Соопштенија
Средба со амбасадорите во Република Македонија на земјите членки на ЕУ и на земјите кандидати за членство во ЕУ
Четврток, 25 Ноември 2010


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска оствари работна средба со амбасадорите во Република Македонија на земјите членки на ЕУ и на земјите кандидати за членство во ЕУ, на која се разменија мислења за актуелните прашања во однос на евро-атлантските перспективи на РМ.

Претседателот Иванов го искажа својот став дека годинашниот извештај на ЕК дава реална оценка на постигнувањата, но и на слабостите во текот на изминатата година.

- Објективна оценка е дека Република Македонија никогаш не била подобра од денес во поглед на спроведување на реформите и исполнување на критериумите и Македонија објективно денес е на ист степен на исполнетост на критериумите како и други земји-кандидати, денешни членки, во оваа фаза од процесот на интеграција, посочи македонскиот претседател.

Претседателот Иванов истакна дека ќе го вложи својот авторитет во однос на сите институции во Република Македонија за што поскоро надминување на посочените слабости и ќе инсистира на задржување на реформскиот моментум и на исполнување на Акциониот план за членство на Република Македонија во ЕУ.



Во однос на македонските аспирации за полноправно членство во НАТО Претседателот Иванов рече дека Република Македонија е доследен и лојален партнер на Алијансата и дека Македонија ја гледа својата сегашност и иднина во ова семејство.

Македонскиот претседател ги потврди приоритетите од неговата надлежност за следниот период кои остануваат исти:  продолжување на реформските процеси, целосна фокусираност за изнаоѓање на заемно прифатливо решение, а со тоа деблокада на интеграциските процеси во НАТО и ЕУ, градење на односи на добрососедство и интензивна регионална соработка.

Учество на состанокот на шефови на држави или влади на Самитот на НАТО во Лисабон
Четврток, 18 Ноември 2010


На 19 и 20 ноември, во Лисабон ќе се одржи Самитот на шефови на држави и влади на членките на НАТО. Во рамки на Самитот ќе бидат одржани и состаноците на шефовите на држави или влади на земјите контрибутори во ИСАФ, како и Советот НАТО - Русија.
Делегацијата на Република Македонија, предводена од Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, во чиј состав ќе бидат МНР Милошоски и МО Коњановски, на 20 ноември ќе учествува на состанокот на шефовите на држави и влади за земјите контрибутори во мисијата на Алијансата во Авганистан.
На состанокот се очекува да бидат дискутирани заложбите на сојузниците и партнерите на НАТО за обезбедување на дополнителни ресурси за потребите на мисијата на ИСАФ, транзицијата на безбедносните овластувања на авганистанските власти и градењето долгорочно стратешко партнерство помеѓу НАТО и авганистанската Влада. Исто така, се очекува ИСАФ контрибуторите да усвојат Декларација за Авганистан која ќе го нотира постигнатиот напредок и идните ангажмани. На состанокот на шефовите на држави и влади за земјите контрибутори во мисијата на Алијансата во Авганистан ќе се обрати претседателот Иванов. Како воведничари на состанокот, покрај највисоките претставници на НАТО, се најавени и претседателот на Авганистан Х. Карзаи, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, претседателот на ЕУ Х. В. Ромпуј, претседателот на Европската комисија Е. Баросо, претседателот на Светската банка Р. Зелик и јапонскиот премиер Н. Кан.
На состанокот на земјите-членки Самитот на НАТО на 19 ноември, треба да биде усвоен новиот Стратешки концепт на Алијансата, како и да бидат донесени одлуки во врска со внатрешните реформи на НАТО и ракетната одбрана.
Акцентот на состанокот на Советот НАТО – Русија се планира да биде ставен врз прашања врзани со соработката на НАТО и Руската Федерација во контекст на ИСАФ и Авганистан, како и можната соработка во справувањето со современите безбедносни предизвици соработка и ракетната одбрана.
За време на Самитот, во рамките на претседавањето на Република Македонија со Јадранската Повелба, се очекува да биде одржана средба на Шефовите на делегации на А5 земјите - Република Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Евроамбасадорот Фуере го предаде извештајот на Европската Комисија на Претседателот Иванов
Вторник, 09 Ноември 2010


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов оствари средба со евроамбасадорот Ерван Фуере кој лично му го предаде Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2010 година подготвен од Европската Комисија.
На средбата евроамбасадорот Фуере,  го информираше Иванов за клучните оценки на Европската Комисија во кои се нотирани извесни слабости, но и прогресот кој нашата земја го постигна изминатава година.
Фуере искажа благодарност во името на сите  членки на Европската Унија  за напорите кои ги вложува нашата држава, на сите полиња, важни за создавањето на една позитивна клима во целото општество.
Претседателот Иванов истакна дека Извештајот на Европската Комисија и оваа година како и претходните дава реална слика на сработеното и на постигнувањата на земјата, изразувајќи особено задоволство од потврдената препорака за подготвеноста на Република Македонија  за почеток на пристапните преговори.
Претседателот Иванов посочи дека извештајот е добар ориентир каде да се фокусира енергијата,  дополнувајќи дека во претстојниот период како Претседател ќе го вложи својот авторитет сите институции во Република Македонија  да се сосредоточат кон вложување на дополнителни напори со цел остварување на реформската агенда.

СООПШТЕНИЕ
Среда, 27 Октомври 2010


Почитувани,

Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер а во врска со јавно изнесеното барање на Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија г. Бранко Црвенковски и интересот на медиумите за добивање прецизни информации за ангажманот на консултантите од Република Словенија од страна на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија во време кога г. Бранко Црвенковски ја извршуваше функцијата,  информираме дека по досегашната проверка на документацијата која постои во архивата на Кабинетот е утврдена следната фактичка состојба:

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија во време кога г. Бранко Црвенковски ја извршуваше функцијата, има склучено договори за соработка, обезбедување на развој и истражување со 3 лица од Република Словенија кои се предмет на актуелниот интерес во јавноста.

Договорите во име на Кабинетот на претседателот на Република Македонија кога г. Бранко Црвенковски ја извршуваше функцијата, се потпишани од страна на тогашниот Генерален секретар на Кабинетот.

Согласно постоечките договори за ангажманот на консултантите од Р. Словенија, од буџетот на Претседателот на Република Македонија се исплатени финансиски средства во висина од  20.764.057 (дваесет милиони седумстотини шеесет и четири илјади и педесет и седум) денари , односно вкупна сума од 340.394 (триста четириесет илјади и триста деведесет и четири) евра, пресметано согласно средниот курс на Народната банка на Република Македонија.

На првиот консултант од Република Словенија му се исплатени 8.305.626 (осум милиони триста и пет илјади шестотини дваесет и шест) денари, односно 136.157 (сто и триесет и шест илјади и сто педесет и седум) евра.

На вториот консултант од Република Словенија му се исплатени 5.149.482 (пет милиони сто четириесет и девет илјади четиристотини осумдесет и два) денари, односно 84.417 (осумдесет и четири илјади и четиристотини и седумнаесет) евра.

На третиот консултант од Република Словенија му се исплатени 7.308.949 (седум милиони триста и осум илјади деветстотини четириесет и девет) денари, односно 119.818 (сто и деветнаесет илјади осумстотини осумнаесет) евра.

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија се надева дека со објавување на податоците со кои располага ќе придонесе за разјаснување на прашањата кои овие денови се предмет на интерес на јавноста.

СООПШТЕНИЕ
Вторник, 26 Октомври 2010


Во врска со барањето на медиумите за информации поврзани со соработката на двајца словенечки експерти за односи со јавност со Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија г-дин Бранко Црвенковски во времето кога тој ја извршува таа функција, ја информираме јавноста за следното:



Кабинетот на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ги испитува сите законски можности документите поврзани со овој случај да и бидат достапни на јавноста согласно процедурите на Законот за пристап до информации од јавен карактер.


Она што можеме да го соопштиме во моментов е дека во архивата на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија постои документација која се споменува во извештаите на медиумите и дека во нивната изработка учествувале повеќе стручни консултанти од Република Словенија.


По проверката на целокупниот предмет и утврдување на фактичката состојба јавноста ќе биде соодветно информирана.

 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 Следно > Крај
Страница 142 од 148