Интервју на претседателот Иванов за грчкиот весник „То Вима“
Недела, 03 Април 2016   

PRMToVima


Господине Претседател, Грција ги обвини земјите од Западниот Балкан за преземање на еднострани чекори во бегалската криза, а во врска со затворањето на Бaлканската рута. Како Вие би одговориле на ова? Дали би рекле дека Атина требаше да биде вклучена во дискусиите за изнаоѓање на решение за напливот на бегалци по Балканската рута?

Република Македонија, како земја која не е членка на ЕУ ниту крајна дестинација на барателите на азил, не беше никогаш дел од решението за ограничување на било чие движење. Исклучувањето на Атина од одредени процеси и иницијативи не беше никогаш до нас, и секако дека никогаш не сме ни поддржале таков потег. Ова јасно го имам речено во многу наврати кога зборував за кризата, почнувајќи од Брисел, Лондон, Минхен, се до Прага. Земјите кои се крајна дестинација на барателите на азил и на економските мигранти се оние кои секогаш ја водеа агендата. Ние едноставно ги усогласивме нашите политики на реалноста. Кога земјите – приматели имаа волја да ги прифатат бегалците и мигрантите, ние бевме највнимателниот, најефикасниот и најчовечниот дел од нивниот пат кон таа дестинација. Откако некои земји почнаа да применуваат ограничувања, а подоцна и изјавија дека ќе престанат да примаат новодојдени лица, моравме да се прилагодиме кон таквата реалност со цел да избегнеме ситуација во која Република македонија би била затечена од проблем кој во основа може да се реши единствено од страна на Европската унија, од која пак не сме дел, а вие знаете зошто и поради кого не сме. Без оглед на овие факти и на минатото на Македонско – Грчките односи, од самиот почеток ја повикавме Грција да работи заедно со нас, исто како што ги повикавме и останатите да ја вклучат Атина во Европските, регионалните и под-регионалните формални и помелку формални формати на кои се расправаше за кризата. И во двата случаи имаше или скромен, или воопшто немаше одговор од грчка страна.На грчката јавност треба да и биде јасно дека затворањето на балканскиот коридор не е на штета на Грција, туку напротив во нејзина корист.

Слушнавме и прочитавме дека имало одредени напори од страна на Скопје да пристапи кон Атина и да ја зајакне координацијата, особено во поглед на споделување разузнавачки податоци и полициска соработка токму поради бегалската криза, но дека овие напори наишле на воздржаност од грчка страна. Може ли да ни кажете што всушност се случи, имајќи ги предвид неодамнешните настани во Идомени?

Мигрантската криза ги погодува двете држави. Од почетокот на оваа криза инсистираме на зголемена соработка со Грција на сите нивоа. На мое лично инсистирање кај премиерот Ципрас, со танталови маки се воспостави полициска соработка меѓу двете земји. Сепак, дури и во вакви моменти кога соработката е крајно неопходна, поради неодговорноста на дел од грчките власти, нашата меѓусебната комуникација е се уште на незавидно ниво.

Грција дозволи импровизирани кампови на самата гранична линија со Република Македонија и со тоа ги охрабри мигрантите да користат илегални премини, со што директно ја загрози нашата национална безбедност. Потврда за ова е инцидентот на 14 март, кога околу 2500 лица беа илегално уфрлени на македонска територија. Тројца мигранти ги изгубија нивните животи поради ваквата неодговорна тактика чија цел беше да се испровоцира потежок одговор од страна на нашата гранична полиција, која како и секогаш, реагираше професионално.

Трагедијата е што ваквата практика продолжува. И покрај затворениот коридор, Секоја вечер регистрираме над 100 обиди за илегален влез во Република Македонија.

По се изгледа дека одредени политичари во Грција не ја сфаќаат сериозноста на безбедносните ризици што со себе ги носи оваа криза. Веќе постојат индиции дека дел од уапсените и осомничените за терористичките напади ја користеле токму Балканската рута.

Погледнете го парадоксот. Грција, иако е членка на ЕУ и на Шенген зоната, без почитување на Шенген правилата за влез ги пропушташе бегалците. Република Македонија, иако не е дел од Шенген, успеа да воспостави 99% регистрација на илегалната миграција и тоа со сопствени напори и средства. Со банални образложенија беа одбиени нашите барања за пристап до податоците на Шенген, на ЕУ и на Еуродак, а со цел соодветно да одговориме и да ги спречиме последиците од безбедносните ризици.

За парадоксот да биде уште поголем, сега во Грција се води негативна кампања против Македонија. Грчките граѓани треба да бидат информирани дека и јавно, но и во разговорите со моите соговорници од ЕУ барав да и се помогне на Грција.

Мигрантската криза е можност за институциите на нашите две соседни држави да ја надминат недовербата и да почнат да соработуваат.

Може ли да ни го опишете влијанието на бегалската криза врз вашата земја? Дали сте задоволни од помошта која ЕУ му ја даде на Скопје и дали можеше да биде и подобро?

Не сме задоволни. За каква помош зборувате? Кој дал помош, кога, за што и кому? Добивме само ветувања, кои се уште чекаме да се реализираат. Точно е дека има средства кои се дистрибуирани преку меѓународни организации кои се бават исклучиво со хуманитарниот аспект на кризата. Точно е дека има средства од ИПА фондовите кои и се доделени или кои ќе и се доделат на Република Македонија за развој. Но, ниту првите, ниту вторите средства не се наменети за подмирување на трошоците од безбедносниот аспект од кризата. Обидите овие средства да се прикажат како средства кои наводно и се доделени на Македонија за справување со мигрантската криза, се крајно лицемерни.

Од почетокот на мигрантската криза, Република Македонија од буџетски средства има потрошено над 25 милиони евра.

Сакам да појаснам дека ние пред се баравме техничка и логистичка поддршка од Брисел, односно опрема за заштита на границата и соодветна опрема за регистрација на мигрантите. Добивме билатерална помош од одредени пријателски земји, кои воедно испратија и свои полициски сили на јужната и северната граница, за што сме им благодарни. Република Македонија ќе продолжи одговорно и професионално да се справува со сите предизвици од мигрантската криза.

Беше изразена голема надеж откако Скопје и Атина се согласија околу листа на мерки за градење доверба минатото лето. Сепак, се чини дека овој процес запре. Кои се причините за тоа?

Многу нешта беа кажани, а имаше и високи очекувања од овој процес, за кој е малку познато во Грција дека беше всушност предлаган од нас во последните шест до седум години. Конечно, со новата грчка влада, се чинеше дека постои подготвеност да се излезе во пресрет на суштинската потреба за воспоставување на релации кои се доста базични, иако самиот процес има прилично помпезно име кое му го даде грчката страна: Мерки за градење доверба. Станува збор за соработка помеѓу универзитети, во областа на заштита на животната средина, култура, гранично управување итн. Доколку во минатото постоеше некоја „еднострана активност" од наша страна, тоа беше токму ова: правењето се што е во наша можност за да изградиме мостови со грчкото општество, дури и во услови кога грчката влада правеше се што е во нејзина можност да избегне и дури да поткопа таква соработка. Зборувајќи во свое име, во текот на седумте години од мојот мандат како Претседател, сум примил многубројни бизнис и академски делегации од Грција - последната од нив во декември, кога исто така го сретнав и градоначалникот на Солун, г. Бутарис. Веќе седма година по ред доделувам стипендии за македонски студенти, за мастер студии на Универзитетот Шефилд при Сити Колеџот во Солун.

Тука се вбројуваат и многуте неуспешни обиди да се иницира средба со сегашниот и поранешниот грчки претседател. Надвор од секаква логика е претседателите на две соседни земји, без оглед дали сегашни или поранешни, да не се сретнат ниту еднаш. Кога две земји имаат спор, тој може да се надмине само преку дијалог и најчесто, првите чекори во таа насока се преземаат токму од претседателот или од членови на парламентот, кои се очекува да се издигнат над дневната политика. За чудо, до денес нема позитивен одговор од Атина за моја среба со грчкиот претседател, иако не инсистираме ниту на формат, место, време или тема на средбата. Од суштинско значење е ние, како претседатели, да го поплочиме патот за останатите, со тоа што ќе покажеме дека преку дијалог, сите разлики може да бидат надминати. Ниту еден проблем не бил решен со негово игнорирање и избегнување на комуникација. на таков начин нема да се реши ниту мигрантската криза, ниту прашањето за името. Егото и агресивните политики од минатото треба да се заборават еднаш засекогаш, а за доброто на новите генерации и нивниот напредок, треба да се соочиме со проблемите, не да бегаме од нив. На 25 март, по повод прославата на Денот на независноста на Грција, по втор пат присуствував на дипломатскиот прием кој го приредува грчкиот амбасадор во Скопје. Обратна е ситуацијата во Атина, каде се чини дека такво нешто ќе биде незамисливо уште долго време. Всушност, веќе следниот ден, мојот грчки колега, претседателот Павлопулос, ја „врати услугата" – со тоа што даде уште една навредлива изјава за мојата земја.

Единствено се надевам, но и уверен сум, дека повеќето Грци сфаќаат дека Република Македонија не е непријател на нивната земја, туку напротив, тоа е нација со која Грција дели многу повеќе отолку што се чини на прв поглед. Би рекол дека кога станува збор за традиција, менталитет, љубовта која нашите граѓани ја имаат за животот, ние сме можеби најблиските две нации од сите наши соседи. Би сакал да има доволен број на политичари во Атина кои би имале храброст да го признаат ова и да го спојат со непобитниот факт дека сигурна, стабилна и напредна земја на нивната северна граница, членка на ЕУ и НАТО, е во најдобриот стратешки интерес на Грција.

Се чини дека ставот на Скопје во оваа мигрантска криза би можел да го освежи процесот за интеграција во ЕУ и НАТО. Во јули, ќе се одржи НАТО самит во Варшава. Оптимисти сте?

Ова прашање, се повторува пред секој НАТО самит и би рекол дека дури звучи помалку цинично. Оптимизмот Македонија го напушти уште во 2008 година. Сега сме реалисти, а реалноста е следна: постојат два legal acts. Едниот е Времената спогодба од 1995, кои многумина како да ja подзаборавија. Вториот документ е Пресудата на Меѓународниот суд на правдата што е правно обврзувачка. Но постојат и два проблема. Првиот е што Грција не ја почитува ниту Времената спогодба, исто како што не ја почитува ниту пресудата на Меѓународниот суд, и продолжува да ја блокира Македонија во НАТО и во ЕУ. Вториот проблем е што за ваквиот неодговорен пристап и непочитување на меѓународното право, Грција не сноси никакви последици. НАТО и ЕУ не успеаја сиве овие години да изнајдат начин за деблокада на македонските интеграции, а со цел Македонија да го добие заслуженото членство во Алијансата и во Унијата.
Тезата дека Македонија сега се обидува својот влог во мигрантската криза да го пазари за членство во НАТО или ЕУ е небулозно.

Се чини дека има целосен застој во преговорите околу името. Не се одржани средби во изминатите неколку месеци, а процесот во рамки на ОН изгледа застарено. Дали е ова последица од неодамнешното „замрзнување" на билатералните односи или станува збор за избор на двете страни?

Mоите средби со Премиерот Ципрас се охрабрувачки. Како и досега јас секој пат сум подготвен за директни средби со кој било политичар и општественик од Грција.

Наметнатата разлика околу името, веќе две и пол децении сите не оптоварува. Но, она што не е решено за ова време, не може да се очекува дека ќе се реши преку ноќ. Потребно е време за градење на доверба и клима за решавање на ова прашање. Но потребно е и сите вклучени во овој спор да бидат реални и посветени на градењето доверба. Реалноста е дека Република Македонија е суверена и независна држава, и дека со наметнати и еднострани решенија невозможно е да имаме соодветно заокружување на процесот.