Соопштенија
01_Iran
Новоименуваните амбасадори на Исламската Република Иран, Јапонија, Кралството Мароко и Буркина Фасо ги предадоа акредитивните писма
Четврток, 22 Декември 2016

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Исламската Република Иран, Јапонија, Кралството Мароко и Буркина Фасо.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Исламската Република Иран за Република Македонија, Н.Е. г. Хосеин Карими, претседателот Иванов го поздрави позитивниот тренд во односите меѓу двете земји и зголемениот интензитет на соработка којшто се бележи во изминатиот период. Македонскиот претседател истакна дека подигањето на нивото на политички дијалог помеѓу двете земји треба да придонесе кон искористување на потенцијалите за соработка во повеќе сфери од заеднички интерес.

Амбасадорот Карими истакна дека Иран како влијателна и решавачка сила во осетливиот регион на Блискиот Исток е посебно заинтересирана за унапредување на односите со Балканските земји, особено со Република Македонија. Во тој контекст, амбасадорот Карими посочи дека силна и вредна основа за проширување на идните односи се блиските политички ставови, јасните економски интереси, силното културно сродство и пријателството на владите на двете земји.02_Japonija


На средбата со новоименуваниот амбасадор на Јапонија за Република Македонија Н.Е. Кијоши Коинума, претседателот Иванов истакна дека двата народа и покрај географската оддалеченост го поврзува взаемното почитување и пријателство помеѓу двете земји за што говори и постојаната финансиско-техничка помош што Јапонија и ја доделува на Република Македонија по нејзиното осамостојување.

Според претседателот Иванов,со отворањето на резидентна амбасада на Република Македонија во Токио во 2013 година, како и отворањето на амбасада на Јапонија во Република Македонија на почетокот од следната година, ќе се придонесе кон развојот на меѓусебните односи и збогатување на меѓусебната соработка во повеќе сфери од заеднички интерес, особено во областа на економијата и трговската размена.03_Maroko

Претседателот Иванов на средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Мароко Н.Е. г-ѓа Закиа Ел Мидауи посочи дека постои искрена подготвеност  за унапредување на соработката  меѓу Република Македонија и Кралството Мароко особено во однос на збогатувањето на нормативно - правната рамка за уредување на билатералните односи, како и воспоставувањето на економска соработка.

04_Burkina_FasoНа средбата по повод предавањето на акредитивните писма од новоименуваниот амбасадор на Буркина Фасо Н.Е. г-Амаду Дико, македонскиот претседател истакна дека има потреба од унапредување на досегашната скромна соработка  меѓу двете земји. Во тој контекст, рече претседателот Иванов, значаен чекор за развивање на односите како на билатерален, така и  на мултилатерален план е запознавање на потенцијалите за воспоставување на соработка во сите сфери од заемен интерес.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

PRMportret
Сочувства од претседателот Иванов до претседателот на Руската Федерација и претседателот на Сојузна Република Германија
Вторник, 20 Декември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати телеграма со сочувство до претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин, по повод атентатот врз амбасадорот на Руската Федерација во Република Турција, г. Андреј Карлов, и телеграма со сочувство до претседателот на Сојузна Република Германија, г. Јоахим Гаук, по повод терористичкиот напад во Берлин.

Во продолжение се интегралните телеграми со сочувства:


Почитуван претседателе Путин,

Со шокираност и со чувство на огорченост ја примив веста за атентатот врз aмбасадорот на Руската Федерација во Република Турција, г. Андреј Карлов. Ова ѕверско убиство е напад против сите правила и принципи на меѓународните односи.

Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и за семејството на амбасадорот Карлов, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое, лично, име да Ви упатам изрази на длабоко сочувство.

д-р Ѓорге Иванов


Почитуван претседателе Гаук,

Со неверување и жалење ја примив веста за грозоморниот напад и стравичните сцени на Божиќниот базар на плоштадот „Брајнштајн" во германската престолнина, Берлин. Длабоко жалам за секој изгубен живот во овој терористички напад, кој најсилно го осудувам.

Во овој празничен период, кога треба да го бараме најдоброто кај луѓето, особено е тешко што мораме да се соочиме со најлошата страна на човештвото. Со ваквиот злосторнички чин само се потврдува неопходноста од тесна соработка за справување со тероризмот, како најголемото зло кое нè демне сите и кое не познава и не признава граници.

Во овие мигови на длабока тага за Вас, за Вашата држава и за пријателскиот германски народ, во свое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија упатувам изрази на најдлабоко сочувство. Граѓаните на Република Македонија искрено жалат за овој трагичен настан и го осудуваат тој злосторнички чин.

Во овие моменти на споделена тага, но, и огромен гнев кон злото кое причинува ненадоместливи загуби, Ве молам, изразите на најдлабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на настраданите.

д-р Ѓорге Иванов

Prm_izjava13122016
Изјава на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Вторник, 13 Декември 2016

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Сакам да изразам задоволство од спроведените предвремени парламентарни избори на 11 декември.

Пред сè, им честитам на граѓаните, што покажаа одговорност и излегоа во масовен број да го остварат своето право на глас.

Годинава, кога одбележуваме 25 години од нашата независност, покажавме демократска зрелост и го потврдивме нашиот капацитет за спроведување на фер, слободни, мирни и демократски избори.

Сакам да им честитам на партиите што освоија најголем број гласови на овие избори - на победниците, и да им честитам на сите партии кои беа вклучени во изборниот процес.

Очекувам сите кои се натпреваруваа во изборната трка да ги поздрават изборните резултати. Во демократска атмосфера, едногласно да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните. Не смееме да дозволиме да не се почитува волјата на граѓаните и да се создаваат услови за нови кризи.

Релевантните домашни и меѓународни институции потврдија дека Република Македонија спроведе избори кои доликуваат на една европска и демократска држава.

Им честитам на сите институции кои одговорно ја завршија својата работа и овозможија регуларност и кредибилитет на изборите.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Во согласност со Уставот, законските процедури и временските рокови, по конституирањето на Собранието на Република Македонија, ќе го доделам мандатот на партијата што има мнозинство во Собранието. Потоа, очекувам во најбрзо време да се формира и новата Влада на Република Македонија.

Со овие избори, Република Македонија исполни еден од клучните услови на кои се обврзаа лидерите со Пржинскиот договор.

Очекувам, како што Република Македонија уште еднаш покажа исполнителност, Европската Унија да покаже доследност и принципиелност кон нас.

Ја повикувам Европската Унија да изнајде начин и да овозможи напредок на Република Македонија на евроинтеграцискиот пат.

Како што сметав дека Република Македонија има капацитет да ги одржи овие значајни избори онака како што поминаа, верувам дека овие избори ќе придонесат за крај на политичката криза и ќе претставуваат почеток на национално помирување во Република Македонија.

Ви благодарам.

rucek_ambasadori
Работна средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија
Петок, 09 Декември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска одржа работна средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за аспирациите на Република Македонија за членство во Европската унија, актуелните состојби во поширокиот регион, особено во контекст на мигрантската и бегалска криза.

На средбата претседателот Иванов побара промена на досегашниот пристап на Европската унија кон интеграцијата на Република Македонија, кој се покажа како непродуктивен. Досегашниот пристап, оцени македонскиот претседател, не помогна да се изгради повисока политичка култура и култура на компромиси и политички дијалог, како и почитување на институциите. Само со деблокада на македонските евроинтеграции, според претседателот Иванов, земјата ќе излезе од маѓепсаниот круг на политички кризи и недоверба.

Македонскиот претседател изрази очекување, веднаш по предвремените парламентарни избори, Европската унија и земјите-членки на конкретен начин да помогнат европската агенда и реализацијата на неопходните реформски процеси да станат приоритет и да помогнат во неопходноста за национално помирување.

Европските амбасадори ги поздравија повиците на претседателот Иванов за национално помирување и се согласија дека помирувањето е најургентниот од сите ургентни реформи во Република Македонија. Исто така беа поздравени напорите што претседателот Иванов ги прави во однос на добрососедските односи. Особено беше поздравен ангажманот на претседателот Иванов во однос на справувањето со мигратската и бегалска криза и безбедносниот аспект од неа.

На средбата беа разменети мислења за заканата од илегална миграција и за заканата од насилен екстремизам. Претседателот Иванов оцени дека земјата има проактивен и превентивен пристап во менаџирањето на мигрантската криза и посочи дека и покрај внатрешната политичка криза, Македонија покажа дека има стабилни институции, кои успешно се справија со мигрантската криза и намалување на безбедносните ризици.

На работната средба беа разменети мислења и за состојбите во поширокиот реон, како и за односите на Република Македонија со соседните земји.

PRM_izjava
Изјава на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Петок, 09 Декември 2016

Почитувани граѓани на Република Македонија,

На 11 декември, ве повикувам да излезете и да го остварите вашето право на глас и да ја исполните вашата граѓанска должност. Повикувам да гласате по сопствено убедување и да ја дадете довербата на онаа политичка партија и опција за која верувате дека е најдобриот избор за вас и за Република Македонија.

Ги повикувам сите кои се вклучени во изборниот процес да покажат достојно ниво на политичка култура и да го почитуваат Уставот и законите на Република Македонија.

Ги повикувам надлежните институции задолжени за регуларноста на изборниот процес да дејствуваат согласно законските норми и правила. Да не подлежат на никакви притисоци и да немаат толеранција, ниту милост за оние, кои на каков било начин, ќе се обидат да го попречат, или нарушат изборниот процес.

Како држава, не смееме да дозволиме да има ниту еден аргумент за оспорување и дискредитирање на изборниот процес.

Во демократска атмосфера, како што доликува на една демократска земја, очекувам на 11 декември едногласно да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните, која ќе го означи почетокот на крајот на политичката криза и ќе претставува почеток на национално помирување во Република Македонија.

Ви благодарам.

PRMportret
Честитка по повод изборот на нов Претседател на Република Австрија
Вторник, 06 Декември 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до избраниот Претседател на Република Австрија, г. Александер Ван дер Белен, по повод неговата победа на Претседателските избори

Ваша Екселенцијо,

Ми претставува особена чест и задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име,  да Ви упатам најсрдечни честитки по повод Вашиот избор за Претседател на Република Австрија, како и да Ви посакам многу успех во извршувањето на оваа одговорна функција.

Дозволете ми, во оваа пригода да искажам особено задоволство од достигнатото ниво и континуираниот позитивен тренд во односите и соработката меѓу Република Македонија и Република Австрија. Исто така сакам да ја изразам целосната подготвеност да ја продолжиме соработката што ја имавме со Вашиот ценет претходник. На тој начин ќе дадеме придонес за натамошно унапредување на односите во сите сфери од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план.

Вашиот избор на оваа функција е исклучително значаен. Тој се случува во период на бројни сериозни предизвици со кои се соочува Европа, а единството, довербата и неопходноста од повеќе соработка во рамките на Европската унија се пред големи искушенија. Вашиот избор значи и враќање на оптимизмот во регионот на Југоисточна Европа, регион без чија интеграција, Европското обединување нема да биде целосно, и тоа Австрија добро го знае и правилно го разбира. Длабоко сум убеден дека за време на Вашиот мандат Австрија, која има силни традиционални врски со Балканот, како докажан пријател на Република Македонија, ќе продолжи да ги поддржува и ќе ги забрза нашите заложби за  интегрирање во Европската Унија.

Со искрени желби за добро здравје, натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 6 од 142