Новости
Писмо до Претседателот на Руската Федерација Дмитриј Медведев
Петок, 25 Јуни 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес упати писмо до Претседателот на Руската Федерација г-дин Дмитриј Медведев. Во писмото се изразува благодарност за гостопримството укажано од страна на Претседателот Медведев при неодамнешната посета на Претседателот Иванов. Следи текст на писмото:

 

Почитуван господине Претседател.
Драг пријателе, 
По моето враќање во Скопје, сакам повторно да Ви се заблагодарам за срдечниот и топол пречек, како и за прекрасното гостопримство кон мене, мојата сопруга и делегацијата, за време на работната посета на пријателската Руска Федерација и учеството на Петербуршкиот меѓународен економски форум 2010.
Ме радува, господине Претседателе, што на нашата средба одново беше потврдена заемната подготвеност за јакнење на односите на пријателство и за искористување на можностите за продлабочување на соработката меѓу Република Македонија и Руската Федерација, во сите сфери од заемен интерес, кои констатиравме дека реално постојат. Посебно ме радува што доминантно место на нашата средба во Санкт Петербург имаа прашањата од економски интерес. Во таа насока, сакам да изразам задоволство од конструктивните средби со водечките личности на Лукоил и Газпром, кои ја нагласија нивната подготвеност за натамошна интензивирање и за нови и мошне значајни форми на соработката во енергетската сфера. Од особен интерес, во истата насока, е потпишувањето на спогодбата за клириншкиот долг меѓу Република Македонија и Руската Федерација.

Почитуван господине Претседател,

Сакам да нагласам дека мојата земја високо ја цени Вашата и искрената и принципиелна поддршка што Руската Федерација во континуитет и ја дава на Република Македонија. За нас од посебно значење е принципиелниот став на Руската Федерација во користењето на уставното име на Република Македонија. Ова е нешто што исклучително се цени од граѓаните на Република Македонија и од мене лично, за што Ви упатувам искрена благодарност. Имајќи ја предвид блискоста, големото и искрено пријателство меѓу нашите држави и народи, сигурен сум дека во периодот што следи со заемен ангажман ќе ги искористиме сите можности за уште поинтензивна и посодржинска соработка. Оттука, еден од најзначајните и најсилните импулси во односите меѓу нашите две земји ќе биде и потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација. Искрено се надевам дека ќе ја имам пријатната улога на Ваш домаќин при потпишувањето на овој значаен документ.

Со такво уверување и надеж дека наскоро ќе можам да Ве поздравам во Република Македонија и да Ви го возвратам гостопримството, Ви ги упатувам, господине Претседател, изразите на највисока почит.

д-р Ѓорге Иванов

 

Неговата Екселенција
г-дин Дмитриј Медведев
Претседател на Руската Федерација

МОСКВA

Иванов и Јагланд: Македонското претседателство со Советот на Европа добро напредува
Четврток, 24 Јуни 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во Стразбур се сретна со Генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд. Јагланд и Иванов констатирале дека Македонското претседателство со Советот на Европа оди многу добро.
- Задоволни сме од работите што ги преземате и задоволни сме што го имате  интегрирањето на различностите на агендата кое станува  се поважна тема во цела Европа, рече Јагланд.
Иванов повторно го подвлекол македонскиот модел на интеграција без асимилација како модел на идна Европа.
– Разговараме за периодот на македонското претседавање, за предизвидците со кои е соочен СЕ и за нашите позитивни искуства во однос на интеграцијата на различностите, а особено нашиот модел на интрегација како позитивен пример за иднината на Европа која се соочува со мултиетнички општества, рече македонскиот претседател.
- Генералниот секретар на Советот на Европа се придржува кон политиката на организацијата. Улогата на медиумите е да ги прикажуваат фактите, а не да ги искривуваат, а во овој случај се работи за искривување на фактите заради политички цели, изјави за македонските медиуми во Стразбур генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд во врска со инфорнмациите во грчките медиуми за наводен документ од Секретаријатот со кој се бара да не се применува терминот Македонско претседателство.
- Ние требаше да го информираме Секретаријатот за формалностите во однос на ова, за луѓето вработени во Секретаријатот да се придржуваат до формалната политика на Советот на Европа. Но, она што го видов во медиумите не се однесува на содржината на тој документ кој е употребен за политички цели, рече Јагланд по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
Јагланд информираше дека за време на посетата на Скопје му пренесол на државниот врв дека е запознаен со намерата да го користат тоа име за време на претседавањето со СЕ, и оти Советот на Европа ќе го користи името под кое земјата е признаена во Обединетите нации.
- Тоа е многу важно бидејќи  спорот за името не се решава во СЕ туку постои процес во ОН. Важно е и дека ова претседателство има многу комплексна агенда, а прашањето за името не е на агендата, рече Јагланд.
Според претседателот Иванов, се создава конфузија во однос на примената на референцата под која сме примени во Советот на Европа и именувањето на претседателството со придавката македонско, кое, како што вели, не е спорно ниту во ОН ниту во СЕ.

Претседателот Иванов на средба со Претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа Мевлут Чавушоглу
Четврток, 24 Јуни 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, во својство на шеф на државата претседавач со Комитетот на министри на Советот на Европа, во Стразбур се сретна со Претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа Мевлут Чавушоглу.
Тема на нивните разговори беа македонските приоритети за време на Македонското претседавање со Комитетот на министри на Советот на Европа, како и приоритетите на Чавушоглу како што се јакнење на меѓукултурниот и меѓурелигискиот дијалог, инвестирање во младината и инвестирање во различностите.
По средбата, Мевлут Чавушоглу изјави дека не добил писмо со кое се бара од него да не го употребува терминот Македонско претседателство.
- Не сум добил такво писмо, но ова е Македонско претседателство. Претходно беше Швајцарско претседателство, ќе следи Турското претседателство, а не претседателството на Турција. Следно е Украинското претседателство. Треба да ги почитуваме земјите според името со кое ќе претседаваат. Јас го користам терминот Македонско претседателство и тоа треба да се почитува. Прашањето е вистинска пречка во евроатлантската интеграција и се надевам дека тоа ќе биде решено што е можно поскоро. Добро е што премиерите на двете земји почесто се среќаваат - рече Чавушоглу на заедничка прес-конференција со македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
Претседателот Иванов рече дека не знае кои се намерите на оние кои се обидуваат повторно да го актуелизираат прашањето со именувањето на Македонското претседателство.
- Ние сме тоа што сме. Ние претседаваме како Македонско претседателство и ги истакнуваме своите приоритети и цели што сме ги зацртале како држава. Не можам да зборувам во име на тие што ја отвориле таа дебата - рече Иванов.
Претседателот Иванов на оваа трета средба со Чавушоглу во рок од пет недели, особено ја подвлече можноста како Македонија со своето искуство на градење модел на интеграција на различните идентитети без асимилација да помогне во реформите на оваа најстара европска организација.

Чешкиот Претседател Вацлав Клаус во посета на Македонија
Понеделник, 21 Јуни 2010

Недостојно е да се разговара за име кое една држава сама си го избрала. Но, верувам дека може да се најде решение и затоа треба да продолжат преговорите, а не да се чека спас од страна, изјави чешкиот претседател Вацлав Клаус по денешната средба со шефот на македонската држава Ѓорге Иванов.
- Светот и Европа имаат редица поголеми проблеми. Така што спор за едно име кое што самата држава си го избрала, ми се чини сосема недостоен. Се согласувам со Иванов дека не е можно наметнато решено со кое не би се согласиле граѓаните. Треба да се продолжи со преговорите, а не да се чека решение „од горе“, рече Клаус.
На новинарското прашање како би требало ЕУ да постапува во случај кога билатерално прашање ги блокира евроинтеграциите, Клаус истакна дека нема храброст да ја советува Унијата, бидејќи не знае кого да советува во таков случај.
- Дали е тоа претедателот на ЕУ Ван Ромпуј или на Европскиот совет, или на двете доминатни држави кои ја определуваат политката на ЕУ - Франција и Германија. Или би требало да мислам дека ЕУ е се уште заедница на суверени држави кои заемно соработуваат. Кога тоа би било вистина, во таков случај би требало да давам совети на Грција, рече Клаус.  
Тој ја реафирмира чешката поддршка за ЕУ и НАТО интеграцијата на Македонија. Клаус и Иванов очекуваат посета на Македонија да даде силен импулс за интензивирање на севкупната билатерална соработка. Претседателот Ѓорге Иванов го повтори ставот дека Македонија е подготвена за заемно прифатливо решение за името во спорот кој е нелогичен и надвор од сите меѓународни принципи, а ги блокира интеграциите во НАТО и во ЕУ. Според него, радува што во последно време интензивирана е комуникацијата меѓу премиерите на двете земји, што оди во прилог на враќање на довербата, но вели, решението мора да се бара во рамките на ОН.
- Ние сме подготвени да се дојде до решение кое ќе биде заемноприфатливо, кое нема да посега по нашиот идентитет, јазик и достоинство, односно компромис во кој ќе нема добитници и ќе нема губитници, кој ќе биде прифатлив за двете држави, а тоа што ќе биде заменоприфатливо треба да го прифатат и граѓаните на нашите две држави. Ако тоа решение не е прифатливо за граѓаните ќе создаде многу дополнителни проблеми. Ние сме подготвени да дојдеме до такво решени, рече Иванов.
Запрашан дали планира да свика средба на лидерите на политичките партии, претседателот Иванов рече дека тоа ќе го стори штом дојде нов предлог од медијаторот Нимиц во рамки на процесот во ОН.
- Кога ќе дојде таков предлог тогаш не очекува она што треба да го постигнеме, да го хомогенизираме општеството и да дојдеме до заеднички став. Се додека не добиеме предлог нема за што да разговараме, посочи Иванов.
Чешкиот претседател Клаус денеска се сретна и со премиерот Никола Груевски, а ќе има средби и со пратениците-членови на повеќе собраниски комисии и со Националниот совет за евроинтеграции.  Двајцата претседатели Ѓорге Иванов и Вацлав Клаус утре ќе имаат обраќања на македонско-чешкиот бизнис форум што ќе се одржи во Скопје.
Клаус исто така ќе има средба со лидерот на СДСМ и поранешен претседател Бранко Црвенковски, со првите луѓе на верските заедници во земјата, како и со градоначалниците на Скопје, Тетово и Сарај. Чешкиот претседател ќе ја посети и хидроцентралата Матка која ја раководи чешката компанија „Хидропол“ и  Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

Македонија се вклучува во гасоводот „Јужен поток“
Петок, 18 Јуни 2010

Руската енергетска компанија „Газпром“ се согласи да ја вклучи Македонија во проектот за гасоводот „Јужен поток“, изјави денеска македонскиот претседател Ѓорге Иванов по средбата со неговиот рсуки колега Дмитриј Медвеведе во Санкт Петербург.
- Наши експерти имаа анализи дека Македонија останува изолирана од гасоводите „Набуко“ и „Јужен Поток“, но оваа најава отвора можност за добивање евтини енергенси, а ќе значи енергетска стабилност на земјата, изјави Иванов, кој е во работна посета на Русија.
Македонскиот заменик-премиер и министер за финансии Зоран Ставрески, кој го придружува претседателот Иванова за време на тридневната посета на Русија, нагласи дека со изградбата на коридор од „Јужен Поток“ кон Македонија, земјата  влегува на меѓународната мапа на енергетски транспортни коридори, а дополнително со утрешното потпишување на договорот за подмирување на клириншкиот долг на Русија кон Македонија се отвора вратата за дополнително унапредување на соработката меѓу двете земји.
Ставревски нагласи дека во соработката со „Газпром“, покрај изградбата на кракот од „Јужен поток“, предвидено е да опфати и развој на гасна мрежа низ Македонија и учество на рускиот енергетски гигант во изградба на гасни електроцентрали и евентуална трансформација на ТЕЦ „Неготино“ во гасна електрана.
- Со потпишувањето на договорот за клиришнкиот долг, Македонија ќе ја унапреди соработката со еден енергетски гигант како што е „Газпром“ и со Руската Фдерација во целина, нагласи Ставрески.
Тој потенцира дека реализацијата на проекторт за гасификација чини околу 300 милиони евра, од кои еден дел ќе се покрие со клириншкиот долг од 60 милиони долари и со 15 милиони долари што ќе ги вложи Владата на Република Македонија. Од  руска страна е изразена подготвеност за финансирање и на останатиот дел од средствавта, но засега се разгледуваат и други можности за  реализација на вкупниот проект. Ставрески нагласи дека соработката со „Газпром“, не значи дека Македонија влегува „под друго влијание“, бидејќи во економската сфера и во меѓународната политика главен  пристап е прагматизмот, а за македонските граѓани е најдобро да постојат алтернативи за обезбедување на енергенси. Според него, Македонија ќе направи се за вклулување на „Јужен поток“, но и во гасоводот „Набуко“ и во останатите енергетски траси кои ги преферира ЕУ.
„Газпром“ наскоро ќе испрати експертски тим кој ќе ги определи перформансите на гасификацијата, со што ќе се овозможи македонското стопанство да добива евтин гас.  Експертскиот тим ќе го утврди и правецот на кракот од „Јужен Поток“ низ Македонија, по што би следело потпишување на меѓувладин договор за реализација на тој проект.
Покрај за енергетската соработка, на денешната средба меѓу Иванов и Медведев стана збор и за можностите за подобрување на севкупните економски односи меѓу  Македонија и Русија и за потенцијалите за отворање на рускиот пазар за македонските производи. Идната соработка меѓу двете земји ќе се регулира и со Договорот за пријателство и соработка, чиј предлог-текст Македонија веќе го достави до Москва. Овој договор ќе создаде нова рамка за пријателски односи меѓу двете земји. По усогласување на текстот би следело и потпишување на договорот, за кој чин Медведев најавил подготвеност да ја посети Македонија.
Покрај средбата со Медведев, претсадателот Иванов денеска учествуваше и на Петербуршкиот меѓународен економски форум, на кој, како што нагласи, се креираат глобалните трендови.
- Македонија како мала земја мора да ги следи глобалните трендови и креаторите на светската економија, нагласи Иванов.

Претседателот Иванов на средба со Вагит Алекперов од Лукоил
Петок, 18 Јуни 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во Санкт Петерсбург оствари средба со г-дин Вагит Алекперов, Претседател на руската нафтена компанија Лукоил.

На средбата, на која присуствуваше и Заменик-Претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Зоран Ставревски беше разговарано за иднината на соработката во енергетската сфера меѓу Македонија и Русија. Иванов и Алекперов зборуваа и за очекувањата од развојот на активностите на Лукоил во Република Македонија. Претседателот Иванов оцени дека Лукоил е компанија која веќе подолго време работи во Македонија, и за која македонските граѓани имале можност да утврдат дека се работи за солиден бренд кој ги поставува стандардите за македонските компании. Претседателот Иванов воедно оцени дека Македонија е енергетски пазар кој забрзано се развива и нуди можности за поврзување со големиот европски пазар.

На средбата беше укажано дека Република Македонија врши реформи чија цел е отстранување на бирократските пречки кои го забавуваат или оневозможуваат привлекувањето на поголеми странски инвестиции во земјата. Г-дин Алекперов го претстави интересот на Лукоил за можноста за инвестирање во помали енергетски капацитети во Македонија. Претседателот Иванов од своја страна го покани г-дин Алекперов да ја посети Република Македонија.

Вагит Алекперов, изразувајќи задоволство од инвестицијата на Лукоил во Македонија, нагласи дека истата е потврда за интересот на руските компании за инвестирање, и може да биде поттик за останатите компании на Руската Федерација за да го пронајдат економскиот интерес во Македонија. Воедно, информираше за развојот на компанијата која постигнува одлични резултати и тоа на глобално ниво. На средбата беше договорено во најскоро време да се оствари средба на експертско ниво, на која ке се разгледуваат и дефинираат правците на можната идна соработка.

 
Почеток < Пред 161 162 163 164 165 166 167 168 169 170 Следно > Крај
Страница 165 од 173