Новости
maraton_14
Претседателот Иванов им честиташе на победниците на Охридскиот пливачки маратон
Сабота, 25 Август 2018
SVP2018
Претседателот Иванов ги прими учесниците на 57. издание на Струшките вечери на поезијата
Сабота, 25 Август 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во „Вила Билјана" во Охрид ги прими годинешниот лауреат на наградата „Златен венец" на Струшките вечери на поезијата, полскиот поет Адам Загајевски, добитникот на наградата „Мостови на Струга" на СВП и УНЕСКО, финскиот поет Паули Тапио, и организаторите на 57. издание на Струшките вечери на поезијата.

Претседателот Иванов им честиташе на наградените поети, оценувајќи дека добиените награди се признание за нивната целокупна поетска дејност.

„Струшките вечери секоја година се вистински празник како за градот Струга, така и за сите вљубеници на поезијата. Манифестацијата е значаен културен настан во светот на литературата, манифестација низ која, како низ отворен прозорец, може да се види и чуе што се случува во поезијата на светско ниво", рече претседателот Иванов на средбата.

На приемот, претседателот Иванов оддаде признание за целокупната организација на Струшките вечери на поезијата, и изрази очекување дека и во иднина ќе продолжи успешното организирање на оваа врвна меѓународна културна манифестација, која е од особено значење за презентација на македонското и светското поетско творештво и афирмацијата на Република Македонија во светот.

На годинашните 57. Струшки вечери на поезијата учествуваат 30 поети од 29 земји од светот, како и 50-тина поети од Македонија.

Во 2011 година, претседателот Иванов ја одликуваше манифестација „Струшки вечери на поезијата" со Орден за заслуги за Македонија.

Shkola1
Иванов: Школата за млади лидери стана препознатлив бренд
Понеделник, 20 Август 2018

Школата за млади лидери стана препознатлив бренд, рече претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на отворањето на деветтата по ред Школа за млади лидери, што од 20 до 31 август се одржува во Струга.

- Во овие девет години станавме препознатлив бренд. Сите овие години создаваме иднина за младите, но и млади за иднината. Секоја генерација учеше од претходната, а учевме и ние од нив и затоа секоја генерација ја иновиравме и дававме теми што ги преокупираат младите, нагласи Иванов.

Годинава нагласи тој, ќе се говори за лидерство во сите сфери од секојдневниот живот кои се менуваат толку брзо што не можеме да ги следиме индивидуално.

- Посветени сме се што се случува на глобално ниво да го пренесеме на младите кои имаат желба и потреба од знаење. Вие сте дојдени тука да учите и да се усовршувате. Знаењата многу брзо застаруваат, но мудроста е вечна, оние што учат од мудрите ќе знаат секогаш да се снајдат што и да се случи, рече Иванов.

На отворањето на школата се обрати и поранешниот претседател на Латвија, г. Валдис Затлерс, кој на учесниците им порача дека лидерството се заснова врз знаење, искуство, мудрост и креативност. - Сите млади луѓе, според него, во нашето современо општество мора да бидат подготвени да станат кога ќе паднат и да ги надминат неуспесите.

Според него, најважна е креативноста. Таа, како што нагласи е од суштинска важност за еден лидер.

- Може да копирате се што ќе ви се најде, но нема да направите нешто ново. Креативноста кај еден лидер е од суштинска важност, информацијата е знаење без искуство. Искуство е она што го добивате кога не го добивате она што го сакате. Тоа значи дека искусен станувате кога нема да успеете, рече Затлерс.

Школата за млади лидери, како што нагласи, е одлична можност за споделување искуства и вештини за новите лидери. - Ние кои имаме искуство со помалку знаење од вас, треба да го споделиме нашето искуство со вас за да може вие да го примите, истакна Затлерс.

На годинешната Школа за млади лидери, што е лична иницијатива на претседателот Иванов, ќе учествуваат триесетина реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Република Македонија, Европа и светот кои ќе ги пренесат своите знаења, искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на школата.

Меѓу предавачите на годинешната Школа за млади лидери се г. Дејвид Голдсмит, еден од водечките експерти за бизнис менаџмент и лидерство, г. Озгур Торт, главен извршен директор на MIGROS Group, г. Штефан Петер, Претседател на Извршниот Одбор на ЕВН Македонија, г-ѓа Пинар Ајваз Арикан, Генерален директор на Turkish Airlines во Скопје, г. Есер Џевахир, директор на Џевахир холдинг, г. Сани Шенер, Извршен директор на ТАВ аеродроми, г. Бајбарс Алтунташ, претседател на Инвестициониот форум за светски бизнис ангели, г. Дејвид Бекет, TEDx тренер, г-ѓа Снежана Зивчевска – Сталперс, Менаџер на проекти во IBM.

Предавања на школата ќе одржат и други истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија,Европа и светот.

Оваа година програмата на школата ќе биде фокусирана на најдобрите практики и знаења за развој на еко-системи за поттикнување на старт-ап, мали и средни претпријатија, како и деловното истражување и иновациите воопшто.

Shkola2

Gostivar
Претседателот Иванов во посета на Гостивар по повод празникот Преображение Христово
Недела, 19 Август 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, придружуван од сопругата, г-ѓа Маја Иванова, денеска во манастирскиот комплекс во изградба „Преображение Христово" во Гостивар присуствуваше на црковно-народниот собир по повод христијанскиот празник Преображение на Господ Исус Христос.

Претседателот Иванов на присутните верници им го честиташе големиот христијански празник, со желби за добро здравје, љубов и среќа. Чинот на водовет и прережување на славската погача го изврши тетовско – гостиварскиот митрополит г. Јосиф.

Камен-темелникот на манастирскиот комплекс „Преображение Христово" е поставен во 2014 година по претходни одобрение за градење од Општина Гостивар и благослов од тетовско – гостиварскиот митрополит г. Јосиф, а на иницијатива на граѓаните на населба Циглана, Гостивар, кои со сопствени донации и средства ја помагаат изградбата на манастирската црква.

Diplomi_FIC_19
Претседателот Иванов ги додели сертификатите на учесниците во програмата „Ден со македонските водечки извршни директори"
Вторник, 14 Август 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги додели сертификатите на учесниците во програмата „Ден со македонските водечки извршни директори".

- Доделување на сертификатите е еден вид признание за тоа што сте го стекнале како искуство, знаење и вештини престојувајќи заедно со едни од најуспешните менаџери во Македонија. Допрва ве очекува она што сте го научиле и што сте го стекнале да го применувате во животот, рече претседателот Иванов, порачувајќи им искуствата да ги пренесуваат на нивните блиски и пријатели.

Македонскиот претседател ја поздрави иницијативата за спроведување на овој проект, што се реализираше под негово покровителство, а во организација на Советот на странски инвеститори од Стопанската комора на Македонија, изразувајќи надеж дека менаџерите вклучени во проектот успешно ги пренеле нивните искуства и знаења на учесниците и дека оваа иницијатива ќе продолжи во Македонија.

- Целта е, знаењето што го стекнавте да го примените во Република Македонија и да ги поттикнете и охрабрите другите дека во Македонија има успешни компании, кои благодарејќи на Советот за странски инвестиции ја реализираа оваа идеја, истакна македонскиот Претседател.

Задоволство од реализацијата на програмата изрази и претседателот на Советот на странски инвеститори во Македонија, г. Штефан Петер, кој се заблагодари на претседателот Иванов за поддршка на оваа иницијатива и им порача на учесниците дека е најважно да имаат идеја и да опстојуваат на нејзино остварување.

Девора Велинов, една од учесниците во оваа програма нагласи дека искуството кое што го стекнале на средбите со менаџери е многу значајно и дека секој менаџер ги научил и им пренел некоја различна лекција.

Во програмата учествуваа 13 студенти од додипломски, постдипломски и докторски студии од областа на правните и економските науки, бизнис администраци, електротехника и информациски технологии, електроенергетика и архитектура. Студентите имаа можност непосредно да се запознаат со работниот ден на менаџерите, да навлезат во процесите на водењето на една компанија и да се стекнат со знаења, практични искуства и вештини во насока на развој на нивниот претприемачкиот дух.

Оваа програма се реализираше за прв пат во Република Македонија во периодот од април до август 2018 година, а меѓу успешните менаџери коишто ја спроведуваа обуката се Штефан Петер од ЕВН Македонија, Илина Јакимовска од „Комфи ангел", Волфганг Марингер од „Арчелор митал", Владимир Косијерод од „Пивара Скопје" и Аврам Стојчевски од „Ван Хол".
Diplomi_FIC_23

1._Pavel_Filip_2
Претседателот Иванов на средби со премиерот и со претседателот на Парламентот на Молдавија
Среда, 18 Јули 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Република Молдавија, денеска оствари средба со молдавскиот премиер, г. Павел Филип и со Претседателот на Парламентот на Република Молдавија, г. Андриан Канду.

На средбата со премиерот на Република Молдавија, г. Павел Филип, беа поздравени пријателските односи меѓу двете земји и беше изразен интерес за интензивирање на севкупната билатерална соработка. Претседателот Иванов и молдавскиот премиер ги разгледаа можностите за зголемување на економската соработка, преку искористување на постоечките потенцијали и унапредување на договорната рамка меѓу двете држави.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија ги подржува европските перспективи на Република Молдавија и имплементацијата на Спогодбата меѓу Република Молдавија и ЕУ, која вклучува одредби за сеопфатен договор за слободна трговија. Македонскиот претседател изрази отвореност за размена на искуства во однос на Европската унија и подготвеност за меѓусебна помош. На средбата беа разменети мислења и за сличните предизвици во однос на Европската унија со кои се соочуваат Република Македонија и Република Молдавија како две мали држави.

Двајцата соговорници ја поздравија досегашната соработка во областа на внатрешните работи, правосудството, здравството, образованието и науката, културата, земјоделството, транспортот и врските, трудовата и социјалната политика и локалната самоуправа и ги охрабрија институциите во насока на иницирање на нови содржини и реализирање на заеднички проекти.

2._Andrian_Candu_1На средбата со претседателот на Парламентот на Република Молдавија, г. Андриан Канду, претседателот Иванов изрази надеж дека во иднина ќе следи засилена соработка меѓу институциите на двете земји во функција на збогатување на содржините на соработка на билатерален, регионален и мултилатерален план.

Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните политички случувања во Република Македонија и Република Молдавија и за предизвиците со кои се соочува регионот на Југоисточна Европа. Заедничка констатација беше дека мирот, стабилноста и безбедноста на регионот се од клучно значење за целиот европски континент. За таа цел е неопходно јакнење на регионалната соработка и јакнење на меѓусебната доверба и поддршка, порача на средбата претседателот Иванов.

Претседателот Иванов истакна дека стратешки цели на Република Македонија се Европската унија и НАТО. Во однос на европските перспективи на Молдавија, претседателот Иванов го реафирмираше интересот и политичката волја на Република Македонија за споделување на европските искуства и текот на реформските процеси со Молдавија.

Претседателот на молдавскиот парламент ја поздрави определбата на Република Македонија за овозможувањето на одлична бизнис клима за странски инвестиции. Посочи дека неговата земја се стреми кон создавање на институционална доверба и реформи во правосудниот систем. Во таа насока, претседателот на молдавскиот парламент ја истакна потребата од размена на искуства меѓу парламентите на двете земји, а со цел зголемување на билатералната размена.

Молдавија од 1994 година е дел од партнерската програма на НАТО, а во 2014 година Република Молдавија и ЕУ склучија Договор за асоцијација, со одредби на сеопфатен Договор за слободна трговија.

Во рамки на официјалната посета на Република Молдавија, претседателот Иванов денеска оствари средба и со Митрополитот Кишињевски и на цела Молдавија Владимир Кантарјан.

Ова е прва официјална посета на македонскиот претседател на Република Молдавија. Вчера во Кишињев претседателот Иванов оствари средба со претседателот на Молдавија, г. Игор Додон.

3._Metropolitan_Vladimir_2

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 6 од 193