Најдобар млад научник

Во средиштето на цивилизацискиот развој е науката - научните изуми и достигнувања. Начинот на кој денес живееме е дело на човековиот ум и на неговата посветеност, креативност и интелигенција, преточени во полето на науката.

Науката ги проширува и нашите видици и нашите можности. Од сознанието како едно парче стакло може да помогне при слаб вид, па сè до современите откритија кои овозможуваат да понесете цела библиотека во еден мал мемориски чип, научните достигнувања несомнено го менуваат нашиот живот. Хоризонтите на науката се безгранични, проблемите на човештвото огромни, а напредокот на нашата цивилизација е наш поттик и императив.
 

Науката е заслужна за многу револуционерни дела во историјата на човештвото, за создавањето изуми што го спасиле светот од уништување, како и начини и средства со кои животот на луѓето станува многу полесен и поквалитетен. Значењето и потребата од нови научни решенија се дотолку поголеми во услови на забрзан глобален развој, кога воедно е исклучително важно да се води сметка за ублажување на климатските промени, намалување на индустриското загадување и трасирање одржлив економски и технолошки развој.

Во изминатите две децении, светот постигна фантастичен технолошки напредок, со темпо кое сè повеќе забрзува. Секој ден носи некое ново откритие, а со зголемувањето на научното знаење и предизвиците на модерното време, се зголемува и побарувачката за научен кадар. Од инженерство до стоматологија, од истражувањата на канцерот до одржувањето на национални паркови - најголемиот дел од овие професии се засноваат на науката и новите научни откритија.
 

За да обезбедиме раст на нашата економија и напредок на нашето општество, потребни ни се едуцирани млади луѓе, подготвени да спроведуваат модерни и применливи научни истражувања. За Република Македонија е особено важно да ги поттикнува и охрабрува студентите и младите научници од различни научни сфери, доколку сакаме како држава да одржиме чекор со светските развојни текови, но и да станеме генератор на образована и квалитетна научна сила.

Имајќи ја предвид програмската определба на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, и неговата заложба за поддршка на науката, научните установи, младиот научен кадар, како и изнаоѓањето на начини за стимулирање на вложувањата во науката, се реализира проектот „Најдобар млад научник“. Преку овој проект се воспостави традиција за избор на најмлад научник, за секоја тековна година.

„Креативноста и постигнувањата на младите научници ни даваат за право да веруваме дека постојат потенцијали на кои сериозно треба да се смета во сите научни области. Ние, како општество, треба да направиме сè, младите научници да ги заземат своите места во образованието, институциите, компаниите, во кои ќе можат најмногу да придонесат со својата научна работа за развојот на нашата држава,“ истакна претседателот Иванов.
 

Науката ни овозможува да го разбереме светот во кој живеме и да ги цениме сите негови комплексни елементи. Науката нè учи дека не е возможно да знаеме сè, но сепак продолжуваме да се обидуваме, во бескрајна потрага по нови вистини. И колку повеќе учиме и откриваме, сè повеќе се движиме кон нови неодговорени прашања, кон иднината...

Потенцијални носители на признанието „Најдобар млад научник“

Признанието го доделува Претседателот на Република Македонија, како поттик на научната и истражувачката мисла на младите во Република Македонија.

Јавниот повик ги опфаќа сите лица до 30 години кои во досегашната научна работа имаат постигнато значајни научни резултати.

Кандидатите потребно е да достават доказ за исполнување на еден или повеќе од доленаведените услови:

• награда и / или признание за научно истражувачка работа,
• објавени резултати од научно истражувачка работа
• применетост на резултатите од научното истражување за тековната 2016 година.


  Досегашни добитници на признанието:


nn01

„Најдобар млад научник“ за 2010 година - м-р Никола Златанов

М-р Никола Златанов, е роден во 1983 година. Дипломирал во 2007 година, а магистрирал во 2010 година на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" - Скопје. Од ноември 2008 до јуни 2010 година бил вработен во МАНУ, а од септември 2010 е докторант и асистент истражувач на одделот за електротехника и компјутерско инженерство на Факултетот на Британска Колумбија во Ванкувер, Канада, каде ја добива најпрестижната награда која се доделува на докторанти. Неговите сегашни истражувачки интереси припаѓаат во генералното поле на безжичните телекомуникации. Никола Златанов, по добивањето на признанието, истакна дека посакува во Македонија да се отвори академски фронт со зголемување на бројот на научни публикации во реномирани списанија, што заедно со развојот на научната мисла ќе го подигне нивото на развиеност на македонското општество.

„Кога една страна, дали академската или општествената, ќе почне да ја стимулира другата, ќе се развие еден повратен процес со меѓусебно стимулирање и надополнување. Но, некој мора да почне - или општеството со понуда на квалитетни услови за истражувања, или истражувачите кои преку својот ентузијазам ќе бидат иницијална каписла за забрзан општествен развој," нагласи Златанов.




nn02„Најдобар млад научник“ за 2011 година - м-р Трифче Сандев

Д-р Трифче Сандев, е роден во Кратово, а своето високо образование го стекнал на Институтот за физика, на Природно-математичкиот Факултет – Скопје, каде и ја одбрани неговата докторска теза. Негово поле на интерес и истражување се природно-математичките науки, поконкретно физиката и математичката физика. Во моментов е вработен во Дирекцијата за радијациона сигурност, преку конкурсот на Владата на Република Македонија во 2006 година за вработување на 100-те најдобри студенти во државата. Досега има учествувано на повеќе конференции, семинари, обуки и школи, во земјава и надвор, каде презентирал дел од резултатите од неговата научна и стручна работа. Автор е на дваесеттина научни и стручни трудови, од кои повеќето се објавени во референтни меѓународни списанија со фактор на влијание. Се јавува како рецензент на повеќе научни трудови во три меѓународни списанија: Journal of Physics A: Mathematical and Theoretical, Physica Scripta и International Journal of Modern Physics B. Член е на Друштвото на физичарите на Република Македонија и на Европското друштво на физичари.

Трифче Сандев посочи дека да се добие едно вакво признание од Претседателот на државата за еден млад човек, којшто се наоѓа на почетокот на својата научно-истражувачка кариера, навистина значи многу.

Оваа награда ме прави среќен и задоволен бидејќи претставува потврда за квалитетот на мојата досегашна работа и нејзиното значење за државата, но уште повеќе ме поттикнува и обврзува да продолжам да давам сè од себе и понатаму да придонесувам за промоција на научните истражувања од Република Македонија. Само со посветеност на младите кон науката и стимулирање за нивните резултати и достигнувања, ќе се соочуваме со предизвиците што ги носи новото време,“ порача Сандев.

Во декември 2012 година, д-р Трифче Сандев одржа предавање пред студентите од техничките науки во Народната канцеларија на претседателот Иванов во Скопје, како и пред студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, при што беа презентирани дел од неговите научни резултати на темата физичко моделирање за природните појави.




„Најдобар млад научник" за 2012 година – м-р Катерина Бачева

М-р Катерина Бачева е родена на 26.2.1984 во Кавадарци. Своето високо образование го стекнала на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје, каде во 2010 година ја одбранила и магистерската теза, а веќе во 2011 година е прифатена за изработка и нејзината докторска дисертација на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет.

Во периодот од 2010 до денес, ангажирана е како демонстратор на Институтот за хемија. Научноистражувачката работа на м-р Бачева, е фокусирана на областа на аналитичка хемија и хемија на животната средина, со посебен осврт на испитување на загадувањето на животната средина со тешки метали. Во текот на академската и научна кариера, се јавува како автор на 2 монографии. Досега има објавено 20 научни трудови, од кои 11 во списанија со фактор на влијание, како и реализирани 28 презентации на научни собири, од кои 13 на меѓународни научни собири.

М-р Катерина Бачева е член на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија и на Македонското еколошко друштво.

На свеченоста по повод доделување на признанието, м-р Катерина Бачева го посочи големото значење на ваквите иницијативи, кои го вреднуваат и наградуваат трудот на младите научници и истражувачи.

Да се добие едно вакво признание од Претседателот на државата, за еден млад човек кој се наоѓа на самиот почеток од својата научноистражувачка кариера, е од огромно значење. Тоа ме поттикнува да продолжам и понатаму поинтензивно да се занимавам со наука и да дадам придонес во научните истражувања во Република Македонија", порача Бачева.




stojanov_NMN„Најдобар млад научник" за 2013 година – м-р Петар Стојанов

Петар Стојанов е роден на 27 март 1988 година. Средното образование го започнал во гимназијата „Раде Јовчевски - Корчагин" во Скопје, а истото го комплетирал во Пелхам, Њујорк, САД. Од 2006 до 2010 студира на Бард колеџот, Анандеил, САД, кадешто се стекна со диплома од областа на компјутерските науки. Од 2010 година работи како соработник – биоинформатичар во Броуд Инститјут, Бостон, САД во групата на доктор Гад Гец, која се занимава со биоинформатичка анализа на генетските промени кај малигните заболувања. Во текот на студиите бил учесник на летните школи за биоинформатика на Универзитетот во Мериленд и Медицинскиот институт „Хауард Хјуз" на Универзитетот во Вашингтон.

Петар Стојанов е член на една од водечките групи во светот којашто се занимава со биоинформатичка анализа на податоци од генетските нарушувања кај карциномите. Резултатите од нивните истражувања, кои се објавени во најпрестижните научни списанија, во последните 3 години, ги поставија темелите на новиот пристап во анализата на карциномот. Овие откритија се револуционерен придонес во основните познавања на карциномот и наметнуваат сосема нов пристап во класификацијата, дијагнозата и терапијата на оваа болест во современата медицина.

Севкупно, Стојанов е коавтор на 23 научни труда објавени во врвни научни списанија од областа на природните и медицинските науки.

Науката денес доживува трансформација кадешто традиционалните дисциплини се интегрираат и кадешто идеите и ресурсите се се' полесно достапни. Во оваа меѓународна научна заедница се потребни млади креативни таленти полни со страст и енергија, и јас сум убеден дека нашата земја има голем број на вакви луѓе. Сакам да ги охрабрам овие луѓе да ги искористат овие ресурси и информации, да размислуваат слободно и да ги развиваат своите идеи, со што би ја претставиле Република Македонија во најсилно и највлијателно светло. Се надевам дека ова признание уште поцврсто ќе ме поврзе со македонскиот академски свет, и иако сум сега надвор од Македонија, би сакал да бидам во постојан контакт и да соработувам со научниците овде. Би ми било големо задоволство да допринесам на било кој начин за напредокот на науката и образованието во нашата земја и се надевам дека ќе ми се укажат шанси за тоа", рече Стојанов.



denkovski„Најдобар млад научник" за 2014 година – м-р Даниел Денковски

м-р Даниел Денковски е роден на 4 јуни 1985 година во Куманово. Дипломирал во 2008 година на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје, со просечен успех 9.21, со што се стекнува со звање дипломиран инженер по електротехника и информациски технологии. На истиот факултет, во учебната 2008/09 година, се запишува на постдипломски студии на студиската програма Безжични и мобилни комуникации. На 12 ноември 2010 година ја одбранува магистерската теза со наслов: „Воведување на полиси базирани механизми за управување со ресурси во когнитивни мрежи" под менторство на проф. д-р Лилјана Гавриловска и се стекнува со академски степен магистер по електротехника и информациски технологии. Во декември 2011 се запишува на докторски студии на студиската програма Електротехника и информациски технологии на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје, со ментор, проф. д-р Лилјана Гавриловска.

Иако релативно млад, м-р Даниел Денковски зад себе има учество како соработник во пет европски FP7 проекти и еден НАТО проект. Денковски е добитник на награда за учество во реализација, интеграција и презентација на најдобра демоплатформа: "Constructing Radio Environment Maps with Heterogeneous Spectrum Sensors", I triple E International Symposium on Dynamic Spectrum Access Networks 2011. Даниел Денковски е коавтор на 1 патент, 2 поглавја од книги, 6 објавени труда во списанија со импакт-фактор, 3 објавени труда во списанија без импакт-фактор и 27 труда презентирани на меѓународни и домашни конференции.

„Би сакал да ги охрабрам младите луѓе во Македонија постојано да го продлабочуваат и надградуваат своето знаење и да се занимаваат со наука поради слободоумноста, возбудливоста и перспективноста на оваа дејност“, рече Денковски.


angelova„Најдобар млад научник" за 2015 година – д-р Михаела Ангелова


Д-р Михаела Ангелова е родена на 26.8.1986. Потекнува од Виница каде го поминува своето детство и рана младост. Дипломира 2009 година на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Универзитет „Св. Кирил и Методиј" во Скопје, со просечен успех 9.95.

На истиот факултет, се запишала на постдипломски студии, на студиската програма Компјутерски мрежи и е-технологии и истите ги завршува 2010 година со просек 9.88. Во 2011 се запишува на докторски студии на Медицинскиот факултет во Инсбрук, Австрија и во 2015 се здобива со звање доктор на науки по биоинформатика со посебни одликувања, на тема „Имуногеност на рак на дебелото црево".

Од септември 2009 до март 2010 била на размена како студент на втор циклус и практикант на Институтот за геномика и биоинформатика на Универзитетoт за технологија во Грац, Австрија. Во истиот период била вклучена и како помлад истражувач во Македонската академија на науките и уметностите, каде соработувала со академик проф. д-р Љупчо Коцарев. Од декември 2011 до мај 2012 била на академска размена како докторанд во Лабораторијата за интегративна имунологија на ракот, INSERM UMRS 1138, Париз, Франција. По одбраната на докторатот, од април до август 2015 година, работела како научен истражувач, постдокторанд, на Институтот за биоинформатика при Медицинскиот yниверзитет во Инсбрук, Австрија. Од август 2015 година Михаела Ангелова работи како научен истражувач, постдокторанд, биоинформатичар во Лабораторијата за интегративна имунологија на ракот, Француски национален институт за здравје и медицински истражувања INSERM, Истражувачки центар „Корделие" во Париз. Михаела Ангелова е добитник на неколку награди за своето работење, и тоа:

- Прва награда на Републичкиот натпревар по математика во Р. Македонија во 2001;
- Награда за докторска дисертација, Австриско здружение за борба против ракот, 2015;
- Награда за млади истражувачи од Италијанската мрежа за биотерапија на туморот – 2014;
- Награда на Kнежевството Лихтенштајн за научни истражувања, 2015.
Михаела Ангелова е коавтор на 7 објавени труда во списанија со импакт фактор од кои 2 труда се презентирани на меѓународни и домашни конференции. Дополнително, учествувала и на 5 меѓународни конференции и работилници со свое излагање или со постер.

„Лично сметам дека иднината на науката е во мултидисциплинарноста и дисеминацијата на податоци, со што станува се подостапна за љубопитниот ум. Науката ги задоволува љубопитноста, креативноста и иновативноста, а воедно дава можност и за допринос во општеството преку соочување со предизвиците за решавање актуелни проблеми.
Би сакала да изразам голема благодарност за ова признание, кое не само што претставува лична огромна мотивација за понатамошни истражувања, туку е и од големо значење за поттикнување на научната дејност од страна на младите истражувачи во земјава. Воедно ваквите прилики за поврзување и вмрежување со македонските истражувачи ширум светот се од особена важност за размена на искуства и потенцијална научна соработка“, рече Ангелова.


Јавен повик за доставување на пријави за избор на „Најдобар млад научник" за 2016 година

Комисија за доделување на признанието „Најдобар млад научник“