Наследство и култура

„...И како што нашите предци го препознаа регионот и светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите, така и јас денес гордо потврдувам дека опстојуваме како земја во таа идеја, но уште повеќе во нејзината реализација, поттикнувајќи ги позитивните културни карактеристики како пример за останатите. Република Македонија е пример каде различните вредности се почитуваат и опстојуваат, каде посебностите се промовираат, интегрираат и сплотуваат во целокупната културна мапа на земјата. Ова е сржта на европските вредности кои сите ние ги застапуваме и повикуваме.“


Извадок од обраќањето на г-ѓа Маја Иванова на Меѓународниот конгрес посветен на „Меѓународната култура и музика“
ноември 2010 година, Анкара, Република Турција

Г-ѓа Маја Иванова своите заложби за промовирање на целокупното културно наследство ги интегрира во своите активности во земјата и надвор. Во Република Македонија е вклучена во многу значајни настани кои се посветени на посебни и значајни сегменти од културното наследство и живеење.

Секоја година со особена гордост го придружува својот сопруг на свеченото отворање на летниот фестивал „Охридско лето“, на кој покровител е Претседателот на Република Македонија. Редовно е нејзиното присуство на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола, како и на настапите на Македонската филхармонија, претстави, академии, промоции на нови книги, изложби во земјата. Особена чест и претставува присуството на Струшките вечери на поезијата, област во која и самата твори.

Културата е предизвик, но и поле каде се отсликува наследството и историјата на еден народ. Во таа насока, г-ѓа Иванова со особено задоволство присуствува и на манифестации, театарски претстави и концерти на сите националности во Република Македонија, искажувајќи ја својата почит и вреднувајќи ги високите дострели на уметниците.

Од нејзините активности во насока на промоција на автентичните македонски културни и традиционални обележја е покровителството на манифестацијата Крушевска софра, која ги промовира и возобновува традиционалните крушевски јадења и македонско вино.

„Придавањето на значење на самиот чин на подготовка на храната со внимание и љубов, заедно со квалитетот на продуктите и нивното органско потекло од ова поднебје, резултираат со квалитетна и вкусна кујна. Но има нешто што е поголемо и од тоа, нешто што особено е видливо во вашиот град. Тоа е значењето и важноста која се придава на една од најубавите традиции на нашиот народ – семејната софра како огниште, како дом, како извориште на најубавите вредности на нашата земја,“ изјави г-ѓа Иванова при посетата на оваа традиционална манифестација.

Меѓу настапите на г-ѓа Иванова со цел промовирање на македонската музика и култура надвор од земјата, е учеството на Меѓународниот конгрес посветен на „Меѓународната култура и музика“, кој се одржа во ноември 2010 година, во Анкара, Република Турција. На овој конгрес учество земаа домаќинката, г-ѓа Хајруниса Ѓул, прва дама на Република Турција, г-ѓа Лилита Затлере, прва дама на Република Латвија, г-ѓа Мерхибан Алијева, прва дама на Република Азербејџан, г-ѓа Барбара Миклиќ Тирк, прва дама на Република Словенија, кои со свои обраќања и модераторство на одделни сесии пренесоа дел од своите традиционални обележја во културата и музиката. Покрај првите дами на овој настан присуствуваа многу истакнати имиња од Република Турција, како и звучни имиња од светот на музиката и музикологијата. И како што самата тема на конгресот ја наметна потребата, но и задоволството, г-ѓа Маја Иванова со огромна чест ја презентираше македонската култура преку македонскиот фолклор испреплетен во настапот на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“. Општо прифатено беше чувството дека настапот на „Танец“ ги обедини сите присутни и ги доближи сите до она што нашиот фолклор го одржал низ вековите.

„Македонскиот фолкор е една од најпрепознатливите вредности на македонскиот идентитет. Во нашиот фолклор се препознаваат и каракте-ристиките на балканските народи, но уште повеќе се отсликува и несебично го прифаќа и слави триумфалниот момент на препознавање на својот сопствен белег, на македонската традиција. Тоа е уште еден факт дека Македонија отсекогаш била спој на различните култури.“

„Уметноста, традицијата и културата претставуваат суштинска интеграциона нишка на секој народ. Традициите и достигнувањата на генерациите пред нас се извор на неизмерна сила која ми помага да ги надминам препреките и ми дава волја да се соочам со новите предизвици. Во таа насока, ги поддржувам сите иницијативи за културно-уметничко изразување, зачувување на традицијата, фолклорот, но и создавање на нови форми на израз преку поезија, музика и уметност. Со учеството на нашиот национален фолклорен ансамбл „Танец” на јавни настани на кои присуствувам, се обидувам да укажам дека нашето постоење и идентитет се резултат на она што нашите предци успеале да го зачуваат. Дека нашата традиција, нашите обичаи, песни и ора се историски општествен израз на нашиот народ и придобивка која треба да ја негуваме.“

Извадоци од обраќањето на г-ѓа Маја Иванова на Меѓународниот конгрес во Анкара

Во семејството Иванови религијата зазема посебно место и преставува водич низ целокупниот начин на живеење.
„Кант има речено: Ги почитувам ѕвездените закони над мене и моралните закони во мене. Не може да се зборува за нормално општество колку и да е тоа современо и развиено, без да има место за етичките норми и вредности. Ние постојано како индивидуи мора да работиме на промоција на моралните вредности преку своето лично однесување во рамките на своето семејство, во рамките на работната средина, во непосредното опкружување. Тоа е постојан процес . Доколку не се однесуваме морално односно доколку моралните вредности не се дел од нашиот светоглед тогаш е невозможно да ги учиме другите за нив,“ изјави г-ѓа Иванова за Интервјуто за порталот „Премин“

Чествувањето на големите, најзначајни христијански празници, од стапувањето на функцијата на Претседателот Иванов, семејството Иванови го споделува со македонските граѓани. Воспитани во христијанскиот дух, ја практикуваат својата вероисповед, но ги почитуваат и различните од себе. Сите позначајни религиозни празници, заедно со својот сопруг, ги празнуваат со граѓаните кои тој ден слават. Присуството на свечената Божиќна миса во Католичка катедрала „Пресвето срце Исусово“ е редовно. Се празнуваат и Ифтарот, Бајрам, Бајрам Рамазан...

„Република Македонија иако под најразлични влијанија, кои сепак многу придонеле за развивање на уникатен модел на вреднување, меѓусебно признавање и препознавање на културните богаства, успеа да опстои во мир и хармонија, кои ги воспостави во внтрешноста без разлика на верските, етничките и јазичните разлики меѓу нејзините граѓани. Македонија и ден денешен истото го гради и се труди преку промовирањето на придобивките од различностите по која било основа да ја одржи меѓусебната почит, разбирање и заедничко вреднување на соживотот и хармонијата како основа за просперитет на земјата,“ изјави во една прилика г-ѓа Иванова.

Г-ѓа Иванова гордо го истакнува фактот дека нејзиното духовното патување ги собра на мапата престолнините на христијанството – Ватикан, Истанбул, Ерусалим. Придружувајќи го својот сопруг со особена исполнетост се навраќа во Ватикан во мај, по повод чествувањето на Св. Кирил. Покорно наведнувајќи ја покриената глава се поклонува пред Неговата Светост, поглаварот на Католичката црква, почитувајќи го строгиот и вековен протокол, додека се исполнува со вдахновеност и подготвеност за новите предизвици во секојдневието.

Во Истанбул во два наврати имаше прилика да се сретне со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј. Ја искористи приликата покорно да побара од Патријархот во молитва да ја спомнува нашата Македонија и да побара благослов за семејството и пријателите.

Патувањето во лулката на христијанството, Ерусалим, ја воздигна нејзината духовност. За Ерусалим вели дека секогаш ќе се навраќа и како и досега во секоја наредна прилика повторно ќе ги доживува истите силни и несекојдневни емоции. Кај што секој камен има своја одредена симболика и свое значење...



 

Фото галерија

Maja_fotogal