Соопштенија
Средба со членови на Македонскиот Институт за Интеграција
Среда, 21 Април 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска прими членови на Македонскиот Институт за Интеграција.

На средбата, Зоран Јанакиев, Претседател на Македонскиот Институт за Интеграции, го информираше Претседателот Иванов за досегашната работа на Институтот, и можностите за застапување во Европскиот Парламент и во други институции во Брисел, кои Институтот ги нуди. Јанакиев ги претстави активностите во сферата на економскиот развој и промоција на производи и услуги од Македонија, како и проектите за поддршка на развојот на единиците на локалната самоуправа од Македонија.

Претседателот Иванов оцени дека редовното претставување на Република Македонија и можностите за соработка кои се нудат во Брисел е од исклучителна важност за земјата, особено во периодот кој што следува врзан за Белгиското претседателство со ЕУ. Претседателот Иванов изрази поддршка за активностите на Македонскиот Институт за Интеграција, согласно неговите ингеренции.

Средба со Министерот за надворешни работи и соработка на Шпанија Мигел Анхел Моратинос
Вторник, 20 Април 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими Министерот за надворешни работи и соработка на Кралството Шпанија Мигел Анхел Моратинос.

Претседателот Иванов упати честитки до Шпанското претседателство со ЕУ во напорите и особено за посветеноста на евро-интегративниот процес на земјите од регионот.

Претседателот Иванов на средбата јасно ги соопшти позициите на Република Македонија во однос на наметнатиот проблем од Грција за прашањето на името кој ги блокира стратешките цели на Република Македонија, интеграцијата во ЕУ и НАТО. Притоа, Претседателот Иванов нагласи дека наспроти впечатокот кој што се создава во меѓународната јавност, Република Македонија е страната која бара и е подготвена за заемно прифатливо решение, бидејќи Македонија е таа која ги чувствува последиците од опстојувањето надвор од евроатлантските структури. Претседателот Иванов нагласи дека доколку постои сериозна и реална подготвеност и политичка волја кај нашиот јужен сосед, и доколку решението се бара во рамките на резолуциите на ОН и меѓународното право, до компромис може да се дојде.

Министерот Моратинос истакна дека е охрабрен од она што Република Македонија и целото општество го направиле во смисол на исполнување на критериумите и стандардите неопходни за интеграција на земјата во ЕУ. Министерот Моратинос дополни дека е охрабрен од посветеноста на Република Македонија за изнаоѓање на заемно прифатливо решение за прашањето на името и изрази надеж дека за време на нивниот мандат би можело да биде одреден датум за отпочнување на преговорите со ЕУ.

Писмо со сочувство до Претседателот на Народна Република Кина Ху Џинтао
Петок, 16 Април 2010

По трагичниот земјотрес кој однесе над 700 животи во Кина, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати писмо со сочувство до Претседателот на Народна Република Кина Ху Џинтао. Писмото го испраќаме во целост.

Почитуван господине Претседател,

Со длабоко жалење ја примив веста за големата трагедија која ја погоди Вашата земја. Жалам за изгубените животи, за големите и ненадоместливи штети предизвикани од оваа природна катастрофа.

Во овие мигови на длабока тага за Вас, Вашата држава и пријателскиот кинески народ, во свое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија упатувам изрази на најдлабоко сочувство.

Почитуван господине Претседател, убеден сум дека солидарноста и хуманоста ќе помогнат да се ублажат последиците од оваа голема трагедија.

Ве молам, изразите на најдлабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на настраданите и сакам да Ве уверам дека граѓаните на Република Македонија искрено жалат за овој трагичен настан.

Д-р Ѓорге Иванов

Средба со генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд
Вторник, 13 Април 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска приреди работен ручек за генералниот секретар на Советот на Европа, г-дин Торбјорн Јагланд.

Централна тема на разговорот беше претстојното претседавање со Комитетот на Министри на Советот на Европа, за кое Претседателот Иванов изрази уверување дека Македонија ќе ги вложи сите напори за успешно и продуктивно претседавање со Советот. Иванов и Јагланд зборуваа за главните приоритети на Македонија во текот на шестмесечното претседавање.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија од денот на своето членство во најстарата пан-европска организација придава највисоко можно значење на соработката со Советот на Европа и во тој правец придонесот кон планираните реформи и зголемувањето на ефиканоста на Советот ќе бидат приоритети на македонското претседателство.

Претседателот Иванов во истовреме потенцираше дека и покрај блокадите со кои се соочува во евроатлантските интегративни процеси, Република Македонија останува силно посветена на реформската агенда. Македонскиот претседател јасно потенцираше дека Република Македонија на ниту еден начин не сака да го злоупотреби своето претседавање со Советот на Европа во поглед на билатералното прашање за разликата околу името за што се водат разговори под покровителство на ОН.

Генералниот секретар Јагланд изрази уверување дека Република Македонија успешно ќе одговори на одговорната должност за време на своето претседавање и дека на планот на приоритетите на Македонија, како и на планот на реформските процеси во Советот на Европа ќе има успешна соработка.

Средба со Претседателот на Уставен Суд на Република Македонија д-р Трендафил Ивановски
Понеделник, 12 Април 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими Претседателот на Уставниот Суд на Република Македонија д-р Трендафил Ивановски.

На средбата, која беше закажана на барање на Претседателот на Уставниот Суд, д-р Ивановски го запозна Претседателот Иванов со програмите за регионална и меѓународна соработка на Уставниот Суд со соодветните институции. Претседателот Иванов изрази поддршка за активностите кои се во насока на промоција на работата на Уставниот Суд во регионот и во светот. Претседателот Иванов оцени дека работата на Уставниот Суд е исклучително важна за целосно остварување на владеењето на правото, а со тоа и за развојот и унапредувањето на демократските процеси, и притоа изрази уверување дека Судот ќе ги исполнува своите надлежности во целост.

Двајцата соговорници се согласија дека македонскиот политички модел подразбира можност за слободно искажување на мислење во врска со одлуките на Судот, а дека извршувањето на тие одлуки е задолжително. Д-р Ивановски го информираше Претседателот Иванов и за мислењето на Уставниот Суд во врска со Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција.

Средба со делегација на ИВЗ предводена од Реис ул Улема Сулејман ефенди Реџепи
Петок, 09 Април 2010
 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 150 од 153