Обраќање на свеченото отворање на 58. издание на фестивалот „Охридско лето“
Четврток, 12 Јули 2018   

OhridskoLeto2018Почитувани вљубеници во уметноста,

Годинава, по 58. пат Охрид и Македонија ќе бидат домаќини на стотици уметници. Тие уметници со себе ќе го донесат светот, за потоа со себе во светот да го понесат Охрид како македонско огледало на европската култура. Од денеска па натаму светот е во Охрид и Охрид е во светот. И ова взаемно пребивање вечерва ќе го започнеме со музика.

Со музика започнала и една вечера на пријатели од повеќе балкански држави кои се сретнале во еден балкански ресторан. Таму чуле позната народна љубовна песна. Секој од нив започнал да ја пее на својот мајчин јазик и набргу настанала кавга поради себичното присвојување на таа песна за љубовта. Обидувајќи се да го разбере парадоксот на песната со различни стихови но идентична музика, најљубопитната и најхрабрата од нив ја открила вистината дека музиката е универзалниот јазик на човештвото.

Тој јазик не се преведува, бидејќи секоја душа непосредно го разбира. Моќниците низ историјата попусто се обидувале да го сведат тој јазик на средство за остварување на своите себични цели. Попусто се обидувале преку уметноста на лагата и политичката коректност да го поробат човекот. Музиката и уметноста секогаш му помагале на човекот и кога е слаб да биде силен, и кога е сиромашен да биде богат, и кога е во пранги да биде слободен, и кога е исплашен да се охрабри. Во тој јазик на вистината нема простор за лагата. Во тој јазик на љубовта, нема простор за омразата. Впрочем, и двете најпознати песни во историјата на светот се посветени токму на љубовта. Песната над песните, напишана од старозаветниот Соломон, и химната за љубовта составена од новозаветниот Павле.

И не случајно еден од татковците на Европа, Жан Моне рекол дека ако Европа треба одново да се создава, тогаш треба да се започне со културата, со уметноста. Оваа мисла на Моне се однесува не само на Европа, туку и на сите геостратегии што се кројат во светските центри на моќ, особено имајќи предвид дека годинава се слават 70 години од Универзалната декларација на човековите права. А едно од тие права е и правото на учeство вo културата и уживање во уметноста.

И во таа смисла, со пораката светот во Охрид и Охрид во светот како Претседател на Република Македонија го прогласувам 58-то издание на фестивалот „Охридско лето" за отворен!

  Back<<Назад