Соопштенија
PRM_portret_01
Писмо со сочувство по повод терористичките напади во Шри Ланка
Понеделник, 22 Април 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод терористичките напади во Шри Ланка, упати писмо со сочувство до г. Палеват Гамаралалаге Маитрипала Јапа Сирисена, Претседател на Демократската Социјалистичка Република Шри Ланка.

Почитуван господине Претседател,

Со огорченост ја примив веста за грозоморните терористички напади што се случија во Коломбо. Во овие мигови на длабока тага, дозволете ми во име на граѓаните на Република Македонија, да изразам искрено сочувство. Ја користам оваа прилика да Ве поддржам и охрабрам во истрајноста и решителноста во борбата со тероризмот, насилството и злосторничките акти, без разлика од каде и од што се мотивирани.

Република Македонија најостро ги осудува ваквите подли акти на насилство врз невини луѓе и врз достоинството на различноста. Ваквиот ужасен настан е потсетување дека мораме да вложуваме напори за спречување на сите форми на насилен екстремизам, и да не дозволиме нашите споделени човечки вредности, како што се почитувањето на достоинството на различноста и слободата на совеста, мислата и верувањето да бидат мета на тероризмот, стравот и омразата.

Ве молам, изразите на длабоко сочувство и нашата солидарност да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.

д-р Ѓорге Иванов

PRM_portret_01
Честитка до христијанските верници кои гo прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар
Сабота, 20 Април 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до Бискупот скопски и eпископ струмичко-скопски, д-р Киро Стојанов и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.

Почитуван д-р Стојанов,

Ми претставува особено задоволство во овие празнични денови, Вам и на сите верници на Католичката црква во Република Македонија, да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден. Ова е мојата последна велигденска честитка до верниците од Католичката црква за време на мојот мандат како Претседател на Република Македонија.

На овој голем ден се потсетуваме на едно нешто. А тоа е дека иако самиот безгрешен и бесценет Господ Исус Христос, Синот Божји, со својата физичка смрт на крстот ја плати највисоката можна цена за да нè ослободи од заслужените последици на нашите грешки и промашувања. Со своето физичко воскресение, Тој го отвори патот и за наше воскресение во вечен живот.

Не постои појасна порака за Божјата љубов и милост кон човештвото од Велигден. Со векови и милениуми оваа порака им помагала на христијаните во Македонија да ги издржат и најстрашните прогонства, да им одолеат и на најсилните искушенија и да ги пребродат и најголемите премрежија. Но, овој Велигден за нас е посебен бидејќи го празнуваме во пресрет на посетата на Неговата Светост Папата Франциск на Република Македонија. Во време на длабока морална криза и отсуство на доверба, во нашата земја ќе дојде еден од најголемите живи духовни авторитети во светот. Ќе дојде за да прати порака на простување, помирување и сплотување. Затоа, длабоко верувам дека посетата на Папата Франциск е еден многу важен поттик за духовна обнова на Македонија и македонскиот народ и македонските граѓани.

Иако бројно мала, Католичката црква во Република Македонија дава несразмерно голем придонес кон духовниот живот и соживот во македонското мултирелигиско, мултиетничко и мултијазично општество. Св. Мајка Тереза е само еден пример за таквиот придонес. Во оваа прилика, на овој Велигден, сакам да ги повикам сите луѓе со чисти срца и со добра волја, независно од тоа дали припаѓаат на католичката, православната или протестантската гранка на христијанството, или пак на сосема друга верска или идеолошка традиција, да се вклучат во овој потфат за духовна обнова на Македонија во која ќе се почитува достоинството на секој човек. Бидејќи, веруваме дека секој човек е скапоцен во очите на Бог.

Христос воскресна!
Навистина воскресна!

д-р Ѓорге Иванов

PRMportret
Честитка од претседателот Иванов, по повод одбележувањето на 8 Aприл – Меѓународниот ден на Ромите
Понеделник, 08 Април 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка по повод одбележувањето на 8 Aприл – Меѓународниот ден на Ромите.

Драги сограѓани,

Како Претседател на Република Македонија ви го честитам Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април. Одбележувањето на овој голем празник е симболична потврда за почитувањето и поддржувањето на ромската заедница во Република Македонија со сета нејзина автентична и богата културна и јазична посебност. Ваквото почитување е во духот на нашиот македонски модел на соживот и почитување на достоинството на различноста што не прави посилни и побогати.

Но, празникот е и момент на потсетување на неостварените цели. Праведноста и човечноста на едно општество се гледа од односот кон немнозинските заедници. Во изминативе години многу е направено за унапредување на севкупната позиција на Ромите во македонското општество. Но, останува уште многу да се направи за подостоинствен живот на секој припадник на ромската заедница во Македонија. Процесот за натамошно подобрување на животниот стандард на Ромите бара максимален ангажман од македонските државни институции, од академската заедница, бизнис секторот и цивилното општество. Едно од приоритетите е преку подигнување на јавната свест да ги искорениме и последните остатоци од предрасудите и стереотипите, наместо нив, да ги вкорениме добрите навики на вклучување и заедништво. Крајно време е студената толеранција да ја заминиме со вистинско почитување на Ромската заедница.

Честитајќи ви го денешниот празник, дозволете ми да изразам надеж, дека и во иднина заедно ќе работиме за доброто на нашата држава и на нашите граѓани.

Ви посакувам добро празнично расположение, многу здравје, љубов, успех и благосостојба.

Нека Ви е честит 8 април - Меѓународниот ден на Ромите!

д-р Ѓорге Иванов

KabinetPRM
Демант на соопштението на СДСМ, под наслов „Иванов неодговорно го завршува мандатот, како што го почна, ќе потроши илјадници евра пари на граѓаните за накит, марами и вратоврски“
Вторник, 26 Февруари 2019

Кабинетот на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов во целост ги демантира наводите во денешното соопштение на СДСМ, за кои сметаме дека се тенденциозни и со злонамерно извртување на фактите се прави обид да се дискредитира институцијата претседател на Република Македонија.

Голема иронија е што СДСМ се дрзнува да го обвинува претседателот Иванов за недомаќинско и неодговорно работење, кога речиси секојдневно македонската јавност се шокира со бројните скандали и пропусти, предизвикани токму од нив.

Сметаме дека станува збор за уште еден очаен обид за напад врз претседателот Иванов, со цел да се пренасочи вниманието на јавноста од неморалното и несовесното работење на владејачката партија.

Голема лага се наводите дека претседателот Иванов нарачува над 700 сувенири со своето име, за сопствена промоција и маркетинг.

Вистината е дека во јавната набавка се предвидени само 50 марами и 100 вратоврски со името на претседателот Иванов, кои се наменети како протоколарен подарок за странски делегации и гости, до завршување на мандатот на претседателот Иванов.

Уште поголема лага се наводите дека Кабинетот на претседателот на Република Македонија постапува неодговорно, со недомаќинско работење и спротивно на интересите на граѓаните и државата.

Со цел правилно информирање на пошироката јавност укажуваме дека станува збор за годишна набавка на репрезентативни подароци, што се реализира врз основа на годишен план, а како востановена практика на сите претходни претседатели на Република Македонија и речиси насекаде во светот. Јавната набавка опфаќа протоколарни подароци, што се набавуваат во согласност со протоколарните активности на претседателот, вклучувајќи посети на странски делегации, како и возвратни посети на странски држави.

Укажуваме дека наведениот износ од Договорот за јавната набавка претставува планирана вредност на јавната набавка, односно не се исплаќа целиот износ наведен во договорот, туку по фактура за извршената услуга. Следствено на ова, следниот претседател на Република Македонија на почетокот на својот мандат ќе има на располагање репрезентативни подароци, продолжувајќи да ja искористува јавната набавка.

Досегашните јавни набавки на Кабинетот на претседателот се извршени на максимално транспарентен начин и во согласност со сите законски регулативи и истите се транспарентно и јавно објавени.

Ова го потврдуваат и ревизорските извештаи за работењето на Кабинетот на претседателот спроведени од страна на Државниот завод за ревизија.

KabinetPRM
Осуда за вчерашното физичко насилство во КПУ Затвор Скопје – Скопје
Петок, 22 Февруари 2019

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, најостро го осудува физичкото насилство што се случи во текот на вчерашниот ден во КПУ Затвор Скопје – Скопје. Безбедноста на сите притворени и затворени лица мора да биде загарантирана од затворската управа, за ваквите и слични случаи, не може и не смее да има никакво оправдување.

Во казнено поправните установи во Република Македонија мора да се заштити психофизичкиот и моралниот интегритет на лицата, да се почитува нивната личност и достоинство, како и нивното право на лична сигурност.

Согласно чл.10 од Уставот на Република Македонија „Животот на човекот е неприкосновен", а согласно чл.11 „Физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени и се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување".

Согласно Законот на кривична постапка, чл.176 ст.1, „При издржување на притворот не смее да се навредува личноста и достоинството на обвинетиот".

Во изминатиов период до Комисијата за помилување како и до Одделението за постапување по претставки и предлози во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, беа доставени писма од граѓани кои изразуваа загриженост за безбедноста во затворите во Република Македонија. Затоа, очекуваме што побрзо расчистување на овој, како и на сите досегашни случаи, познати или непознати за јавноста. Бараме одговорност од сите надлежни институции.

PRMportret
Сочувство од Претседателот Иванов по повод трагичната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Тетово
Среда, 13 Февруари 2019
 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 1 од 174