Претседателот Иванов на Велигденска литургија во Соборниот храм „Св.Климент Охридски" во Скопје
Недела, 16 Април 2017   


sobrna_veligdenПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, со сопругата г-ѓа Маја Иванова и синот Иван, присуствуваа на Светата Златоустова литургија во Соборниот храм „Св.Климент Охридски" во Скопје, по повод празникот Воскресение Христово – Велигден.
 

По Светата Златоустова литургија македонскиот претседател на сите православни верници им го честиташе најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.


„Сакам на сите христијани да им го честитам овој голем ден - Велигден, ден кога симболично животот ја победи смртта. Затоа, да се радуваме на животот, на сите добрини и убавини што тој ни ги носи“, изјави претседателот Иванов.
 

Македонскиот претседател порача дека во годината кога одбележуваме пет децении од возобновувањето на Македонската православна црква - Охридска архиепископија треба да се потсетуваме на сите наши обичаи и традиции кои ни овозможиле да опстојуваме низ вековите.
 

„Посакувам во овие празнични денови да се потсетуваме на сето она што е во наше наследство, да го сакаме, почитуваме и да му се радуваме на животот, да го сакаме и почитуваме се она што го имаме, да ја сакаме, почитуваме и чуваме Република Македонија“, рече претседателот Иванов.
 

По Светата Златоустова литургија, претседателот Иванов и сопругата г-ѓа Маја беа примени од Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан.

  Back<<Назад