Новости
Честитка до Претседателот Перес по повод Еврејската Нова Година
Вторник, 07 Септември 2010
Средба со вицепремиерите Ставревски и Наумовски и министрите Милошоски и Маневски
Петок, 03 Септември 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес имаше средба со Заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за финансии Зоран Ставревски, Заменик претседателот на Владата Васко Наумовски, Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и Министерот за правда Михајло Маневски.
Средбата беше дел од разговорите кои Претседателот Иванов ги организира во пресрет на посетата на Брисел на 9 и 10 септември, каде Претседателот ќе оствари средби со високи претставници на раководството на Европската Унија. Предвидено е Претседателот да одржи повеќе други средби со надлежни функционери од извршната и законодавната власт.
Тема на денешната средба на Претседателот со членовите на Владата беа активностите и постигнувањата во врска со реформите кои Република Македонија ги врши во рамките на евро-атланските интеграции. Конкретни области кои беа разгледани на средбата се текот на реформите во судството, проектите за енергетско и инфраструктурно поврзување на Република Македонија, плановите за  реформи во јавната администрација и реформите во сферата на економијата со кои беше оценето дека Македонија го има достигнато статусот на функционална пазарна економија.
Претседателот Иванов изрази задоволство од текот на активностите за хармонизација на законодавството на Република Македонија, во повеќе сфери, со европското законодавство, за кое оцени дека во голема мерка ќе помогне при побрзо спроведување на преговорите за полноправно членство со Унијата. Претседателот оцени дека сите преземени мерки и активности придонесуваат кон исполнување на условите за почнување на преговорите со Унијата, што беше одбележано и во минатогодишниот извештај за напредокот на Европската Комисија. На средбата беше истакнат позитивниот ефект кој почнувањето на преговорите за членство во Унијата ќе го има врз реформските процеси во Македонија.
Претседателот на средбата ги поздрави најавите за измена на некои политички одлуки кои можеа да придонесат за претставување на поинаква слика за Република Македонија пред институциите на Европската Унија. Посетата на Брисел, Претседателот Иванов ќе ја искористи за објективно претставување на состојбата во земјата и стореното од страна на Република Македонија. Претседателот, воедно, во текот на посетата ќе се концентрира на придобивките кои Македонија, но и Европската Унија, ќе ги имаат од забрзување на процесот на интеграции во регионот на Југоисточна Европа.

Претседателот на ифтарска вечера во Дебар
Среда, 01 Септември 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов присуствуваше на ифтарска вечера во градот Дебар, организирана од дебарското муфтиство.
Покрај градоначалниците на соседните и други градови од Македонија, пограничиот албански град Пешкопеа, претставници на Македонската Православна Црква и Исламската Верска Заедница, старешините на дебарското муфтиство и на дебарската парохија,  присутните ги поздрави и првиот човек на ИВЗ на Македонија, Реис ул Улема ефенди Сулејман Реџепи.
- Навистина ми е чест да бидеме тука во Дебар, градот кој што има стара традиција за гостопримство. Заради тоа во разговорот со Претседателот на државата, дебарското муфиство го избравме за наш домаќин на ифтарска вечер на Претседателот, што станува традиција која ја почнавме лани од Гостивар и ќе ја продолжиме и во наредните години - порача Реџепи.
За соживотот и вековната верска толеранција кои се одлики на Дебар, зборуваше и дебарскиот муфтија Ружди Љата, кој нагласи дека во дебарско со векови било така, така е и така ќе биде и во иднина.
Заблагодарувајќи се на гостопримството Претседателот Иванов рече дека Дебар од секогаш бил пример како луѓето живеат сплотено.
- Рамазан е месец посветен на милосрдието, на помош на луѓето на кои треба да им се подаде рака. Еден месец во кој не мислиме само на себе и на нашите потреби, туку сме повикани да мислиме и на другите. Се надевам дека ќе успееме да научиме да мислиме на нашите соседи, роднини и пријатели и во другите месеци - порача Иванов додавајќи дека со ваквите средини можеме најдобро да покажеме дека во Македонија секогаш се живеело заедно и оти така ќе се живее и во иднина.
Претседателот Иванов претходно го посети седиштето на дебарската парохија во црквата „Света Петка“ каде го пречека намесникот Благоја Спироски. Претседателот имаше куса средба и со градоначалникот на Дебар Аргетим Фида, а ја посети и новата Сааткула-џамија.

Амбасадорот на Обединетото Кралство Кристофер Ивон ги предаде акредитивните писма
Петок, 27 Август 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот ополномоштен амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Н.Е. г-дин Кристофер Ивон.
На средбата, Амбасадорот Ивон ги пренесе поздравите и најдобрите желби на Нејзиното Височество, Кралицата Елизабета Втора. Претседателот Иванов изрази благодарност поради константната и искрена поддршка на Обединетото Кралство за Република Македонија и за нашите заеднички стратегиски цели. Како најважни приоритети на Република Македонија, Претседателот Иванов и Амбасадорот Ивон во заедничкиот разговор ги идентификуваа процесите кои водат кон создавање на обединета Европа, како зона на безбедност, напредок и благосостојба. Претседателот Иванов ги поздрави активностите на Британија за обезбедување на европската иднина во рамките на целиот регион, и подвлече дека како и досега, Македонија останува вистински партнер на демократските и просперитетни сили во развојот на Балканот. На средбата беше истакнат заедничките напори на двете држави за промовирање на слобода и мир во светот, кои создаваат нераскинлива врска меѓу двете држави.
Претседателот Иванов на средбата истакна дека Обединетото Кралство, како лулка на демократијата и слободата, е значителен партнер на Република Македонија во нашите реформски процеси, борбата против корупцијата, развојот на судството, потоа во економскиот развој благодарение на британските инвестиции во Република Македонија. Претседателот изрази надеж дека во текот на мандатот на Амбасадорот Ивон ќе бидеме сведоци на либерализацијата на визниот режим за граѓаните на Република Македонија, како резултат на успешно спроведените реформи во таа област.

Амбасадорот на Република Турција Ѓурол Сокменсуер ги предаде акредитивните писма
Петок, 27 Август 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Турција, Н.Е. г-дин Ѓурол Сокменсуер.
Претседателот Иванов истакна дека односите на двете држави се на ниво на стратегиско пријателство, за исполнување на заедничките цели кои предвидуваат мир и стабилност во регионот, економски напредок, и промоција на демократијата и слободата. Претседателот Иванов и Амбасадорот Сокменсуер на средбата ја истакнаа длабоката соработка на двете држави во голем број на области и подвлекоа дека односите меѓу Република Македонија и Република Турција можат да послужат како пример за позитивна соработка меѓу земјите од регионот.
Претседателот воедно изрази благодарност за поддршката што Република Македнија ја добива од Република Турција во Северноатланскиот Сојуз. Претседателот подвлече дека Македонија, која ги исполни условите за членство во НАТО, високо ја цени турската активност по ова прашање.
На средбата, Претседателот истакна дека како две држави – кандидатки за членство во Европската Унија, Македонија и Турција стојат цврсто во промовирањето на европските принципи и вредности во регионот. Двајцата соговорници го истакнаа значењето на проектот за создавање на обединета Европа, како уникатен проект за ширење на стабилноста, економскиот развој и демократијата во светот.
Претседателот Иванов, на средбата со Амбасадорот Сокменсуер, истакна дека е охрабрен  од нивото на турски инвестиции во Македонија и во регионот, како и од најавите за натамошно ширење на економската соработка. Според Претседателот Иванов, растечката динамичност на турската економија отвора сериозни можности за нашата држава.

 
Почеток < Пред 171 172 173 174 175 176 177 178 179 180 Следно > Крај
Страница 175 од 190