Иванов: Македонија е пример за двојните стандарди и лицемерието на сегашниот меѓународен поредок
Четврток, 16 Март 2017   

Baku_8Двојните стандарди на либералниот поредок нам ни го оспориja правото на идентитет, но и правото на просперитет, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во своето обраќање на 5. Глобален Баку форум кој се одржува денеска и утре во Баку, Азербејџан.

Говорејќи за иднината на меѓународните односи, низ призма на геополитиката и географијата, претседателот Иванов го посочи парадоксот со кој се соочува Македонија во однос на либералниот поредок и поривот за слобода. Претседателот Иванов истакна дека Македонската независност пред 26 години започна со славење на политичкиот либерализам и на либералниот поредок, а идејата за слобода имаше моќ да го трансформира нашето општество. Македонија стана предводник на европската и на евроатлантската интеграција на регионот, но сепак се соочи со голем парадокс, рече претседателот Иванов,.

„Македонија е случај на колапс на либералниот поредок по Втората светска војна. Македонија е единствена земја, што во ООН нема право на сопствен идентитет. И се оспорува правото на самоидентификација, основното право на секој поединец и на секоја држава во меѓународниот поредок. На Македонија и е скратено правото на просперитет. И се блокираат нејзините НАТО и евро интеграции. Тоа го покажува лицермерието на овој меѓународен поредок со двојните стандарди. Затоа на случајот Македонија колабира светскиот поредок и меѓународниот поредок", порача претседателот Иванов.

Сепак, дополни  претседателот Иванов, поредокот е во криза, а не самата идеја на слободата, прашувајќи дали оваа нестабилност е само епизода што ќе помине или дефинирачки момент во историјата на светот.

„ Во услови на криза, има само две идеи кои можат да ги мобилизираат луѓето – надеж и страв. Денес, надежта е сè поретка. А колку помалку надеж, толку повеќе страв, посочи македонскиот претседател во обраќањето.

Говорејќи за Европа, претседателот Иванов посочи дека нејзината иднината треба да се гледа како период на трансформација и подготовка за предизвиците во третиот милениум.

„ Денес, кога на европската политичка сцена повторно се јавува левиот и десниот популизам, ксенофобијата, исламофобијата, исклучивоста, границите,  треба повторно да се понуди нова идеја. Ова е време за пресоздавање на Европа – метаморфоза на Европа", истакна македонскиот претседател.

На Глобалниот Баку форум, во организација на  меѓународниот центар „Низами Ганџави" учествуваат над 100 актуелни и поранешни претседатели, премиери и министри, голем број истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, како и претставници на Програмата за млади лидери на Глобалниот форум. Иднината на Европа, улогата на Кина во меѓународните односи, односите меѓу Русија и Западот, предизвиците во справување со модерниот тероризам, се дел од темите на кои дискутираат светските лидери во Баку.
Baku_1 

  Back<<Назад