Новости
Проштална средба со Клер Биргин, амбасадор на Австралија
Понеделник, 17 Мај 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес ја прими Клер Биргин нерезидентен Амбасадор на Комонвелтот Австралија. На срдечната средба Претседателот Иванов и се заблагодараи на Н.Е. Биргин за нејзиниот придонес кон градењето на блиски и пријателски односи меѓу двете земји. Претседателот Иванов оцени дека големата и бројна македонска заедница која живее и е интегрирана во Австралија е голема предност за развивањето на односи и за продлабочувањето на пријателството. Претседателот воедно оцени дека одлука на Австралија да пристапи кон употреба на уставното име на Република Македонија во билатералните односи дополнително би ги зацврснала односите на двете земји.
На средбата, од двете страни беше истакнато задоволството од интензивните средби и контакти, имено посетата на Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски на Австралија, и посетата на Спикерот на Претставничкиот Дом на Парламентот на Австралија Хари Џенкинс на Македонија. Како следен чекор во развојот на односите на двете земји, Претседателот Иванов изрази надеж дека ќе дојде до отворање на амбасада на Комонвелтот Австралија во Македонија.

Претставници на турската заедница кај Претседателот
Понеделник, 17 Мај 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес ги прими Министерот во Владата на Република Македонија г-дин Хади Незир, Претседателот на Демократската Партија на Турците во Македонија и пратеник во македонскотот Собрание г-дин Кенан Хасипи и Кадир Сали, генерален секретар на партијата.
На срдечната средба беше разгледана положбата на значајната труска заедница во Република Македонија, и придонесот кој го дава во развојот на македонското општество. Беше истакнато задоволство од извонредните односи меѓу Република Македонија и Република Турција, за што несомнено свој придонес го дава и турската заедница во Македонија, како и поединците, етнички Турци, на истакнати позиции во македонската држава. Претседателот Иванов изрази очекување дека одличните односи на политички план проследени со голем број на посети меѓу Македонија и Турција ќе се преточат во еднакво добри економски односи, за што веќе се во тек поголем број на значајни, конкретни иницијативи.

Меѓу станарите од социјалните згради во населбата Јурија
Недела, 16 Мај 2010

На одделни средби со најстариот и најмладиот брачен пар кои растеле во дом без родителска грижа и потоа основале семејство, Претседателот Иванов денес се запозна со проблемите со кои се соочуваат овие семејства, како и со нивното барање да ги откупат становите  во кои живеат. Никола Богоески, кој со сопругата добил социјален стан 25 години по заминувањето од Домот, го информираше Претседателот Иванов за  неговиот досегашен опстанок под кирија и за очекувањата за иднината.
- Работам во Центарот за рециклажа, а со примањата можеме да ги платиме сметките за струја за вода и другите давачки. Станот сакаме да го откупиме. Го запознаваме претседателот Иванов со ова барање за кое има некои регулативи со оглед дека изградбата е и со пари од донации - изјави Богоески.
Тој наскоро треба да го добие имотниот лист за станот кој му беше доделен пред два месеци преку распределбата на 102-та таканаречени социјални станови во населбата Јурија, што ја организираше Министерството за транспорт и врски.
Според Илија Јовановиќ, Претседател на Здружението на деца и младинци без родители од детските домови и дом семејства на Македонија - Градиме иднина - Скопје, Иванов е првиот македонски Претседател кој се заинтересирал за проблемите на децата без родителска грижа.

Неформална средба на претседателот Иванов со лидерите на поголемите политички партии
Сабота, 15 Мај 2010

Во Катланово денес се одржа неформалната средба на претседателот Ѓорге Иванов со лидерите на поголемите политички партии во Македонија. На средбата со шефот на државата присуствуваа претседателите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДУИ Али Ахмети. Лидерите на ДПА Мендух Тачи и на Нова Демократија Имер Селмани, иако поканети, не дојдоа на средбата.

Безбедносните структури во Македонија добро си ја работат работата и затоа нема потреба од свикување на Советот за безбедност на државата - изјави претседателот Ѓорге Иванов по средбата во Катланово. Иванов, коментирајќи ги последните заплени на поголемо количество оружје кај Блаце и Радуша, рече дека некои структури упорно се обидуваат да го прекршат законот и за нив ќе следат соодветни санкции.

Освен за безбедносната ситуација во земјата, на неформалната средба станало збор и за состојбата во регионот, прашањето за човековите права, малцинските права, како и за интересите на политичките партии. Иванов истакна дека ваквите средби се корисни за продолжување на политичкиот дијалог во земјата.

Пријавување за Школата за лидери
Петок, 14 Мај 2010

Во Кабинетот на Претседателот Иванов во тек е пријавување за учесници на проектот Школа за лидери. Обуката е наменета за млади луѓе кои го завршиле високото образование. Предавачи на Школата, покрај Претседателот, се истакнати професори и професионалци од разни области на општествениот живот. Школата ќе се одржи во Охрид, во периодот од 16 до 27 август. Наставата се одвива на македонски и на англиски јазик.

Право да се пријават имаат граѓани на Република Македонија, како и деца на македонски иселеници што живеат во странство. Просекот од високото образование на кандидатите треба да биде еднаков или поголем од 8,5. (или еквивалентно доколку се работи за диплома од странство). Работното искуство, како и магистратура, ќе се сметаат за предност.

Кандидатите треба да достават две препораки од компанија во која работат, факултетот каде што студирале или организација во која се активни. Потребна е потврда за одлично познавање на англискиот јазик, копија од Уверение за положени испити, биографија и кратко мотивационо писмо.

Заинтересираните кандидати може да се пријават, по пишан пат, на адресата - Кабинет на Претседателот на Република Македонија, Комисија за Школа за лидери, улица Ацо Караманов ББ, 1.000 Скопје.

Пријавите треба да бидат испратени најдоцна до 1 јуни 2010 година.

Трошоците за сместување со полн пансион ќе бидат покриени од страна на Кабинетот на Претседателот Иванов.

Претседателот Иванов се сретна со Помошникот државен секретар Гордон
Четврток, 13 Мај 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на Соединетите Американски Држави д-р Филип Гордон.

На средбата, Претседателот Иванов подвлече дека Македонија високо го цени ангажманот на Соединетите Американски Држави за надминување на единствената пречка за интеграцијата на Република Македонија во евро-атлантските структури.

Претседателот Иванов ги искажа македонските ставови во врска со разликата околу името со нашиот јужен сосед и потенцираше дека Република Македонија е подготвена за взаемно прифатливо решение во рамките на Повелбата, резолуциите на Обединетите Нации и на меѓународното право.

Имајќи ги предвид ефектите од опстојувањето на Република Македонија надвор од овие структури, кои се одразуваат и на економскиот и на вкупниот политички и општествен живот, Претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија е таа што е најзаинтересирана за решение до кое може да се дојде само со почитување на рамката во која се водат разговорите и со искрена политичка волја меѓу двете страни.

Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на Соединетите Американски Држави д-р Филип Гордон изрази надеж дека со искрена политичка волја од двете страни може да се дојде до взаемно прифатливо решение. Гордон нагласи дека САД и понатаму сметаат на партнерството и пријателството на Република Македонија и дека ќе продолжат да ја поддржуваат Република Македонија во нејзините евро-атлантски аспирации. 

На средбата стана збор и за состојбите во регионот и учеството на македонските војници во мисијата ИСАФ во Авганистан.

 

 
Почеток < Пред 181 182 183 184 185 186 187 188 189 190 Следно > Крај
Страница 187 од 191