Новости
Писмо на сочувсто по повод поплавите во Пакистан
Четврток, 05 Август 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод катастрофалните поплави што ја зафатија Исламската Република Пакистан, испрати писмо со сочувство до пакистанскиот Претседател Асиф Али Зардари. Следи текстот на писмото -
Почитуван господине Претседател. Со длабоко жалење ја примив веста за обилните монсунски врнежи кои предизвикаа поплави од досега невиден размер. Искрено жалам за изгубените животи, за големите и ненадоместливи штети предизвикани од оваа природна непогода.
Во овие мигови на длабока тага за Вас, Вашата држава и народ, во свое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија, упатувам изрази на најдлабоко сочувство.
Верувам, почитуван господине Претседател, дека солидарноста и хуманоста која веќе пристига од сите страни, ќе помогнат во ублажувањето на последиците од оваа голема трагедија.
Ве молам, господине Претседател, изразите на најдлабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на настраданите и воедно сакам да Ве уверам дека граѓаните на Република Македонија искрено жалат за овој трагичен настан.
д-р Ѓорге Иванов

Честитка до Дорис Лојтхард, Претседател на Швајцарската Конфедерација, по повод националниот празник на Швајцарија
Недела, 01 Август 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до Претседателот на Швајцарската Конфедерација Дорис Лојтхард, по повод националниот празник на Швајцарија. Следи текстот на честитката -
Почитувана госпоѓо Претседател, Ми претставува особена чест и задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Националниот празник на Швајцарската Конфедерација, со искрени желби за натамошен просперитет на Вашата земја и за благосостојба на нејзините граѓани.
Ја користам оваа свечена пригода, да изразам задоволство и да го поздравам достигнатото ниво на пријателство и континуираниот развој на односите и соработката меѓу нашите две земји. Сигурен сум, дека и во периодот што следи со заеднички ангажман односите и соработката ќе продолжат да се унапредуваат и интензивираат во сите сфери од заемен интерес, за што и неодамна при нашата средба Ви ја искажав мојата, и на Република Македонија целосна подготвеност. Големата македонска дијаспора во Швајцарската Конфедерација, која претставува докажан мост на пријателство, уште повеќе ја зајакнува врската меѓу нашите земји.
Дозволете ми, госпоѓо Претседател, и во оваа пригода да искажам искрена благодарност за срдечниот прием и укажаното гостопримство при мојата официјална посета на Швајцарската Конфедерација. Ја повторувам поканата за посета на Република Македонија во термин кој ќе биде утврден по дипломатски пат, што ќе биде можност одблиску да се запознаете со големото културно и историско наследство со кое изобилува мојата земја, и прилика да го возвратам гостопримството.
Ве молам, госпоѓо Претседател, да ги примите изразите на моето највисоко почитување и топли поздрави од Република Македонија.

Претседателот Иванов во посета на опсерваторијата Кокино
Сабота, 31 Јули 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес присуствуваше на свеченоста организирана на мегалитската опсерваторија Кокино.
На утринската свеченост актери и уметници претставија древен обред кој се вршел на локалитетот Кокино. Археологот Јовица Станковски на собраните им го објасни значењето на ритуалот и улогата која ја имала опсерваторијата Кокино. Промовирањето на опсерваторијата Кокино почна уште пред 8 години.За овој период Кокино доби научна потврда од повеќе престижни организации, а најзначаната е на НАСА.
Во рамките на посетата, Претседателот Иванов престојуваше и во Старо Нагоричане, каде ја посети црквата Свети Ѓорѓи.
- Ние како локална самоупрва ќе правиме напори да иницираме проекти преку Владата за инфраструктурно уредување на нашето Кокино, кое е еден од приоритетите за развој на општината. Основен проблем е патот кој бара итна реконструкција и се надевам дека ќе успееме за кратко време да го решиме, изјави Миодраг Јовановиќ, градоначалник на општина Старо Нагоричане

Новоименуваниот амбасадор на Република Бугарија Раковски Симеонов Лашев ги предаде акредитивните писма
Петок, 30 Јули 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес ги прими акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Бугарија, г-дин Раковски Симеонов Лашев. На свеченото предавање на акредитивите, Претседателот Иванов му посака добредојде на амбасадорот Лашев во Македонија. Претседателот изрази надеж дека амбасадорот Лашев ќе даде силен придонес кон натамошно унапредување на односите на двете држави.
Според Претседателот Иванов, односите на двете земји се на одлично ниво, со големи можности за натамошно унапредување на соработката. Претседателот оцени дека двете држави делат заеднички вредности, стратегиски цели и се посветени на соработката, во интерес на државите, како и во интерес на развојот на регионот.
Амбасадорот Лашев изјави дека нема да штеди сили во работата на зацврстувањето на врските и на соработката меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Амбасадорот изрази задоволство од нагорниот развој на билатералната соработка, особено во областа на трговијата и енергетиката. Според амбасадорот Лашев, една област на која мора да се концентрира меѓудржавната соработка е во заедничките инфраструктурни проекти кои ги поврзуваат двете земји.

Средба на Претседателот Иванов со албанскиот министер за надворешни работи Илир Мета
Среда, 28 Јули 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г-дин Илир Мета заменик премиер и министер за надворешни работи на Република Албанија. На средбата беше изразено задоволството од нивото на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Албанија, како и од заемната определба за натамошно јакнење на пријателството и градење на односи низ отворен дијалог. Високото ниво во нашите односи се потврдува и со континуираниот политички дијалог меѓу двете земји, кој се карактеризира со чести средби на највисоко ниво, кои директно придонесуваат за поинтензивна соработка во сите области - изјави Претседателот Иванов на средбата.
Двајцата соговорници констатираа дека Македонија и Албанија, споделувајќи идентична визија за интеграцијата во евро-атлантските структури, се посветени на регионалната соработка и на градењето на добрососедски односи и во таа насока се согласија за натамошна взаемна поддршка во интегративните процеси.
На средбата се заклучи дека исклучително значаен сегмент во односите меѓу двете земји треба да биде економската соработка, за која се констатираше дека не кореспондира со нивото во политичките односи и со можностите на двете економии.

 

 
Почеток < Пред 171 172 173 174 175 176 177 178 179 180 Следно > Крај
Страница 173 од 186