Честитка од претседателот Иванов по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден
Сабота, 15 Април 2017   

PRM_portretПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до сите христијански верници:

Дозволете ми на сите христијански верници да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.

Во деновите кога го славиме победителот на смртта да се присетиме дека Христовото воскресение е основа на спасението. Со овој чин Спасителот ни дарува слобода во љубовта, избавувајќи нè од смртта и дарувајќи ни живот. Затоа, Пасха, како што уште се нарекува Христовото воскресение, значи премин – смилување, чудо на сите чуда, божји дар и благослов. Да се верува во Синот Божји значи да се има непоколеблива надеж и искрено покајание.

Честитајќи Ви го овој голем христијански празник, Ви посакувам добро здравје, благосостојба и духовен мир. Нема поблагословен ден од Велигден, затоа Ве повикувам, заеднички, да побараме разбирање, единство и братољубие меѓу нашиот христијански народ. Да се присетиме на Eвангелието кое нè учи на силата на трпението и страданието, на возвишената и постојана љубов која ја победи смртта и триумфираше над злото.

На сите христијански верници им посакувам меѓусебно почитување, разбирање и љубов во срцето со верба во Бога. За многу години празникот – Христос воскресна!

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад