Соопштенија
indija_prostalna
Проштална средба со амбасадорот на Република Индија, Н.Е. г. Раџеш Кумар Сачдева
Четврток, 23 Март 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими Н.Е. г. Раџеш Кумар Сачдева, амбасадор на Република Индија за Република Македонија, со седиште во Софија.

На средбата беа разменети мислења за состојбите во двете земји, како и за севкупните билатерални односи меѓу двете земји и соработката во сите сфери од взаемен интерес.

Претседателот Иванов изрази очекување за натамошно унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес и го нагласи интересот на Република Македонија за воспоставување поинтензивна економска соработка.

Амбасадорот Сачдева изрази задоволство од извршувањето на дипломатската должност и изрази уверувањето дека неговата земја ќе продолжи со напорите за унапредување на односите со Република Македонија.

Претседателот Иванов се заблагодари за севкупниот ангажман на амбасадорот Сачдева и му посака успех во натамошната кариера.

PRMportret
Честитка по повод Националниот празник на Република Грција
Четврток, 23 Март 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Националниот празник на Република Грција упати честитка до г. Прокопис Павлопулос, Претседател на Република Грција.

Ваша Екселенцијо,

Ми претставува особена чест и задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод националниот празник на Република Грција.

Ја користам оваа свечена пригода да нагласам дека градењето на добрососедски односи, регионална стабилност и соработка, како и интегрирањето во Европската унија и НАТО се областите кои претставуваат приоритет за Република Македонија.

Дозволете ми повторно да ја истакнам нашата силна посветеност за унапредување на добрососедските односи и дијалогот со Вашата земја, како и да ја пренесам мојата силна порака дека, со заеднички заложби и соработка, можеме да создадеме позитивна клима на заемна доверба и почит, со што ќе осигураме просперитетна иднина за нашите граѓани.

Ве молам, примете ги, Ваша Екселенцијо, изразите на моето високо почитување.

д-р Ѓорге Иванов

PRMportret
Честитка по повод реизборот на Претседателот на Унгарија
Среда, 15 Март 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка по повод реизборот на Н.Е. г. Јанош Адер на функцијата Претседател на Унгарија:

Почитуван господине Претседателе,

Со особено задоволство Ви упатувам најсрдечни честитки по повод реизборот за Претседател на Републиката.

Во оваа убава пригода, сакам да искажам задоволство од нивото на односите меѓу Македонија и Унгарија, кои се карактеризираат со висок степен на меѓусебно разбирање и почитување, како и од динамиката на политичкиот дијалог и плодната соработка во повеќе области. Воедно сакам да изразам благодарност за гласната поддршка што Вашата земја ѝ ја дава на Република Македонија на патот кон НАТО и Европската Унија.

Посакувајќи Ви добро здравје, натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам, почитуван господине Претседател, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

moldavija_11
Предавање акредитиви на новоименуваните амбасадори на Република Молдавија и Аргентинската Република
Петок, 10 Март 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Молдавија и Аргентинската Република за Република Македонија.

На предавањето на акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Молдавија за Република Македонија со седиште во Софија, Н.Е. г. Штефан Горда, претседателот Иванов истакна дека двете земји споделуваат исти заложби за мир, слобода, безбедност и просперитет на регионот на Југоисточна Европа и пошироко, и подвлече дека соработката меѓу двете земји треба да продолжи да се развива и да се продлабочува преку интензивирање на политичкиот дијалог на сите нивоа.

„Постојат бројни потенцијали за соработка во сите сфери од заемен интерес, кои со заемен ангажман треба да ги искористиме. Посебен акцент треба да ставиме на можностите за збогатување на економската соработка и целосно искористување на економските потенцијали на нашите две земји, како и на соработката во областа на туризмот, културата, образованието, науката, истражувањето и иновациите", рече претседателот Иванов.

Амбасадорот Горда изрази уверување дека досегашните воспоставени одлични политички врски меѓу Молдавија и Македонија ќе продолжат со интензивирање и во иднина и дека соработката меѓу двете земји во другите области од заеднички интерес ќе се унапредат на повисоко ниво.


ARGENTINAНа предавањето на акредитивните писма на Н.Е. г. Алберто Алфредо Мануел Труеба, новоименуваниот амбасадор на Аргентинската Република за Република Македонија, со седиште во Софија, претседателот Иванов го истакна исклучителното значење кое Република Македонија го придава кон успешниот развоен тренд и понатамошното унапредување на севкупните односи со Аргентинската Република.


„И покрај географската оддалеченост на нашите две пријателски земји и припадноста на различни региони, цврсто сум убеден дека постои заедничка желба и голем потенцијал за уште посеопфатно и посодржински да ги развиваме и унапредуваме меѓусебните односи за доброто на нашите народи", рече претседателот Иванов и додаде дека е неопходно преку поинтензивен политички дијалог да се динамизира соработката во економската сфера, како и во сите други области од заемен интерес.

Амбасадорот Труеба, истакна дека билатералните односи помеѓу Македонија и Аргентина во изминатите 18 години може да се дефинираат како пријателски, додавајќи дека главни области за зацврстување на традиционално добрите врски во блиска иднина ќе бидат поттикнувањето на економската и трговската соработка, како и промоцијата на иницијативи во културниот сектор.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успешно извршување на одговорната дипломатска функција и им изрази поддршка во вршењето на должноста.

Zanier
Средба на претседателот Иванов со Генералниот секретар на ОБСЕ, г. Ламберто Заниер
Четврток, 09 Март 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Генералниот секретар на ОБСЕ, г. Ламберто Заниер.

На средбата беа разменети мислења за актуелната состојба во Република Македонија и предизвиците со кои се соочува државата предизвикани од политичката, уставната и институционалната криза.

Во контекст на актуелната состојба, претседателот Иванов ги повтори ставовите дека има правен и политички аспект, кои се проблем, но и предуслов за излез од состојбата. Во однос на правниот аспект поврзан со роковите за доделување на мандатот, истакна дека е лесно надминлив. Во однос на политичкиот аспект, претседателот Иванов истакна дека останува на ставот дека платформата од Тирана треба да биде осудена и отфрлена, исто како и мешањето во внатрешните работи на Република Македонија, кои не помагаат во напорите за добрососедски односи и стабилноста и безбедноста во регионот.

Генералниот секретар на ОБСЕ изрази загриженост за меѓуетничките тензии, апелирајќи сите да направат конструктивни чекори за надминување на кризата. Тој се согласи со претседателот Иванов дека лидерите од регионот треба да се воздржат од штетна реторика.

Македонскиот претседател и Генералниот секретар на ОБСЕ разменија и мислења во врска со безбедносната состојба во земјава и регионот, како и за мигрантската и бегалската криза. Претседателот Иванов посочи дека Република Македонија и натаму ги спроведува мерките согласно заклучоците на Европскиот совет за брзо запирање на приливот на мигранти, за заштита на границите, намалување на нелегалната миграција и зачувување на интегритетот на Шенгенската зона.

Со цел справување со заканите од насилен екстремизам и активностите на странски терористички борци, македонскиот претседател ја истакна потребата од програмите на ОБСЕ за контрарадикализација и дерадикализација.

Претседателот Иванов изрази очекување за продолжување на соработката со ОБСЕ и нивната поддршка во области како што се владеење на правото, полицијата, судството, и унапредувањето на меѓуетничките односи и соживот.

PRMportret
Писмо од претседателот Иванов до членките на ЕС, до ГС на НАТО и до стратегиските партнери САД и Р.Турција
Вторник, 07 Март 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати писмо до членовите на Европскиот совет, до претседателот на Европскиот совет, г. Доналд Туск, до Генералниот секретар на НАТО, г. Јенс Столтенберг и до двата стратегиски партнери на Република Македонија, до претседателот на Соединетите Американски Држави,  г. Доналд Трамп и до претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган.

Во продолжение е интегралното писмо од претседателот Иванов:

Почитувани,

Во пресрет на состанокот на Европскиот совет, дозволете да Ве запознам со актуелната состојба и со сето она што се случува во Република Македонија.

Република Македонија веќе две и пол години минува низ длабока политичка криза. Со олеснувачката улога на ЕУ и на САД беше постигнат Договорот од Пржино во чија суштина беше организирање предвремени парламентарни избори во фер и демократски услови и формирање Влада на Република Македонија што најпрво ќе се фокусира на итните реформски приоритети.

На 11 декември 2016 година се одржаа слободни, фер и демократски избори, кои беа поздравени од сите страни. Но, наместо излез од кризата и фокусирање на итните реформски приоритети, ние повторно се најдовме во длабока политичка криза. Имено, по изборите, три од четирите парламентарни партии на етничките Албанци во Република Македонија, со 18 од вкупно 120 пратеници во Собранието, под покровителство на премиерот на Република Албанија, г. Еди Рама и неговиот министер за надворешни работи во Тирана создадоа платформа за Албанците во Република Македонија.

Тиранската платформа стана предуслов за формирање Влада на Република Македонија.

Платформата е постизборен документ усвоен во туѓа држава во кабинет на странски државник и со посредство на премиер на туѓа држава. Со оваа платформа се загрозува сувереноста и независноста на државата, доведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Реализацијата на платформата подразбира промени во Уставот на Република Македонија со кои би се загрозил унитарниот карактер на државата. Платформата го нарушува Охридскиот рамковен договор, кој ги регулира односите на етничките заедници со државата Република Македонија и нивните меѓусебни односи. Во спротивност со Охридскиот рамковен договор, платформата е дискриминаторска кон другите етнички заедници, бидејќи приоретизира само една заедница. Оваа платформа од Тирана дополнително ја дестабилизира внатрешнополитичката состојба и ги зголемува меѓуетничките тензии во Република Македонија.

Со начинот на кој е донесена и со изјавите на официјалните претставници на Република Албанија и Република Косово, негативно се одразуваат на меѓусоседските односи и се врши дестабилизација на регионот на Западен Балкан. Оваа платформа, нас нè доведе во застој од кој е тешко да се излезе бидејќи има ултимативен и уценувачки карактер.

Почитувани,

Во согласност со член 84, алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, на 1 март 2017 година донесов одлука да не определам мандат за состав на Владата на Република Македонија на секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзиниот суверенитет и независноста. Како претседател на Република Македонија, моја уставна должност е да ги почитувам Уставот и законите и да ги штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија.

За сите овие нешта лично ги информирав комесарот г. Хан и високиот претставник, г-ѓа Могерини. Од нив побарав јавно и јасно да ја осудат и да ја отфрлат платформата како чин на мешање во внатрешните работи на суверена држава и како документ што дополнително нè дестабилизира и изложува на внатрешнополитички, меѓуетнички и можни геополитички влијанија. Ќе повторам дека овој документ кој е ултимативен и уценувачки го суспендира и Договорот од Пржино во кој Европската Унија го вложи сиот свој надворешнополитички кредибилитет.

Сметам дека осудата и отфрлањето на овој документ е единствен начин за излез од безизлезната состојба во која се наоѓаме. Само на тој начин ќе ги постигнеме целите на Договорот од Пржино, пред сè итните реформски приоритети, политичката стабилизација, намалувањето на меѓупартиските и меѓуетничките тензии во Република Македонија и враќање на државата на патот кон европските и евроатлантските интеграции. Во тој контекст, барам со внимание да ја разгледате вистинската реалност со која сме соочени и да се заложите оваа штетна платформа да биде јавно отфрлена и осудена од страна на Европската Унија и НАТО и нивните земји членки. Понатаму, очекувам да го осудите флагрантното мешање во внатрешните работи на Република Македонија од страна на два нејзини соседа – аспиранти за полноправно членство во Унијата. Конечно, очекувам да испратите силна порака до нашиот геополитчки ранлив регион за неповредливост на границите на Балканот и да ја реафирмирате европската и евроатлантската перспектива на земјите од регионот.

Отсуството на јавна осуда на платформата од Тирана од страна на меѓународната заедница само ќе охрабри слични обиди во нашиот, но и во други региони во Европа со сложена етничка, религиска и јазична реалност.

Најискрено се надевам дека ќе наидам на Вашето разбирање. Во прилог Ви доставувам копија од горенаведената платформа, како и изјави на официјални претставници и институции на Република Албанија и Република Косово.

Како претседател на Република Македонија, земја долгогодишен кандидат за членство во Европската Унија и НАТО, очекувам да се ангажирате и да ни помогнете бидејќи иднината и перспективата на моите сограѓани се пред мошне сериозен предизвик.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 7 од 148