Средба на претседателот Иванов со амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на ГС на ОН
Недела, 02 Јули 2017   

NimicПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации за прашањето за разликата околу името.

На средбата беше разгледана актуелната состојба во разговорите за надминување на ова прашање.

Претседателот Иванов ја поздрави конструктивноста и фокусираноста на мерките за градење на доверба меѓу двете држави и повика на нивно проширување и внесување на нови содржини.

Македонскиот претседател порача дека Република Македонија и натаму ќе учествува во процесот што се води под покровителство на Обединетите нации и истакна дека е потребно да се создаде позитивен амбиент со цел подобро разбирање и почитување.

„Македонската страна со години наназад дава континуиран придонес и иницијативи во насока на градењето на доверба меѓу двете држави и двете општества. Неопходно е да се даде дополнителен импулс од двете страни во надминување на ова прашање, кое има суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион", истакна претседателот Иванов на средбата со амбасадорот Нимиц.

Претседателот Иванов истакна дека во процесот кој се води во рамки на Обединетите нации, неопходно е стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите - резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Во таа насока, претседателот Иванов ја потенцираше потребата од почитување на меѓународното право и доследност кон меѓународно преземените обврски.

  Back<<Назад