Соопштенија
Средба со претставници од партиите на ромската заедница во Македонија
Вторник, 06 Април 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска прими делегација на претставници од партиите на ромската заедница во Македонија. На средбата присуствуваа Амди Бајрам од Сојуз на Роми, Шабан Салиу од Демократски сили на Ромите, Неждет Мустафа од Обединета партија за еманципација на Ромите и Самка Ибраимовски од Партија за целосна еманципација на Ромите.

На средбата, организирана во пресрет на Меѓународниот ден на Ромите 8 април, беше разгледана состојбата на ромската заедница во Република Македонија, беа разменети и оценки за текот на спроведување на Декадата на Ромите. Претседателот Иванов истакна дека Македонија мора да продолжи со активностите за целосна интеграција на ромската заедница во образованието и во другите општествени сфери. За таа цел, Претседателот побара активно вклучување на ромските интелектуалци, активисти и заедницата во целина.

Лидерите на партиите ги изнесоа нивните согледувања за положбата на Ромите и чекорите кои се потребни за натамошно подобрување на животниот стандард и статус на Ромите во целина. Тие ја истакнаа уникатната политичка положба на Ромите во македонското општество, со неговиот модел на учество во политичкиот живот како модел кој треба да биде применет и во други држави кои тежнеат да ја подобрат положбата на Ромите.

Честитка по повод празникот Воскресение Христово - Велигден
Четврток, 01 Април 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до верниците на Македонската Православна Црква – Охридска Архепископија, на Католичката црква и на Евангелско – методистичката црква  по повод празникот Воскресение Христово – Велигден.

Ми претставува особено задоволство и чест на сите верници да им го честитам претстојниот христијански празник, празникот над сите празници Воскресението Христово – Велигден.
 
Ви пожелувам Велигденските празници да ги поминете во убаво празнично расположение, споделувајќи со своите најблиски, радувајќи се и славејќи го животот.

Нека и овој Велигден биде патоказ дека сплотени во верата во Христа, под закрилата на светата црква, можеме да ги надминеме сите голготи и предизвици. Во ова време на постојан наплив од минливи вредности и краткотрајни задоволства, да не заборавиме да го следиме патот на светлината и да не се штедиме да се даруваме себеси на другите, да ја негуваме безусловната љубов кон нашите сограѓани и нашата татковина, вдахновени од примерот на Христа.

Честит празник и за многу години.
Христос Воскресе, навистина воскресе!

Д-р Ѓорге Иванов

Средба со Министерот за надворешни работи на Унгарија д-р Петер Балаш
Среда, 31 Март 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими д-р Петер Балаш, Министер за надворешни работи на Република Унгарија.

Средбата беше можност да се разговара за евро-атлантските перспективи на Република Македонија и интеграцискиот процес, кој е врвен приоритет за нашата држава. Претседателот Иванов ги истакна големите придобивки кои земјите од Средна и Источна Европа ги стекнаа по проширувањето на Европската Унија како постојан пример за Република Македонија во спроведувањето на реформите потребни за успешно завршување на интеграцискиот процес. Претседателот Иванов го повтори својот став дека брзото ширење на НАТО и на Европската Унија е најдобар рецепт за економски развој, стабилност и натамошно напредување на демократијата и почитувањето на различностите во регионот на Југоисточна Европа.

При спроведувањето на овие интеграциски процеси, Претседателот Иванов истакна дека е особено важно да се водиме според  докажаните и проверените принципи, поставени во Копенхаген.
Претседателот Иванов ја искористи можноста да го информира високиот гостин од Унгарија за текот на разговорите во спорот кој Република Грција го наметнува во врска со уставното име на Република Македонија, како и за аргументите и позициите на Република Македонија.

Министерот Петер Балаш изјави дека Република Унгарија, како земја сосед во регионот на Југоисточна Европа, апсолутно ги разбира потребите на Република Македонија и на целиот регион за брза интеграција. Министерот Балаш изрази уверување дека интегративните процеси на Југоисточна Европа ќе бидат меѓу врвните приоритети на унгарското претседавање со Европската Унија во 2011 година.

Писмо со сочувство до Претседателот на Руската Федерација Дмитри Медведев
Понеделник, 29 Март 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати писмо со изрази на сочувство до Претседателот на Руската Федерација г-дин Дмитри Медведев, по повод терористичките напади кои се случија во две одделни експлозии во метро станиците во Москва.

Во писмото, Претседателот Иванов во име на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име изрази длабоко сочувство до Претседателот Медведев, Руската федерација и пријателскиот руски народ и остро ги осуди ваквите злосторнички и кукавички напади во кои најмногу страдаат недолжни лица.

- Тероризмот и заканите не познаваат граници и поради тоа сметам дека напорите за сузбивање на истите мора да бидат заеднички и глобални. Наша обврска е да им обезбедиме и гарантираме на нашите граѓани посигурна сегашност и иднина. Само со координирани, заеднички и колективни напори и заложби можеме да ја постигнеме оваа цел, пишува во писмото од Претседателот Иванов до Претседателот Медведев.

Писмо од Претседателот на САД Барак Обама
Петок, 26 Март 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска доби писмо од Претседателот на САД г-дин Барак Обама. Во продолжение е интегрално текстот на писмото од Претседателот Обама.

Почитуван господине Претседател,

Ви пишувам со цел да ја искажам мојата благодарност за дополнителните војници и обучувачи кои Република Македонија планира да ги испрати во Авганистан. Со ваквиот придонес, сега Република Македонија е една од земјите со најголемо учество во ИСАФ според бројот на војници. Посакуваме натамошен успех на Вашиот контингент во својата мисија.

Го цениме постојаното партнерство на Вашата земја во одговорот на нашите заеднички предизвици, не само во Авганистан туку и на други места ширум светот, вклучително во Босна и Ирак. Ве охрабруваме да продолжите да работите преку процесот на ОН на решавање на прашањето околу името што е можно поскоро со што Вашата земја ќе може да се придвижи во исполнувањето на своите евро-атлантски аспирации.

Со почит,
Барак Обама

Средба со Министерот за надворешни работи на Турција д-р Ахмет Давутоглу
Петок, 26 Март 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска се сретна со Министерот за надворешни работи на Република Турција д-р Ахмет Давутоглу.

На срдечниот разговор, кој доаѓа по неодамнешните средби на Претседателот Иванов со Министерот Давутоглу во Минхен и во Киев, беше истакната добрата соработка на двете земји издигната на ниво на стратегиско партнерство на Балканот. Претседателот Иванов истакна дека соработката меѓу двете земји, која претставува пример за сите држави од регионот и од Европа, треба постојано да се продлабочува и унапредува во сите сфери. Иванов истакна дека добрите односи на двете земји се детерминирани од принципите на мирно решавање на споровите со политички средства, почитување на етничката и културната коегзистенција, економската меѓузависност и загарантираната безбедност за сите држави.

Министерот Давутоглу, од своја страна, изјави дека секој успех на Република Македонија го смета за успех и на Република Турција. Министерот изјави дека освен на геополитички, Република Македонија е исклучително значајна земја и на геокултурен план. Според министерот, Република Македонија има модел на интеграција кој треба да претставува пример не само за регионот туку и пошироко. Министерот Давутоглу потенцираше дека Република Турција отсекогаш го поддржувала и ќе го поддржува напредокот на Република Македонија, истакнувајќи ја тука цврстата поддршка за полноправно членство на Македонија во НАТО.

На средбата беа разгледани повеќе области на соработка меѓу двете држави, како што се економските инвестиции, културната и трговската размена.

 

 
Почеток < Пред 171 172 173 174 Следно > Крај
Страница 173 од 174