Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими Претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј.
На средбата се разговараше за односите меѓу Република Македонија и Европската Унија, за актуелностите во процесот кои се води под покровителство на ОН за разликите околу името, а беа разменети и мислења и информации за состојбите во рамките на Унијата како и состојбите во регионот на Југоисточна Европа.
Претседателот Иванов нагласи дека посетата на Претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј претставува значаен сигнал на поддршка на проширувањето како една од најуспешните политики на ЕУ за ширење на областа на безбедност и просперитет во Европа.
Претседателот Иванов нагласи дека фокусот на Република Македонија останува на двата главни колосека: ефикасно спроведување на реформите и максимализирање на напорите за надминување на наметнатиот проблем со името под покровителство на ОН. Претседателот Иванов апелираше Република Македонија да има еднаков третман како други земји кандидати, потенцирајќи го успешниот пример на паралелно движење во интеграциите и во разрешувањето на билатералните проблеми помеѓу Република Словенија и Република Хрватска.
На интерес на соговорникот, претседателот Иванов ја елаборираше актуелната состојба во регионот и нагласи дека европската идеја е таа која ги движи сите општества кон просперитет и ги упатува сите земји во регионот кон тесна соработка гледајќи едни на други како партнери и поддржувачи во овој историски проект.
Претседателот на Европскиот Совет Ромпуј изрази благодарност за мошне конструктивната и корисна размена на информации и видувања на наведените теми, а изрази и задоволство од сериозните зафати во реформските процеси кои ги превзема Република Македонија кои се од суштинско значење за европската перспектива на земјата. Ромпуј нагласи дека неговата посета е со две клучни поенти да апелира за продолжување на напорите за изнаоѓање на заемно прифатливо решение за надминување на спорот со Грција и во тој контекст упати честитки и благодарност за ангажманот на претседателот Иванов. Претседателот на Европскиот совет Ромпуј повика на продолжување на реформскиот процес и се заблагодари за улогата и активностите на претседателот Иванов во унапредувањето на регионалната соработка и добрососедските односи.