Предавање акредитиви на новоименуваните амбасадори на Република Молдавија и Аргентинската Република
Петок, 10 Март 2017   

moldavija_11Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Молдавија и Аргентинската Република за Република Македонија.

На предавањето на акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Молдавија за Република Македонија со седиште во Софија, Н.Е. г. Штефан Горда, претседателот Иванов истакна дека двете земји споделуваат исти заложби за мир, слобода, безбедност и просперитет на регионот на Југоисточна Европа и пошироко, и подвлече дека соработката меѓу двете земји треба да продолжи да се развива и да се продлабочува преку интензивирање на политичкиот дијалог на сите нивоа.

„Постојат бројни потенцијали за соработка во сите сфери од заемен интерес, кои со заемен ангажман треба да ги искористиме. Посебен акцент треба да ставиме на можностите за збогатување на економската соработка и целосно искористување на економските потенцијали на нашите две земји, како и на соработката во областа на туризмот, културата, образованието, науката, истражувањето и иновациите", рече претседателот Иванов.

Амбасадорот Горда изрази уверување дека досегашните воспоставени одлични политички врски меѓу Молдавија и Македонија ќе продолжат со интензивирање и во иднина и дека соработката меѓу двете земји во другите области од заеднички интерес ќе се унапредат на повисоко ниво.


ARGENTINAНа предавањето на акредитивните писма на Н.Е. г. Алберто Алфредо Мануел Труеба, новоименуваниот амбасадор на Аргентинската Република за Република Македонија, со седиште во Софија, претседателот Иванов го истакна исклучителното значење кое Република Македонија го придава кон успешниот развоен тренд и понатамошното унапредување на севкупните односи со Аргентинската Република.


„И покрај географската оддалеченост на нашите две пријателски земји и припадноста на различни региони, цврсто сум убеден дека постои заедничка желба и голем потенцијал за уште посеопфатно и посодржински да ги развиваме и унапредуваме меѓусебните односи за доброто на нашите народи", рече претседателот Иванов и додаде дека е неопходно преку поинтензивен политички дијалог да се динамизира соработката во економската сфера, како и во сите други области од заемен интерес.

Амбасадорот Труеба, истакна дека билатералните односи помеѓу Македонија и Аргентина во изминатите 18 години може да се дефинираат како пријателски, додавајќи дека главни области за зацврстување на традиционално добрите врски во блиска иднина ќе бидат поттикнувањето на економската и трговската соработка, како и промоцијата на иницијативи во културниот сектор.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успешно извршување на одговорната дипломатска функција и им изрази поддршка во вршењето на должноста.

  Back<<Назад