Новости
Одржан Охридскиот пливачки маратон
Сабота, 14 Август 2010

Петар Стојчев од Бугарија во машка и Карла Ситиќ од Хрватска во женска конкуренција се овогодинешните победници на Охридскиот пливачки маратон, кој се одржа под покровителство на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов.
На 30-километарската патека „Климе Савин“, од Свети Наум до Охрид, Стојчев ја остави конкуренцијата зад себе, забележувајќи ја вкупно деветтата победа во своето сеумнаесетто учество на маратонот. На целта тој пристигна со време од 5 часа, 37 минути и 39 секунди, оставајќи ги зад себе Германецот Александар Стуѕински и Аргентинецот Дамиен Блаум.
- Мене не ми одговара пливање во група, некаде кај Пештани успеав да се одлепам и до крај да ја задржам предноста. Се решив да пливам ваква трка за да нема никаков сомнеж во мојата победа, како што тоа беше во изминатите две години. Сепак секоја победа е подеднакво важна без разлика дали е остварена со секунда предност или со предност од педесет метри - изјави веднаш по пристигнувањето на целта Петар Стојчев.
И додека победата на Стојчев беше очекувана, изненадувањето се случи кај дамите. Сосема неочекувано до победата стигна Крла Ситиќ од Хрватска. Нејзиното време на целта изнесуваше 5 часа, 47 минути и 18 секунди. Хрватската маратонка до победата стигна пред фаворизираните Естер Нуњез од Шпанија и Гиељо Пилар од Аргентина.
- Немам зборови со кои би можела да го искажам чувството по оваа победа. Условите за пливање беа одлични, се надевам дека ќе дојдам и следната година да ја бранам титулата -  изјави Карла Ситиќ.
На целта прв на победниците им честиташе претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов.
На 24-то издание на пливачкиот маратон, Македонија беше претставена од петмина пливачи. Најдобро пласиран од нив, на шестата позиција беше Евгениј Поп Ацев кој на целта стигна со време од 5 часа, 45 минути и 15 секунди. Од македонските натпреварувачи, Илиевски беше седумнаесетти, Младеновски позиција зад него, а Панчевски финишираше на дваесеттото место.

Претседателот Иванов на трибина посветена на Охридскиот рамковен договор
Петок, 13 Август 2010

На денешната трибината насловена „Охридскиот рамковен договор денес и во иднина“ македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов нагласи дека во нормативниот дел моделот е отворен проект во кој се вградуваат барањата на секоја генерација што го прави овој договор динамичен.
- Охридскиот рамковен договор е создаден за надминување на непријателствата во Македонија и е специфичен македонски модел на мултиетничко општество заснован на интеграција без асимилација. Тој се темели на нашата традиција на заемно почитување меѓу етничките заедници. Постигнувањата во однос на имплементацијата во изминатите девет години се мерливи, но неговата целосна имплементација чини многу и за да биде целосно функционален неопходен е бруто домашен производ од 8 илјади долари по глава на жител, а Македонија во овој момент остварува само половина, рече претседателот Иванов на трибината во хотелот Холидеј Ин во Скопје, на која учествуваа и заменик Претседателот на Владата на Република Македонија Абдулаќим Адеми и професорите Зоран Илиевски и Имер Исмаили, под модерација на Ризван Сулејмани.
Целосната имплементација на Рамковниот договор, како што нагласи претседателот Иванов, е услов за евроатлантските интеграции на Република Македонија.
Адеми, вицепремиерот задолжен за спроведување на Охридскиот договор, во своето обраќање рече дека благодарение на имплементирањето на договорот, Македонија во 2005 година доби статус на земја кандидат за членство во Европската Унија.
- Охридскиот рамковен договор го гарантира унитарниот карактер на државата, и го исклучува насилството за остварување на политички цели – изјави Адеми.
Според професор Илиевски, законскиот дел од Рамковниот договор е заокружен, но потребна е работа на терен.
- Така на пример правичната застапеност бара образовни кадри…мора да се работи и во сверата на образованието за да имаме добра јавна администрација и квалитетни услуги за граѓаните - рече професор Зоран Илиевски.

Писмо на сочувство по лизгањето на земјиштето во Кина
Четврток, 12 Август 2010

По повод големиот број жртви во Народна Република Кина, предизвикани од лизгање на земјиштето, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати писмо со изрази на сочувство до кинескиот Претседател Ху Џинтао. Следи текст на писмото -
Почитуван господине Претседател. Со длабоко жалење ја примив веста за обилните врнежи кои предизвикаа огромни лавини и лизгање на земјиште. Искрено жалам за изгубените животи, за големите штети предизвикани од оваа природна временска непогода.
Во овие мигови на длабока тага за Вас, Вашата држава и пријателскиот кинески народ, во свое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија упатувам изрази на најдлабоко сочувство.
Ве молам, господине Претседател, изразите на најдлабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на настраданите и воедно сакам да Ве уверам дека граѓаните на Република Македонија искрено жалат за овој трагичен настан.
д-р Ѓорге Иванов

Писмо на сочувство по повод шумските пожари во Русија
Вторник, 10 Август 2010

По повод силните шумски пожари кои ја зафатија Руската Федерација и однесоа голем број на животи, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати писмо со изрази на сочувство до рускиот Претседател Дмитри Медведев -
Почитуван господине Претседател. Со длабоко жалење ја примив веста за огромните шумски пожари и огнената стихија која предизвика последици од досега невиден размер. Искрено жалам за изгубените животи, за големите и ненадоместливи штети предизвикани од оваа трагедија.
Во овие мигови на длабока тага за Вас, Вашата држава и народ, во свое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија, упатувам изрази на најдлабоко сочувство.
Верувам, почитуван господине Претседател, дека солидарноста и хуманоста која веќе пристига од сите страни, ќе помогнат во ублажувањето на последиците од оваа голема трагедија.
Ве молам, господине Претседател, изразите на најдлабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на настраданите и воедно сакам да Ве уверам дека граѓаните на Република Македонија искрено жалат за овој трагичен настан.
д-р Ѓорге Иванов

Писмо на сочувсто по повод поплавите во Пакистан
Четврток, 05 Август 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод катастрофалните поплави што ја зафатија Исламската Република Пакистан, испрати писмо со сочувство до пакистанскиот Претседател Асиф Али Зардари. Следи текстот на писмото -
Почитуван господине Претседател. Со длабоко жалење ја примив веста за обилните монсунски врнежи кои предизвикаа поплави од досега невиден размер. Искрено жалам за изгубените животи, за големите и ненадоместливи штети предизвикани од оваа природна непогода.
Во овие мигови на длабока тага за Вас, Вашата држава и народ, во свое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија, упатувам изрази на најдлабоко сочувство.
Верувам, почитуван господине Претседател, дека солидарноста и хуманоста која веќе пристига од сите страни, ќе помогнат во ублажувањето на последиците од оваа голема трагедија.
Ве молам, господине Претседател, изразите на најдлабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на настраданите и воедно сакам да Ве уверам дека граѓаните на Република Македонија искрено жалат за овој трагичен настан.
д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 181 182 183 184 185 186 187 188 189 190 Следно > Крај
Страница 183 од 197