Доделено признанието „Инженерски прстен 2017“ на најдобрите дипломирани студенти на техничките факултети
Вторник, 06 Јуни 2017   

inzinerski_prstenПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на свеченост одржана во манастирскиот комплекс „Свети Наум" го додели признанието „Инженерски прстен 2017" на најуспешните дипломирани студенти на техничките факултети во Република Македонија.

Во обраќањето пред присутните претседателот Иванов истакна дека му претставува чест што е тука со лауреатите, на брегот на Охридското Езеро каде по 14-ти пат се доделуваат инженерските прстени, на местото каде нашите претци оставиле творби, градби и учења на кои се восхитувале многу генерации.

- Доделувањето на прстенот не е признание само за постигнатото, не е тоа признание за се што од што сте се откажале за сиот вложен труд, за сета мака да бидете најдобри. Прстенот е и обврска, Ве обврзува да нудите решенија, да проектирате, градите, творите создавате и за разлика од професорите кои постојано прашуваа зошто, сега Вие треба да одговорите како, дали како да се изгради мост, пруга или дело што ќе го олесни животот на сите нас кои живееме на овој простор, рече претседателот Иванов.

Тој им посака на најдобрите дипломци по примерот на ракометарите на „Вардар" да бидат шампиони во своите области, со своите дела, креации, иновации.

- Посакувам да се шири успехот што го постигнувате, вашите блиски да се радуваат, посакувам како што имаме успешни поединци да имаме и се повеќе успеси на кои ќе се радуваме и обединуваме. На Макединија и требаат успеси, затоа бидете уште поуспешни, гледајте нагоре, достигнете ги врвовите во вашите знаења, да ја градиме Македонија во височина, со највисоки стандарди, принципи, критериуми. Вие како најдобри бидете позитивен пример за вашата генерација, бидете мотивација и инспирација за другите, рече претседателот Иванов.

Во име на наградените дипломци благодарност упати Моника Стојанова, првенец на Факултетот за земјоделство, која истакна дека престижната награда претставува голема чест, задоволство но и лична и општествена одговорност.

- Нам како најдобро дипломирани студенти ни доаѓа времето кога наученото треба да го примениме и имплементираме во сопствената татковина. Сигурни сме дека во себе го имаме почетокот на вистинскиот потенцијал кој ќе ги развиваме и надградуваме при секоја понудена можност, притоа не дозоволувајќи општествените прилики да ни ја разнишаат мотивацијата и да го засенат напиот потенцијал, бидејќи амбицијата и упорноста се нашето оружје за остварување нови цели и преминување преку трнливите патеки низ науката, рече Стојанова.

Таа додаде дека наградите „Инженерски прстен" се потврда за нешто веќе остварено, постигнат резултат, за ефективен труд или за освојување на замисленото.

- Токму затоа наградата е причина повеќе за уште повеќе самодоверба, енергија за освојување нов пиедестал и поттик за разгорување на искрата на секој од нас, за создавање нови и иновативни инженерски дела, истакна Стојанова.

Традиционалната манифестација „Инженерски прстен" која е во организација на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, а под покровителство на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, претставува поттик за изучување на инженерството и придонес за формирање на квалитетен инженерски подмладок, компатибилен со развиените земји.

  Back<<Назад