Новости
Kavadarci1-09092018
Претседателот Иванов во Кавадарци на манифестацијата „Тиквешки гроздобер 2018“
Недела, 09 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, со сопругата г-ѓа Маја Иванова денеска го посети Кавадарци по повод одржувањето на манифестацијата „Тиквешки гроздобер 2018".

Во рамки на посетата, претседателот Иванов оствари средба со градоначалникот на Кавадарци, г. Митко Јанчев. Претседателот Иванов ја истакна важноста што производството на квалитетно трпезно и винско грозје ја има за целиот тиквешки регион. Градоначалникот Јанчев, заблагодарувајќи за присуството на претседателот Иванов, информираше дека во Кавадарци се регистрирани над 6.500 индивидувални земјоделци што поседуваат различни површини на лозов насад.

Целта на манифестацијата е традиционално одбележување на почетокот на бербата на грозје, преку симболично откинување на првиот грозд. По повод почетокот и славењето на гроздоберот по улиците на Кавадарци беше одржано и големо карневалско дефиле.

На „Тиквешкиот гроздобер 2018" учествуваа домашни претставници како и гости од регионот, а на манифестацијата присуствуваа граѓани од цела држава, како и претставници од Владата и дипломатскиот кор во Република Македонија.

Тиквешкиот гроздобер традиционално се организира од 1964 година и претставува можност Кавадарчани покрај традицијата на одгледување на виновата лоза, да го презентираат најдоброто производството на вино и ракија од овој регион. Овој настан што истовремено претставува стопанска, туристичка и културна манифестација се совпаѓа со празнувањето на денот на ослободувањето на Кавадарци 7-ми септември.

Kavadarci2-09092018

PRM_scherbak_01
Проштална средба на претседателот Иванов со амбасадорот на Руската Федерација, Н.Е. г. Олег Шчербак
Четврток, 06 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална посета го прими амбасадорот на Руската Федерација Н.Е. г. Олег Шчербак.

На  средбата Претседателот на Република Македонија му заблагодари на амбасадорот Шчербак за неговата досегашна посветеност во продлабочувањето на соработката и севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација.

Претседателот Иванов изрази задоволство од континуираната поддршка од страна на Руската Федерација и истакна дека во духот на традицијата и пријателството, очекува односите меѓу двете земји во иднина да се зацврстуваат и унапредуваат.

Македонскиот претседател се заблагодари за долгогодишниот дипломатски ангажман на амбасадорот Шчербак и изрази задоволство од политичкиот дијалог меѓу Република Македонија и Руската Федерација и интензивираните посети и контакти на сите нивоа во изминатиов период.

Претседателот Иванов го поздрави придвижувањето на соработката меѓу двете земји во сферата на економијата  и зголеменото присуство на руските компании во Република Македонија и ја нагласи подготвеноста на Република Македонија за натамошно градење на партнерски односи со Руската Федерација во сферата на економијата и трговската размена.

Двајцата соговорници разменија мислења и за актуелните политички состојби во Република Македонија и за последните случувања во регионот и Европа.

Skola_2018_-_zatvoranje_2
Претседателот Иванов ги додели сертификатите на учесниците на деветтата Школа за млади лидери
Петок, 31 Август 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вчеравечер во Струга ги додели сертификатите на учесниците на Школата за млади лидери, што на негова иницијатива се одржа во деветти пат, од 20 до 31 август.

Претседателот Иванов пред младите лидери порача дека школата има за цел да ја поттикне самодовербата кај младите луѓе, кои никој пат не треба да се откажуваат од тоа што го наумиле и никој пат не треба да се сомневаат во себе.

„Ова ви е можност да не повторувате туѓи грешки, туку да ги прескокнувате и секој пат во животот да наоѓате решенија, затоа што суштината на животот е секој пат, од секој предизвик да излегувате побогати со нови искуства, нови пријателства и нови начини на решавање на предизвиците кои постојат. Целиот ваш живот ќе биде исполнет со предизвици, со нови барања, потреби, но секој пат, за се има решение, ако постои желба да се дојде до решение", рече претседателот Иванов.

На деветттата по ред Школа за млади лидери на претседателот Иванов учествуваа 40 млади луѓе и триесетина предавачи од Македонија, Европа и светот.

Програмата на годинашната Школа за млади лидери беше фокусирана на најдобрите практики и знаења за развој на еко-системи за поттикнување на старт-ап, мали и средни претпријатија, како и деловното истражување и иновациите воопшто.

Меѓу предавачите на годинешната Школа за млади лидери беа г. Валдис Затлерс, поранешен претседател на Република Латвија, г. Дејвид Голдсмит, еден од водечките експерти за бизнис менаџмент и лидерство, г. Озгур Торт, главен извршен директор на MIGROS Group, г. Штефан Петер, Претседател на Извршниот Одбор на ЕВН Македонија, г-ѓа Пинар Ајваз Арикан, Генерален директор на Turkish Airlines во Скопје, г. Сани Шенер, Извршен директор на ТАВ аеродроми, г. Бајбарс Алтунташ, претседател на Инвестициониот форум за светски бизнис ангели, г. Дејвид Бекет, TEDx тренер, г-ѓа Снежана Зивчевска – Сталперс, Менаџер на проекти во IBM. Предавања одржаа и други истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија,Европа и светот.

Во изминатите девет години на школата учествуваа 360 млади луѓе и над 200 реномирани предавачи, меѓу кои поранешниот Генерален секретар на ОН, г. Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешка и на Латвија, г. Вацлав Клаус и г-ѓа Ваира Вике - Фреиберга, поранешните претседатели на Србија, на Бугарија и на Албанија, г. Борис Тадиќ, г. Георги Прванов, г. Петар Стојанов, г. Бамир Топи и г. Реџеп Меидани, поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, г. Франко Фратини, претседателите на Светската и на Европската академија на науките и уметностите, г. Иво Шлаус и г. Феликс Унгер, како и голем број амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.

Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис ангели.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, коешто низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.

Skola_2018_-_zatvoranje_4

marko
Претседателот Иванов го прими младиот Марко кој го преплива Охридското езеро
Четврток, 30 Август 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и неговата сопруга г-а Маја, денеска во Вила Билјана во Охрид, го примија Марко Пејчиноски кој го преплива Охридското езеро.

На средбата со младиот Марко претседателот Иванов рече дека овој негов херојски подвиг заслужува големо внимание и почит и претставува позитивен пример и мотив за сите млади и талентирани.

- На свои дванаесет години Марко е европски и светски шампион кој покажа извонредна храброст, пожртвуваност и упорност својствени за врвните спортисти. Ти си наша заедничка гордост. Ти посакувам уште многу идни спортски успеси со кои ќе се гордее Република Македонија, рече претседателот Иванов.

Марко се заблагодари за поддршката од македонскиот претседател и рече дека благодарејќи на вербата во Бога и поддршката од неговото семејството успеал да преплива 25 километри во лоши временски услови.

Честитајќи за извонредното достигнување на Марко, македонскиот претседател порача дека треба сите безрезервно да го поддржиме и да помогнеме во неговиот натамошен спортски развој.

marko_1

Skrebatno4x3
Претседателот Иванов во Скребатно по повод празникот Успение на Пресвета Богородица
Вторник, 28 Август 2018
maraton_14
Претседателот Иванов им честиташе на победниците на Охридскиот пливачки маратон
Сабота, 25 Август 2018
 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 2 од 190