Соопштенија
PRM_portret_nov
Честитка од претседателот Иванов по повод реизборот на г. Борут Пахор на функцијата Претседател
Понеделник, 13 Ноември 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до г. Борут Пахор по повод реизборот на функцијата претседател на Република Словенија.

Почитуван господине Претседателe,

Mи причинува особена чест и големо задоволство да Ви го честитам реизборот на функцијата претседател на Република Словенија и да Ви упатам најискрени желби за натамошно успешно извршување на оваа одговорна функција.

Сакам и во оваа пригода да искажам задоволство од развојот на односите и соработката меѓу нашите две држави. Истовремено ценам дека постои потенцијал за уште поплодна соработка, кој со заемен ангажман може да се искористи.

Убеден сум дека Република Словенија знае да ги цени напорите и постигнувањата на Република Македонија во процесот на нејзиното интегрирање во НАТО и во Европската Унија, и верувам дека поддршката од Вашата земја за соодветна валоризација на тие постигнувања и натаму ќе продолжи.

Со такво убедување и со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, почитуван колега, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

PRM_socustvo
Сочувство од претседателот Иванов по повод катастрофалниот земјотрес во Иран
Понеделник, 13 Ноември 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати сочувство до г. Хассан Рухани, претседател на Исламска Република Иран, по повод катастрофалниот земјотрес.

Почитуван господине Претседателе,

Со големо жалење ги примив вестите за катастрофалниот земјотрес и длабоко жалам за загубените животи, за човечките страдања и големите штети од оваа катастрофа.

Нема соодветни зборови кои ќе ја намалат Вашата и тагата на граѓаните на Исламската Република Иран, но дозволете ми во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име да Ви упатам изрази на мое најискрено сочувство. Сигурен сум, господине Претседател, дека со Вашето лидерство Исламската Република Иран брзо ќе ги надмине последиците од оваа природна катастрофа.

Примете ги, Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

MNR_Crna_Gora_PRM_1
Средба на претседателот Иванов со министерот за надворешни работи на Црна Гора, г. Срѓан Дармановиќ
Четврток, 09 Ноември 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Црна Гора, г. Срѓан Дармановиќ.

Двајцата соговорници изразија интерес за унапредување на севкупните билатерални односи меѓу двете земји и го поздравија континуираниот политички дијалог што укажува на традиционално пријателските односи меѓу Република Македонија и Црна Гора.

Претседателот Иванов и министерот Дармановиќ се согласија дека двете земји имаат идентични надворешно-политички цели и треба да се фокусираат на нивна реализација преку интензивна меѓусебна соработка на билатерален и регионален план.

Во однос на европската перспектива, претседателот Иванов посочи дека членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО е од клучно значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион и го нагласи интересот за интензивирање на политичко-безбедносната соработка со Црна Гора во контекст на НАТО.

„Евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој. Потребна е јасна перспектива за приклучување кон ЕУ и силна поддршка за забрзување на НАТО интеграцијата на Република Македонија", порача на средбата претседателот Иванов.

Во тој контекст претседателот Иванов го поздрави позитивниот извештај на Европската комисија и охрабрувачките пораки од високи претставници на ЕУ во однос на лојалноста на Црна Гора во зачувувањето на заедничките европски вредности.

Министерот за надворешни работи, г. Срѓан Дармановиќ, истакна дека еден од приоритетите на Црна Гора, како иден претседавач со Јадранската Повелба, ќе биде поддршка за НАТО интеграциите на Република Македонија.

Претседателот Иванов и министерот за надворешни работи разменија мислења за актуелните политички случувања во Република Македонија и Црна Гора, како и за состојбите во регионот и Европа.

Двајцата соговорници го потврдија интересот за продолжување на тесната соработка во рамки на регионалните иницијативи и разменија информации за претстојниот Самит на Процесот Брдо-Бриони, чиј домаќин идната година е Република Македонија. Со цел унапредување на регионалната и економската соработка, беше потенцирана потребата од зголемени инвестиции во инфраструктурно поврзување на земјите од регионот.

PRMportret2
Честитка по повод 23 Октомври, Денот на Mакедонската револуционерна борба
Понеделник, 23 Октомври 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Октомври - Денот на Mакедонската револуционерна борба, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Одбележувањето на празникот на македонската револуционерна борба е симбол на долговековниот непокор и борба на македонскиот народ за слобода, државност и независност.

Корените на македонската револуционерна борба започнуваат со формирањето на Македонската револуционерна организација, на 23 Октомври 1893 година, кога шестемина македонски дејци ги обедини една визија за исполнување на вековниот сон – слободна Македонија. Патот до слободата беше исполнет со предизвици, но нивната сплотеност и решителност за остварување на своите идеали им даде сила да истраат пред тешкотиите.

Пламенот што го разгореа револуционерите го презедоа илинденците, борците во Народноослободителната и антифашистичка борба и АСНОМ-ците кои го остварија стремежот за слободна македонска држава. Без 23 октомври 1893-та не ќе беа можни ниту трите светли Илиндени од 1903-та, 1944-та и 1991-та.

Наша должност е да им оддадеме почит на нашите борци за слобода и независност, следејќи го нивниот пат. Како следбеници на нашите предци, почитувајќи ја историската реалност, треба да создадеме иднина за нашите потомци.

Почитувани сограѓани, нека ни е честит празникот!

Да живее Република Македонија!

д-р Ѓорге Иванов

slovacka_prostalna
Проштална средба на претседателот Иванов со амбасадорот на Словачката Република, Н.Е. д-р Мартин Безак
Среда, 18 Октомври 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска оствари проштална средба со амбасадорот на Словачката Република, Н.Е. д-р Мартин Безак.

Претседателот Иванов изрази благодарност за личниот ангажман и посветеноста на амбасадорот Безак во унапредување на севкупните билатерални односи на Словачката Република со Република Македонија. и изрази уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог меѓу двете земји и проширување на соработката во сите сфери од заемен интерес.

Македонскиот претседател изрази благодарност за целокупната помош и поддршка која Република Македонија ја доби од Словачката Република во справувањето со мигрантската и бегалската криза, потенцирајќи го нивниот значаен придонес преку присуството на словачките полициски сили и опрема, со цел надзор и поефикасна заштита на нашата граница.

„Високо го ценам вашиот активен придонес во позитивниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Словачката Република и во успешната соработка во однос на мигрантската и бегалската криза", нагласи претседателот Иванов, посакувајќи му успех во идните ангажмани.

Во однос на реализацијата на македонските стратешки надворешно-политички цели, претседателот Иванов изрази уверување дека Словачката Република како докажан и принципиелен пријател и партнер ќе продолжи отворено да ја поддржува Република Македонија во аспирациите за членство во Европската Унија и во НАТО.

Akreditivi_Spanija_01
Предавање на акредитивни писма од страна на новоименуваните амбасадори на Кралството Шпанија, на Чешката Република и на Државата Кувајт
Вторник, 17 Октомври 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Кралството Шпанија, на Чешката Република и на Државата Кувајт за Република Македонија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Шпанија во Република Македонија, Н.Е. г. Емилио Лоренсо Сера, претседателот Иванов изрази задоволство од развојот на билатералните односи меѓу Република Македонија и Кралството Шпанија, коишто претставуваат одраз на меѓусебното разбирање и искрена почит. Македонскиот претседател изрази благодарност за поддршката од Шпанија за реализација на европската и евроатлантската перспектива на Република Македонија, како и очекување, дека ваквата поддршка ќе продолжи со поголем интензитет во периодот којшто следува. Претседателот Иванов на церемонијата на предавање на акредитивите, рече дека изминатиот период со големо внимание, но и загриженост ги следи настаните во Шпанија. „Во оваа прилика, би сакал да ја нагласам мојата увереност дека Шпанија ќе најде сили и ќе ги надмине политичките премрежја, од кои ќе излезе уште посилна и посплотена", истакна претседателот Иванов. Осврнувајќи се на бегалската криза што го зафати европскиот континент, на јакнењето на радикализмот и порастот на терористичките напади, како тие што неодамна се случија во Барселона и Камбрилс, македонскиот претседател ја нагласи потребата од поблиска соработка во областа на безбедноста. „Само со заеднички настап и поголема сплотеност и солидарност на демократскиот свет, ќе може да се одговори на современите безбедносни предизвици", рече претседателот Иванов.

Akreditivi_Ceska_02На средбата со Н.Е. Мирослав Томан, новоименуван амбасадор на Чешката Република во Република Македонија, претседателот Иванов го поздрави воспоставениот плоден политички дијалог на сите нивоа и достигнатото високо ниво на односите меѓу двете држави, додавајќи дека Република Македонија придава посебно значење на градењето на блиски и пријателски односи со Чешката Република, со која нė врзуваат силни историски и културни врски. „Чешката Република е еден од нашите најзначајни пријатели, партнери и поддржувачи во реализацијата на нашите стратегиски цели. Би сакал и во оваа пригода да изразам благодарност за сета досегашна поддршка од Вашата земја, а особено за принципиелната, конзистентна и отворена поддршка на Европските и евроатлантските аспирации на Република Македонија", истакна претседателот Иванов, истовремено изразувајќи благодарност и за чешката поддршка и помош во справувањето со последиците од бегалската и мигрантската криза.

Akreditivi_Kuvajt_03На средбата со H.E. г. Јакуб Алтеги, новоименуван aмбасадор на Државата Кувајт за Република Македонија, со седиште во Софија, претседателот Иванов изрази подготвеност за продлабочување на политичката, а особено економската соработка меѓу двете држави. „Ценам дека постои заедничка желба посеопфатно и посодржински да ги развиваме и да ги унапредуваме меѓусебните односи за доброто на нашите пријателски земји", истакна претседателот Иванов.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 10 од 161