав две итни седници на Советот за безбедност. Првиот пат кога се случи Куманово, а вториот пат, кога се случи Париз. Можам да ви кажам дека на двете седници се бранеше државниот интерес, и тоа од сите присутни, независно од нивната политичка припадност. Советот за безбедност е пример како преку конструктивен дијалог да се гради единството околу државниот интерес. Тоа придонесе да се зацврсти чувството за одговорност кон државата. Но, тоа е само почеток.

За да одговориме на овие закани ќе мора да се менуваме.

Нашите институции треба да се навикнат да работат во состојба на постојана криза. Овие закани и ризици нема да исчезнат преку ноќ. Субјектите на системот за национална безбедност мора да се променат за да го заштитат територијалниот интегритет, унитарниот карактер и суверенитет на државата и да го обезбедат соживотот и имотот на граѓаните.

Искуството покажува дека разузнавањето и специјалните операции се најдоброто оружје во денешното безбедносно опкружување. Тоа е нашата прва линија на одбрана против заканите кои се последици од регионалните кризи и конфликти.

Ние мора да ги трансформираме нашите разузнавачки капацитети и да изградиме нови за да можат да држат чекор со природата на овие закани.

Но, националната безбедност е дел од пошироката меѓународна безбедност, која денес е неделива. Блокадата за членство во НАТО неминовно се одразува и врз ефикасноста на нашиот систем за одбрана и за безбедност.

Соочувањето со новите закани, како и кризата со бегалците, наметнаа потреба од интензивна комуникација и соработка меѓу службите, како и ефикасност во извршувањето на задачите од страна на институциите кои имаат законски надлежности во одбраната и во безбедноста.

Новите закани и безбедносни предизвици ќе ги редефинираат мисијата и задачите на Армијата, како витален столб на одбраната на Република Македонија.

Почитувани пратеници,

Безбедноста нема цена.

Затоа, како претседател и како врховен командант, постојано потенцирам на неопходноста од зголемување на буџетот за Армијата на Република Македонија, ревизија на законите и спроведување на неопходните реформи. Потенцирам на неопходноста од техничка надградба, кадровски капацитети и оправдана финансиска потреба за субјектите кои учествуваат во превенцијата и во справувањето со заканите.

А закани има многу.

Повеќе од 1000 странски терористички борци од целиот Балкан во моментов се на боиштата во Сирија и во Ирак, но и во другите кризни региони. Меѓу нив има и македонски државјани. Тие од Балканот заминаа како екстремисти, а некои се враќаат како терористи. Надлежните институции ги преземаат сите неопходни мерки за зачувување на безбедноста и на сигурноста и информираат.

Сепак, не е доволно само да се справуваме со последиците. Мора да се справиме и со причините за радикализмот и за екстремизмот.

Против радикализмот, екстремизмот и тероризмот треба да се бориме не само со вооружените сили и со органите за безбедност, туку и преку медиумите, цивилното општество, културата, верските заедници, училиштата и самите семејства... Притоа, во никој случај не смееме да го гледаме светот како црно-бел. Во Македонија имаме вековен соживот меѓу христијаните и муслиманите. И тоа не ги направи христијаните помалку христијани ниту, пак, муслиманите помалку муслимани. Напротив, и едните и другите се побогати со тоа искуство. Затоа, да ѝ помогнеме на Исламската верска заедница во нејзините напори за борба против изолираните екстремни поединци и за спречување на радикализацијата.

GODISNO_OBRAKANJE_3Почитувани присутни,

Крајно време е од овие кризи и закани да извлечеме поуки.

Од политичката криза да научиме дека кога партискиот и личниот е над државниот интерес, тогаш цената ја плаќаме сите. Дека кога ние сами не одлучуваме, тогаш други одлучуваат и за нас.

Од безбедносната закана да научиме дека кога сме меѓусебно разединети, непријателите полесно можат да се протнат меѓу нас. А тогаш, најчесто сме оставени сами на себе. И, ако прво сами не си помогнеме, никој друг нема да ни помогне.

Од мигрантската и бегалска криза да извлечеме поуки за тоа колку штета се прави со некооперативност, некомпетентност, волунтаризам и самоволие. Согледавме дека постојат недоследности во системот што се последица на кратковидост, недоверба и отсуство на чувство на државност. Да научиме дека само кога постапуваме како суверена држава, тогаш нè почитуваат и ни оддаваат признание.

Тука има лекција и за Европската унија и за НАТО, а тоа е дека цената на неодлучноста е повисока од цената на одлучноста. Ако навреме го интегрираа регионот, денес Шенген-границите ќе беа позаштитени, а одговорноста на државите ќе беше поделена. Ако бевме дел од безбедносниот систем на Унијата и на НАТО и ако имавме пристап до базите на податоци, тогаш уште поуспешно ќе се справувавме со кризата.

Неопходно е тоа да се промени.

Имаме и стратегиски и национални приоритети – членство во Европската унија и во НАТО. Но, главен приоритет за 2016-та е да имаме функционална држава што го одржува јавниот ред и мир, што се грижи за безбедноста и за одбраната, и создава услови за владеење на правото. Функционалната држава е гаранција за слободата, демократијата и економскиот просперитет.

Затоа, од сите овие кризи и закани неопходно е да излеземе како држава во која институциите не создаваат, туку ги решаваат проблемите на граѓаните.

Држава во која растат приватните бизниси, а се намалува преголемата бирократизираност.
Држава во која владеат законите, а не алчноста на поединците,
Држава во која правото важи еднакво за сите.
Држава на правда и поредок, во која ќе се врати довербата на граѓаните во судството. Доверба дека секое стекнато право подразбира и одговорност и дека секој кој носи одлуки презема одговорност за своите постапки. А токму судството, почитувајќи го словото и духот на законот, има задача да ја утврдува вистината и да ја дели правдата.

Почитувани пратеници,

Преку народните канцеларии годишно добивам стотици писма од граѓаните во кои го искажуваат нивниот револт и незадоволство поради неодговорното однесување на политичките лидери. Граѓаните се револтирани затоа што се дозволи други да се грижат за нас повеќе од самите нас. Револтирани се што наместо во институциите на државата, трчаме во амбасадите на странските држави.

Идната година прославуваме четврт век од независноста и сувереноста, а дозволуваме некој друг да ни го моделира политичкиот и правниот систем.

Крајно време е да го надминеме овој погубен синдром на сервилност. Да престанеме да се однесуваме како гости во сопствениот дом.

Државиот интерес мора да биде приоритет на секој еден од нас. И на партиите, и на институциите, и на цивилното општество, и на медиумите.

Ценети присутни,

Не случајно ги спомнав и медиумите.

Сведоци сме на деградација во медиумскиот простор. Јавната пристојност и професионалност стана исклучок, наместо правило. Секој сноси одговорност за ваквата состојба.

Затоа сакам да порачам неколку работи:

Медиумите се совест на општеството.

Затоа, почитувани претставници на медиумите, вие треба да бидете најсилниот ревизор на работењето на институциите пред сопствените граѓани.

Не смеете да дозволите да ви наметнуваат правила и стандарди, да бидете мегдан за партиски препукувања и алатка за остварување нечии интереси. Не смеете да трпите какви било влијанија, како од политичарите, така и од другите моќници. Мора самите да се изборите за најдобрите решенија кои ќе овозможат медиумите да си го вратат достоинството и угледот. Медиумите мора се изборат за нивната вистинска улога во општеството.

И јас сум бил новинар. Знам дека еден човек може себеси да се нарече новинар само доколку новинарскиот занает го разбере како одбрана на вистината. Како одбрана на јавниот и државниот интерес од самоволието и од посебните интереси на кој било, моќник, политичка партија, бизнис, религија...

Тоа е особено важно денес, кога се подготвуваме за избори.

Почитувани сограѓани,

Демократијата, правдата и слободата не се освоени еднаш засекогаш. Во светот во кој милиони се без сопствен дом и без сопствена држава, ние сме навистина среќни и привилегирани. Но, со правата следува и одговорноста.

Идната година ќе биде тест на кој треба да покажеме што сме научиле во изминатиот четврт век независност и демократија.

Дали научивме да се однесуваме одговорно.
Дали умееме заедничките да ги ставаме пред личните интереси.
Дали умееме државните да ги ставаме пред тесно-партиските интереси.
Дали сме достојни да се наречеме патриоти.

Најверојатно во 2016-та нема да има помалку предизвици отколку во 1991-та. И тогаш владееше неизвесност и криза. Имаше омраза, прогони, етнички чистења. Имаше реки бегалци. Но, не од Блискиот Исток или Африка, туку од нашиот регион, во нашата поранешна држава.

Почитувани пратеници,

Во таков турбулентен период, ние, во Македонија успеавме да изградиме единство што ги надмина сите политички и идеолошки, етнички и верски разлики.

Имавме референдум за независноста на кој граѓаните гласно се изјаснија дека сакаат да бидат свои на своето.

Во ова исто Собрание, вашите претходници ги донесоа клучните документи на нашата државност. Декларацијата за сувереност и за независност. Уставот на Република Македонија. Основните закони.

Во ова исто Собрание, вашите претходници едногласно ја донесоа Декларацијата за меѓународно признавање на Република Македонија како суверена и независна држава.

Во наредните години, тие едногласно донесоа одлука и Декларација за стапување на Република Македонија во НАТО и во Европската унија.

Зад овие историски одлуки стоеја не само политичките партии, туку и целото македонско општество, независно од етничката, верската или која било друга припадност.

Ве повикувам, по изборите, на 25-годишнината од независноста, да постигнеме обединување околу клучните стратегиски цели на државата.

По изборите, едногласно да ги обновиме заветот и посветеноста кон европската и евроатлантската интеграција. Едногласно да ги обновиме декларациите за членство во Европската унија и во НАТО.

Се разбира, валидноста на тие декларации нема да зависи само од тоа кој гласал за нив. Валидноста ќе зависи од самите избори. Бидејќи изборите ќе бидат најгласната декларација, најгласниот референдум за тоа каде сака да оди оваа држава. И притоа, не е само важно кој ќе биде избран во ова Собрание, и кој ќе ја избере Владата, туку и како тоа ќе се спроведе. Бидејќи, граѓаните на избори не кажуваат само кој да владее, туку и како да се владее.

На овие избори, ние немаме право на грешка. Кога велам ние, мислам и на политичките партии, и на власта, и на опозицијата, и на медиумите, и на цивилното општество, и на институциите на државата. Ќе се следи секој чекор, ќе се одмерува секој збор. Мораме да се однесуваме одговорно и достоинствено. Но, не заради меѓународната заедница, заради Брисел и Европската унија, туку заради нашите граѓани.

И покрај сите предизвици со кои се соочуваме, сепак, во економијата покажуваме позитивни резултати. Тоа се должи на посветеноста на сите субјекти вклучени во економскиот раст и развој на Република Македонија. Овој успешен модел мора да се почитува и во иднина. Без разлика на резултатот на овие, но и на сите идни избори, критично за Македонија е да ги продолжи политиките во делот на привлекувањето на странските директни инвестиции, вложувањето во слободните економски зони и отворањето нови работни места. Неопходно е да продолжи создавањето поволна бизнис-клима, како за странските, така и за домашните инвеститори.GODISNO_OBRAKANJE_2

Зошто е сево ова важно?

Три нешта бараат граѓаните: слобода, сигурност и надеж. Правна, економска, општа сигурност, како гаранција за слободата и економскиот просперитет.
Но, за да го обезбедиме сето тоа, неопходна ни е сувереност, безбедност и државност, што може да се постигне само со единство.

Тоа не е единство што лебди во воздух, туку единство околу државните интереси.
Драги сограѓани,

Пред повеќе од една деценија, кога Македонија се најде на крстопат, во еден познат текст што го напишав, го реков следното: „Гледаме зрак на надеж, светло во тунелот. Сакаме да веруваме дека тоа не е зрак на метеор, ниту пак светло на воз во тунел. Имаме чувство дека ќе биде добро. Да, ќе биде добро, но единствено доколку по сето тоа што досега ни се случи, и сè уште ни се случува, да сфатиме дека мораме да комуницираме, да иницираме, да соработуваме, особено со соседите. Да сфатиме дека мудрите, а не силните, се борат за своите државни и национални интереси, а помудрите, пак, ги бранат и ги уредуваат своите држави така што обезбедуваат и самопочитување и почитување на другите".

Како тогаш, така и денес, повторно гледам зрак на надеж.

Таа моја надеж не лебди во воздух, туку е втемелена врз цврсти основи.

Се темели врз дијалогот што конечно почна да се одвива таму каде што му е местото, и каде постојано повикував – во институциите на државата, во Собранието на Република Македонија.

Се темели и врз зачетокот на чувството за државност и државен интерес кај учесниците во политичкиот процес. Врз соработката меѓу власта и опозицијата околу државните прашања во Советот за безбедност.

Надеж ми влева пожртвуваноста на нашите херои во Куманово и посветеноста на нашите војници кои ја чуваат границата и слободата. Но, и нашите сограѓани од мултиетничко Куманово кои решително му се спротивставија на екстремизмот.

Надеж ми влева македонскиот модел на соживот и почитување на различноста, изразен во Крушевскиот манифест, АСНОМ-ските декларации, но и во Охридскиот договор вграден во Уставот на Република Македонија.

Надеж ми влева сплотеноста меѓу граѓаните на Скопје и Тетово против загадениот воздух, независно од нивната етничка и верска припадност.

Надеж ми влеваат младите кои бараат подобро образование и подобра иднина тука, во Македонија.

Надеж ми влева солидарноста кон нашите сограѓани во подрачјата што беа зафатени со природни непогоди, но и сè поголемата свест за лицата со посебни потреби.

Надеж ми влеваат Црвениот крст, сите хумани граѓани кои споделија вода и храна со стотиците илјади бездомни мигранти и бегалци кои минаа низ нашиот дом.

Надеж ми влева секој успешен студент, научник, спортист, уметник, претприемач, секоја нова инвестиција и секое ново работно место.

Тоа е надежта за Македонија.

Не велам дека ќе биде лесно. Напротив. Ни претстои тешка година.

Светските текови нема да нè заобиколат и затоа треба да бидеме максимално подготвени. Мора со внимание да ги следиме случувањата во регионот и во Европа.

Но, за да го постигнеме тоа, мора да бидеме одговорни. Секој, а посебно носителите на политички и јавни функции, мора да се однесува одговорно. Секој да се соочи со својата одговорност.

Минуваме низ три кризи, кои се истовремено и три можности да излеземе посилни и посплотени, а не послаби и разединети.
Затоа, сега не е време за обвинување, туку за обединување.
Не е време за тесно-партиско препукување, туку за одговорно однесување.

Да изградиме култура на политички дијалог, преку кој се гради единство околу државните интереси. Сите ние, и Македонци, и Албанци, и Турци, и Срби, и Роми, и Власи, и Бошњаци, и христијани, и муслимани, и Евреи, и атеисти...

Само така ќе излеземе од маѓепсаниот круг на кризите, и само така ќе престанеме веќе еднаш да ги повторуваме грешките.

Драги сограѓани,

Без разлика на сите предизвици продолжуваме да се надеваме и да веруваме во Македонија. А можеме да се надеваме само на она што искрено го посакуваме. Нашата надеж е длабоко поврзана со нашата желба за праведно општество во кое сите имаат еднакви слободи, права и напредок. Општество кое се потпира врз две вредности: мирот, како грижа за добросостојбата и достоинството на граѓаните, и вистината, како предуслов за правдата.

Верувам дека одговорни, сплотени и подготвени можеме да се соочиме со сè што ќе ни донесе неизвесната иднина.

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 10 од 54