Средба со Сер Алан Данкан, државен министер за Европа и Америка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска
Петок, 24 Февруари 2017   

PRM_Dankan_01Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Сер Алан Данкан, државен министер за Европа и Америка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

На средбата беше разговарано за билатералните односи меѓу двете држави, за случувањата во Европа и Европската унија, за актуелната политичка состојба во Република Македонија и мигрантската криза и за состојбите во регионот.

На средбата беа разменети мислења за политичката криза во Република Македонија и можностите за нејзино надминување. Претседателот Иванов изрази незадоволство од отсуството на јавна осуда на мешањето во внатрешните работи на Република Македонија од страна на некои соседни земји.

Во разговорите, претседателот Иванов ги реафирмираше стратешките цели на Република Македонија во однос на европските и евроатлатските интеграции и посветеноста за унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји.

Во однос на НАТО, претседателот Иванов изрази разочараност поради двојните стандарди, непочитувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата и владеењето на правото во случајот со Македонија.

Во однос на Европската Унија, македонскиот претседател повика на деблокирање на процесот на проширување кој го мобилизира и реформира општеството. Претседателот Иванов очекува појасна поддршка од Обединетото Кралство во однос на остварувањето на стратегиските цели на Република Македонија.

Британскиот министер истакна дека Обединетото Кралство сака стабилна Република Македонија, и дека не сака да се меша во внатрешните работи на државата. Тој изрази разбирање за оправданиот револт од status quo состојбата во однос на европските и евроатлантските интеграции и укажа дека ќе ја поддржат Република Македонија на овој план.

  Back<<Назад