Иванов - Алијев: Подготвеност за поголема економска соработка меѓу Македонија и Азербејџан
Четврток, 16 Март 2017   

prm_aliev_4Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Баку, оствари средба со претседателот на Република Азербејџан г. Илхам Алијев.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Азербејџан. Заедничка констатација на претседателот Иванов и на претседателот Алијев, беше дека односите меѓу двете држави кои ги карактеризира пријателство, континуиран дијалог и разбирање е потребно да се прошират во конкретни области од заеднички интерес.

Во тој контекст македонскиот претседател изрази очекување за унапредување на економската соработка и зголемување на обемот на трговската размена меѓу двете земји, преку потенцијалните можности кои ги нуди Република Македонија за реализација на странски инвестиции. Нашата држава, истакна македонскиот претседател стои на располагање за иницирање на директни азербејџански инвестиции во македонското стопанство, преку гасоводни и енергетски проекти, проекти од областа на земјоделството и туризмот. За таа цел, нагласи претседателот Иванов, е  потребно и интензивирање на контактите меѓу бизнис заедниците од двете држави.

Претседателот на Република Азербејџан г. Илхам Алијев  ја прифати поканата од претседателот Иванов за посета на Република Македонија, веднаш по надминувањето на политичката криза во земјава. Притоа го истакна интересот за инвестирање во Република Македонија во проекти за гасификација на земјата и упати покана за приклучување на Македонија кон азербејџанските гасоводни проекти кон кои веќе се приклучени балканските држави.

На средбата беа разменети информации и за состојбите во регионот на Југоисточна Европа и во Каспискиот регион, како и за актуелностите во врска со мигрантската и бегалската криза, и беше нагласена неопходноста за продолжување и интензивирање на соработката на безбедносен план, и за продолжување на соработката и меѓусебната поддршка на мултилатерален план.

Претседателот Иванов го запозна претседателот Алијев и за предизвиците со кои се соочуваат македонските компании од фармацевтскиот сектор во соработката со Азербејџан, и апелираше да се разгледаат можностите за надминување на истите.

Претседателот Иванов во Азербејџан учествува на 5.Глобален Баку Форум каде се обрати на претседателската сесија на тема „Иднината на меѓународните односи: моќ и интереси". На глобалниот форум учествуваат над 100 актуелни и поранешни претседатели, премиери и министри, дипломати, голем број истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, универзитетски професори, како и претставници на Програмата за млади лидери на Глобалниот форум.

  Back<<Назад