Новости
Проштална средба со амбасадорот на Руската Федерација Владимир Солоцински
Петок, 29 Октомври 2010


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална посета, го прими Амбасадорот на Руската Федерација Н.Е. г-дин Владимир Солоцински.

На срдечната средба Претседателот на Република Македонија му заблагодари на Амбасадорот на Руската Федерација за неговата досегашна посветеност во продлабочувањето на соработката и стратегиските односи меѓу двете земји.

Претседателот Иванов на средбата истакна дека е задоволен од придвижувањето на соработката меѓу двете земји во сферата на економијата, надминувањето на бирократските препреки кои доведоа до нови инвестиции од страна на ЛУК ОИЛ, заокружувањето на клириншкиот долг и секако актуелните разговори за приклучување на Република Македонија во проектот Јужен тек кој ќе допринесе за долгорочна енергетска стабилност во државата.

Претседателот на Република Македонија го изрази неговото задоволството од иницијативата за потпишување на Договорот за пријателство и соработка, чие усогласување е во тек. Договор кој претставува уште една потврда за досегашната соработка меѓу двете земји не само во политичкиот и економскиот дел туку и во сферите на културата, уметноста и образованието.

Средба со Министерот за одбрана, цивилна заштита и спорт на Швајцарската Конфедерација, Ули Маурер
Четврток, 28 Октомври 2010


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими Министерот за одбрана, цивилна заштита и спорт на Швајцарската Конфедерација, Ули Маурер.

На средбата беше констатирано искреното пријателство и високото ниво во односите меѓу двете земји, кои во континуитет бележат позитивен развој. На средбата се разговараше и се истакна задоволството од успешно спроведените реформи, упорноста на припадниците на армијата, но и поддршката на Швајцарската Конфедерација благодарение на кои имаме два препознатливи и признаени центри, за обука за комуникациски вештини и за обука на здравствени работници во воено медицинскиот центар.

Претседателот Иванов подвлече дека односите меѓу Република Македонија и Швајцарската Конфедерација се многу добри и без отворени прашања, а особено во делот на економската соработка, каде постои можност за натамошно подобрување. Претседателот Иванов нагласи дека постои голем простор за зголемување на економската соработка меѓу двете земји, имајќи го во предвид фактот дека македонската дијаспора во Швајцарија брои повеќе од 60.000 лица кои несомнено се заеднички мост на поврзување.

Министерот Маурер од своја страна во разговорите изрази особена почит кон припадниците на македонската армија укажувајќи дека армиите секогаш се присутни за безбедноста на населението и ја искажа подготвеноста соработката на полето на одбараната помеѓу двете земји да се продлабочува и во иднина.

Официјална посета на Република Естонија
Понеделник, 25 Октомври 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов престојува во дводневна официјална посета на Република Естонија. На денешната средба со Претседателот на Република Естонија Томас Хендрик Илвес беше потврдено високото ниво на пријателство, на меѓусебното разбирање и соработка меѓу двете земји и беше потврдена поддршката на Република Македонија за влез во ЕУ и во НАТО.

Претседателот Илвес на прес конференцијата одржана по средбата на двајцата претседатели изјави дека проблемот за името меѓу Македонија и Грција треба да се реши билатерално. Сакаме да ја видиме Македонија на масата на ЕУ и на НАТО. Наш интерес е пречките што побрзо да се отстранат за да може Македонија да се зачлени во овие важни организации, изјави Претседателот Илвес и подвлече дека е потребно бргу да се дојде до решение со што би се отстраниле пречките за пристапување во Унијата.

Претседателот Иванов изјави дека Естонија е земја која секогаш ја поддржувала Македонија кога станува збор за евроатлантските интеграции. Република Македонија е импресионирана од прогресот и степенот на соработка што го имаат постигнато балтичките држави, не само во евроатлантските интеграции. Ние тоа постојано го потенцираме како позитивен пример и за нашиот регион. Лично придонесувам на сличен начин да ја збогатиме соработката на Балканот и да го следиме позитивниот пример на балтичките земји, изјави Претседателот Иванов и истакна дека Македонија треба да заврши уште многу работи, но дека генерално земјата не била никогаш подобра од денес во спроведувањето на реформите и исполнувањето на критерумите.

Во одговор на новинарско прашање како другите етнички заедници во Македонија гледаат на проблемот за името, Претседателот Иванов  рече дека Македонија е мултиетничка, мултирелигиозна и мултијазична заедница со специфичен модел на интеграција. Името Македонија ги обединува сите што живеат на просторот на Македонија. Затоа што Македонија создаде еден специфичен модел на интеграција без асимилација и секоја етничка заедница во Македонија ги остварува своите права и е лојална кон институциите на нашата држава. Така што името Македонија е заеднички проблем на сите, затоа што со проблемот кој го создаде Грција со нашето име се блокираат перспективите на сите што живеат во Македонија, изјави Претседателот Иванов.

Двајцата претседатели оценија дека Република Македонија и Република Естонија имаат исти вредности и добри политички односи и се согласни дека нив треба да ги следат и односите во економијата, кои засега заостануваат. Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов оствари средба и со премиерот на Република Естонија Андрус Ансип.

Честитка до Генералниот секретар Бан Ки Мун по повод Денот на Обединетите Нации
Недела, 24 Октомври 2010

По повод Денот на Обединетите Нации, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати честитка до Генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки Мун.

Почитуван господине Генерален секретар,

По повод Денот на Обединетите Нации, дозволете ми во свое име и во името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки.

Ја користам оваа пригода, да Ви изразам признание Вам и на Светската организација, за ангажманите и напорите кои ги вложувате во справувањето со бројните предизвици пред кои е исправено човештвото. За поздравување се Вашето посветено работење и заложбите за ефективното функционирање на Светската организација. На тој план, сакам да Ве уверам дека во вршењето на Вашата исклучително значајна функција, секогаш можете да сметате на мојата и од Република Македонија цврста и принципиелна поддршка.

Почитуван Господине Ки-Мун, се уште во пријатно сеќавање ми е нашата неодамнешна средба во Стразбур, на која во пријателска и отворена атмосфера разговаравме за бројни теми од важност за Република Македонија, регионот на Југоисточна Европа и за Обединетите Нации. Како што истакнав при нашата средба, Република Македонија останува силно посветена на исполнувањето на целите на Организацијата, и сите свои активности ги насочува во тој правец.

Посакувајќи Ви уште многу натамошни успеси во вршењето на оваа одговорна функција, Ви ги упатувам господине Генерален секретар, изразите на моето највисоко почитување.

Нека ни е честит денот на нашата Организација!

д-р Ѓорге Иванов

Официјална посета на Република Србија
Среда, 20 Октомври 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов престојува во дводневна официјална посета на Република Србија. На денешната средба со Претседателот на Република Србија Борис Тадиќ, Претседателот Иванов го отвори прашањето за досиејата од белградските архиви што на Македонија и се потребни за спроведување на процесот на лустрација. Претседателот Иванов побара во рамки на процесот на сукцесија и преку соодветни процедури, Србија да даде поддршка во остварувањето на актуелните процеси во Македонија.

Го отворивме прашањето кое за нас во Македонија е многу актуелно особено во делот од сукцесијата на заедничките архиви за да можат нашите надлежни институции да се обратат согласно принципите на сукцесијата до органите во Србија каде што се архивите од заедничката држава. Така ќе можат да ги користат како документи кои се неопходни во одредени актуелни процеси во нашата држава, изјави Претседателот Иванов по средбата со Претседателот Тадиќ.

Двајцата претседатели оценија дека односите меѓу Република Македонија и Република Србија се добри и пријателски и покрај различните ставови во оснос на Косово и нерешениот спор меѓу Македонската и Српската православна црква. За несогласувањата меѓу двете цркви, повторија дека тоа е црковно прашање, но најавија помош во насока на овозможување амбиент за негово разрешување. Приоритет на Белград и на Скопје, како што истакнаа, останува европската интеграција и во тој процес меѓусебно ќе си помагаат.

Тоа што е до нас треба да се обидеме да го решиме. Ќе се залагаме Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, а за Србија да се одблокира апликацијата за кандидатски статус, изјави Претседателот Тадиќ, посочувајќи дека со Претседателот Иванов имале сериозен дијалог за европските перспективи.

Двајцата претседатели апелираа македонското национално малцинство во Србија и српското во Македонија, на следните пописи да се изјаснат слободно и ги поддржуваат во нивните активности за лојалност кон државите во кои живеат, но и почитување на сопствениот идентитет. Излегоа и со конкретни предлози за  заштита на културно историското наследство во двете држави. Во тој контекст Претседателот Тадиќ нагласи дека треба да се создаде можност за одбележување на 2 Август во манастирскиот комплекс Прохор Пчински.

Претседателите Иванов и Тадиќ се заложија и за поинтензивна економска соработка и го истакнаа значењето на довршувањето на Коридорот 10 од економски, но и од политички аспект.

Дводневната посета на македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов на Република Србија почна со официјален пречек пред Палатата Србија. По средбата со Претседателот Тадиќ, Претседателот Иванов оствари средби со српскиот премиер Мирко Цветковиќ и со претседателката на Народното Собрание на Србија Славица Ѓукиќ Дејановиќ.

Претседателот Иванов на вториот ден од официјалната посета на Република Србија оствари средба со претседателот на опозициската Српска напредна партија Томислав Николиќ. На средбата се разговарало за севкупната соработка меѓу двете земји, кои и покрај фактот што имаат различни позиции по одредени прашања, треба да имаат тесна севкупна соработка. Генерална оценка од средбите со сите соговорници е дека различните позиции никако не смеат да бидат пречка за натамошна соработка.

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов оствари средба и со претставници на Националниот совет на македонското национално малцинство и ја посети подружницата на фармацевтската компанија „Алкалоид“ во Белград. Претседателот Иванов официјалната посета на Република Србија ја заокружи со средба со професори од Факултетот за политички науки во Белград.

Јубилеј на Регионалната развојна агенција на Пелагонија - ПРЕДА
Сабота, 16 Октомври 2010

На покана на Регионалната развојна агенција на Пелагонија - ПРЕДА, денеска во Битола престојуваше Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов кој одржа поздравно обраќање посветено на  јубилејот на оваа фондација која десет години дејствува  во полза на економскиот развој на тамошните општини.

ПРЕДА е одличен пример на соработка меѓу државата, граѓаните и бизнисот. На приватно-јавно партнерство во кое и државата и невладиниот сектор и стопанствениците инвестираат и работаат за општото добро. Токму затоа улогата на државата не е да се меша во бизнисот, туку да создава поволни услови за економски развој. Да гради патишта за внатрешна и надворешна економска соработка. Затоа, на сите мои официјални посети ме придружуваат и претставници од македонскиот бизнис сектор, посочи Претседателот Иванов на денешната свеченост на „ПРЕДА“ - фондација чие работење е поддржано од Швајцарската агенција за развој и соработка. Претседателот Иванов  за посебно важна и добра ја оцени соработката меѓу Македонија и Швајцарија.

Швајцарија е земја која со нас ги споделува вредните искуства за локалната поврзаност. Земја предводник на полето на локалниот ангажман кој резултира со економски успех. Десет годишното партнерство е доказ на взаемната посветеност на Република Македонија и Швајцарската Конфедерација кон социо-економскот развој на пелагонискиот регион, подвлече претседателот Иванов.

На свеченоста во Битола, амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во Република Македонија Никол Вирш потврди дека со нивна поддршка „ПРЕДА“ успеала да обучи околу 1.000 професионалци и да овозможи 38 претпријатија од пелагонискиот регион да се претстават на саеми во Европа и затоа и во иднина ќе се фокусираат на проекти од областа на економијата.

Десет годишнината од формирањето на Регионалната развојна агенција на Пелагонија - ПРЕДА беше одбележана во присуство на министерот за одбрана Зоран Коњановски, градоначалниците од Пелагонискиот регион, ректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ и претставници на граѓанскиот сектор.

 
Почеток < Пред 161 162 163 164 165 166 167 168 169 170 Следно > Крај
Страница 164 од 183