Обраќање на свеченоста по повод манифестацијата „Илинденски марш 2018“
Петок, 27 Јули 2018   

PRM_Obrakjanje_Ilindenski_Marsh_01Почитувани сограѓани,

Драги пријатели,

Вечерва сме собрани да одбележиме еден важен јубилеј – 40 години од Илинденскиот марш. Во 1978 година, тројца млади и храбри патриоти од Лисиче одлучиле да ја изразат својата благодарност кон нашите илинденски херои на еден, за тоа време, несекојдневен начин – со тоа што на коњи ќе тргнат на пат до славното Крушево за да го остварат заветот на основачите на првата македонска република.

Тој прв обид, во сега веќе далечната 1978 година, во многу нешта наликува на првиот обид на македонскиот народ да создаде своја република.

Како и Крушевската Република, така и овој Илинденски марш не е наметнат, туку е автентичен израз на македонскиот стремеж за слобода.

Како и Крушевската Република, така и овој Илинденски марш, барем на почетокот бил краткотраен. Бил забрануван, неговите основачи затворани, нивните најблиски заплашувани.

Но, како и славните илинденци, така и коњаниците не се откажале и не потклекнале. Цели 20 години ги одржувал споменот за првиот марш, за тој прв младешки израз на самосвест и непокор. Исто како што и споменот за првиот Илинден ја греел душата на македонскиот народ сè до вториот славен Илинден.

И еве веќе 20 години тој марш е возобновен, исто како што беше обновена и македонската слобода, државност и независност. Па така, македонските граѓани собрани на Мечкин Камен, но и сите кои го следат одбележувањето од своите домови, се сведоци на тој свечен чин.

Драги пријатели,

Овој Илинденски марш на најавтентичен начин симболизира една голема вистина, а тоа е дека никој и ништо не може да го запре нескротливиот марш кон слободата. Никој и ништо не може да го обесхрабри народот, да му го замаглува помнењето, да му го брише минатото и да му ја одзема иднината. Никој и ништо веќе не може да ги спречи коњаниците од цела Македонија достоинствено да се упатат кон Крушево, кон нашата прва република. Да ни дадат пример како се чува споменот за нашите славни херои.

И токму затоа денес, како Претседател на Република Македонија, во името на македонските граѓани им се заблагодарувам на членовите на здружението „Илинденски марш 1978" со Повелба на Република Македонија. Оваа повелба е благодарност за нивниот исклучителен придонес за негувањето на културното наследство и за вредностите поврзани со чествувањето на Илинденското востание.

Конечно, ја користам оваа прилика, во предвечерјето на нашиот најголем и најсветол празник Илинден, да упатам еден повик. Ги повикувам македонските граѓани од сите краишта на нашата татковина Република Македонија, во што поголем број да дојдат во Крушево. Да дојдат во нашата прва македонска република, да се искачат на Мечкин Камен, за заедно да ги пречекаме овие храбри и посветени коњаници. Да ги пречекаме и да го поздравиме нивниот истраен и незапирлив марш кон слободата. Бидејќи слободата не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Низ секој наш творечки подвиг и низ секој изгрев што нè осветлува.

Ви благодарам.

PRM_Obrakjanje_Ilindenski_Marsh_02

  Back<<Назад