Трибина на тема Мигрантската криза и почитувањето на различноста во Кабинетот на претседателот Иванов
Вторник, 11 Април 2017   

Tribina_Migrantska_Kriza_1Целиот наш живот ќе се соочуваме со миграции. Поради тоа, треба да ги збогатуваме нашите знаења за другите религии, за другите култури, не да се плашиме од нив, туку да комуницираме со нив. Да не веруваме на сето она што продуцира страв, рече Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на денешната трибина „Мигрантската криза и почитувањето на различноста: суштината на пристојната јавна дебата", во организација на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија во соработка со Балканскиот институт за вера и култура.

Оваа трибина се организира во рамките на иницијативата „Духовни дијалози" започната од страна на Претседателот на Република Македонија, а со цел да се даде придонес за реализирањето на целите на Националната стратегија на Република Македонија за Алијансата на цивилизациите, особено во областите на интеркултурниот и меѓурелигискиот дијалог и образованието.

Во своето обраќање, во кое се осврна на хуманитарниот и безбедносниот аспект на мигрантската криза, претседателот Иванов истакна дека „Луѓето ќе треба да се соочат со тоа дека ќе треба да разговараат, да комуницираат и со другиот, различниот, а не само со своите. Тоа значи дека ќе треба да ги збогатуваме нашите знаења за другите религии и култури, да не се плашиме од нив, туку да комуницираме со нив".

Во своето обраќање, претседателот Иванов посочи на традицијата на почит кон различностите, што постои во Република Македонија. „Ние не сме имале традиција да толерираме, туку ја имаме изворно традицијата на почит. Почитувам за да ме почитуваш. Тоа е многу повозвишена филозофија од толеранцијата. Ние не се толерираме, туку се почитуваме. Во текот на историјата тука луѓето се почитувале. Затоа успеале да се одржат сите различни идентитети. Почитувајќи го другиот, се почитуваш и себе. Ако себе не се почитуваш, како ќе го почитуваш другиот? Тие траги останале во нашиот живот и до денес", рече претседателот Иванов.
Tribina_Migrantska_Kriza_2

На трибината како главен говорник се обрати д-р Оз Гинис, еден од најбараните социјални коментатори во САД, кој говорејќи за актуелната мигрантска и бегалска криза, посочи на потребата од вистинска интеграција на различностите.

Тој се осврна на три прашања поврзани со мигрантската криза: човековото достоинство, државната безбедност и националниот идентитет. „Многу земји денес зборуваат за термини како мултикултурализам, политичка коректност итн. Сите зборуваат за различноста, но немаат вистинска различност. Имаат слободи за одредени групи, но немаат постигнато вистинска интеграција. Тоа е една мечкина услуга за разноликоста, бидејќи доведува само до тензии. Поради тоа, ни треба лидерство, храброст и способност да се комуницира, ни треба национално разбирање за тоа што се правата, што се обврските и што е почитта"., рече д-р Гинис, кој е чест говорник и водач на семинари на политички и деловни конференции во Европа и во САД, а се има обраќано пред Британскиот парламент, Конгресот на САД и Кинеската академија за општествени науки.

На трибината учествуваа претставници од надлежните државни, образовни, академски институции но и невладини организации кои активно работат на полето на меѓурелигискиот дијалог, како и претставници на верските заедници.
Tribina_Migrantska_Kriza_3 

  Back<<Назад