Обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Среда, 22 Јуни 2016   

obrakjanje_22062016Почитувани граѓани на Република Македонија,

Во изминатите денови имавте можност да ја следите дебатата во Собранието за предлогот на опозицијата за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија.

Сето она што беше кажано од собраниската говорница ќе остане запишано како сведоштво за односот на пратениците кон сопствената држава и кон сопствените институции. Врз основа на тоа сведоштво идните поколенија ќе знаат низ што се минувала демократијата во Македонија и како оваа генерација политичари ја разбирале и практикувале политиката.

Дел од тие сведоштва се помилувањата од претходни претседатели за кои воопшто не беше покренато прашање за нивна одговорност. Ниту пак се покрена кога ни наметнаа привремено име кое сеуште не фрустрира. Ниту пак за промената на државното знаме, Уставот и територијалната поделба на државата. Никој не одговараше за атентатот на еден претходен претседател и за неразјаснетите околности што доведоа до смртта на друг претседател. Наредните генерации ќе знаат дека во тоа време, на власт биле истите оние кои денес го покренаа прашањето за моја одговорност и кои го оспоруваат мојот легитимитет.

Гласањето во Собранието заврши. Неоснованата иницијатива на опозицијата беше отфрлена. Затоа, денеска им се обраќам на граѓаните. Граѓаните кои два пати ми ја дале довербата да бидам претседател на Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Веќе подолго време предупредував за причините и последиците од кризата во која се наоѓаме.
Активностите на паралелната мрежа и безбедносните пропусти во системот за следење на комуникации по втор пат во овие 15 години ја предизвикаа политичката криза.
Под покровителство на меѓународниот фактор, беше постигнат договорот од Пржино. Беше формирана техничка влада со претставници од власта и опозицијата. Беше формирано Специјално јавно обвинителство.

Но, наместо да се разреши, кризата се продлабочи.

Изборите на 24 април беа одложени на барање на опозицијата. Изборите закажани за 5 јуни беа минирани бидејќи опозицијата се закани дека ќе ги спречи, а олеснувачите извршија притисок кај дел од партиите да се откажат од учество.
Партиите и нивните поддржувачи ги користеа институциите како средство за меѓусебна пресметка.
Во недостиг на време за водење на квалитетни истраги Специјалното јавно обвинителство потфрли.
Постоеше висок ризик од поттикнување насилни акти и предизвикување меѓу-македонски судир.
Се активираа криминални мрежи, антивладини активисти и олеснувачи на движењето на мигрантите.
Од ден во ден, состојбата се усложнуваше.
Договорот од Пржино беше de facto мртов.
Поради нарушениот систем на команда, безбедносните институции беа блокирани и паралелизирани. Постоеше висок ризик да не можат да одговорат на заканите со кои се соочуваме како држава.

А закани имаше многу, и од надвор, и од внатре.

На нашата јужна граница илјадници мигранти се обидуваа насилно да ја срушат заштитната ограда, да ја преплават територијата на нашата држава, за да го отворат балканскиот мигрантски коридор кон Европа. Армијата и полицијата спречија над 15.000 обиди за илегален премин на границата.

На северната граница имаше упад од четириесетчлена вооружена, насилно-екстремна група. Оваа група имаше за цел да изврши осветнички терористички акти за полициската акција од 9 мај 2015 година во Куманово. Тогашниот министер за внатрешни работи од опозицијата е добро информиран за она за што зборувам. Тој можел на пратениците од опозицијата да им ги пренесе класифицираните информации за сите закани што ги имавме тие денови. Како членови на собраниските комисии за надзор и контрола тие имаат право да ја знаат вистината.

Но, не е само тоа. Во изминатата година се случија десетина напади со оружје и експлозиви врз државни објекти и институции и една политичка партија.

Постоеше и сеуште постои висок ризик и од заканата од странски терористички борци. Имаме 86 повратници од боиштата во Сирија и Ирак.

Двајца од лидерите на политичките партии добиваа закани за атентат. Закани потврдени и од партнерските служби.

Настаните на јужната и северната граница, заканите од странски терористички борци, мобилизацијата на криминалните структури и антивладините активисти со намера да предизвикуваат насилства и узурпирање на објекти ги зголемија ризиците за загрозување на безбедноста на Република Македонија.

Во услови на прогласена кризна состојба и на длабока политичка криза, кога имавме распуштено Собрание и техничка Влада со мандат ограничен само за спроведување на избори; кога имавме парализирани безбедносни институции со нарушен систем на команда, и постојани и директни закани по националната безбедност, Специјалното јавно обвинителство вршеше селективен прогон кон само една политичка структура. Тоа водеше кон предизвикување на тензии во општеството со ризик за меѓуграѓански конфликт и насилства.

Се што се случуваше упатуваше на тоа дека се соочуваме со туѓа наметната игра што има за цел дестабилизација на Македонија. Очекувам судската разрешница на предметот „Пуч" да го даде одговорот.

Сакам граѓаните да знаат дека бевме на чекор од отворен и насилен граѓански судир, најавено од обвинетите во случајот „Пуч". Нешто мораше да се преземе за да се спечи најлошото.

Во ваква сложена состојба, како Претседател на располагање имав два уставни и законски инструменти – реактивен и превентивен.

Првата опција беше да дејствувам реактивно. Тоа подразбираше да стојам по страна, и да чекам се додека состојбата во Македонија не ескалира. Тогаш ќе морав да ја ангажирам Армијата за смирување на состојбата. Но, со тоа ќе ја оставев јужната граница незаштитена и отворена за илегална миграција. Тоа ќе беше сигнал за милиони потенцијални мигранти дека Балканскиот коридор е повторно отворен. Тогаш Македонија ќе беше преплавена со мигранти.

Втората опција беше превентивна. Тоа подразбираше да наметнам нови правила на наметнатата игра со Македонија. Да превземам контрола врз играта и да обезбедам предност за Македонија.

Почитувани сограѓани,

Сакам да знаете дека целосно свесен за ризиците од носењето на одлуки, влегов во наметнатата игра и ги употребив оние инструменти со кои располагав.

Затоа, превентивно донесов одлука за помилување на сите кои на еден или друг начин се вклучени во политичката криза. Помилувањата беа инструмент со кој ги замрзнав сите непријателски намери меѓу спротивставените страни.

Мојата одлука ги изненади сите и предизвика нервоза кај одредени центри на моќ. Гневот се насочи кон мене. Плановите за предизвикување конфликт беа растурени. Со тоа го превенирав загрозувањето на јавната безбедност.

Но, некои погрешно ги толкуваа моите намери.

Во изминатите два месеци многумина упатија прашање до мене: Што сум мислел кога сум ја донел одлуката за помилувањата?
На ова прашање ќе одговорам со контра прашања:
Зарем требаше да бидам пасивен набљудувач додека се закануваше отворен судир меѓу двете спротивставени страни?
Зарем требаше да чекам да падне крв на улиците, за да ја употребам Армијата како втор инструмент во услови на веќе прогласена кризна состојба?
Зарем требаше да дозволам Македонец на Македонец да дигне рака?

Точно е дека трпам критики поради непопуларната одлука за помилување. Мојот личен углед беше доведен во прашање. Точно е дека во неколку наврати, протестите станаа и насилни. Но, подобро е да бидат горени моите фотографии, отколку институциите на државата. Она што е за мене најважно е што не дојде до отворен меѓу-македонски судир кон кој туркаа некои вжештени глави. Затоа, сметам дека целта е постигната. Вжештените глави се оладени. Македонија сеуште е безбедна, стабилна и мирна држава. Со други зборови, наметнатата игра за дестабилизација на Македонија не успеа.

Драги сограѓани,

Во изминативе два месеци секојдневно бев мета на бројни обвинувања.

Ме обвинуваа дека со одлуката сум покажал неодговорност. Напротив. Јас целосно ја превзедов одговорноста за мојата одлука.

Слушам обвинувања дека одлуката поттикнала на протести и ги зголемила безбедносните ризици.
Напротив. Од разузнавачки извори навремено бев информиран дека овие протести биле однапред планирани и подготвувани. Мојата одлука само го забрза нивното дејствување.
Во оваа прилика, сакам да им се заблагодарам на припадниците на полицијата за нивниот професионален однос, бидејќи не подлегнаа на ниедна од мноштвото провокации на кои беа изложени.
Сакам да им се заблагодарам на нашите сограѓани за совесното однесување и неприфаќање на насилството кон кое постојано беа, и сеуште се повикувани.
Сакам да им се заблагодарам на безбедносните служби кои навремено информираат за намерите за вршење на насилни акти.
Штетата на туѓиот имот се пресметува во пари и алтернативни казни но загрозување на јавната безбедност не се случи.

Почитувани сограѓани,

Ме обвинуваат дека во годината кога одбележуваме четврт век независност со одлуката за помилувања сум ја поништил правната држава.
Правната држава ја нарушија оние кои поради недостаток на политичка култура и култура на дијалог и компромис немаа доблест своите недоразбирања да ги решаваат во институциите на државата.
Правната држава ја нарушија лидерите на СДСМ и ДУИ бидејќи уставниот поредок не им беше доволен за да се сретнеме, да седнеме и да се договориме, туку трчаа во амбасадите на странските држави.
Правната држава, сувереноста и независноста ги загрозија овие двајца неодговорни политички лидери кои придонесоа да го добиеме договорот од Прижино, и кои не се ни придржуваа кон тој договор.

Ме обвинуваат дека сум го повредил Уставот и дека сум дал амнестија што е во надлежност на Собранието. Тие или не ја знаат разликата меѓу амнестијата што ја дава Собранието и помилувањето што го дава Претседателот, или ја знаат, но намерно шират конфузија меѓу граѓаните.

Ме обвинуваат дека одлуката сум ја донел за да го поништам Специјалното јавно обвинителство.

Специјалното јавно обвинителство е институција формирана ад-хок, со точно определна наменска цел, согласно договорот на политичките партии, од која се очекуваше со својата работа да биде во функција на решавање на политичката криза, а не нејзино продлабочување.

За жал, наместо инструмент за правда, Специјалното јавно обвинителство се покажа како инструмент за уцена. Од сите милион фајлови кои кажуваат дека ги имаат, ги одбра само оние кои се однесуваат на претставниците на власта, односно на ВМРО-ДПМНЕ. Селективниот прогон на СЈО создаде мачна атмосфера во општеството. Јас и јавно прашав по која методологија се одбрани само тие случаи. Одговорот го даде лидерот на опозицијата Заев кој изјави дека Специјалното јавно обвинителство постапува исклучиво по пријави доставени од опозицијата. Значи, наместо специјално обвинителство добивме селективно обвинителство, кое е исклучиво во функција на опозицијата.

Ме обвинуваа дека со помилувањата сум сакал да ги заштитам политичарите, и дека сум пратил порака дека политичарите се недопирливи, дека се над правото и законот.

За да ги отфрлам ваквите неосновани обвинувања, кога беа донесени измените на Законот за помилувања и кога беше создадена нова реалност, ги повлеков сите помилувања за политичари.

Денес, единствениот аболициран политичар во Република Македонија е господинот Зоран Заев. Доколку не блефира, го охрабрувам, врз основа на законските измени да го одржи дадениот збор и да поднесе формално барање за повлекување на неговото помилување.

Деновиве истакнуваат дека со повлекувањето на помилувањата сум признал дека сум направил погрешна проценка, дека сум го повредил Уставот и законите.
Напротив. Одлуката за повлекување ја донесов затоа што, за разлика од 12 април, денеска имаме нова реалност во Македонија.
Вратена е првобитната состојба.
Имаме функционални институции, кои можат да се справат со сите предизвици и закани со кои се соочува државата.
Наместо техничка имаме политичка влада што може да носи одлуки и да предлага закони.
Собранието повторно работи и носи закони, дури и водеше расправа за предлогот за импичмент на Претседателот.
Договорот од Пржино е повторно заживеан.
Работните групи на политичките партии разговараат за решенија за политичката криза и определување на датум за избори.
Безбедносните служби се под една команда и едно старешинство.

Почитувани сограѓани,

Во Македонија се води специјална војна како дел од стратегиите за предизвикување на тензии и воспоставување на постојани политички кризи со технички влади за неможност во справување со закани и доведување во положба на потчинетост. Договорот меѓу лидерите сеуште не е целосно исполнет. Парламентарните избори сеуште не се спроведени.

Во недостиг на политичка програма и решенија за граѓаните, гледаме циркус во Собранието, театар на улиците од оние кои не ги признаваат и ги бојкотираат институциите, повикуваат на безредие и безвластие.

Никому не му е забрането да протестира, да го искаже своето незадоволство од власта. Никому не му е оспорено правото јавно да го искаже своето мислење за кое било прашање во државата. Но институциите мора да воведат ред. Никаде не се толерира хулиганство, вандализам и уништување на туѓиот имот. Секаде тоа се санкционира. И кај нас таквото насилство мора да престане.

Затоа, сакам да упатам порака до сите оние кои придонесоа кон оваа криза.

Лидерите на партиите да внимаваат што договараат, олеснувачите да внимаваат какви пакети предлагаат, пратениците да внимаваат за какви закони гласаат.

Автентичниот невладин сектор кој со години конструктивно придонесува кон решавање на бројни проблеми во општеството да се дистанцира од оние поединци и групи кои протестираат само за да профитираат.

Ги повикувам партнерите да не ја користат состојбата за остварување свои интереси. Блокирањето на европска и евроатлантска иднина придонесе кон блокирање на политичките процеси во Македонија. Затоа, ги повикувам Европската унија и НАТО да го деблокираат патот на Македонија. Процесот на преговори и затворање на поглавјата досега ќе ги научеше политичките елити на културата на дијалог и компромис.

Сакам да ги потсетам политичките лидери што не ја признаваат институцијата Претседател на следново: тие се должни да не ја загрозуваат независноста и суверенитетот на Република Македонија со доведување во состојба на потчинетост и зависност кон други држави, центри на моќ или недржавни актери.

Не смее да се дозволи целата држава и народот да биде заложник на карактерите, егото и личната омраза на овие неодговорни политичари. За такви не треба да има место на политичката сцена. Ако во остварување на која било цел се водите од омраза и деструкција, тогаш неуспехот е загарантиран.

За крај, на овие неодговорни политичари кои од мене бараа одговорност, ќе им го порачам следново: Како Претседател имам одговорност кон граѓаните кои ме избрале и кои ми дале легитимитет. Имам одговорност кон вооружените сили чиј Врховен командант сум. Имам одговорност кон државата на чие чело сум во овие тегобни и мачни времиња.

И, со таа одговорност, како и досега, така и во иднина ќе постапувам единствено и исклучиво, според Уставот и Законите на Република Македонија во заштита на државните интереси и националната безбедност.

Ви благодарам.

  Back<<Назад