Новости
Средба на претседателот Иванов со македонските иселеници во Швајцарија
Недела, 25 Јули 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска се сретна  со македонските иселеници во Берн во рамките на  дводневната официјална посета на Швајцарската Конфедерација.  .
Претседателот Иванов ги повика македонските иселеници да вложат во Македонија преку отворање мешовити македонско-швајцарски фирми и им порача дека во нивната татковина се прави се за да се креира поволна бизис клима.
Тој им ги претстави сите реформи што беа спроведени за подобрување на бизнис климата  со кои земјата беше рангирана како трет најголем реформатор во светот од страна на Светска банка и им порача дека вратите на Македонија секогаш се отворени за иселениците кои, како што рече, треба да ги искористат поволностите  што се нудат во слободните економски зони.
- Вие придонесувате за јакнењето на одличните билатерални односи меѓу Македонија и Швајцарија, земја со која немаме отворени прашања и која многу пати досега ни помогнала, рече претседателот Иванов, нагласувајќи дека е  потребно да се зголеми економската сорабтка меѓу двете земји.
Иселениците се интересираа за начинот на кој ќе се спроведе гласањето на дијаспората и побараа да се зајакне капацитетот на Агенцијата за иселеништво. Според нив, само трите предвидени места за пратеници во Собранието од дијаспората се многу малку. Тие се интересираа и за политичките поделби во Македонија, на што претседателот Иванов им одговори дека земјата е во фаза на учење на демократијата.
- Партиите се создадени да го делат народот, а претседателот да го обединува. Правам се за тоа, но за жал премногу сме политички поделени, рече Иванов, додавајќи дека луѓето ќе престанат да се интересираат за политика кога ќе зајакне економијата.
Според податоците од 2005 година во Швајцарија живеат околу 65.000 македонски иселеници, или околу 0,8 отсто од вкупно 7,6-те милони швајцарски жители, и тие претставуваат околу еден процент од вкупното швајцарско население.

Mинистерот за европски прашања Лелуш кај претседателот Иванов
Петок, 23 Јули 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими министерот за европски прашања на Француската Република г-дин Пјер Лелуш. На средбата се разговараше  за соработката и пријателските односи меѓу двете земји кои се карактеризираат со постојана динамика. Претседателот Иванов подвлече дека Македонија придава највисоко можно значење на развојот на односите и соработката со Франција и оцени дека политичките контакти на високо и особено на највисоко ниво се исклучително значајни и даваат силен импулс во позитивен правец.
Во разговорите акцент се стави на евро-атлантските приоритети на Република Македонија и цврстата решеност за полноправно членство во Европската Унија и во НАТО.
Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија оствари значајни резултати во процесот на евроинтегративните процеси со кои се овозможи воведување на визната либерализација за граѓаните на земјава и добивање на препорака од Европската Комисија за почеток на пристапните преговори. Земјава  останува целосно фокусирана на реформските процеси, а добивањето на што поскорешен датум за почеток  на пристапните преговори со Европската Унија останува клучна цел за Република Македонија. Во оваа насока е и максимизирање на напорите за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за спорот за името наметнат  од Република Грција, што се води  под покровителство на ООН.
На средбата двајцата соговорници се согласија дека и покрај добрата соработка меѓу двете земји сепак постои можност за што поголема соработка на економски план, бидејќи само ако сите земји се движат напред, можеме да сметаме на одржлива, трајна стабилност и безбедност.

Писмо на благодарност од Претседателот на САД Барак Обама
Четврток, 22 Јули 2010
Писмо на сочувство до Претседателот на Република Албанија г-дин Бамир Топи
Понеделник, 19 Јули 2010
Иванов - Затлерс: латвиски искуства за македонските евроинтеграции
Четврток, 15 Јули 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и неговиот латвиски колега Валдис Затлерс денеска во Скопје разговараа за пренесување на евроатланските искуства и за подобрување на вкупната соработка меѓу двете земји, со акцент на економската соработка.
- Клучен национален приоритет за Република Македонија е што побрзо да ги почне преговорите за влез во ЕУ, бидејќи тоа е кохезивен механизам за општество како Македонија - изјави Претседателот Иванов.
Посочувајќи дека треба да се интензивира соработката меѓу Македонија и Латвија, Иванов истакна дека од особена важност е интензивирање на економската размена, која сега е на симболично ниво. За таа цел, најави тој, двајцата претседатели иницирале одржување бизнис форум, како и заокружување на правната рамка.
Денеска е потпишан и Меморандум за разбирање меѓу министерствата за одбрана на Република Македонија и на Република Латвија за соработка во областа на одбраната. Во Меморандумот се предвидува соработка меѓу двете министерства во областите на одбранбената и безбедносната политика, демократската контрола на вооружените сили, заштита и размена на информации за заеднички иницијативи во рамките на евроатланскиот партмерски совет, во областа на образованието на воен и цивилен персонал.
Латвискиот претседател Затлерс истакна дека со Македонија ќе ги споделат нивното искуство, како и грешките во однос на евроатланските интеграции. Тој истакна дека го поддржува влезот на земјата во ЕУ и во НАТО.
- Кон ова треба секојдневно да придонесувате. Понекогаш ќе бидете во ситуација да жртвувате нешто, да направите компромис или консензус. Ако се осврнеме на ЕУ ќе видите дека понекогаш одлуките се донесуваат навистина многу споро, бидејќи мора да се постигне консензусот на многу држави. Кога ќе се донесе оваа одлука, таа е навистина издржана - изјави Затлерс.   
На земјите од Западен Балкан, Латвија гледа како на дел од Европа.
- Заедничкиот пазар и колективната одбранбена политика ги гледаме како одржлив развој на секоја држава, изјави латвискиот претседател.
Балканот и Балтикот, додаде тој, се на големо растојание, но тоа не е вистина. - Нашето искуство покажува дека е потребно да имаме брза и одржлива комуникација, изјави латвискиот претседател. 
- Во Македонија има евроентузијазам, изјави претседателот Иванов, прашан да ја коментира последната анкета на Секретаријатот за европски прашања, во која се забележува опаѓање на поддршката за влез во ЕУ. Шефот на државата вели дека не знае за некоја друга држава каде поддршката за влез во ЕУ била толку висока. Неговиот латвиски колега рече дека не би било добро кога не би имало евроскептици.
Ова е прва посета на латвиски претседател на Македонија.

Честитка до Претседателот на Франција Никола Саркози по повод 14 јули
Среда, 14 Јули 2010

По повод 14 јули, Националниот празник на Француската Република, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ја испрати следната честитка до Претседателот на Француската Република Никола Саркози –
Почитуван господине Претседател. Ми претставува особена чест и задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Националниот празник на Француската Република, со искрени желби за натамошен просперитет и благосостојба на Вашата земја.
Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да го изразам задоволството од досегашниот развој на односите и соработката меѓу нашите две земји, како и да го изразам своето убедување дека во иднина соработката ќе ја следи позитивна динамика и поуспешна и поплодна соработка во сите области од заемен интерес. Длабоко сум убеден дека односите на пријателство меѓу Република Македонија и Француската Република и во иднина, со заеднички ангажман успешно ќе се развиваат и продлабочуваат, за што ја искажувам нашата целосна подготвеност.
Почитуван Претседателе, улогата на Француската Република е исклучително значајна за интеграцијата на Република Македонија во европските и евроатлантските структури. Во тој контекст, сакам да ја повторам мојата благодарност за досегашната поддршка на напорите на Република Македонија на тој план, и убеден сум дека истата нема да изостане и во наредниот период.
Со такво уверување, Ви ги упатувам, господине Претседател, изразите на моето највисоко почитување.
Д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 171 172 173 174 175 176 177 178 179 180 Следно > Крај
Страница 179 од 191