Честитка до избраниот Претседател на Сојузна Република Германија
Понеделник, 13 Февруари 2017   

PRMportretПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до г. Франк Валтер Штајнмаер по повод изборот за Претседател на Сојузна Република Германија

Почитуван господине Штајнмаер,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод Вашиот избор за претседател на Сојузна Република Германија, како и да Ви посакам многу успех во извршувањето на оваа одговорна функција.

Вашиот избор на оваа функција е исклучително значаен. Тој се случува во период на бројни сериозни предизвици со кои се соочува Европа, а единството, довербата и неопходноста од повеќе соработка во рамките на Европската унија се пред големи искушенија. Длабоко сум убеден дека Вашето долгогодишно дипломатско искуство и меѓународен углед ќе резултираат со уште позајакнати односи со нашиот регион, на кој му е неопходна поддршка со цел постигнување на одржлива политичка стабилност, безбедност, економски развој.

Почитуван господине Штајнмаер, сакам да Ве уверам дека Република Македонија ќе го продолжи реформскиот процес со цел достигнување на сите европски стандарди и критериуми, и ќе продолжи да придонесува кон добрососедсвото и регионалната соработка. Искрено се надевам дека Сојузна Република Германија како докажан пријател на Република Македонија, ќе продолжи да ги поддржува нашите заложби и напори за интегрирање во Европската унија и НАТО.

Дозволете ми, во оваа пригода и да искажам особено задоволство од достигнатото ниво и континуираниот позитивен тренд во односите и соработката меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија. Исто така сакам да ја изразам целосната подготвеност да ја продолжиме соработката што ја имавме со Вашитe ценети претходници. На тој начин ќе дадеме придонес за натамошно унапредување на односите во сите сфери од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план.

Со искрени желби за добро здравје, натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам, господине Штајнмаер, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад