Новости
Средба на Претседателот Иванов со албанскиот министер за надворешни работи Илир Мета
Среда, 28 Јули 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г-дин Илир Мета заменик премиер и министер за надворешни работи на Република Албанија. На средбата беше изразено задоволството од нивото на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Албанија, како и од заемната определба за натамошно јакнење на пријателството и градење на односи низ отворен дијалог. Високото ниво во нашите односи се потврдува и со континуираниот политички дијалог меѓу двете земји, кој се карактеризира со чести средби на највисоко ниво, кои директно придонесуваат за поинтензивна соработка во сите области - изјави Претседателот Иванов на средбата.
Двајцата соговорници констатираа дека Македонија и Албанија, споделувајќи идентична визија за интеграцијата во евро-атлантските структури, се посветени на регионалната соработка и на градењето на добрососедски односи и во таа насока се согласија за натамошна взаемна поддршка во интегративните процеси.
На средбата се заклучи дека исклучително значаен сегмент во односите меѓу двете земји треба да биде економската соработка, за која се констатираше дека не кореспондира со нивото во политичките односи и со можностите на двете економии.

 

Претседателот Иванов во официјална посета на Швајцарската Конфедерација
Понеделник, 26 Јули 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во рамките на официјалната посета се сретна со претседателот на Швајцарската Конфедерација Дорис Лојтхард. Односите меѓу Македонија и Швајцарија се многу добри и без отворени прашања, а особено во делот на економската соработка, каде постои можност за натамошно подобрување, оценија претседателите на двете земји  Иванов и  Лојтхард по денешната средба во замокот Лохн во Керзац крај Берн.
Претседателот Иванов посочи дека двете земји во континуитет ги градат односите и се заблагодари за помошта што и ја дава Швајцарија на Македонија за да ги достигне критериумите на НАТО и ЕУ и со тоа да ги исполни стратешките приоритети.
-Финансиската и техничката помош што ја добиваме од Швајцарија значително влијае на развојот на нашите реформи и градењето мултиетничка демократија. Со Швајцарија имаме извонредни билатерални и мултилатерални односи и ги користиме нивните искуства во претседавањето со Советот на Европа, рече Иванов.

Претседателот на Швајцарската конфедерација Дорис Лојтхард истакна дека соработката меѓу двете земји продолжува
- Се довговоривме и понатаму да ја продлабочиме нашата соработка особено во делот на животната средина, водоснабдувањето и полициската соработка. Во интерес на Швајцарија е мирен и стабилен Балкан поради што ќе продолжиме да ја поддржуваме Македонија во нејзините напори да стане членка на Европската унија, изјави претседателката Лојтхард.
Претседателот Иванов нагласи дека има голем простор за зголемување на економската соработка меѓу двете земи и додаде дека македонската дијаспора која брои преку 60.000 лица во Швајцарија може да биде мост на поврзување.
- Ние сме горди на нашите иселеници и очекуваме уште повеќе да ги подобрат врските меѓу нашите две земји бидејќи кога доаѓаат во Македонија тие носат и дел од Швајцарија, рече Иванов.
Прашан колку кочењето на интегративните процеи влијае врз безбедноста на Македонија, претседателот Иванов оцени дека тоа не влијае само на безбедноста во Македонија туку и на целиот регион.
- Билатералниот проблем го блокира процесот на стабилизација на целиот регион, а блокирањето на членството во НАТО од страна на Грција придонесе за откажување на најавените инвестиции во Македонија, рече Иванов.
Замолена за коментар за проблемот што го наметнува Грција со името на Македонија, швајцарската претседателка Лојтхард, рече дека не е работа на Швајцарија да коментира спорови меѓу две држави.
- Швајцарија секогаш учествува во решавањето на конфликти и ја нуди својата помош, но за да може да го направи тоа потребно е да се поднесе барање. Досега никој до нас не поднел барање за помош во спорот со името, рече Лојтхард и додаде дека се недева оти зачестените билатерални средби меѓу претставници на Македонија и на Грција ќе помогнат да се најде заемно прифатливо решение.
Според неа, одолговлекувањето на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ ќе придонесе за демотивирање на населението.

Средба на претседателот Иванов со македонските иселеници во Швајцарија
Недела, 25 Јули 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска се сретна  со македонските иселеници во Берн во рамките на  дводневната официјална посета на Швајцарската Конфедерација.  .
Претседателот Иванов ги повика македонските иселеници да вложат во Македонија преку отворање мешовити македонско-швајцарски фирми и им порача дека во нивната татковина се прави се за да се креира поволна бизис клима.
Тој им ги претстави сите реформи што беа спроведени за подобрување на бизнис климата  со кои земјата беше рангирана како трет најголем реформатор во светот од страна на Светска банка и им порача дека вратите на Македонија секогаш се отворени за иселениците кои, како што рече, треба да ги искористат поволностите  што се нудат во слободните економски зони.
- Вие придонесувате за јакнењето на одличните билатерални односи меѓу Македонија и Швајцарија, земја со која немаме отворени прашања и која многу пати досега ни помогнала, рече претседателот Иванов, нагласувајќи дека е  потребно да се зголеми економската сорабтка меѓу двете земји.
Иселениците се интересираа за начинот на кој ќе се спроведе гласањето на дијаспората и побараа да се зајакне капацитетот на Агенцијата за иселеништво. Според нив, само трите предвидени места за пратеници во Собранието од дијаспората се многу малку. Тие се интересираа и за политичките поделби во Македонија, на што претседателот Иванов им одговори дека земјата е во фаза на учење на демократијата.
- Партиите се создадени да го делат народот, а претседателот да го обединува. Правам се за тоа, но за жал премногу сме политички поделени, рече Иванов, додавајќи дека луѓето ќе престанат да се интересираат за политика кога ќе зајакне економијата.
Според податоците од 2005 година во Швајцарија живеат околу 65.000 македонски иселеници, или околу 0,8 отсто од вкупно 7,6-те милони швајцарски жители, и тие претставуваат околу еден процент од вкупното швајцарско население.

Mинистерот за европски прашања Лелуш кај претседателот Иванов
Петок, 23 Јули 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими министерот за европски прашања на Француската Република г-дин Пјер Лелуш. На средбата се разговараше  за соработката и пријателските односи меѓу двете земји кои се карактеризираат со постојана динамика. Претседателот Иванов подвлече дека Македонија придава највисоко можно значење на развојот на односите и соработката со Франција и оцени дека политичките контакти на високо и особено на највисоко ниво се исклучително значајни и даваат силен импулс во позитивен правец.
Во разговорите акцент се стави на евро-атлантските приоритети на Република Македонија и цврстата решеност за полноправно членство во Европската Унија и во НАТО.
Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија оствари значајни резултати во процесот на евроинтегративните процеси со кои се овозможи воведување на визната либерализација за граѓаните на земјава и добивање на препорака од Европската Комисија за почеток на пристапните преговори. Земјава  останува целосно фокусирана на реформските процеси, а добивањето на што поскорешен датум за почеток  на пристапните преговори со Европската Унија останува клучна цел за Република Македонија. Во оваа насока е и максимизирање на напорите за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за спорот за името наметнат  од Република Грција, што се води  под покровителство на ООН.
На средбата двајцата соговорници се согласија дека и покрај добрата соработка меѓу двете земји сепак постои можност за што поголема соработка на економски план, бидејќи само ако сите земји се движат напред, можеме да сметаме на одржлива, трајна стабилност и безбедност.

Писмо на благодарност од Претседателот на САД Барак Обама
Четврток, 22 Јули 2010
 
Почеток < Пред 181 182 183 184 185 186 187 188 189 190 Следно > Крај
Страница 181 од 193