Соопштенија
Претседателот на Пратеничката група на ЕПП Јозеф Даул на средба со Претседателот Иванов
Вторник, 22 Јуни 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес (22 јуни) се сретна со Претседателот на Групата на Европската народна партија во Европскиот Парламент, францускиот европратеник Јозеф Даул. На срдечната и пријателска средба Претседателот Иванов се заблагодари за добрата соработка, и принципиелната и цврста поддршка која Република  Македонија ја има во односите со Европскиот Парламент и со пратениците од Европската народна партија.
Претседателот Иванов на средбата ги претстави евро-атланските приоритети на Република Македонија, македонската цврста решеност за полноправно членство во Европската Унија и во НАТО и подготвеноста за исполнување на неопходните реформски зафати на тој пат. Претседателот Иванов го истакна исполнувањето на потребните предуслови за почнување на преговорите за полноправно членство во Европската Унија од страна на Република Македонија.
Јозеф Даул го поздрави напредокот на Република Македонија во реформските процеси, и го поздрави интегративниот демократски модел на Република Македонија. Даул изјави дека е потребно во најкус можен рок Европскиот Совет да определи датум за почнување на преговорите за членство во Унијата за Република Македонија. Според Претседателот на Групата на Европската народна партија, Европската Унија има одговорност да придонесе кон интеграцијата на Балканот како дел од визијата за обединета Европа во која владеат мир и просперитет.
Претседателот Иванов на средбата подвлече дека определувањето на датум за преговори и непреченото водење на преговорите за членство за Република Македонија ќе биде силен поттик за обединување околу амбициозната реформска агенда. Воедно, според Претседателот Иванов, преговорите ќе бидат и силен позитивен сигнал за другите земји од регионот и за заедничката евро-атланска иднина.

Заедничко соопштение по средбата на Претседателите Иванов и Тадиќ
Среда, 09 Јуни 2010

Заедничко соопштение на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и Кабинетот на Претседателот на Република Србија д-р Борис Тадиќ, по денешната средба на Претседателите:
Средбата на двајцата Претседатели е продолжение на континуираниот политички дијалог на највисоко ниво и на личните релации меѓу двајцата Претседатели. На работната средба беа разгледувани бројни прашања како од билатералните  односи така и од прашањата од регионален интерес.
Двајцата Претседатели се согласија за поинтензивна соработка во пресрет на Јунскиот самит на Советот на ЕУ. Тие ја повторија неопходноста од забрзана интеграција од регионот како клучен предуслов за трајна стабилност и мир. Изразија надеж дека европските лидери на претстојниот самит ќе го оценат позитивно напредокот во спроведувањето на реформите и ќе им овозможат на земјите од регионот забрзана интегративна агенда.
На средбата беа разменети мислења и за регионалните прашања кои ја оптоваруваат трајната стабилност на регионот.

Претседателот Иванов се сретна со Претседателот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа Мевлут Чавушоглу
Петок, 21 Мај 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г-дин Мевлут Чавушоглу. Централна тема на разговорот беше претстојното претседавање со Комитетот на Министри на Советот на Европа, за кое двајцата соговорници изразија уверување дека Македонија ќе ги вложи сите напори за успешно и продуктивно претседавање со Советот.
Претседателот Иванов подвлече дека јакнењето на заштитата на човековите права е прв приоритет на македонското претседавање со Советот на Европа, и потенцираше дека е неопходно унапредување и консолидирање на системот на човековите права на национално и европско ниво.
Претседателот Иванов нагласи дека во Македонија постои функционален мултиетнички соживот и подвлече дека вториот приоритет на Македонското претседавање е да се промовира и унапреди интеграцијата на националните малцинства во европските општества.
Како трет приоритет, Претседателот Иванов го посочи овозможувањето на размена на мислења и искуства на младите од Југоисточна Европа и пошироко, со цел нивно учество во политичките процеси и демократските реформи во нивните општества, согласно принципите, вредностите и стандардите на Советот на Европа.
Претседателот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа Чавушоглу го поздрави степенот на почитување, промоција и заштита на правата на малцинствата во Република Македонија, и притоа изрази уверување дека Република Македонија успешно ќе одговори на одговорната должност за време на своето претседавање и дека на планот на приоритетите на Македонија, како и на планот на реформските процеси во Советот на Европа ќе има успешна соработка.

Средба со водачите на Евангелско-протестанските цркви во Македонија
Понеделник, 26 Април 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска се сретна со водачите на Евангелско-протестанските цркви во Македонија. На сребата, иницирана од страна на Претседателот Иванов, претставниците на верските заедници ја изнесоа визијата за својата работа во општеството. Тие го информираа Претседателот Иванов и за своите секојдневни активности преку кои придонесуваат за обнова и практикување на моралните и етичките вредности во секој сегмент на општествениот живот.

Претседателот Иванов истакна дека преку почитување на различностите треба  да ја  градиме демократијата и да бидеме пример на Балканот и во Европа за мултиетничка и мултирелигиска толеранција која се базира на принципот на инклузивност.

На сребата, претставниците од Евангелско-протестанските цркви го запознаа Претседателот Иванов и со својата хуманитарна работа, издавачка дејност како и вложувањето во младите генерации како идни лидери и носители на промените во Република Македонија.

Средба со претставници на Организацијата на жени Турчинки во Македонија - Дерја
Четврток, 22 Април 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска прими претставници на Организацијата на жени Турчинки во Македонија - Дерја. Средбата беше организирана по повод 23 април, ден кој во Турција се празнува како ден на основање на Големото Народно Собрание, но и како Ден на децата.

На средбата, Сузана Мусли, Претседател на Дерја го информираше Претседателот Иванов за активностите на оваа организација. Тема на разговор беше положбата на жените во турската заедница и можностите за унапредување на правата и перспективите на жените во Македонија воопшто. Претседателот Иванов оцени дека жените, како столб на семејството, се носители на традиционалните морални вредности, и со тоа се важна потпора на општеството. Претседателот Иванов ги поздрави активностите на организацијата Дерја за промовирање на правата и потребите на жените, особено во руралните средини и во социјално загрозените семејства. На средбата се разговараше за подобрувањата во образованието, можностите за економски развој и други мерки кои помогаат за подобрување на положбата на жените и на семејствата.

Претседателот Иванов го истакна големиот придонес кој турската заедница го дава за развојот и напредокот на Македонија, на политички, економски и културен план, и како мост со македонскиот стратегиски партнер, Република Турција.

Средба со членови на Македонскиот Институт за Интеграција
Среда, 21 Април 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска прими членови на Македонскиот Институт за Интеграција.

На средбата, Зоран Јанакиев, Претседател на Македонскиот Институт за Интеграции, го информираше Претседателот Иванов за досегашната работа на Институтот, и можностите за застапување во Европскиот Парламент и во други институции во Брисел, кои Институтот ги нуди. Јанакиев ги претстави активностите во сферата на економскиот развој и промоција на производи и услуги од Македонија, како и проектите за поддршка на развојот на единиците на локалната самоуправа од Македонија.

Претседателот Иванов оцени дека редовното претставување на Република Македонија и можностите за соработка кои се нудат во Брисел е од исклучителна важност за земјата, особено во периодот кој што следува врзан за Белгиското претседателство со ЕУ. Претседателот Иванов изрази поддршка за активностите на Македонскиот Институт за Интеграција, согласно неговите ингеренции.

 
Почеток < Пред 161 162 163 164 165 166 167 168 169 170 Следно > Крај
Страница 167 од 171