Новости
Средби со Претседателите Назарбаев и Алиев на Самитот во Истанбул
Вторник, 08 Јуни 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов кој во Истанбул учествува на третиот самит на Конференцијата за интеракција и градење мерки на доверба во Азија, вчера (7 јуни) имаше средби со Претседателот на Република Казахстан Нурсултан Назарбаев и со Претседателот на Република Азербејџан Илхам Алиев.
На средбите, Претседателот Иванов го истакна интересот на Република Македонија за засилување на дипломатските односи. Претседателот со своите колеги од Казахстан и Азербејџан ги разгледуваше можностите за продлабочување и интензивирање на билатералната соработка, вклучително и за средби на владино ниво, со цел суштински да се подготват посети на претседателско ниво. Претседателот Иванов прифати покани за посети на двете држави.
Тема на разговор на средбите со Претседателите Алиев и Назарбаев беа можностите за економска соработка и заокружувањето на правната рамка во економската сфера. Претседателот на Азербејџан изјави дека стопанственици од неговата земја се заинтересирани за инвестирање во регионот на Југоисточна Европа и изрази интерес за можностите за инвестирање во Република Македонија. На средбата со Претседателот Назарбаев, покрај интересот на неговата земја за инвестирање во Балканот, беше разговарано и за перспективите кои се пружаат за учество на македонски компании на казахстанскиот пазар. Претседателот Назарбаев беше заинтересиран за можностите македонските компании да придонесат кон натамошната индустријализација на неговата земја.
На средбата со Претседателот Алиев, како водач на држава која е важен извозник на енергенси, била отворена можноста за поврзување на Република Македонија на планираните енергетски текови од средна Азија кон Европа. Претседателот Иванов оценил дека Македонија е заинтересирана да биде дел од проектите кои ќе го подобрат обезбедувањето на постојани извори на енергија за македонскиот и за европскиот пазар.
На политички план, главна тема на разговорите во Истанбул е дијалогот меѓу народите и државите на Азија и Европа. На средбите со Претседателите Алиев и Назарбаев, беше разговарано и за уникатниот македонски демократски модел, кој предвидува заедничко учество на сите заедници во носењето одлуки. Претседателите на Азербејџан и Казахстан изразија поддршка за главните стратегиски цели на Република Македонија - полноправното членство во НАТО и во Европската Унија.
Самитот во Истанбул е трета конференција за интеракција и градење мерки на доверба во Азија. Се работи за иницијатива поддржана од најголем број од азиските држави, чија цел е промовирање на мирот, безбедноста и стабилноста во Азија. Претседателот Иванов на самитот учествува како гостин, во својство на претседавач со Советот на Европа. Во текот на денешниот ден предвидени се средби со домаќинот, Претседателот на Република Турција Абдула Ѓул и со Принцот на Кувајт Ал Ахмед Ал Џабер Ал Сабах.

Средба со Тони Хал, поранешен конгресмен и амбасадор на САД при ФАО
Четврток, 03 Јуни 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес се сретна со Амбасадорот Тони Хал, поранешен пратеник во Претставничкиот Дом на Конгресот на Соединетите Американски Држави. Амбасадорот Хал е поранешен претставник во Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации.

Тема на разговорот беа пријателските и партнерски врски меѓу Македонија и САД. Двајцата соговорници ја истакнаа соработката која води кон заеднички настап пред предизвиците и тешкотиите со кои се соочува денешниот свет, на економски и безбедносен план.

Претседателот Иванов го истакна придонесот на САД за постигнување на мир и стабилност во нашиот регион и укажа на потребата оваа голема инвестиција да се круниса со последниот чекор - целосна и навремена интеграција на Балканот во евро-атлантските системи на безбедност и просперитет.

Претседателот Иванов подвлече дека Македонија високо го цени ангажманот на САД за надминување на единствената пречка за интеграцијата на Република Македонија во евро-атлантските структури. Во таа насока, Претседателот ја истакна важноста од постојаната комуникација и претставување на можностите за надминување на спорот кој Грција го поставува како пречка за македонските интеграции.

Амбасадорот Хал, врз основа на неговото богато меѓународно искуство, оцени дека ширењето на НАТО и на Европската Унија се најдобар рецепт за економски развој, стабилност и натамошно напредување на демократијата и почитувањето на различностите во регионот на Југоисточна Европа.

Проштална средба со Амбасадорот на Република Турција Арслан Хакан Окчал
Четврток, 03 Јуни 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска, во проштална посета, го прими Амбасадорот на Република Турција во Македонија, Н.Е. Арслан Хакан Окчал.

На срдечната средба, Претседателот Иванов му се заблагодари на Амбасадорот Окчал за посветеноста и енергијата која ја внесе во развивањето на стратегиски добрите односи меѓу двете држави. Претседателот истакна дека Македонија е земја и на граѓаните од турската заедница, и дека постоењето на голема турска заедница во Македонија, како и македонската заедница во Турција, дополнително ги поврзува двете земји.

Претседателот Иванов, на средбата, изрази очекување дека со натамошното намалување на значењето на границите на Балканот, и со развојот на интегративните процеси, овој регион ќе се развива како отворен простор во кој слободно ќе се врши економската и културната размена, патувањето и размената на идеи. Претседателот го истакна заедничкото минато на сите балкански држави и потребата да се издвојат традициите кои не зближуваат, традициите на соработка, соживот и отвореност на едни кон други.

Амбасадорот Окчал рече дека со радост ќе се сеќава на двете години поминати во Република Македонија и на постојаниот нагорен тренд на развојот на односите меѓу Македонија и Турција, кои се одликуваат со развој на економската соработка, постојани контакти на највисоко ниво и стратегиска соработка во целите од заеднички интерес. Амбасадорот Окчал додаде дека Република Македонија гради демократски модел кој треба да служи како пример за земјите од Балканот и од Европа за почитувањето на различните култури и традиции и нивното вклучување во сеопштиот развој на државата.

Средба со претставници на Катарскиот Инвестициски Фонд и на Катарскиот Образовен Фонд
Вторник, 01 Јуни 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во катарскиот главен град Доха имаше средби со претставници на Катарскиот Инвестициски Фонд и на Катарскиот Образовен Фонд.
- Овие средби се резултат на конкретизирање на работите што ги зборевме вчера со неговото височество емирот на Катар. На овој глобален форум кој по десети пат учествуват околу 60 земји, на средбата со Емирот му ги понудив оние конкретни работи што можеме ние како држава да ги понудиме на Катар, заедно со нашата Влада која веќе конкретно се зафаќа за прокети за кои можат да се најдат инвеститори во Катар. Денес овие предлози се конкретизираа на средбата со Катарскиот Инвестиционен Фонд. Високи претставници од тој фонд изјавија дека се заинтересирани да подржат конкретни проекти кој ние ќе ги понудиме. Разговорите се однесуваа на конкретните проекти и работи каде можат да најдат интерес инвеститорите од Катар, кои пред се ги интересира туризмот, инвестирањето во индустријата за храна, земјоделските производи и други производи кои недостасуваат во нивната земја - изјави Претседателот Иванов за медиумите по средбата со претставници на Катарскиот Инвестициски Фонд.
За разговорите со Катарскиот Образовен Фонд, Претседателот Иванов додаде дека се отворени многу прашања од взаемен интерес.
- Тука во Катар се присутни врвните американски универзитети и многу се вложува пред се во науката и во образованието. Од Катарскиот Фонд пројавија интерес да осознаат каква е состојбата во Македонија, како се развива високото образование, а особено за новите достигнувања во ИТ технологијата, бидејќи кај нив тоа е многу присутно. ТИе воедно пројавија интерес во сферата на културата и уметноста, каде може да има одредена соработка, а пред се ги интересираше дали нашите музејски постројки дали може да бидат присутни на нивниот простор. Едноставно со ова посета се отвараат многу сфери каде што имаме многу можности за соработка, така што нашата Влада веројатно ќе се ангажира сите овие остварени контакти и овие можности да бидат искористени за да можеме ние како земја да биедме присутни на овој простор а воедно и катарските инвеститори да дојдат во Македонија и да остварат профит - изјави Претседателот Иванов.

Претседателот Иванов изрази жалење за инцидентот со хуманитарниот конвој
Вторник, 01 Јуни 2010
Писмо од Претседателот Папуљас
Понеделник, 31 Мај 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов прими писмо од Претседателот на Република Грција д-р Каролос Папуљас. Писмото претставува благодарност на Претседателот Папуљас за честитката упатена од страна на Претседателот Иванов по повод Националниот ден на Република Грција. Следи текст на писмото.

 

Господине Претседател,


Ви благодарам за Вашето писмо по повод Националниот ден на Грција.


Би сакал да подвлечам дека цел на Грција е засилување на нашите односи со сите земји од регионот, во полза на политичката стабилност и економскиот развој. Во тој дух, брзото решавање на прашањето на името на Вашата земја ќе придонесе позитивно за да можеме дополнително да ги промовираме нашите билатерални односи на сите нивоа.


Како што веќе знаете, процесот на преговори под Специјалниот Претставник на Генералниот Секретар на Обединетите Нации, г-дин Нимиц, е во тек и се надевам дека ќе ја има неопходната добра волја, со што поранешната Југословенска Република Македонија, во соодветно време, ќе биде членка на евро-атланските институции.


Каролос Папуљас

 
Почеток < Пред 181 182 183 184 185 186 187 188 189 190 Следно > Крај
Страница 189 од 195