Претседателот Иванов на закројување винова лоза во Демир Капија
Вторник, 14 Февруари 2017   

Sveti_trifun1Претседателот на Република Македонија, д-р  Ѓорге Иванов денеска ја посети Демир Капија каде што по повод одбележувањето на православниот празник Свети Трифун присуствуваше на традиционалната прослава и симболичното закројување на винова лоза.

Обраќајќи се пред присутните и честитајќи го верскиот празник Свети Трифун, претседателот Иванов на лозарите и винарите им посака бериќетна година.

„ Во духот на нашата традиција, Свети Трифун е денот кога лозарите ги закројуваат лозјата и посакуваат годината да биде родна и благородна, а целиот труд и целата мака да бидат наградени наесен, кога ќе се собере грозјето. Затоа, на сите лозари им посакувам голем берикет, а на винарите квалитет. Посакувам нашето грозје и нашето вино да биде што поприсутно, како на домашните, така и на странските трпези. Посакувам многу повеќе туристи да доаѓаат и да ги посетуваат нашите винарии, а винскиот туризам да се развива во Македонија", рече претседателот Иванов.

Градоначалникот на општина Демир Капија, Трајче Димитриев истакна дека интересот за манифестацијата со која се одбележува празникот Свети Трифун континуирано расте.

Sveti_Trifun_2„ Демир Капија е мало, но убаво место кое од сите страни е заобиколено со прекрасна природа и претставува вистинска атракција, како за домашните, така и за странските туристи. Во последниве години бројот на туристи и посетители на нашиот град е евидентно зголемен. Во таа насока општина Демир Капија неуморно и континуирано работи на проекти за подобрување на инфраструктурата на градот и проекти коишто ќе придонесат за локалниот и економскиот развој на нашата општина. Реализацијата на вакви големи проекти не би била возможна без поддршка од нашите донатори, меѓу кои особено е значајна поддршката што ја добиваме од Владата на Република Македонија и од европските фондови", рече градоначалникот Димитриев.

Пред присутните на прославата по повод празникот Свети Трифун се обрати и евроамбасадорот Самуел Жбогар.

„ Градоначалникот спомена за неколку проекти што ги правиме заедно, Европската унија и општината. Само што ја посетив делницата од автопатот што ќе биде отворена оваа година. Исто така работиме на реконструкција на општинската зграда. Значи, има многу проекти на кои работиме заедно. Многу ја цениме соработката со општината и со нетрпение ја очекуваме реализацијата на сите идни заеднички проекти. ЕУ е тука за вас", рече амбасадорот Жбогар.

На прославата во Демир Капија присуствуваше и амбасадорката на Кина во Македонија, Јин Ликсијан.

  Back<<Назад