Средби со претседателот на Република Бугарија, г. Росен Плевнелиев и со новоизбраниот претседател на Република Бугарија, г. Румен Радев
Вторник, 22 Ноември 2016   

PlevnelievПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Софија оствари средби со претседателот на Република Бугарија, г. Росен Плевнелиев и со новоизбраниот претседател на Република Бугарија, г. Румен Радев.

На средбите беше заклучено дека договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија не треба да биде пречка за развојот на билатералните односи, бидејќи сме две пријателски и соседни држави кои ги поврзуваат многу нешта од минатото и кои имаат заедничка иднина.

-Договорот меѓу нашите две земји се уште не е завршена работа. Веќе поминаа многу години да се изедначи текстот, бидејќи се настојува да постои симетричност во него и двете страни на некој начин да бидат задоволени, изјави претседателот Иванов по средбите.

Изрази надеж дека со изборот на новата влада и од бугарска страна, конечно ќе се решат некои ситни дилеми кои се состојат во зборови и нијанси на формулации со што ќе се заврши овој долг процес на усогласување и ќе го имаме договорот.

- Бугарија е петти трговски партнер на Македонија. Без изградена инфраструктура, без автопатишта, без изградена пруга сме постигнале така висока трговска размена и тоа влијае на нашите две стопанства, на нашите граѓани и за блиските односи меѓу институциите, истакна претседателот Иванов.

Посочи дека со своите бугарски колеги бил и останува отворен и голем пријател за сите прашања.

- Кога ќе имате разговор и дијалог можете да доаѓате до решение. И сепак, личниот однос, повторувам, е секојпат оној што ги отвора сите врати, нагласи претседателот Иванов.

RadevНа средбата претседателот Иванов му посака успешен мандат на новоизбраниот претседател Радев и го покани во официјална посета на Македонија.

- Се надевам дека посетата ќе се оствари и дека тоа дополнително ќе ги поттикне и ќе ги зацврсти односите што веќе ги имаме, рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател ја оцени работната посета на Бугарија како успешна.

- Имав конструктивни и корисни разговори за прашањата кои се во интерес на двете земји и за сите предизвици со кои сме соочени како соседи. Во контекст на тоа го посочи искуството на другите земји во Европа каде има добра регионална соработка.

-Многу корисно ни беше искуството што го имавме со бегалската криза и размената на информации меѓу двете земји, која истакна доверба на нашите институции. Тоа се надевам со новиот претседател ќе продолжи, рече претседателот Иванов.

На средбите станало збор и за претстојните избори во Македонија и во Бугарија.

-Не очекуваат избори, треба да избереме ново собрание, нова влада, веројатно веќе напролет и во Бугарија се очекуваат избори, ќе треба и тие да изберат ново собрание и се надеваме дека новите влади и новите министри ќе ги продолжат сите овие работи што досега сме ги имале и многу прашања ќе бидат затворени, нагласи претседателот Иванов.

Во изјавата претседателот Иванов посочи дека БАН и МАНУ се пример како две институции кои се во науката треба да пристапат за сите прашања кои ги оптоваруват односите меѓу нашите две земји.

- Ние имаме многу работи од минатото кои се уште ни натежнуваат и не оптоваруваат во многу односи, но академиите покажаа зрелост да разговараат за сите прашања. Кога ќе се соочите со аргументи, факти и научни пристапи можете за секое прашање да најдете одговор. Тоа е позитивен пример што го истакнав и сметам дека треба да го следат и другите институции, рече претседателот Иванов.

Прогласувањето за „Почесен доктор на науки" од страна на Бугарската академија, како што рече Иванов, е плод на таа соработка, но и на стекнатата доверба во работењето на двете академии.

– Јас сум добивал многу признанија, но кога тоа доаѓа од сосед има особена тежина и значење, нагласи македонскиот претседател.

  Back<<Назад