Новости
fisher1
Средба со г. Хајнц Фишер, поранешен претседател на Република Австрија
Понеделник, 10 Октомври 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Виена оствари средба со поранешниот претседател на Република Австрија, г. Хајнц Фишер.

Претседателот Иванов и г. Фишер разменија мислења за актуелните случувања во Европа и Европската унија, мигрантската криза и предизвиците со кои се соочуваат земјите од Југоисточна Европа.

Македонскиот претседател изрази благодарност за досегашната принципиелна поддршка од Република Австрија на стратешките цели на Република Македонија и задоволство од соработката во справување со мигрантската криза.

Фишер изрази задоволство од начинот на кој Република Македонија успешно се справува со мигрантскта и бегалската криза. Во таа насока, Иванов и Фишер беа согласни дека е неопходна засилена безбедносна соработка меѓу сите земји од Европскиот континент. Воедно, соговорниците констатираа дека политиката на проширување на Европската унија мора да продолжи и дека интеграцијата на Балканот е од суштинско значење за севкупниот мир, безбедност и стабилност во регионот. Осврнувајќи се на состојбите и последните случувања во Европската унија, двајцата соговорници се согласни дека Унијата стагнира и се соочува со се поголем број проблеми. Сепак, Иванов и Фишер, сметаат дека наспроти ваквата состојба Европската унија мора да ја надмине кризата и да продолжи понатаму.

На средбата беа разменети информации за актуелните политичко-економски состојби во Република Македонија и Република Австрија.

Македонскиот претседател му се заблагодари на Фишер за целокупниот личен ангажман и вложените напори во унапредување на политичкиот дијалог меѓу Република Македонија и Република Австрија, што резултираше со зголемена соработка во повеќе области од заемен интерес, и изрази надеж за нејзино интензивирање и продлабочување и во иднина.

Претседателот Иванов престојува во работна посета на Република Австрија, по повод учеството на Конгресот на Паневеропската унија, од каде порача дека заморот од проширувањето на ЕУ доведе до ретроградни процеси во нашиот регион.

Поранешниот австриски претседател Хајнц Фишер важи за долгогодишен пријател на Република Македонија и еден од најсилните поддржувачи на процесот на проширување на ЕУ, а токму Австрија беше иницијатор на Групата пријатели во Европскиот Парламент.‎ Во Австрија се закажани претседателски избори на 4 декември.

Tihon
Средба на претседателот Иванов со Епископ Тихон, Викар на Патријархот московски и на цела Русија
Понеделник, 03 Октомври 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Вила Билјана во Охрид го прими Епископ Тихон, Викар на Патријархот московски и на цела Русија, кој престојува во посета на Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за односите меѓу Македонската православна црква-Охридска архиепископија и Руската православна црква, како и за севкупните состојби во православието.

Претседателот Иванов ја истакна потребата од натамошно интензивирање и збогатување на односите меѓу Македонската православа црква-Охридска архиепископија и Руската православна црква како и воопшто на релациите помеѓу македонскиот и рускиот народ, кои ги поврзува богата заедничка историја.

Во тој контекст, македонскиот претседател ја потенцираше мисионерската и учителска улога на многубројните просветители кои доаѓаат од овие простори во културниот развој на сите словенски народи.

На средбата Епископ Тихон пренесе поздрави од патријархот на Руската Православна Црква, Кирил I до претседателот Иванов и истакна дека Охрид и Македонија имаат значајна улога во ширењето на православието.

prm_voena_delegacija_egiped_0
Средба со висока воена делегација на Арапска Република Египет
Вторник, 27 Септември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими висока воена делегација на Арапската Република Египет.

На средбата беа разменети мислења и информации околу можностите за унапредување на меѓуармиската соработка, особено во сферата на одбраната, како и за безбедносната состојба со осврт на предизвиците коишто произлегуваат од мигрантската и бегалската криза.

Претседателот Иванов изрази задоволство од позитивната динамика во билатералната соработка и од продолжувањето на интензивниот дијалог меѓу Република Македонија и Египет во последниов период, со кои дополнително се унапредува пријателството, меѓусебното разбирање и заемното почитување меѓу двете држави.

Соговорниците разменија мислења и за борбата против тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам, при што се согласија дека е неопходно да се продлабочи соработката на безбедносните служби на двете земји, со цел соочување со глобалните предизвици.

Во тој контекст, македонскиот претседател уште еднаш ја истакна поддршката во борбата против тероризмот која Република Македонија во неколку наврати ја добила од Египет, како земја лидер и гарант на стабилноста во регионот на Северна Африка.

Претседателот Иванов и воената делегација од Египет ја констатираа потребата од интензивирање на соработката меѓу двете армии, преку воспоставување на поголема динамика во областа на одбраната, како заеднички интерес и фокус на дејствување на двете држави.

prm_banki_mun_3
Средба на претседателот Иванов со Генералниот Секретар на ОН, Бан Ки-мун
Сабота, 24 Септември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на 71. Генерално Собрание на Обединетите Нации, во Њујорк оствари средба со Генералниот Секретар на Обединетите Нации, г. Бан Ки-мун.

" Чест и привилегија беше можноста да соработувам со Вас изминатите години, Вие сте еден од највидливите и најактивните лидери", истакна Бан за Претседателот на Република Македонија поздравувајќи го лидерството на Иванов на теми од важност за Обединетите нации како климатските промени, Алијансата на цивилизациите, одржливиот развој, мигрантската криза.

На средбата беа разменети мислења за актуелните предизвици со кои се соочуваат Обединетите Нации, состојбите во Република Македонија и регионот, како и за разликата околу името и процесот што се води во рамки на Обединетите Нации.

Претседателот Иванов ја поздрави иницијативата за одржување на состанок на високо ниво на Генералното Собрание на Обединетите нации за големите движења на бегалци и мигранти, прашања, што според претседателот Иванов, бараат заеднички пристап и координирана акција.

Претседателот Иванов и Генералниот Секретар Бан разменија мислења за состојбите во Македонија и во регионот на југоисточна Европа, особено во контекст на неговата европска и евроатлантска перспектива.

Во однос на разликата за името, претседателот Иванов ја истакна подготвеноста на Република Македонија за конструктивно учество во процесот што се води под Обединетите нации, во рамки на меѓународното право, Времената спогодба, резолуциите на Обединетите нации и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

‎Претседателот Иванов ги поздрави зачестените контакти како и мерките за градење доверба кои треба да се прошируваат. „Со дијалогот и со мерките се создава позитивен амбиент кој помага за враќање на довербата и подобро разбирање", истакна претседателот Иванов.

На крајот од неговиот втор мандат како Генерален Секретар на ОН, претседателот Иванов го пофали лидерството на г. Бан Ки-мун и неговата посветеност на основните вредности на Обединетите нации и му посака успех во неговите идни ангажмани.

MG1
Средба на претседателот Иванов со претседателот на Мадагаскар
Четврток, 22 Септември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Њујорк одржа средба со претседателот на Република Мадагаскар, г. Хери Марсиал Рајаонаримампианина Ракотоариманана.

На средбата двајцата претседатели се информираа за состојбите на политички и економски план во двете земји, како и за клучните предизвици со коишто се соочувааат.

Заемен заклучок на двајцата соговорници е да зајакнат политичките контакти меѓу Македонија и Мадагаскар, да се запознаат капацитетите за соработка, и да отпочне соработката во сите сфери од заемен интерес.

Претседателот Иванов посочи дека политичките односи меѓу двете земји се добри, но дека покрај соработката на мултилатерален план, отсуствува поконкретна соработка на билатерален план и поради тоа е неопходно да отпочнат контактите и да се искористат потенцијалите, особено во економската сфера.

На средбата претседателот на Мадагаскар информираше за можностите што неговата земја ги нуди, особено во земјоделството, туризмот, рударството и енергетиката и ја истакна заинтересираноста на Мадагаскар да ги искористи македонските искуства во економските реформи.

Претседателот на Мадагаскар се заблагодари што претседателот Иванов ја прифати поканата за учество на 16. Самит на Франкофонијата, што во ноември ќе се одржи во Антананариво.

naser
Значаен придонес и поддршка од Македонија за Алијансата на цивилизации – средба со Високиот претставник на ‎ОН Ал-Насер
Четврток, 22 Септември 2016

Значаен придонес и поддршка дава Република Македонија на Алијансата на цивилизациите и нејзините иницијативи, кои имаат важна улога во градењето мир преку дијалог меѓу различните, констатираа претседателот Иванов и Високиот претставник на ‎Обединетите нации за Алијансата ‎на цивилизациите, Насир Абдулазиз Ал-Насер, на средбата одржана во рамки на 71. Генерално собрание на ОН.

„Република Македонија има исклучително активна улога во Алијансата на цивилизациите и ние како држава имаме што да понудиме. Со нашето инклузивно општество во кое што се негува традицијата на дијалог и почитување на различноста сме позитивно искуство и пример којшто треба да биде следен", истакна претседателот Иванов.

На средбата беше разговарано за улогата на Алијансата на цивилизациите во справувањето со светките предизвици, како и за неопходноста од унапредувањето на дијалогот и соработката меѓу државите, во насока на зачувување на глобалниот мир, стабилноста и просперитетот.

Во тој контекст, претседателот Иванов ја истакна потребата Алијансата да се посвети на позитивните искуства за дијалог што извираат од самото општество, во кое сите учесници ќе се чувствуваат еднакви, оценувајќи дека во иднина дејствувањето на организацијата треба ‎да биде фокусирано на превентивниот аспект.

Потребата сите членки да се вклучат со сопствени иницијативи во реализација на целите на Алијансата на цивилизациите се неопходни како никогаш досега, заклучија соговорниците.

Високиот претставник на ОН, Ал-Насер, изрази благодарност до претседателот Иванов за неговата лична посветеност и поддршка на оваа глобална иницијатива.

„Високо ги цениме вашите идеи и размислувања и тие даваат важен придонес во дејствувањето и работата на Алијансата, која иако е сеуште млада организација, веќе дава свои резултати", истакна Ал-Насер на средбата со македонскиот претседател.

Двајцата соговорници изразија подготвеност за продолжување и продлабочување на тесната соработка и во наредниот период.

На средбата беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу UNAOC – Алијанса на цивилизациите на Обединетите Нации и ФОЦ – Фондацијата Алијанса на цивилизации од Скопје, со кој во иднина треба дополнително да се интензивира соработката.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 9 од 164