Новости
Претседателот Иванов му го честиташе изборот на Претседателот на Германија Кристијан Вулф
Понеделник, 05 Јули 2010

По повод изборот на Кристијан Вулф за Претседател на Сојузна Република Германија, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов го испрати следното писмо со честитки -
Почитуван господине Претседател,
Ми претставува особено задоволство да Ви упатам честитки од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име за изборот на функцијата Претседател на Сојузна Република Германија. Со честитањето на овој свечен чин, би сакал да Ви посакам успеси при извршувањето на оваа висока и одговорна должност.
Ја користам оваа свечена пригода да изразам задоволство од досегашната соработка меѓу нашите две земји и да ја нагласам мојата и на Република Македонија благодарност за континуираната поддршка што Сојузна Република Германија и ја дава на Република Македонија, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Најискрено се надевам дека во периодот што ни претстои, со заеднички ангажмани, ќе го негуваме и унапредуваме традиционалното пријателство меѓу нашите две земји и народи.
Почитуван господине Претседател, во оваа прилика сакам да ја истакнам активната и конструктивна посветеност на Република Македонија на процесите за интеграција во Европската унија и Северно-Атлантската алијанса, кои мојата земја ги има како стратешка и цврста определба. На тој план, верувам дека Сојузна Република Германија ќе остане силен поддржувач на евроатлантските интеграции на Република Македонија.
Со такво уверување и со надеж дека ќе ја имам честа наскоро лично да Ви го честитам изборот, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.
д-р Ѓорѓе Иванов

Честитка до Претседателот на САД Барак Обама по повод Денот на независноста 4 јули
Недела, 04 Јули 2010

По повод 4 јули, националниот празник на Соединетите Американски Држави, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати писмо до Претседателот на Соединетите Држави Барак Обама. Следи текстот на писмото -
По повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, ми претставува особена чест и задоволство, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата пријателска држава и за благосостојба на Американскиот народ.
Оваа свечена пригода ја користам за уште еднаш да ја потврдам доследната посветеност на Република Македонија кон негувањето на традиционалното пријателство со Соединетите Американски Држави, како и заложбите за полноправно членство на Република Македонија во НАТО, каде ќе продолжиме со успех да го градиме нашето досега повеќе пати докажано партнерство.
Би сакал да упатам искрени честитки за ангажираноста на Вашата држава за достигнување на целите и вредностите кон кои заеднички се стремиме, како заложбите за воздигнување и воспоставување на мирот и безбедноста, економскиот просперитет и демократијата во светски размери. Заедничките ангажмани на нашите одбранбени сили во меѓународните мировни мисии ја потврдуваат силната, посветеност на двете земји на борбата против меѓународниот тероризам.
Дозволете ми, господине Претседател, да ја истакнам искрената благодарност за силната и континуирана поддршка што Вие и Вашата држава ја укажувате за Евроатлантските интегративни процеси на Република Македонија, за нашето што поскоро членство во НАТО. Сакам да знаете, дека Република Македонија посветено, активно и конструктивно учествува во процесот со цел постигнување на заемно прифатливо решение за прашањето за името со нашиот сосед, Грција. Впрочем, тоа е и единствената пречка на патот на нашата евроатлантска интеграција. Очекуваме дека Вашата цврста поддршка ќе продолжи и во претстојниот период, со цел Република Македонија што поскоро да го завземе своето заслужено место во Северно-атлантската Алијанса. Тоа е во интерес на сите.
Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам, господине Претседател, изразите на моето највисоко почитување.
Нека Господ ја благослови Вашата голема нација.
д-р Ѓорге Иванов

Средба со студенти од Витон колеџот во Чикаго
Петок, 02 Јули 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес се сретна со поголема група студенти од Колеџот Витон од американската сојузна држава Илиноис. Претседателот Иванов со студентите, кои се на патување низ Европа чие цел е запознавање на разните европски политички системи, зборуваше за македонскиот демократски модел, за македонското мултиетничко општество и за различностите на верите, културите и традициите во земјата. Претседателот Иванов истакна дека македонскиот интегративен модел на разните етнички заедници и заедничкото носење одлуки во демократскиот процес е успешен модел кој нуди демократски развој и напредок.
Студентите и професорите од Витон го прашуваа Претседателот Иванов и за македонските реформи и интеграциите во НАТО и во Европската Унија. Претседателот Иванов истакна дека главна стратегиска цел на Македонија е завршувањето на овие процеси, што е од голема полза и за другите земји од Европа и од регионот. Претседателот Иванов ги истакна позитивните промени кои се случуваат во регионот, со зацврстувањето на демократијата, подобрената комуникација на граѓаните од разните држави, и развивањето на заедничкиот економски пазар и културната размена.
Студентите од САД се интересираа за разликите меѓу македонскиот и американскиот политички модел, како и за економските и културните односи меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави. Тема на разговор на Претседателот Иванов со студентите од колеџот Витон беше и моралноста во денешниот свет, улогата на државата и политичките теории.

Писмо со честитки по повод изборот на Пал Шмит за Претседател на Република Унгарија
Среда, 30 Јуни 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати писмо со честитки до новоизбраниот Претседател на Република Унгарија, Пал Шмит. Следи текстот на писмото.

 

Почитуван господине Претседател, 
Со особена чест, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, Ви упатувам срдечни честитки за изборот на функцијата Претседател на Република Унгарија и Ви посакувам искрени желби за успешно извршување на одговорната функција, за натамошен просперитет на Вашата земја и благосостојба на нејзините граѓани.
Во оваа свечена пригода сакам да го изразам задоволството од досегашниот развој на односите меѓу нашите две земји во духот на воспоставеното пријателство. Длабоко сум уверен дека со наши заеднички ангажмани ќе можеме да придонесеме во натамошно развивање на односите и соработката меѓу нашите две земји на секое поле од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. На тој план, сакам да Ви ја искажам господине Претседател, мојата и на Република Македонија целосна подготвеност. Во тој контекст, ја користам оваа прилика, да Ви упатам покана за официјална посета на Република Македонија во време кое најмногу Ви одговара и кое дополнително по дипломатски пат ќе го утврдиме. Длабоко верувам дека досегашната поддршка на Република Унгарија за евроатлантските интеграции на Република Македонија ќе продолжи во периодот кој ни претстои.
Ви ги упатувам, господине Претседател, изразите на моето највисоко почитување.
д-р Ѓорге Иванов

Претседателот Иванов на средба со претставници на Горанците во Косово
Понеделник, 28 Јуни 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов се сретна со претставници од македонско- горанската заедница од Косово.
Претседателот Иванов на средбата ги охрабри Горанците во Косово да се вклучат во тамошниот политички живот во Косово како начин да ги остваруваат своите права. Претседателот беше информиран дека Горанците веќе почнуваат активности за формирање политичка партија во Косово.
Претседателот Иванов ги информираше претставниците на Горанците за средбата со косовскиот претседател Фатмир Сејдиу, на која Претседателот Иванов за заложил за вклучување на Горанците со посебна графа во пописот на населението на Косово планиран за 2011 година. Кај Претседателот Сејдиу постоела волја за вклучување на оваа заедница преку посебна графа.
Претседателот Иванов во Призрен учествуваше на регионалната лидерска средба на која присуствуваа и неговите колеги од Црна Гора, Албанија и домаќинот Косово, Филип Вујановиќ, Бамир Топи и Фатмир Сејдиу.

Средба на Претседателите на Македонија, Косово, Албанија и Црна Гора во Призрен
Сабота, 26 Јуни 2010

Претседателите на Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора, Ѓорге Иванов, Бамир Топи, Фатмир Сејдиу и Филип Вујановиќ денеска упатија порака до меѓународната заедница од нивната средба во косовскиот град Призрен, дека овие земји имаат исклучителна соработка, која се засили во изминатата година. Претседателите порачаа дека ниту еден граѓанин на овие земји не смее да биде изоставен од слободно движење и презедоа обврски за значително подобрување на инфраструктурата и енергетиката во регионот.
На пленарниот состанок, шефот на македонската држава Иванов истакна дека сите проблеми и прашања во регионот мора да се решаваат со дијалог.
- Комуникацијата ја враќа довербата меѓу страните. Би се радувале кога на некоја од следните средби би ги видиле и српскиот претседател Борис Тадиќ и грчкиот Каролос Папуљас - изјави Иванов.
Домаќинот на средбата косовскиот претседател Сејдиу истакна дека главна тема на средбата било слободното движење на граѓаните и стоката, што е основа за интеграција во ЕУ.
- Не радува што Македонија и Црна Гора имаат статус на слободно движење на граѓаните. Албанија е на прагот на добивањето на тој статус - изјави албанскиот претседател Топи, истакнувајќи дека исто така од оваа поволност не треба да бидат исклучени граѓаните на Косово.
Вујановиќ рече дека треба да се афирмира вредноста на дијалогот, како подобрување на целосната атмосфера во регионот и потсети на разговорите што Македонија ги води со Грција во врска со разликите за името.
- Имаме еден дијалог меѓу Македонија и Грција и сакаме што поскоро да заврши за Македонија побрзо да влезе во НАТО и во ЕУ. Вториот дијалог меѓу Србија и Косово треба да почне и да се заснова на фактите дека од една страна Косово е признато од 69 земји во светот, но и оти 123 држави - членки на ОН ја немаат признаено нејзината независност. Повод за дијалог треба да се најде токму во овие две реалности - рече црногорскиот претседател.
Албанија исто така го поттикнува дијалогот меѓу Србија и Косово, како што рече претседателот Топи, но во услови на статус на взаемен суверенитет. Тој се заложи Косово да учествува на сите регионални средби, а не како што лобира Белград. Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу, одговарајќи на новинарско прашање, оцени дека средбата во Призрен е добар модел на соработка меѓу земјите во регионот.
Следната средба на четворицата претседатели предвидено е да се случи идната година во Македонија, а поканата за неа ја упати денеска претседателот Иванов. Македонскиот Претседател посочи дека во споредба со пред 10 години, очигледен е напредок во соработката меѓу овие четири земји, но и оти таа треба да продолжи да се развива, особено во однос на инфраструктурата и енергетиката.
Претседателите Иванов, Топи, Сејдиу и Вујановиќ со порака дека треба да продолжи и соработката во борбата против организираниот криминал и владеењето на правото.
Претходно денеска претседателите на Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора остварија меѓусебни билатерални средби.

 
Почеток < Пред 161 162 163 164 165 166 167 168 169 170 Следно > Крај
Страница 168 од 177