Маја Иванова - Новости
2
Обраќање на отворањето на 6. Конгрес на Здружението на педијатри на Република Македонија
Четврток, 08 Октомври 2015

Почитувани присутни,

Ми претставува особено задоволство да бидам вечерва со вас на отворањето на 6-тиот Конгрес на Здружението на педијатри на Република Македонија. Со посебна чест ја прифатив поканата за покровителство на овој Конгрес, упатена од Претседателот на Здружението на педијатри на Република Македонија, мојата драга пријателка и партнер во неколку успешни проекти и иницијативи, проф. д-р Аспазија Софијанова.

На почетокот, би сакала да упатам честитки до Здружението на педијатрите на Република Македонија, а посебно до Претседателот на Здружението, проф. Д-р Софијанова, за одличната и сеопфатна програма на Конгресот, како и за импресивниот број на учесници меѓу кои се голем број истакнати и етаблирани професионалци познати за целата јавност во Република Македонија, но и пошироко. Поради тоа, укажаната чест да бидам покровител на оваа научна манифестација е уште поголема.

Упатувам срдечно добредојде до сите присутни учесници од Република Македонија. Упатувам срдечно добредојде и до сите учесници од странство, за кои верувам дека ќе имаат прилика да ги запознаат убавините на нашата земја и да се уверат во топлото и срдечно гостопримство по кое е позната Република Македонија.

Почитувани,

Ја користам оваа прилика да ви упатам срдечни поздрави од мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој ви посакува успешно реализирање на најзначајниот научен собир за педијатрија во Република Македонија.

Ви посакувам успешни излагања, конструктивни дискусии и анализи на најсовремените достигнувања во педијатријата на глобално ниво, споредени со состојбата во нашата земја. Конгресот е одлична можност за размена на искуства и мислења, што верувам ќе понуди препораки за идните трендови во дијагностиката и третманот на низа заболувања во детската возраст. Во тој контекст, уверена сум дека ќе донесете и конкретни предлози за подобрување на здравствените услуги за нашите најмлади и најранливи, најскапоцени и најмили, чие здравје, секако, сите го ставаме во преден план.

Дами и господа,

Со безрезервна поддршка од мојот сопруг на почетокот на неговиот прв мандат одлучив, како сопруга на претседателот на Република Македонија, да се посветам на активности за нашето најголемо богатство, нашата гордост, нашата радост и нашата иднина - децата.

Една од најдрагите мои активности посветени на децата е Националната кампања „Да помогнеме навреме" за отворање на првиот Ургентен центар на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. Кампањата, која се спроведе под мое покровителство, беше успешно завршена! Со поддршката од главниот донатор, Турската владина агенција за поддршка и развој, ТИКА, и со поддршката од граѓаните на Република Македонија, успеавме да го реализираме проектот во декември 2013 година. Од денешна перспектива, отворањето на првиот детски ургентен центар ја потврди ургентноста на тој проект, ја потврди неопходноста од таа алка за подобро функционирање на Детската клиника, а се со крајна цел, спасување на што поголем број детски животи. Впрочем, вие, присутните педијатри, најдобро знаете што тој ургентен центар значи за децата кога секундите живот значат.

Уверена сум дека со следната фаза од нашиот заеднички проект со Детската клиника и проф. д-р Софијанова ќе успееме да го адаптираме, реновираме и до-опремиме делот за интензивна нега и терапија, што ќе значи комплетно модерен и најсовремен дел од Детската клиника.


Почитувани присутни,

Особено блиска и значајна за мене е поддршката за децата со аутизам. Под мое покровителство, неколку години по ред, се организираат различни и многубројни активности за децата со аутизам преку кои се обидуваме да ја подигнеме јавната свест и да ја потсетиме јавноста за вклучување во борбата против аутизмот.
Оваа тема станува се поприсутна и се повеќе се бара решение и соодветен третман на истата, како за дијагностика, третмани, лекување, социјализација, така и за правата и можностите на децата со аутизам. Од искуството кое досега го стекнав преку ваквите активности, целосно се посветувам на обезбедување поддршка за отворање на центар за аутизам, кој првенствено ќе работи на дијагностика на аутизмот. Се залагам и за отворање на регистар на лица со аутизам, тема која заедно со дијагностиката на аутизмот, редовно се потенцираат при сите мои разговори со стручни лица кои работат во оваа област, но и со родителите на децата со аутизам.

Драги присутни, исправени сме пред сериозен предизвик, кој не е национален, регионален, туку глобален. Можеме да постигнеме многу, но само доколку работиме сите заедно, сплотени, со заеднички ангажмани.

Ова е сериозен предизвик кој мора сериозно да го третираме. Аутизмот зборува, ние треба да научиме како да го слушнеме и разбереме!

Почитувани дами и господа,

Три години по ред имам посебна чест да бидам носител на титулата Европски почесен покровител на Европската организација за ретки болести ЕУРОРДИС од Брисел. Моето вклучување во таа посебна, а многу активна заедница од преку 30 милиони пациенти со ретки болести, околу 700 организации од над 60 земји, ме инспирираше да преземам поголем ангажман во областа на ретките болести на национално ниво.

Во оваа прилика би сакала да нагласам дека во Република Македонија надлежните институции редовно донесуваат програми за лекување на заболените од ретки болести преку одредување на високи износи на буџетски средства за соодветни терапии и лекарства. Ангажираноста на властите во оваа насока се препознава и во формирањето на Комисија за ретки болести со посебни надлежности и обврски, чиј што Претседател е проф. д-р Аспазија Софијанова, што значи дека имаме доста заеднички активности и на овој план.

Почитувани, реткоста на болестите не значи и ретко ангажирање или ретко посветување внимание на оваа тема. Колку болеста на пациентите е поретка, толку третманот и лекувањето на истата е потежок, поскап и помалку пристапен, па затоа им е неопходна помош.

Тука, настапувате вие, специјалистите во своите области од медицината, кои ги третирате ретките болести. Во вас ја полагаме нашата надеж за подостоинствен и поквалитетен живот на пациентите со ретки болести во Република Македонија, за што ја имате мојата безрезервна поддршка.

Почитувани учесници на Конгресот,

Искрено ви благодарам за вашето вклучување и придонес за 6-тиот Конгрес на Здружението на педијатри на Република Македонија, и, уште еднаш, ви посакувам успешна реализација на програмата.
На крајот, ве поздравувам сите, со една мисла од една од најголемите хуманистки во светот, блажената Мајка Тереза, „Да се дадеме самите себе е подобро од тоа само да дадеме", бидејќи „секое дете е непроценливо вредно, бидејќи секое дете е Божја творба".

Ви благодарам.
3

Napred_rozovo_1
Маја Иванова: Чекориме заедно во битката против ракот на дојка
Недела, 04 Октомври 2015

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска присуствуваше и ја поддржа хуманитарната манифестација „Напред розово 2015", што се одржа по седми пат во организација на здружението „Борка" и е посветена на борбата против ракот на дојката.

Поддршка на акцијата дадоа и амбасадорот на САД во Република Македонија, г. Џес Л. Бејли со својата сопруга, како и министерот за здравство, г. Никола Тодоров.

Во своето обраќање, г-ѓа Иванова ја реафирмираше својата поддршка за розовата кампања на „Борка" со цел подигнување на јавната свест во борбата против ракот на дојка, истакнувајќи дека, кога е во прашање човековото здравје не смее да постои никаков исклучок или преседан.

„Кога иницијативата која ја поддржувам го величи животот, го слави здравјето и се труди да помогне за што поквалитетен и достоинствен живот на своите штитеници, јас, со несомнено задоволство ја давам мојата целосна поддршка. Гордо стојам заедно со носителите на иницијативата под нивната парола – секој еден живот е значаен и вреден, ставајќи го здравјето во преден план“, порача г-ѓа Маја Иванова.

Napred_rozovo_02Г-ѓа Иванова го поздрави и потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу здружението „Борка" и останатите здруженија кои работат за поддршка на пациенти со различни малигни заболувања, а со цел нивни заеднички и посилен настап.

„Чекориме заедно за да им дадеме поттик, да ги охрабриме сите оние кои ја водат тешката битка со ракот на дојка, да им дадеме поддршка на нивните семејства, да ги потсетиме сите жени за важноста на редовните прегледи, самопрегледи и превенција, да ја истакнеме важноста на раното дијагностицирање, и да повикаме на обезбедување на соодветно лекување", истакна г-ѓа Иванова, поздравувајќи ја борбеноста и храброста на сите кои успеале да ја добијат битката против ракот и нивната желба да им помогнат и на оние во моментот се соочуваат со болеста.

Како што нагласи претседателката на „Борка" Биба Додева, долгогодишните активности даваат резултат. Се поголем е бројот на жени кои редовно одат на прегледи, а тоа покажува дека свеста е веќе подигната. Во оваа насока многу помогна и воведувањето на скринингот.

„По толкугодишно лобирање заедно со многу други здруженија, успеавме, Министерството за здравство имаше слух и конечно најде можности да го имплементира скринингот. Токму на тој начин ќе поттикнеме повеќе жени успешно да се излекуваат“, рече Додева, укажувајќи колку е битно раното откривање, ако се земе предвид фактот дека во тој случај преживувањето е над 98 проценти.Napred_rozovo_3

Поздравувајќи го ангажманот на здружението „Борка", но и присуството на сите волонтери, американскиот амбасадор Бејли рече дека многу мал број луѓе во светот денес немаат мајка, сестра, баба, братучетка, ќерка, пријателка што не страда од рак на дојка.

„Тоа е нешто што сите не обединува. Денес сме здружени во марширање напред како поддршка на лекувањето и поголемата свесност зошто таа ги води жените кон рано откривање на болеста и спасувањето живот. САД се горди што соработуваат со „Борка" и другите организации за подобрување на човековото здравје и решавање на ова многу тешко прашање“, порача Бејли.

Како дел од кампањата за подигање на свеста за борба против ракот на дојката, а во рамки на манифестацијата, се одржа и традиционалната розова прошетка, што годинава започна од плоштадот „Филип Втори".

Сопругата на Претседателот на Република Македонија ја поддржува оваа манифестација од самите почетоци, како и сите останати активности на Здружението „Борка", со цел борба против ракот на дојка.
Napred_rozovo_2

detska1
Дуке Бојаџиев настапи пред децата во Детска клиника во Скопје
Вторник, 25 Август 2015

Македонскиот композитор, продуцент и пијанист Дуке Бојаџиев денеска свиреше за дечињата згрижени во Клиниката за детски болести во Скопје.

Идејата за настапот на Бојаџиев се родила на средба со семејството на претседателот Иванов во Охрид, следејќи ги позитивните светски искуства на примена на музикотерапија во конвенционалната медицина.

„Чест и задоволство на Клиниката за детски болести е да го имаме Дуке Бојаџиев, кој благодарение на првата дама, ни е гостин, да направи концерт, особено за дечињата кои немаат прилика него да го гледаат во живо. Да се надеваме дека голем дел од нив кога ќе излезат ќе имаат прилика. Клиниката денеска е негова бина, кадешто дел од нив, преку песната, може да почувствуваат една убава енергија и болницата да ја претвориме во место кадешто болестите ќе се лечат заедно со музиката. Голема благодарност до Дуке Бојаџиев. Ова што го слушаме сите не остава без текст, и децата и родителите. Благодарност и до првата дама која ни овозможува да биде дел од нашите простори. И во иднина вакви концерти ќе се приредуваат се со една цел – музичката терапија да биде единствената терапија со која ќе се лекуваат децата", изјави д-р Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести.

Дуке Бојаџиев настапи заедно со Тања Царовска - вокал и Владимир Крстев - виолина, состав со кој настапуваше годинава во Рим, во рамки на одбележувањето на Св. Кирил, а кои беа дел од неговиот тим на концертите одржани летово.

detska2

1
Активности на г-ѓа Маја Иванова за време на работната посета на Република Турција
Четврток, 20 Август 2015

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, престојуваше во посета на Анкара на покана на Универзитетот Хаџетепе и Турската агенција за поддршка и развој, ТИКА. Г-ѓа Иванова на оваа посета беше придружувана од доц. м-р д-р сци. Аспазија Софијанова, Директор на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. Сопругата на Претседеталот при посетата на Универзитетот Хаџетепе имаше прилика да се информира за Универзитетската клиника, особено Детската болница при Медицинскиот факултет. Домаќин на г-ѓа Иванова за време на посетата беше Ректорот на Хаџетепе Универзитетот, проф. д-р Мурат Тунџер. При посетата, на г-ѓа Иванова и беше презентиран начинот на функционирање на Универзитетот Хаџетепе и Детската клиника според најсовремените и највисоки меѓународни стандарди. За време на посетата на детската клиника при Медицинскиот факултет, г-ѓа Иванова се сретна со повеќе познати професори од Универзитетот и доктори од клиниката.

Г-ѓа Иванова имаше можност да го посети и Центарот за дијагноза, третман, и истражувања за деца со аутизам, посебен институт во рамките на Универзитетот Анкара, каде имаше прилика да размени мислења за состојбите со аутизмот во двете земји, дијагностиката, начинот на третирање, лекување на децата со аутизам, како и да се информира за истражувањата кои ги спроведува институтот.

Сопругата на Претседателот за време на посетата се сретна со д-р Сердар Чам, претседател на ТИКА и со д-р Махмут Чевик, Директор за Балкан и Јужна Европа во ТИКА. На средбата, г-ѓа Иванова и д-р Софијанова информираа за функционирањето на првиот ургентен центар на Детската клиника во Скопје, проект кој д-р Чевик, како поранешен Директор на Канцеларијата на ТИКА во Скопје, го реализираше под покровителство на г-ѓа Маја Иванова. На средбата беа разгледани можностите за идна соработка на проекти, посебно во областа на педијатријата и аутизмот во Република Македонија.

2

bigorski1
Mладите да ги негуваат и чуваат културата, историјата, и духовните вредности- велигденски ручек за сопругите на амбасадорите во Македонија
Сабота, 18 Април 2015

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска организираше велигденски ручек за сопругите на резидентните амбасадори во Република Македонија, при што беа посетени манастирите „Св. Јован Бигорски" и „Св. Ѓорѓи Победоносец" во дебарското село Рајчица.

На ручекот присуствуваа сопругите на амбасадорите на Италија, Полска, Романија, Русија, Словачка, Словенија, Шведска, Украина, САД и Швајцарија.

Според г-ѓа Маја Иванова, Воскресението Христово е празник над празниците и празник што го слави животот, верата, надежта и љубовта и исполнува со благослов и спокојност, и токму тоа е инспирација и повод за овој настан.

„Заедно со сопругите на резидентните амбасадори во Македонија го посетивме овој крај, бисер на Македонија што некои го нарекуваат и рај на земјата, како и двата манастири „Св. Јован Бигорски" и „Св. Ѓорѓи Победоносец". Домаќините во „Св. Јован Бигорски" на моите гостинки им го претставија историјатот на манастирот и ги запознаа и со другите убавини на овој регион, така што восхитот на нивните лица можеше да се види од убавината, архитектурата, фрескосликарството и духовноста на ова древно македонско светилиште. Ова го сметам и како промоција на мојата земја, Република Македонија, со сите нејзини историски, културни и духовни богатства и од ова место сакам да упатам апел до младите да ги негуваат и чуваат културата, историјата, и духовните вредности што се нераскинлив дел од нашата историја и култура", истакна г-ѓа Иванова.

Сопругата на американскиот амбасадор, г-ѓа Кејпи Полк Бејли, истакна дека за првпат има можност да го посети овој крај.rajchica

„Стоејќи на местото со исклучителна духовност и можноста да се гледаат и други творби со духовност како џамии, планини, реки и шуми, навистина претставува прекрасно задоволство", рече сопругата на американскиот амбасадор.

Сопругата на рускиот амбасадор во Македонија, г-ѓа Лариса Шчербак истакна дека е големо задоволство во време кога сите ние ги одбележуваме велигденските празници да им посака на сите граѓани на Македонија просперитет, здравје и среќа.

„Од манастирот „Св. Јован Бигорски" може да се видат објекти и други верски градби што уште еднаш покажува дека религиозните и другите верски заедници во Македонија го одржуваат и чуваат соживотот", рече г-ѓа Шчербак.

bigorski2

ObrakjanjeMIDakla1
Жената рамноправен чинител во општествените процеси - обраќање на Специјална сесија на Форумот на африканските жени во рамките на Кран Монтана Форум, Дакла, Мароко
Сабота, 14 Март 2015

Почитувани присутни,

Ми преставува задоволство да се обратам на еден од најреномираните форуми во глобални рамки, Форумот Кран Монтана. Посебно ме радува што овој Форум, и Амбасадорот Картерон, во континуитет е посветен на правата и улогата на жената насекаде во светот. Најискрено сум благодарна и му честитам на ваквите заложби. Секако посебна благодарност сакам да искажам и за Африканскиот женски форум и Меѓународната исламска организација за образование, наука и култура.

Драги дами и господа,

Жените со децении го чекорат патот на рамноправноста и еднаквоста. Првата и вистинска цел на тој пат беше жените да ги добијат истите права и можности како мажите. Сепак, таа цел, сама по себе, не значеше остварување. Напротив, тоа беше само еден чекор на патот кон целосен општествен придонес, кој жената може и има обврска да го даде во социоекономските текови.

Благословот кој жената го има во создавањето нов живот претставува и обврска да се грижи и за подобро и поквалитетно живеење. Балансот создаден од природата е предизвик и можност да создаваме и да промовираме одржливо општество во сите сфери. Вистинското прашање во таа насока веќе не е дали, туку колку можеме нашите желби и залагања да ги преточиме во реалност. Сигурна сум дека можеме да придонесеме во развојот на нашите општества, зацврстувајќи ја неповратливоста на тој процес.

ObrakjanjeMIDakla1_2Почитувани,

Сликата на жената во македонското општество и третманот кој таа го добива е симбиоза на две нешта: вековните традиции, културата и менталитет на македонскиот народ, од една страна, и политичката волја и заложба на жените во независна Македонија, од друга страна. Иницијативите на граѓанскиот сектор се заслужни за поголема интеграција на жените во општествениот и политичкиот живот. Беше потребно време, разбирање и политичка волја за процесот да добие афирмација и да биде подржан од институциите на системот.

Република Македонија меѓу првите држави во Европа воведе квота со која на изборните листи секое трето место ѝ е доделено на жена-кандидат. Благодарение на гарантираното учество на жената во претставничките тела на централно и локално ниво, денеска сè поголем број од пратениците, општинските советници, но и меѓу министрите и вршителите на високи државни функции се токму жените.

Со својот придонес, истрајност и залагања, жените сè повеќе успеваат во значајни реформски општествени проекти и суштински промени. Унапредена е и законската регулатива во областа на родовата еднаквост, еднаквите можности и забраната од дискриминација. Усвоени се закони кои ги штитат и подобруваат правата на жените во областа на образованието, изборниот законик, работните односи, социјалната заштита, здравството, политичките партии, семејството и многу други. Исто така, донесени се и неколку национални стратешки документи и акциони планови кои се спроведуваат од страна на државните институции, но подразбираат партнерски однос и со гранските организации.

Образованието е клучно за успехот на секоја држава и секое општество. Но, „државата што не ги образува жените не може да напредува," вели една мудрост. Затоа, и државата и цивилното општество во Република Македонија посветуваат големо внимание на интегрирање на жените во македонскиот образовен процес.

ObrakjanjeMIDakla1_3Но, жената во Република Македонија е се повеќе присутна не само во јавниот, туку и во приватниот сектор. Разбирајќи ги условите на пазарот, успешните жени менаџери ја внесуваат својата креативност и промовираат успешни општествено одговорни концепти во водењето бизнис.

Мојата земја, Република Македонија презеде многу значајни чекори и конкретни мерки за подобрување на општествената улога на жената. На патот на промените, во секој сегмент од моето работење, ги поддржувам проектите кои го промовираат учеството и позицијата на жените општествените текови и подобрувањето на општествениот развој. Како покртовител но и како активен учесник, преку ангажирање на сите видови расположливи општествени ресурси, се трудам да помогнам да се постигне што повеќе за таа цел.

Драги дами,

Се надевам дека во вашите излагања ќе препознам активности и проекти кои можеби не сме доволно силни да ги реализираме, но секогаш сме успешни да ги инспирираме!

Сакам да знаете дека Република Македонија и јас лично сме отворени за соработка. Подготвена сум за размена на искуства со сите вас тука присутни.

Секоја од нас од денешниот настан треба да замине со една дополнителна обврска – да ја препознае и поттикне секоја жена која е подготвена да даде поширок општествен придонес, да ја охрабри и поддржи во остварувањето на нејзината цел, и, секако, да придонесе во вистинско вреднување на нејзиниот успех. Токму така, преку меѓусебна поддршка ќе успееме во промените, ќе успееме да се соочиме со предизвиците, ќе успееме да ги надминеме разочарувањата и ќе ги прославиме успесите како поттик и инспирација за иднината.
ObrakjanjeMIDakla1_4

Retki_bolesti_1
Обраќање на Меѓународниот ден на ретки болести
Петок, 27 Февруари 2015

Почитувани присутни,

Ми претставува посебна чест да се обратам на настанот со кој го одбележуваме Меѓународниот ден на ретките болести, последниот ден од месец февруари.

Во светот вообичаено реткоста се препознава како нешто уникатно, недостижно, престижно и многу често и скапоцено. Да, ќе потврдам, и за ретките болести важи истото правило. Лицата кои имаат дијагностицирано ретка болест се исто така уникатни, а нивните животи скапоцени и бескрајно вредни. Вкупниот број на пациенти со ретка болест во Република Македонија се менува, но не е толку значаен, колку што е значајно што секој еден живот е вреден, и дека за секој треба да се најде начин да се овозможи навремена рана дијагноза и што побрзо наоѓање и почнување на најсоодветниот третман и лекување на пациентите со ретка болест.

Дами и господа,

Би сакала денешното обраќање да го искористам и да ви ги пренесам срдечните поздрави од раководството на Европската организација за ретки болести, со кои имав прилика да се сретнам пред два дена во Брисел. Втора година по ред бев почестена со титулата Европски почесен покровител на оваа организација. Имав можност да бидам дел од гала настанот на оваа организација, заедно со голем број високи гости од европските земји.

Заеднички испративме јасна поддршка за истражувањата, за напредните терапии, лекувањата и третмани на ретките болести, за раната дијагностика, за рехабилитацијата на пациентите со ретка болест и за одржувањето на категоријата ретки болести како приоритет во јавното здравство и истражувањата на ниво на Европската унија, но и на национално ниво.

Retki_bolesti_2Денес би сакала да упатам посебен и искрен поздрав до присутните пациенти со ретки болести и претставниците на нивните семејства.
Вие сте најсилните и најхрабрите говорници на мисијата за подигање на јавната свест за ретките болести!

Поради тоа што тоа е вашиот живот, поради тоа што ретката болест е вашето секојдневие, но уште повеќе поради тоа што јавно, отворено, смело и искрено истапувате пред јавноста и со своето лично сведоштво и личен пример се обидувате да направите промени.
Посветено и активно работите на подигање на свеста и разбирањето на ретките болести во општеството. Се трудите да бидете пример и потсетник на сите институции, се трудите да бидат видливи вашите потреби, како пред институциите, така и пред општествено одговорните и свесни поединци и правни лица.

Силно и јасно зборувате за својата борба, со цел да им помогнете на сите што денес се соочуваат со дијагноза и бараат најсоодветен третман и лекување на ретката болест.

Драги дами и господа,

Нашиот живот е краток за да бараме разлики меѓу нас. Да не го потенцираме тоа што не прави различни, туку да го пронаоѓаме она што не спојува и сврзува.

Да се трудиме да се почитуваме меѓусебно, за да можеме да ги препознаеме особеностите кои не поврзуваат, за да створиме повеќе можности, да градиме подобар и посветол свет, да создаваме подобар и поквалитетен живот за сите нас, без исклучок.

Во таа насока, доколку настапуваме сите сложно, заедно и обединето, успесите ќе бидат се поголеми и побројни. Сакам да знаете дека секогаш ќе ја имате мојата поддршка, вие пациентите, вашите семејства и вашите организации.

Ви благодарам.
Retki_bolesti_3

MI_Katar
Активности на г-ѓа Маја Иванова за време на работната посета на претседателот Иванов на Државата Катар
Петок, 16 Јануари 2015

Во рамки на посетата на Државата Катар, сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, оствари средба со директорот на Шафалах центарот за деца со посебни потреби, г. Мохамед Бадер Ал-Сада, како и сопругата на актуелниот емир на Државата Катар, Шеиката Џавахир бинт Хамад Ал Тани.

На двете средби г-ѓа Иванова искажа благодарност за можноста да ги презентира проектите и активностите во кои е вклучена и ги поддржува во Република Македонија.

На средбата со г. Мохамед Бадер Ал-Сада таа се осврна на остварената соработка со изминатиот период со претходното раководство на Шафалах центарот, се заблагодари за поддршката и искажа надеж дека воспоставената соработка ќе продолжи и во иднина преку проекти од заемен интерес на двете држави, размена на искуства, пренос на знаења, посети на експерти и научници. Г-ѓа Иванова побара да се интензивира соработката во делот на истражувањата за причините за појавата и ширењето на аутизмот кај децата уште во најрана фаза, што наиде на позитивен прием кај соговорниците.

На средбата со Шеиката Џавахир бинт Хамад Ал Тани, г-ѓа Иванова искажа благодарност за поддршката што Државата Катар и ја дава на Република Македонија, особено во делот на проекти од хуманитарната сфера, истакнувајќи ја помошта за Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување. Истовремено, таа упати срдечни поздрави до мајката на емирот, Шеика Мозах и искажа увереност дека поддршката и активностите започнати со не а ќе продолжат и во иднина.

bozikj_koncert1
Обраќање на божиќниот концерт „Божиќ Слава - 2015'
Среда, 07 Јануари 2015

Почитуван Архиепископ Охридски и Македонски, Ваше Блаженство г.г. Стефан,
Почитуван Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Почитувани првосвештеници,
Почитувани присутни,
Почитувани верници,

На овој голем христијански празник кога нашите домови и нашите срца ни се полнат со љубов, хармонија, спокој, меѓусебно разбирање, радости, со мир во душата ве поздравувам со празничниот христијански поздрав

ХРИСТОС СЕ РОДИ, навистина се роди!

Драги верници,

Во вечерата на првиот Божиќ, кога ангелите се појавија на небото и ја пееја најубавата Божиќна песна, објавувајќи го и славејќи го Христовото раѓање, „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја", се појави надежта за човекот. Се роди Синот Божји, кој зеде човечки облик и кој ја поврза Божјата и човековата природа правејќи ја таа врска нераскинлива и за навек.
Нека овој празник не исполни со добра мисла, да не поттикне да правиме што повеќе добри дела, да се натпреваруваме во добрина, како што често вели мојот сопруг.

Почитувани присутни,

Божиќ е момент кога едни на други си посакуваме исполнување на желбите, на она што вистински го посакуваме, она што ни недостасува, и она што не прави радосни, ни дава мир и спокој, пристоен живот за нас и нашите најмили. Воедно, во овие празнични денови треба да се помолиме пред Бога и за немоќните, слабите, изнемоштените, обесхрабрените, неутешните и за нив да побараме Божја милост и благослови.

bozikj_koncert2Христовото раѓање ги успокои изморените и обременетите, им даде надеж на безнадежните, ги исцели скршените по срце и им донесе радосна вест на сите луѓе.

Денес, ние сме радосни бидејќи се потсетуваме на Божјата љубов, Неговото простување и на Неговата милост. Денес, ние сме благодарни за Господ Исус Христос, кого пророците го навестуваа, за кого псалмистите пишуваа и кого луѓето го очекуваа.

Драги присутни верници,

Заедно со нашите зборови кои ја имаат силата да ја искажат благодарноста кон Бога за секоја негова помош, утеха, милост, поткрепа, најчесто го користиме и универзалниот јазик на нашите срца, нашите души и всушност на целото човештво, музиката.
Затоа, со особено задоволство ја прифатив поканата да бидам покровител на Божиќниот концерт на единствениот женски хор со женски диригент во Република Македонија, хорот „Св. Злата Мегленска", кој ја прослави Република Македонија низ Европа и светот.

Ве поканувам сите заедно да ја слушнеме и да ја почувствуваме Божиќната порака која хорот „СВ. ЗЛАТА МЕГЛЕНСКА", византискиот хор „ХАРМОСИНИ" и детскиот хор „ХЕРУВИМИ" оваа вечер на свој посебен начин ќе ја пренесат до сите и за сите нас.

Со тие зборови, на самиот крај, уште еднаш би сакала да ве поздравам со пораката – Христос се роди! Навистина се роди!

Нека ни е честит Божиќ!

За многу години!
bozikj_koncert3

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Следно > Крај
Страница 3 од 9

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal