Обраќање на 28-та сесија на Форумот Кран Монтана
Среда, 05 Јули 2017   

Kran_Montana_ForumВаши екселенции,
Почитувани присутни,
Дами и господа,

Задоволство е да се учествува повторно на форумот „Кран Монтана" – формат за кој во секоја пригода велам дека е одлична можност за размена на мислења и ставови, особено што мотото на форумот – да се изгради похуман и поправичен свет станува поважно од кога било досега.

Дополнителна тежина на оваа денешна средба даваат и немилите настани кои се случија неодамна во неколку земји, а кои за жал покажуваат дека и покрај сите напори за борба против тероризмот, оваа модерна Хидра сè уште постои и ги разјадува сите општества, без оглед на нивниот политички или вредносен систем. Она што за Блискиот Исток претставува реалност веќе подолго време, полека станува дел и од вистинскиот живот во Европа.

Имајќи го предвид овој и другите предизвици со кои се соочува светот денес, изградбата на одржлива стратегија за стабилност и напредок станува можеби не невозможна, но со сигурност сложена мисија која бара многу заеднички труд, посветеност, доза на самокритичност и целосна искреност.

Дами и господа,

Минатото нè учи дека човештвото честопати знаело да задоцни, секоја задоцнета реакција и пропуштен миг за дејствување значеле назадување или во најмала рака, празен од. Сепак, предноста на сегашноста е што ни дава можност да учиме од минатото, со цел никогаш повеќе да не задоцниме кога влогот е нашата и иднината на нашите млади.

Ова го велам во поширок контекст – политички, општествен, економски, културен, па ако сакате и спортски. Време е да се ослободиме од предрасудите за големи и мали земји и да се свртиме кон нивната стратегиска реалност и профил кој во денешни категории претставува комбинација на геополитика и способност успешно да се фати чекор со новото време и сите негови предности и ризици.

Како поткрепа, секако, би го споменал примерот на мојата земја, Република Македонија и начинот на кој таа успешно се справи со само еден од низата предизвици во изминатиот период.
Имено, мигрантската криза ги увери и најголемите скептици во две нешта: прво, дека мала територија не значи и неважна територија и, второ, дека мала земја не значи и мала улога во глобалните процеси.

Таканаречената Балканска рута на бегалци и мигранти од Блискиот Исток, Азија и Африка покажа дека Балканот, но, пред сè, Македонија е мост помеѓу Истокот и Западот и најбрз пат до земјите од Западна Европа како крајна дестинација во потрагата по среќа на овие луѓе.

Не смее да се заборави дека токму Македонија и Балканот се раскрсницата каде во форма на мирен и вековен соживот природно се соединуваат најдобрите карактеристики на овие навидум спротивни светови. Начинот на кој една земја одбира да се справи со вакви и слични предизвици е најдобар и највидлив одраз на нејзиниот придонес кон изградбата на подобар свет за идните генерации. Од тој избор зависи дали и онака кревката стабилност ќе се влоши или, пак, ќе зајакне.

Изборот на Македонија беше хуманост, правичност и еднаков третман кога станува збор за хуманитарниот аспект на мигрантската криза; и одлучност и подадена рака за соработка кон сите засегнати, кога станува збор за нејзиниот безбедносен аспект.

Секако, мора да се има предвид дека мигрантската криза е само еден од серијата незапирливи глобални процеси со кои човештвото постојано ќе се среќава.

Почитувани присутни,

Наспроти сето ова што го кажав, стои еден контраст, една сосема поинаква ситуација. Република Македонија е школски пример кој го илустрира денешниот непоредок во светот, а ќе ви објаснам и зошто.

Во случајот со мојата земја, воопшто, не се почитува меѓународниот договор склучен со една наша соседна земја, а кој создава меѓународно правни обврски. Како тоа да не е доволно, имаме и пресуда на Меѓународниот суд на правдата во Хаг која сите ја игнорираат, небаре не постои. Македонија направи многу за безбедноста на Европа, а сè уште се третира како трета земја, па дури и пристапот кон одредени безбедносни инструменти на ЕУ ни е ограничен, иако станува збор за платформи за размена на податоци во корист на целиот континент. Македонија е пример за тоа како една земја може да биде предмет на двојни стандарди кои се граничат со лицемерие.

И покрај сè, останувам оптимист и се надевам дека и ЕУ и НАТО, како и земјите од нашиот регион ќе извлечат поуки од овој погрешен пристап кон Република Македонија.

Имајќи ја предвид темата за која зборуваме, не можам да видам ниту една друга одржлива стратегија за стабилност во услови на глобално непредвидлива средина освен враќањето кон единствениот вид поредок кој даваше стабилност – имено почитувањето, а не наменското толкување на меѓународното право и преземените меѓународни обврски. Ова оди рака под рака со максимална соработка, пред сè, во сферата на безбедноста и на борбата против главните предизвици – екстремизмот и тероризмот.

Екселенции,

Темелите на поредокот каков што го знаеме се сериозно разнишани и затоа сме во состојба што јас ја нарекувам глобален непоредок. ООН, како еден од тие темели, мора да се реформира и да се приспособи кон новата реалност. Ова се однесува и на другите меѓународни организации кои не смеат да си дозволат да останат заглавени во 20-от век, напротив мора да бидат пофункционални за да бидат вистински гаранти на стабилноста.

Времето за дејствување е сега. Од општествена, пак, гледна точка мора да се придвижиме кон систем на управување кој ќе води сметка за колективното добро, притоа не заборавајќи на експанзијата на секој од нас, поединечно. Новите технологии веќе ја даваат таа индивидуална можност, останува на нас да ја подигнеме свеста за нивното користење за позитивни цели.

Не смееме да заборавиме дека светот сè уште крвави од конфликти, војни, блокади и несогласувања, и дека никој не е имун на овие појави.
Клучот лежи во сознанието дека еден човек може да биде брат по вера, но и во спротивниот случај, тој останува рамен по човечност, со други зборови ја заслужува нашата почит, прифаќање и доверба.

Ова е најздравата основа врз која, со оглед на денешната реалност, може да се изгради светот кон кој тежнееме – свет на напредок, мир, стабилност и правичен третман кон сите.

Ви благодарам.

  Back<<Назад